Аурора Бореалис

Аурора Бореалис

страна А
(за македонските работи)

 

Врне метеори

Сеп овторувам, нели
Како историјата на мојот народ
Како секојдневната промена на небото
Од ден во ноќ и од ноќ во маглина
утринска
без сонце…
Тешко, тешко се оптегнува денот…
Облаците се скоро проѕирни –
Со еден зрак може да се разбијат, ама го нема…
не-зима зима, невреме време

Сепак
Во сеќавањата
Преплавела кристална зимска ноќ
тиркиз
па индиго
и обичен необичен ден
во кој со крв – обравчиња ни се исплазува сонцето
и блеснува во сит ебои
небаре најавува (безобразно оптегнато во текот на целиот ден)

Месечината ја нема…
Вечер ќе зјапаме ли во небото?
Ќе паѓаат ѕвездите пак…

Сети се…
Облаците се така проѕирни –
Слободно можеш да погледнеш низ нив…
Врне метеори!!!

Сепак, не можеш
Тешки магли насекаде наоколу –
Комплетен мрак
Те толчи мисла дека навистина прекрасен си
Со јазикот распослан низ тиркизно небо
а, забранет
клет.

 

Девојчето и јазикот

Нема светлина денот
Целиот избразден од тага
Со тапи движења
Така избоден до смрт – денот!
За момент
Со цигарата
Жената се натера да чувствува –
Макар само за момент.
Со брзо движење на жарчето по раката
Си предизвика болка
Ама физичка
барем…
Но, не – денов светлина не доби пак
Ни лик
Ни форма
мрак
длабоко во денот – мрак
нема бои, нема космос, нема светлина, нема небо, нема реалност, нема илузија
ништо нема
ни поезија нема
само обид
да се исчисти болката
прекуз борови.
Тешко е да се стане жена
Треба да си ја тргнеш кожата од себеси
Онаа наивната, онаа убавата, недопрената од злоба
Треба да се азапнеш себеси и сама да си се дереш
Да се двоиш од кожата ти
и да си сошиеш друга
на раните
со дебел конец – ортома
и што е можно подлабоко
за да те држи, да не попушти
новата ти
грубата
па од тебе да се одбива сето она
што ти предизвикува болка до крв пуштање
за да можеш полесно да трпиш
да издржиш.

Тешко е, најтешко
Да се стане жена
а, да се везе со збор.

Ме моли една
Од огледалото
Да ја земам со мене
Да не ја оставам повеќе сама
Во огледалото
Ме наговара
Да го оставам девојчето малку внатре
Она кое го носам во душава
Веќе цели четириесет и девет години
таа, безобразна, ми кажува
да го оставам девојчето внатре во огледалото
да го затворам небаре во зандана…
Ти нормална ли си?
Дали си нормална жено ти?
Сакаш ли, ме прашува, да си нормална ти?
И денот да добие светлина
и небото – бои
и вселената – енергија?
Тогаш земи си мила ортома
Одери си кожата
Зароби си девојчето
Длабоко во огледалото
Раните ископај ги
трпи и молчи
и повторувај во себеси на глас:
Ниту една физичка болка не може да се спореди со психичка,
Ниту една физичка болка не може да се спореди со психичка,
Ниту една физичка болка не може да се спореди со психичка.

Оф, што направив,
Јас сега девојче сум
заробено
зад дрвените рамки на огледалото
со цел том извезена поезија со македонски бод
забранета!