Кон Сеќавања на Конески: Спомен-куќата во Небрегово во 2005 година

Во повеќето свои лирски и прозни записи, Конески на нему својствен начин, го овековечува своето родно место, опевајќи или опишувајќи настани, објекти и личности од неговото милје и на тој начин го сместува во поновата јавна и книжевна историја на нашиот народ.

Небрегово, родното место на нашиот Блаже Конески.
Мало, трошно и помалку заборавено село на северниот раб на Пелагониската котлина, во подножјето на планината Мукос.
Кога ќе го чујам името на ова село во мене се буди двојно чуство. Од една страна лично, тоа е местото од каде потекнуваат моите корени по таткова линија и од друга страна ми се буди спомен на нашиот великан, писателот, лингвистот и пред сè хуманистот и големиот човек, чичко ми Блаже Конески.
Селото отпрвин е невпечатливо, слично на многу наши сега напуштени села со прашнави, кривулкави улички, трошни и урнисани куќи, без видливи знаци на живот во него.
Најверојатно, Небрегово би останало потполно анонимно и неинтересно за пошироката јавност, ако таму не се родел и не поминел еден дел од своето детство токму Блаже Конески.
Во повеќето свои лирски и прозни записи, Конески на нему својствен начин, го овековечува своето родно место, опевајќи или опишувајќи настани, објекти и личности од неговото милје и на тој начин го сместува во поновата јавна и книжевна историја на нашиот народ.
Моите први средби со селото се од времето кога имав десетина години. Тогаш, заедно со моите баба и дедо по таткова линија, за првпат го посетив Небрегово. Од тие посети потекнуваат моите сознанија за нашите села и за животот таму.
Од тие детски посети, па сè до првичните сознанија за инцијативата за изградба, односно реновирање на родната куќа на Конески, не бев го посетил селото. Оваа иницијатива ме поттикна да појдам таму и видам во каква состојба се родниот дом на чичко ми.
Се разочарав, тоа што беше останало од моето детско сеќавање за селото, куќите, луѓето, останало многу малку. Ме пречека селото со минимални знаци на активен живот, со претежно старци, трошни и опаднати куќарки, мали ниви со тутун и ретко присуство на некакво земјоделско производство.
Се распрашав и најдов некои подалечни роднини и ги замолив да ми ја покажат родната куќа на Конески.
Куќата е семестена на северната срана од селото. Двокатна камена градба која веројатно своевремено била една од поубавите куќи во селото. Тогаш ми кажаа дека куќата моментално не е населена, нејзините сопственици имале куќа и живееле во Прилеп. Разгледав и иако беше очигледно дека подолго време никој не живее тука, куќата сепак беше одржана, нејзината камена структура му пркосеше на забот на времето.
Татко му на Блаже, дедо ми Ордан со семејството, селото и куќата ги напушта во 1928 година и доаѓа да живее во Прилеп. Во куќата останува да живее негов близок роднина со семејството до почетокот на шеесетите години на минатиот век кога и тој се сели во Прилеп.
Од тие далечни шеесети години, куќата веќе не е сопственост на семејството Конески, и според сознанијата кои ги добив, оттогаш променила повеќе сопственици. Сепак, среќен бев што после толку време го посетив родното село на моите дедовци, ја видов куќата на Конески и се радував за спомнатата иницијатива за реновирање на куќата и оформување на спомен дом на Конески во Небрегово.
Првите најави дека постои инцијатива за откуп, а потоа и за реновирање и опремување на родната куќа на Блаже Конески во Небрегово, односно отворање на спомен-куќата, се појавија во дневниот печат и електронските медиуми кон крајот на деведесеттите години. Колку што знаев од тоа време, инцијативата потекнуваше од неколку негови блиски колеги, научници и професори од факултетот и од МАНУ.
На почетокот, по позитивните реакции, поддршка и афирмирање, оваа инцијативата за отворањето на спомен-куќата, малку се изгуби во некакви политички води и меѓусебни препукувања на некои политичари и дел од научната јавност. Инцијативата се заплеткуваше и сè повеќе добиваше политичка заднина, а мене ми стануваше јасно дека реализацијата на оваа инзвонредна идеја ќе оди исклучително тешко. Се појасно стануваше дека на вистинските ентузијасти и инцијатори на идејата ќе им треба многу трпение и упорност за да го реализираат овој проект.
Проблемите беа многу: прво, како да се преземе сопственоста над куќата од моменталните сопственици, потоа дилемите кој да биде носител на проектот, а завршуваше со најразлични лични и политички суети на поединци и институции.
Летото 2005 година, на моја голема радост добив информација дека градежно- уредувачките работи се во завршна фаза, а на почетокот на летото стигна веста дека ќе се организира свечено предавање на куќата во употреба на први август таа година.
Отворањето на спомен-куќата беше организирано на највисоко државно ниво, со присуство на високи државни преставници, книжевници, професори и истакнати лица од културната и научната јавност во државата. На овој исклучителен настан присуствував во двојна улога: прво, службено, како одговорен за безбедноста на манифестацијата и второ, што за мене беше особено важно, заедно со татко ми Драган, прв братучед на Конески и ќерка ми Елена, тогаш студент на Филолошкиот факултет во Скопје, кој го носи токму неговото име, во својство на членови на пошироката фамилија на Конески.
Беше топол августовски ден. Случувањата ми поминаа со филмска брзина. Откако пристигнав на самото место и ги оставив татко ми и ќерка ми, се посветив на моите службени обврски. Високите температури ги истоштија присутните така што повеќето веднаш по официјалниот дел и разгледувањето на куќата, брзо го напуштија местото. Попладнето, заедно со татко ми и ќерка ми влеговме во куќата и заедно ги разгледавме изложените експонати и личните предмети на семејството на Блаже Конески.
Во поставката на куќата имаше повеќе предмети, пред сè фотографии. За дел од нив, односно за лицата присутни на нив следуваше детално објаснување од татко ми што многу ни помогна да го разбереме времето и местото каде се фотографирани. Во куќата немаше многу луѓе така што се чувствувавме удобно. Вниманието ми го привлекоа три жени, на средни години, кои со особено внимание и коментари ги разгледуваа предметите и фотографиите кои беа изложени во поставката. Во еден момент забележав дека одвреме-навреме погледнуваат кон нас. Дискретно го прашав татко ми кои се жените. Мошне убедливо ми одговори дека веројатно едната од нив е Норка, единствената ќерка на Блаже. „Гледај колку личи на него“, ми рече.
Благо се насмевнав и полека се приближив кон дамите што беа на чекор од нас. Се претставив и ги прашав дали се од потесното семејство на Конески. Жените како да ги чекаа моите зборови. Едната, речиси на моја возраст, се поздрави со мене и се претстави како Софија, ќерката на Милица, помалата сестра на Блаже. А, веднаш потоа како да се
потсети на мене. Набрзо и кај двајцата почнаа да навираат спомените од детството, игрите кај гроздоберот и незгодите што ни се случија.
Меѓу нас протече пријатен разговор, четириесет години подоцна еве нè и двајцата возрасни, со толку живи спомени од дамнешните времиња.
Софија се сврте кон останатите жени и ги претстави: Норка, ќерката на Конески и Снеже, нашата братучетка, ќерка на тетка Нада, постарата сестра на Конески.
Јас пак ги претставив татко ми и ќерка ми. Уште некое време останавме сите заедно разговарајќи. Бев возбуден од средбата. Пријатно, се разбира.
Излеговме во дворот и го продолживме разговорот како да се знаеме и небаре постојано се среќаваме. Разговаравме за нашите семејства, за децата, за старите.
Имав можност да ја запознаам Норка, единствената ќерка на Блаже Конески. Наликуваше на татко ѝ, ги имаше неговите црти на лицето со нагласена благост и смиреност во погледот, говорот и постапките. Одлично го зборуваше македонскиот јазик, иако речиси цел живот живееше во Белград со мајка си. Ни раскажа дека студирала книжевност во Белград, дека е мажена и има два сина. За жал, не ѝ останува многу време често да ја посетува Македонија. Ми раскажа и дека не знае што да прави со наследството што и останало од таткло ѝ, имено куќата во Скопје. Таа и семејството не планираат да живеат тука но тешко би се одлучила за продажба. Сепак, таа куќа особено ја поврзува со татко ѝ.
Додека раскажуваше, пред очи ми излезе куќата на Блаже Конески во Скопје, на падините на Водно. Со мислите се прошетав до влезот на куќата, собите, мебелот. Од некаде ми излезе ликот на чичко ми Блаже.
Софија, пак, ми раскажа дека била лекар и дека заедно со сопругот преку меѓународна ориганизација за лекари заминале на работа во Африка. Засега остануваат да живеат во Јужноафриканската република и со извесна резигнираност во гласот, Софија ми кажа нешто, навестувајќи дека не би се вратила да живее во Скопје. „Живот“, рече на крај, „не знае човек каде ќе го однесе!“
Мајка ѝ Милица, помалата сестра на Блаже, починала пред неколку години во Скопје.
Така, разговарајќи заклучивме дека од потесното семејство на Конески, единствено е жива Нада, постарата сестра на Блаже. И така си разговаравме, си редевме зборови и не забележавме дека времето брзо минало.
Се разделивме истакнувајќи дека ова ни беше особено драга средба на сите. Дека ова е прва и засега единствена прилика да го посетат Небрегово, родното место на нивниот татко, вујко, чичко и дедо. Се потсетивме на детството, на баба Ѕака и дедо Ордан, на сите средби со нашиот драг Блаже.

Тука се разделивме. Моите роднини мораа да заминат за Скопје, а јас да се вратам на моите редовни работни обврски во градот. Си посакавме повторно видување и уште една ваква убава средба. Којзнае, можеби патиштата повторно ќе ни се спојат.
Секој со својот живот и своите обврски, па сепак, по оваа средба во 2005 година не успеавме повторно да се видиме.
Немам информации за Норка. Чув дека е во пензија, живее во Белград и повремено патува во Црна Гора, родното место на својот сопруг. Не знам што се случило со наследството од татко ѝ, со куќата во Скопје.
Животот си има свој тек, времето безмилосно си одминува. Сите старееме.
За жал, чув дека Софија починала пред неколку години. Дека е погребана во Скопје. Во Скопје живее Снеже, внуката на Блаже од сестра му Нада.
Но, има нешто што му пркоси на времето. Нешто што останува и по нас луѓето. Спомен-куќата на Конески во Небрегово сè уште опстојува како музеј и споменик на човекот што направил непроценливо многу за нашиот народ. Дело кое никогаш не застарува.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Љубен Конески
ПОСЛЕДНА СРЕДБА – 1993г
Некое време ги следев со поглед двајцата старци од по седумдесетина години...
Повеќе
0 replies on “Кон Сеќавања на Конески: Спомен-куќата во Небрегово во 2005 година”