Кон „Врба“ на Милчо Манчевски

Обидите да се прогони злото и неротката да роди се гледаат во верувањето да се прават одредени магиски обредни ритуали. Интересен е фактот на испреплетување на паганските обичаи со христијанското верување. Во еден момент Донка се моли пред иконата од Богородица, а веќе во друга сцена таа и Милан врзуваат конци и го гребат каменот во чии магиски моќи се верувало, а и сè уште има луѓе кои веруваат.

Некршливоста на врбата и за мајчинството

Она што е интересно во врска со филмското остварување на Манчевски е начинот на формирање на филмовите како две или три приказни во една, па дури, тој ја користи и формата ‘приказна во приказна’. Ако во „Мајки“ беа испреплетени две приказни, во „Врба“, Манчевски исто така филмот го поделил на две приказни, првата за Милан и Донка, сместена некаде во 16/17 век, втората сместена во 21 век е онаа за Родна и Бранко и потприказната на втората приказна е онаа за мајчинството на Катерина и за малиот Буда. Повторно, Манчевски не останал рамнодушен на традицијата, ритуалите и природното богатството на нашите краишта, сето тоа вешто испреплетувајќи го со ова урбано време во кое живееме. Така наоѓајќи поврзувачка нишка меѓу двете приказни создал филм за мајчинството, за животот, за минатото и сегашноста.

 

Култот кон предците и колективното несвесно

За да го оствари овој култ кон предците и за да се оствари односот кон и со минатото, Манчевски ја создал првата приказна сместена некаде во 16/17 век во едно македонско село. Руралното, натурата и традицијата овозможени преку селскиот амбиент, народните носии кои биле типични за тоа време и акцентот со кој зборуваат актерите овозможуваат гледачите да потонат во еден друг свет, можеби и во својата
свест на колективното несвесно кое го носат во себе како дамка или како лузна. Затоа што сите ние, тоа колективното несвесно го делиме со нашите предци, а несвесната поврзаност со предците се остварува и преку ликовите во филмот.

 

Кo(ле)тва

Кога зборуваме за 16/17 век, зборуваме за едно патријархално време, а патријархалното време само по себе носи строго почитување на обичаите и традицијата и во вакво патријархално време многу логично е дека положбата на жената е маргинална. Љубовта помеѓу Милан и Донка, всушност, нивниот брак не може да се оствари поради обичајот децата во семејството да се мажат/женат по редослед (најпрвин постарите, потоа помладите). Силата на нивната љубов ќе вроди со плод, а жената која забременила надвор од брачна заедница и мажот кој ја зачнал се осудени на смрт или на прогон во едно такво време. Всушност и прогонството е еден вид на смрт ако се навратиме на Едип кој избркан од Теба не припаѓал повеќе никаде, или да се навратиме на градовите-држави Спарта и Атина каде подобро би било да те убијат отколку да те прогонат, затоа што прогонството значи неприпаѓање, а да не припаѓаш никаде е исто како да те снемало. Во врска со филмот, Милан и Донка не се директно прогонети од селската заедница, но индиректно се прогонети. Ова прогонување го носи со себе и клучниот мотив според кој жената е проколнета да не може да раѓа. Клетвата упатена од родителите, мајка и татко „камен да родиш“ не само што се исполнува туку полека ги уништува и животите на Милан и Донка. Во нашето народно наследство клетвите играат голема улога во животот на луѓето. Нашите предци верувале во клетвите и во нивната магиска моќ, а тоа е засведочено и во творештвото на големиот Марко Цепенков. Во „Силјан штркот“ ја имаме приказната за братот и сестрата Сиве и Чуле кои поради непослушност биле проколнати од нивните родители- пилци да се сторат и да одлетаат во полето и стоејќи на трње вечно да се бараат, а да не можат да се видат еден со друг. Во филмот, во првиот случај е проколнат женскиот принцип- остварен преку Донка, во втората приказна за Бранко и Родна клетвата ќе се префрли врз машкиот принцип- остварен преку Бранко. Во втората приказна клетвата не е изречена затоа што таа Бранко ја носи со себе од своите предци кои со сигурност имаат некаква поврзаност со Милан и Донка, а симболичното остварување на клетвата го гледаме во оној момент кога Родна му го враќа каменот на Бранко. Каменот се нивните неродени деца, а за да се оствари клетвата не треба само камен требаат и зборови, симболично тие се прикажани преку книгата. Во филмот, книгата е дадена во замена за зборови, тоа е онаа иста книга која Родна му ја враќа на Бранко во болницата каде и ќе започне нивната љубовна приказна. „Камен да родиш“ е клетвата директно упатена од родителите кон Донка, истата таа симболично остварена преку каменот што Родна ќе му го врати на Бранко, заедно со книгата, каменот што ќе им стои до брачниот кревет е истиот тој камен со кој Милан ќе ја убие старицата!

 

 

Прогонување на злото

Обидите да се прогони злото и неротката да роди се гледаат во верувањето да се прават одредени магиски обредни ритуали. Интересен е фактот на испреплетување на паганските обичаи со христијанското верување. Во еден момент Донка се моли пред иконата од Богородица, а веќе во друга сцена таа и Милан врзуваат конци и го гребат каменот во чии магиски моќи се верувало, а и сè уште има луѓе кои веруваат. Имено, овој камен се наоѓа во штипско и навистина постојат верувања дека им помага на жени кои не можат да зачнат. Еден услов за клетвата да може да се разниша или да се прогони (но не и да се уништи, зашто клетвата фрлена еднаш се пренесува на наредните поколенија и се реинкарнира во друга душа) е смрт на оној кој ја дал. Смртта на таткото од Донка е придвижувачка точка за разнишување на клетвата. Можеби и тоа што Донка со бегањето и заминувањето од семејството се одродила од истото, па затоа не може ни да се зароди. Единствен спас останува баба Сребра (бајачка), жена зачната во зол час од самовила. Ваквите жени, полусамовили имаат опасни моќи во себе, тие можат да помогнат, но секогаш поставуваат услови.
Условот или мини-клетвата за да зачнат Донка и Милан е првото дете да ѝ го дадат на баба Сребра кога ќе се роди. Злото ќе биде прогонето, но клетвата ќе се засили во оној момент кога Милан и Донка нема да сакаат да ѝ го дадат Кузман на Сребра и Милан ќе ја убие и ќе ја закопа без обреди и обичаи како самовила, длабоко во шумата. „Самовилската казна“ која често ја среќаваме и во нашето народно творештво ќе им ја направи баба Сребра пред да биде убиена, казната е повторно враќање на клетвата и смрт за нивниот син затоа што тој не им припаѓа, Кузман ѝ припаѓа на старицата, ако не ѝ припадне нејзе не може да му припаѓа никому. Така, клетвата се враќа кај Донка и Милан за навек. Прогонувањето на злото во втората приказна за Родна и Бранко е невозможно, затоа што тоа е за’ртено и Бранко го носи во себе од некои претходни времиња, од своите предци и единствен начин за Родна да роди е да зачне со некој кој не е проколнат. И тоа ќе се случи, кога ќе се раздели од Бранко таа ќе ги раскине сите врски со клетвата и злото само по себе ќе се прогони и Родна (симболиката на името мора да се исполни ако веќе е дадено) ќе забремени, што значи ќе роди, но деца од друг маж. Злото кај Катерина не може да се прогони затоа што таа не се ни обидува да го прогони, и кога ќе ѝ каже сестра ѝ Родна дека веројатно некој ѝ фрлил клетва таа нема да поверува во тоа затоа што времињата на клетвите се одамна избришани од урбанизмот и мешањето на културите. Катерина останува она што во нашата традиција го нарекуваат ‘машка жена’ за жена неротка до крајот на филмот. Кај неа за клетвата да се оствари треба да роди свое дете, но таа мајчинството ќе го оствари на друг начин.

 

Мајка – Земја – плодност и зачнување

Јелена Цветановска во „Игри на смртта“ ќе напише : „Моќта на Земјата да го роди севкупниот живот, го роди култот на Големата Мајка (Magna Mater) или Земјата-мајка (Terra Mater), како праисконски хтонични извор на плодноста. Култот на Големата мајка, од најдревните времиња и во сите религии, се поистоветува со култот на плодноста. Божицата на Земјата, за првпат се појавува во Фригија, 1500 година п.н.е, во гората Кибела, по која го добива своето име. Кибела, во Феникија, била позната како Астарта, а во Вавилон како Иштар. Од Западна Азија, култот на Големата Мајка во 5 век п.н.е преминува во Грција, а 204 година п.н.е го преплавува Рим, а набргу и неговите провинции во Африка, Шпанија, Потругалија, Франција, Германија. Меѓу земјите во кои се проширил култот Фрејзер ја спомнува и Бугарија. Култот се одржал и откако Константин христијанството го прогласува за државна религија, за што сведочи пишувањето на Симах за враќањето на свеченоста на Големата Мајка, како и присуството на нејзините свештеници кои во времето на Августин сè уште оделе по улиците на Картагина. Големата Мајка се сметала за персонификација на сите
оплодени сили на природата.“ Големата Мајка – земјата ја спомнав затоа што сметам дека е од големо значење и во филмот особено во процесот на зачнување. Донка и Милан не можат да зачнат цели пет години, а конечното зачнување ќе се исполни со магискиот обред за кој ќе им каже баба Сребра. Имено, Донка ќе се разголи и ќе легне на земјата, а ако земјата е женскиот принцип, а телото на Донка во тој момент станува исто што и Големата Мајка- земја, тогаш реката ќе биде машкиот принцип кој ќе се оствари преку Милан, затоа што тие зачнуваат покрај река. Земјата е оплодена од водата, од дождот, Донка е оплодена од Милан. И Башлар во својата книга „Водата и соништата“ зборува за течните води , за речните водите, тој водите ги поистоветува со мајчиното млеко. Тој смета дека секоја течност е вода, а секоја вода е млеко. Водата од реките е доилка на природата, водата во нас е мајчиното млеко. А од еден друг агол, водата треба да стане млеко, односно водата треба да биде слатка како млеко. Слатката вода, реката е слаткото мајчино млеко на природата и на детското растење. Од друга страна, во втората приказна за Родна и Бранко, дождот или водата која оплодува (тој го има машкиот принцип), а кој го среќаваме уште во првата сцена кога Бранко седи на тротоарот а врз него дожди ја нема таа моќ да ја оплоди земјата, зашто земјата станала асфалт. Земјата–мајка ја заробиле под асфалтот, затоа и Родна и Бранко ќе се оплодуваат вештачки затоа што во 21 век cultura е она што владее над natura (која ја имавме во првата приказна). Во врска со голите женски тела и за зачнувањето треба да се знае дека тие сцени во ниту еден момент не се еротски, тоа се сцени кои го возвишуваат чинот на раѓањето преку прикажувањето на дојките, кои го симболизираат мајчиното млеко и преку прикажувањето на женскиот стомак, а со тоа и на женскиот папок. Стомакот е една еротска светост во која расте плодот, а папокот е поврзаноста на двата света, оној на мајката и оној на детето. Веројатно папокот на светот не е повеќе во Делфи, папокот на светот е сместен на секој женски стомак, тоа е центарот, центарот на животот, затоа толку возвишено е прикажано во филмот. Раѓањето во првата приказна е во нивата, а папочната врвца што ги поврзува мајката и детето е пресечена со срп, сè е во духот на натурата. Во првата приказна, машкиот сок, машкиот принцип се пролева во женскиот стомак означувајќи ја натурата. Во втората приказна Родна и Бранко зачнуваат по вештачки пат затоа што не можат да имаат деца по природен пат. Нивниот сексуален однос каде на сите страни се тркалаат јаболка алудира на гревот на Адам и Ева, а нивното зачнуање близнаци по вештачки пат потсетува на Каин и Авел, синовите на Адам и Ева кои подоцна ќе видиме како ќе завршат. Зачнувањето кај Катерина не е возможно, затоа таа посвојува, преку посвојувањето се остварува симболично зачнувањето на малиот Буда кој треба да се роди.

 

 

Мртвото семе на животот или за жртвата

Мртвото семе на животот или жртвата на клетвата е синот на Донка и Милан, Кузман. Условот кој не го исполнуваат за да ѝ го дадат на Сребра, а потоа да имаат други деца за нив ќе заврши кобно. Како што кажав претходно, Сребра ја враќа клетвата затоа што Кузман ако не ѝ припадне нејзе не може да им припадне на Донка и Милан. Кузман ќе се удави во реката покрај која е зачнат. Речните води кои Башлар
ги поистовети со слатко млеко за него ќе станат отров, а по неговата смрт ќе остане само Донкиниот крик да ја пара синтаксата и да одѕвонува во ушите на гледачите и по завршувањето на филмот. Во втората приказна за Родна и Бранко, мртвото семе на животот се близнаците од кои едното е болно, а Родна прави фатална грешка кога одлучува да го остави да се развива само здравиот фетус. На крај ќе ги изгуби и двата фетуса, близнаците кои алудираат на Каин и Авел, ќе завршат кобно исто како што е и приказната за Каин и Авел. Еросот и танатосот се спојуваат, а нивната уништувачка сила ја гледаме и кај Донка и Милан и кај Родна и Бранко. Веќе во втората потприказна (приказна во приказна) за Катерина и за Кире или Малиот Буда нема да има мртво семе на животот, семето ќе остане да живее, а за да живее треба најпрвин да се роди, да видиме како…

 

Детските зборовите кои го раѓаат мајчинството

Кире е дете кое Катерина го посвојува, нејзиното зачнување кажав и претходно е симболично прикажано преку посвојувањето. Кире не зборува, затоа што тоа е период кога фетусот, бебето расте, кога трае бременоста, онаа симболичката кога тој треба да стекне доверба во мајката. Кире не зборува и затоа што има трауми веројатно од неговата биолошка мајка, а моментот кога малечкото Ромче ќе му изрече клетва декаако ја убие жабата ќе му умре мајката, во следниот момент ќе се исполни таа клетва затоа што Кире ќе ја убие жабата, а со тоа биолошката- невистинска мајка која му нанела трауми ја убива во себе и се отвора простор за да се роди небиолошката, но вистинка мајка (Катерина). Уште еден клучен момент за стекнување доверба во Катерина, ќе се оствари во сцената кога Катерина ќе му го допушти воланот на Кире, што значи му допушта да управува со нејзиниот живот и дека во него тие се заедно. Иницијација Кире доживува со излегувањето од дома и одењето кај неговото другарче Ромче, симболичкото породување се остварува во миговите кога Катерина избезумена го бара Кире. А токму таму, на сунетот ќе се случи симболичкото раѓање на мајката во Катерина во оној момент кога Кире ќе изговори „Мамо, зошто плачеш?“ и со нејзините солзи нејзината женскост се измива и преминува во мајчинство, а Кире се раѓа заедно со зборовите, зборовите се симболичкиот плач на Кире. И така ќе се оствари врската мајка-дете која ќе трае и среќно ќе заврши.

 

Реализација на женскоста

Сите жени во филмот се обидуваат да се реализираат преку мајчинството. Донка нема да успее целосно да се реализира затоа што прерано ќе го изгуби Кузман. Родна ќе успее да се реализира, но сепак, нема да успее најцелосно зашто мајчинството во неа нема да зачне од нејзината љубов. Катерина преку симболичкото
раѓање ќе се реализира целосно, затоа што таа претходно не бара да зачне по природен пат, знае дека нема да успее.

Пред да завршам, би сакала да напишам и збор два за симболиката на имињата и за тоа дека ниту едно женско име не е случајно. Донка значи бесценета, скапоцена. Донка е слика на нашите прамајки, на нашата култура и историја, на фолклорот и минатото. Исто како што нашето минато и нашите предци прамајки се скапоцени така е и нашата култура и традиција. Донка е нашата колективна женскост, мајчинска несвеснот, нашата папочна врвца со нашите пражени. Родна е родилка, родена за да роди. Симболиката на нејзиното име се остварува, таа ќе зачне, но не од мажот во кој ќе се заљуби туку од друг маж. Но, она што е најважно е тоа што ќе ја исполни симболиката. Името Катерина значи чиста (од грчкиот збор katharos). Ликот на
Катерина е чист во секоја смисла на зборот, нејзиното мајчинство, нејзината приврзаност кон Малиот Буда е најчистата форма на љубов која заслужува среќен крај и затоа и го добива! И за крај, сите жени се врби, дрвја кои се виткаат и од болка и од тага, но не се кршат, издржуваат сè и продолжуваат понатаму зашто и животот и смрта, мајчинството и раѓањето се благослови дадени во минатото дадени и во сегашноста. Манчевски со „Врба“, преку ликовите на Донка, Родна и Катерина гради еден универзален лик на жена-МАЈКА и ја покажува големината на мајките, покажува дека мајките се спремни на сè за нивните деца.

 

Тагови од објавата
Напишано од
More from Елена Ѓорѓиовска
Кон „Гробница за Борис Давидовиќ“ од Данило Киш
Расказите проткајуваат заеднички модел на нарација: нараторот е резервиран за почетокот и...
Повеќе
0 replies on “Кон „Врба“ на Милчо Манчевски”