Флешбек

Тргнавме од Скопје после четири часот попладне. Сонцето нè пржеше двојно повеќе – зраците се пробиваа низ стаклата на автобусот. Како дете се сеќавам низ лупа спржував муви така – директно под зраците на сонцето. Каква перверзност. Дури и крилјата сум им ги кинела со цел да видам што ќе се случи. Сега ми се спржува рамото на ист принцип. Боли. И дел од комодитетот ми е земен: патувам со автобус на долга релација. Ете ти фидбек од мувите во детството. Ја повлеков завесата. Жртвувам поглед низ прозор со цел да не се спржувам.
Македонија. Мноштво бои домонираат тука. Мај е. Најубавиот период од годината. Која боја сакаш да ја видиш, таа ќе ти се прикаже во пределот. Не гледам, ама добро знам што има зад завесата. Мирни се полињата. Жолти. Па зелени. Па некаде со кафено-црвенкаста боја. Тазе раскопани. Па ливади. Ако затворам очи мирисот ќе им го почувствувам. Цвеќињата никнати низ нив. Шушкањето на тревата додека ја газам. И благото ветре што ги тера дрвата да шепотат. Раскошни се, тешки шумите; а планините високи, темни. Древни вистини се кријат зад нив. Во корените на ова парче магична земја е втиснат мојот лик. Ничија земја. Наша.
Колку ли е само чудна, мала, откачена, луда, поставена во епицентар на најпреверзното жaриште во светот: Тежок Балкан. Сите околу нас се тепаат со нас, за нас. Сè некако некому сме на дофат, ама никако да нè фатат. Па сме им пречеле нешто. Нè заболе па нас…
Пинки ме погледна додека зјапав низ прозорецот преку завесата. Пак се трипа нешто лудава, му прочитав од изразот. Ја тргнав завесата и одеднаш во ликот му видов воодушевеност: поле сончогледи нè следеше од мојот прозорец, сите на потполно ист начин свртени кон изворот енергија.
Македонија.
Сонце.
Патувавме јас, Пинки, Буцко и Дуда. Уморни бевме.
Одвај чекавме да ја поминеме границата со Бугарија и да затвориме очи. Лапнав два дијазепама за да спијам подобро. Патот низ Бугарија никако не сакам да го поминам будна. Не сум била во Бугарија, ниту пак сакам да одам таму. Еднаш на поминување бев во Софија, ама тоа на кратко, да утепам време додека чекам трансфер-авион за Прага.
Скопје – Прага директна релација немаше тогаш. Така ја видов Бугарија. И Софија. И никогаш повеќе не добив желба да отидам. Крај.
Лупаше, тропаше автобусот, како низ ровови да патува не низ автопат. Дремеш, сонот те гони, главата ти паѓа, не можеш да издржиш, се предаваш, се поттикнуваш, ама никако не можеш да потонеш веќе еднаш… не те зема уморот… а уморен си, веќе до краен степен на издржливост си дошол. Гаден пат.
Сите низ истото чувство поминувавме. Силување. Пинки не издржа па му викна на шоферот:
– Уште колку има до граница бе мајсторе, аман!!!
– Пола саат.
– Шуќур! – викнавме сите четворица.
Од нервоза Пинки изеде сè што носевме од храна со нас. Пред да почне со лапачка, задолжително голта некакво апче за желудник. Желудникот мора да се чува – да се разбереме. Во клучни моменти ситуацијата ти ја спасува само добар желудник. Дупка ќе ти се отвори во стомакот од нервоза, па мора да им дадеш нешто на соковите да преработуваат. Ако не, ќе те изеде сопствениот желудник – не гладот.
Нервоза. Долг пат. Бесконечен пат.
Некакви чудни предели, кафена реалност и вода секаде наоколу нè пречека на влез во Романија. Сè беше потопено. Дунав надошол силно.
На лицата ни се мотаа изрази на гнасење. И страв. Тоа реката е сериозно голема. Опасна. Ако надојде уште малку, ќе преплави сè. Молчевме до дјути-фри и кога рекоа пауза – јурииишшш по фри-шоповите. Вакви фри-шопови никаде не сум видела во свет. Мали продавнички наредени една до друга. Внатре само петорица може да влезат. Секаде се пикнавме. Кога видовме колку е евтино, изнакупивме сè што ни дојде под рака: алкохол, цигари, чоколади, бонбони, алкохол, алкохол, алкохол… двојно натежна автобусот како влеговме во Романија. Добро утро.
Какво морничаво чувство. Нема пејзажи како кај нас. Доминира темна кафено- зелена боја. Мали се куќичките, минијатурни, и до самиот пат. Никој не се ѕвери во автобусот кога поминува. Навика. Си бркаат работа. Сонце одвај има. Матно небо. Облаци кои не може да се растворат. Ниту се тешки, ниту се лесни – постојани се. Не мрда ништо. Не памтам дека некогаш сум видела вакво време. Тишина. Се слуша само бучава од моторот. Се движиме низ тесни улички и скоро ќе им влеземе на луѓето во двор. Сите јадеме по нешто купено од најевтиниот фри-шоп во свет.
Малите темни куќички почнуваат да се разредуваат. Одеднаш потполно ги снемува. Празен простор се отвора пред нас. Тешко сивило. Нема многу реклами. Ни оџаци од запустени фабрики. Нема индустриска зона на почеток на градот. Чудни некои бедни градби нè среќаваа по пат. Постепено почнаа да се редат згради. Многу многу исти згради. Сиви згради. Мрачни згради. Темни згради без балкони. Конзерви. Мизерија пар екселанс.
Некој рече дека во некои од зградиве има само по едно веце. Надворешно. Ни се слоши од оваа беда што нè пречека на влез на главниот град.
Тежок социјализам. Не сме виделе ваков. Фала богу во животот не сме виделе ваков и немаме траги од тој социјализам кај нас.
Пинки вресна вџашен:
– Луѓе, не ми се верува, овие ќе влезат во Европска Унија? Како, бе, овие ќе влезат во Европска Унија, жити сè?
Но, постепено пределот почна да се трансформира. Зградите добија некаква друга димензија. Балкони добија. И разноликост. Шаренило. Понови градби. Други фаци доминираа во просторот, не толку бедни како претходните. Постепено почна да се чувствува и луксуз. Нова архитектура. Стакленици. Модерен дизајн. Врескаа шаренила од рекламните паноа. Најголемите светски фирми се присутни тука. Ни се смеат ликовите од позади нив: Центар, Господа, добредојдовте во Букурешт. Добар ден.
Најпосле се оптегна пред нас неверојатното нешто, изградено во самиот епицентар на главниот град: палатата на Чаушеску. Гледавме без здив додека автобусот се доближува до тоа огромно здание. Повторно ни се слоши на сите. Овој пат од раскош и богатство. Каков објект. Палата си изградил за себе. Кралот. Народ утепан, без леб, палатава со злато со мермери со чуда. И сè големо. Каков мегаломан. Болест. Психопат. Диктатор од најодвратен вид. Убил бога во човекот, убил бога во државата. Ги затворил. Им изградил само еден Парламент. Грандиозно нешто. Оставивме долна вилица на патос на палатата. Лудак. Рекоа сè било правено со суровини од Романија. Важела паролата: не сакаме ништо од надвор, а и ништо наше не даваме никому. Нема увоз-извоз.
Екстремна варијанта на социјализмот. Тоталитарен режим. За чоколатце од странство се одело во апсана.
Бескрајно сме среќни што сме немале ваков социјализам кај нас.
Иако, и нашиот социјализам нè направи навидум прости. Еве, јас, на пример, со душа чекав мајка ми да се врати од пат и да ми донесе влошки со крилца. Сетете се какви дебели и неудобни социјалистички влошки носевме. Со мрежи. И уште едни што упиваа амa беа огромни, па бегаа лево-десно. Требаше да ставиш една преку половина од другата, со цел да добиеш поширока површина за да го покриеш цел газ. Па одењето ти станува друго. И сите во принцип знаат дека имаш добиено. А за влошки, сакав да прашам, со крилца, дали ги затворал жените, лудаков? Дали на жена му ѝ бранел да носи влошки со крилца од Запад? И Мекдоналдс? Мајка ми, кога патуваше во Белград, ни носеше сендвичи од Мекдоналдс по авионите. И влошки со крилца. Да. Убаво се сеќавам како одвај чекавме да се врати од пат.
Додека си мислев така на нашиот социјализам, се бевме качиле на еден огромен балкон. Од тој балкон се гледа буквално цел град. Поглед од високо во секоја смисла на зборот. Се погледнавме со Пинки:
– Романија ќе влезе во Европска Унија, брат!
Кога тргнавме понатаму по нашиот пат, веќе почна да паѓа мрак. Продолживме да се возиме низ главниот град, но во спротивна насока. Излез. Стара раскошна архитектура. Прекрасни стари раскошни градби. Успеале да ги сочуваат. Како? Дали е ова истиот град кој нè пречека на влез? Каква дијаметрално спротивна реалност. Неколку реалности во еден ист град. Историја-град.
Патот нè извади од урбаната средина и продолжи кон планините. Се чувствуваше рурална опиеност. Ветрот го нишаше пределот пред нас. Занес. Жолти полиња, зелени ливади, и понекое парче со кафено-црвена боја. Во далечината како да се слушаше нечие довикување. Ми се чинеше дека допира музика од таму каде се приближуваме. Како некој да пее некаква арија, и како таа занесна песна да го опојува цел предел. Небото се отвори, облаците се разбегаа, ѕвезите почнаа да блескаат позади нив. Се исчисти воздухот.
Со првиор чекор направен во шумата почна да станува студено. Студен ветер почна да се протнува низ дупките од автобусот. Можеше да се почувствува некоја чудна силна енергија. Ни се наежи кожата за миг.
Карпати.