Кон „Гробница за Борис Давидовиќ“ од Данило Киш

Кон „Гробница на Борис Давидовиќ“ од Данило Киш

Помеѓу авторите кои ја видоизменија спрската проза и се нурнаа длабоко во постмодернизмот спаѓа и Данило Киш. Тие го доживуваа текстот како отворена структура затоа што клучната интенција на српската постмодерна е создавање на отворен, полифоничен, мимикричен текст. Литературната свест на авторот е метатекстуална, се создава проза преку пишувањето за неа. Овде морам да ја цитирам Јулија Кристева: „Она што се пишува денес открива можност за преиспишување на историјата.“ Кога го читав и подлабоко се занимав со „Гробница за Борис Давидовиќ“ размислував и за ecriture lecture (пишување, читање), за умешноста на рецепцијата затоа што колку подлабоко читам, толку подлабоко пишувам. Исто како и „Хазарски речник“ од Павиќ, и оваа книга од Киш бара компетентен читател и истражувач, за да може целосно да се долови суштината на делото или на одреден дел од истото… Сметам дека морам да го споменам мешаниот идентитет на авторот (мајка Црногорка, татко Евреин), кој ќе остави длабока трага врз неговата свест, но и врз неговата творечка дејност. Неговата опсесија со фактографски материјали, документи влече корени од неговото детство. Имено, по смртта на неговиот татко за него останале само документи кои сведочеле дека тој бил жив и постоел. Сметам дека корените, оваа опсесија по докуметатност ги влече токму од оваа случка. Исто така, приврзаноста на Киш спрема важните документи произлегла од скепсата на читателот кој не може да верува во недокументирана фантазија. Измислувањето разочарува, а тој сака читателот да му верува дека нешто навистина се случило. Донекаде, успева во тоа, затоа што читателот читајќи и задлабочувајќи се во приказните започнува да верува во нивната вистинитост иако длабоко во себе е свесен за мешањето на фактите со фикцијата… Токму затоа сметам дека расказите од Данило Киш не треба да се читаат како раскази туку како културна заедница. Умешно успева да ја конструира дури и да ја деконструира илузијата… Во времето по излегувањето од печат на „Гробница за Борис Давидовиќ“ се крева прашина околу прашањето, дали станува збор за плагијаторство? Лицето на делото е ставено под лупата на сомневањето. Но, дали тогашните критичари биле свесни дека нивното обвинување не значи дека приказните се крадат, или се плагираат туку тоа значи дека во една таква доба на развој на постмодернизмот на текстовите може да им се приоѓа многу послободно, небаре се тие дел од една заедничка културна сопственост. Факт е дека Киш во своето пишување користел врвни биографии, специфична наративна постапка, висок степен на документираност, цитати и на тој начин изградил еден мозаичен хронотоп. Кога еден текст се претвора во коментар на друг текст, на таков начин што допушта интериоризација на прототекстот, можеме да зборуваме за извесна метатекстуална операција – ќе напише Бановиќ-Марковска во „Хипертекстуални дијалози“. (Бановиќ-Марковска, 2004) Документарниот карактер на неговото писмо своите корени ги влече од книгата „7000 дена во Сибир“ од Карл Штајнер, и истата може да се смета и за архитекст на „Гробница за Борис Давидовиќ“. Бановиќ-Марковска смета дека тоа „позајмување гласови“ може да се нарече и ерудитно – или епистемолошко – иако во времето кога се појавило ова дело било прогласувано за плагијаторство. Треба да бидеме свесни дека ‘позајмувањата’ во литературата се стари колку што е и самата литература и дека не постои целосно чист текст. Најголем број од авторите својот естетски вкус и етичка ерудиција ги формирале врз некои митски, културно-историски или литературно-теориски обрасци. На крајот на краиштата, авторот е резултат на претходно прочитани текстови, а не божја конструкција. Интересно е тоа што, Киш во фикционалната стуктура на своите текстови, освен како поетички коментар, секогаш умеел да ја покаже својата иронија, небаре обрач околу гласот на раскажувачот. Гласот на авторот се измешал со гласот на непознатите и неброени туѓи свести на литературните дела кои ги исчитал и создал дело како ова кое слободно можеме да го класифицираме и како историографска метафикција. Расказите проткајуваат заеднички модел на нарација: нараторот е резервиран за почетокот и средината на расказот, за на крајот книжевната нарација да биде поставена како историска подлога, поткрепена од извештаи и документација и еден вид пост фестум за животот на ликовите. На тој начин, настаните за кои зборува Киш низ призма на нараторот стануваат пресек помеѓу реалните случување и книжевната фикција, потенцирајќи ја таа вечна релација како односот на карпата со брановите од морето каде што фикцијата како бранови се удира во стабилноста на истиографската вистина. Киш не само што им дава глас на ликовите во расказите од другата страна, инсистирајќи маргинализацијата да ја потврдува преку создавањето на апокрифната и алтернативната историја, туку се осврнува и на изгубените личности од минатото кои не успеале да бидат прифатени од официјалната историја и се заборавени од историографската стварност. Расказите несомнено осцилираат во средишната точка на еден конкретен расказ, „Гробница за Борис Давидович“, кој неслучајно е одбран за наслов на делото. Расказот е кулминација, соодветно најавен преку оние што се наоѓаат пред него, а потоа за конечно заокружување на целиот роман расплетен од оние после него.

Време е подетално да се осврнам на анализа на еден од расказите, кој мене ми остави особено впечаток. Тоа е расказот според кој и книгата го носи својот наслов „Гробница за Борис Давидовиќ“ и на кој упатуваат и сите претходни раскази дадени во книгата. За да пишуваме за нешто, треба најпрвин истото да нѐ привлече, а за да го анализирам токму овој расказ ме привлече неговата посвета: „Uspomeni Leonida Sejka“. (Kiš, 1977) За Шејка особено ми побуди интерес Дурацовски кој го читав неодамна, а кој инспириран од ликот на овој спрски архитект и сликар напишал неколку раскази во кои претставата за Шејка ми делуваше некако магично и фантастично… Оваа мистика на ликот ќе ја поткрепи и Киш во почетокот кога зборува за Новски и за дупките кои останале во врска со неговиот живот, за тоа дека во хрониките на револуцијата тој останува како личност без лице и без глас. Интересно е и наведувањето на примерот со кенотафите кои старите Грци ги граделе во чест на оние на кои телото им станало оган или вода или земја, а душата, смета Киш е алфа и омега, и нејзе треба да ѝ се подигне светилиште. Дури и ова дело можеме да го замислиме како празна гробница, каде мртвите историски нереализирани ликови добиваат глас во својот фиктивен свет. Ликовите во расказите се душата на делото и ним треба да им се подигне светилиште. Еден од ликови кои на почетокот градат нешто налик на родослов на ликот на Борис Давидовиќ, неговиот татко Давид кој казнет поради тоа што го читал Талмудот и веројатно затоа што бил приклонет кон еврејската религија (слично како и неговиот татко Евреин) бил казнет, измачуван… Истиот тој ќе се заљуби во ќерката на неговиот спасител и од нивната љубов ќе се роди Борис Давидовиќ, кој во историјата ќе влезе со прекарот Новски! Магичноста на личноста или на ликот на Шејка која ја доживеав кај Дурацовски сега повторно ја доживувам и со Борис, веројатно по некоја слична аналогија се градени. Кога читав за Борис Давидовиќ и за неговите способности кои се развиле уште од најрано детство, не знам зошто, но паралелно започнав да размислувам за ликовите во литературата кои се градени како пола божества, половина со човечка природа, нешто налик на Гилгамеш. И започнав мистичниот лик на Борис Давидовиќ да го доживувам возвишено и магично. Она што ја поткрепи мојата замисла околу ликот беше и фактот што го наведува Киш, дека податоците за него скоро и да не постојат или тие се измешани и немаат некоја уредна хронологија, што повторно ме упатува на нешто мистично што ликот го крие во себе. Неговото бегање од дома значи и нецелосно оформен идентитет што ќе доведе тој постојано да ги менува идентите како што глумецот менува маски на лицето. А да се носи маска, значи да се скрие вистинското ЈАС, од друга страна, според некои други толкувања, да се носи маска значи да се земат магиските способности од она што е маската и тие да се пренесат на ликот. Така Новски, еднаш ќе стане Безработни и ќе влезе во контакт со некоја терористичка група, потоа некогава маска го носи името Јаков Маузер и ќе виде осуден на шест години затвор. Интересен е неговиот идентитет или маска кое го носи името Земјаников еднаш вешт инженер, а веднаш потоа робијаш. Имено, авторот низ текстот успева да постигне и комуникација со читателот, да го информира за документарноста и за податоците кои се пронајдени или кои недостигаат во врска со ликот. Менувањето на идентитети оди паралелно и со менувањето на престојувалишта, целосно менување на животот или живеење на многу животи е една од главните карактеристики на ликот. Интересно е како еден ист Новски, може од робијаш, од најниските општествени слоеви да се вивне во највисоките и да стане студент во Париз. За уште една негова преобразба и премин во редовите на интернационалистите се наведува и име на една жена – Зинаида Михајловна Мајснер. Во книгата за неа пишува: „Priroda joj je dala sve: inteligenciju, talenat, lepotu.“ (Kiš, 1977) Киш си поигрува со читателите не дозволувајќи им да разграничат дали се работи за апсолутна вистина или за вистина испомешана со фикција, дали ликовите навистина постоеле или сепак не, и колку тој интервенирал во нив. Умешноста во пишувањето се остварува и преку воведувањето писма во расказот. Писмото кое ѝ го упатува на Зинаида, во кое пишува: „Oprostite, Zina, I nosite me u svom srcu, to ce biti bolno kao nositi kamen u bubregu.“( Kiš, 1977) Дури и самиот лик е свесен за неговата променлива природа или судбина. Престојувањето во затвор, точно тринаесетпати упатува и на тоа дека ликот не може да се ослободи од или во самиот себе, затворот метафорички би значел затворена душа, душа со вусоки идеали и цели на која и треба простор да се оствари некако…Единственвена опседнатост до крајот на животот имал да направи бомба со димензии колку орев… Сепак, постојат обиди за ликвидација на Новски, за бришење на неговото постоење и историја. Особено буди интерес гробницата од камен или самицата во која бил затворен Новски во која како што вика Киш: „No cini se da je Novski u dodiru sa kamenom svoje zive grobnice izvukao neke metafizicke zakljucke koji se bez sumnje nisu mnogo razlikovali od onih koji sugerisu misao da je covek samo cestica prasine u okeanu bezvremenosti…“ (Kiš,1977) Оваа самица наликува на ковчеже, во врска со тоа Башлар ќе истакне: „Се смета дека не се потребни долги коментари за тоа дека постои соодветство помеѓу геометријата на ковчежето и психологијата на тајното…На ковчежето треба да се вметне во психологијата на затворената душа.“ Оваа затворена и тајна душа е онаа на Новски, а самицата која наликува на гробница дури можеме да ја поистоветиме и со душата на Новски во која се збиени минатото, сегашноста и иднината. А на тој начин ако душата е самицата или гробницата која наликува на ковчеже, тогаш таа претставува меморија на незапаметеното… Ликот на Федјукин се јавува како негативен лик, спротивен на ликот на Новски кој сака да му се одмазди, но пред кој Новски не потклекнува со што се докажува жилавата природа на ликот. Се појавува и мотивот на страв дека сопствената биографија ќе стане унаказена и дека позитивниот лик – херој ќе биде разорен од времето: „… svaki dan njegova zivota bice placen zivotom jednog coveka: savrsenstvo njegove biografije bice razoreno, delo njegova zivota (njegov zivot) bice ovim posljednim stranicama unakazeno.“ (Kiš, 1977) Во врска со идентитетите на Новски и Федјукин е свесен: „Umreces, Isaijevicu, ako Novski ne prizna.“(Kiš, 1977) Новски како лик се бори во својата смрт и во својот пад да го зачува достоинството не само на неговиот лик туку и на револуционерите, а Федјукин настојува во своите трагања по фикцијата да ја сочува строгоста и доследноста на револуционерната правда и на оние кои ја делат таа правда. Желбата да се умре како херој како легенда ја носи и Новски во себе. Да се умре храбро, а не да се умре потчинет е мотото на јуначката етика која постои од митовите преку фолклорната традиција, па дури и до денес. Новски одбива да умре како разбојник кој ја продал својата душа исто како Јуда за триесет златници, смртта која му ја припремил Федјукин. Киш дава и опис на ликот преземен имено од некој друг автор кој се занимава со ова прашање: „…licio je na fantoma, ali ne na sopstvenog. Ne bar sve dotle dok nije progovorio: tada je ponovo bio dzavo, a ne covek.“(Kiš, 1977) Мистичната природа овде упатува на ѓаволска природа на ликот. Иако се обидуваат не успеваат да го убијат, под името Долски повторно е затекнат жив низ историјата и времето. Новски е одведен во логор, но и оттаму ненадејно исчезнува. Убиениот човек за кој се пишува на крајот од расказот со голема веројатност не е Новски затоа што кон крајот на јуни 1965 година, Лондонскиот Тајмс објавува дека Новски е виден во Москва… Новски е човекот кој не умира, енигма на историјата, лик или личност…Во седумте поглавја на една заедничка повест за револуционерните идеали, без разлика за каков вид на револуционерно одредиште станува збор, Данило Киш ја истражува мрачната и ужасната подреност на Револуцијата, нејзините предавства и измами како и (само)уништувањето на поединците со нивното бришење од историскиот глобус. Приказните ги опишуваат протагонистите ликвидирани од тоталитарната ‘правда’, понекогаш слепо, а понекогаш и со злоба, принудени да се предадат себеси и луѓето околу нив. Како и оние историски рамки кои зборуваат за механичките логори на трудот и игрите со сослушување, за време на и по револуцијата, но и Сталинските чистки на предавниците. Приказните на Киш вметнуваат биографска арома полна со референци кон вистински или имагинарни извори кои се базираат на идејата за историски личности и настани. Покрај лабавата спојка приказните се поврзани со случајни референци на ликовите, а во целокупната колекција одекнува една формуларизирана кохерентна структура. Киш одржува дистанца од неговите ликови, користејќи ги постапките на иронија, пародија и Борхесовото псевдоавторство, кои се неопходни за да се спречат неговите приказни да бидат премногу мрачни и ужасни. Книжевното остварување „Гробницата за Борис Давидовиќ“ е интелектуална, контраемотивна, контроверзна и опасна за потценување. Данило Киш совршено си подигрува комбинирајќи постапки кои ја докажуваат хибридноста на историографската метафикција како жанр. Тој успева паралелно да ја задржи текстуалната теориска норма поткрепувајќи ја со судбините на ликовите, давајќи им глас и живот на оние кои учествувале во историјата, но не оставиле никаков документиран белег во неа.