Сенката на амбисот во шуплината на светот Луцидната поетика на Ели Урбина

Ели Урбина е роден во Чимботе, Перу, 1989. Дипломира уметности и магистрира наставни и педагошки истражувања. Автор е на поетските книги „Солта на хиените“, (Плектро Едиторес, 2017) и „Амбисот на човекот“, (Буенос Аирес Поетри, 2020). Неговите песни се преведени на грчки, српски, француски, италијански и англиски јазик. Тој го основал и е уредник на поетското списание Санта Рабија Магазин (www.santarabiamagazine.com).

Ели Урбина за своето творештво вели дека се развивало и создавало под силно влијание на македонскиот поет Матеја Матевски. Преку поезијата на Матевски, Ели негува суштинска поврзаност со македонската книжевна традиција и црпи длабинска инспирација. За таа симболична поврзаност самиот ќе рече:

 

„Голема гордост е што можам да ги видам моите песни преведени на јазикот на големиот поет Матеја Матевски. Поминав години со препрочитување на неговата поетска антологија „Раѓање на трагедијата“ во извонреден превод на шпански јазик на Клеопатра Филипова и Хусто Хорхе Падрон и објавена во Перу. Неговото поетско творештво, каде што проблеснуваат со трепетна жар мигови на пеколнa вџашеност и очудување од убавината, ме придружуваше постојано, како амајлија со непроценлива вредност. Матеја Матевски е за мене мост помеѓу Македонија и другите пограничјаи страни на светот. Тој е универзален поет“.

 

Имено, често поетите што пишуваат на мали јазици знаат да ги пробијат големите, непробојни и надмени политички граници и да допрат до најнезамислените места на светот и така да создадат универзални поетски стожери. За мене таков поет е каталонскиот Џуан Маргарит, а за Ели Урбина тоа е несомнено Матеја Матевски.

Во поетиката на Ели Урбина е врежан архетипот на крвта, на телото, на страшнотопризорување, на мамливиот привид. Лирскиот субјект ткае жаришта во недофатливи места и открива познанија отаде воспоставената и прифатлива рамка на когнитивните дилеми на современиот човек. Поетот не се плаши од тенките врски на зборот со невозможното искуство непреведливо во кругот на познатите, искусени, опипливи човечки секојдневни искуства; тој, како со невидлив конец, сака да ги протне преку метафоричната сонда новите значења што постојано се обновуваат во амбисот на зборот и на сликата невозможно и незамисливо врзана токму со зборот.

Неговото поетско творење како да сака „под ова чудно небо втонато во тишина“ да ја пресече „темнината со тмурен потег на четка“, надминувавајќи го„ѕидот на беспокојот“. Таа немост, таа невозможност да се дојде до збор што ќе ја покрене поетската слика и новата визија станува револуционерна, бунтовна, особено во дијалогот со смртта и еросот, особено низ призмата на Жорж Батај кој исто така ја поврза поетиката на малата смрт, la petite morte, на оргазмотсо моќната плодност на онтолошкиот амбис, на дупката, на бездната, на јамата, па оттаму и на плотта, на телесното, на вжештеното, на бесрамното кое може да постои одново и одново само во поетската уметност, која, исто како и во сликарската, музичката, со немите четки на ритамот и на зборот создава мостови на контрасти, метафори, асоцијации, аналогии, асонанции. Во таа процесија, на поетот ништо не му причинува болка ни срам. Напротив, неговиот глас е и смел и храбар.

Длабоко симболична, раздорна, растреперена, поезијата на Ели Урбина пробива како со нож низ дебелите и закоравени слоеви на веќе научените и стекнати, наследени, патетични, непројавени, непроблеснати, неавтентични поетски визии и слики и провира отаде, односно во густото, во длабокото, во вртоглавото, превртувајќи ја нивната опачина, нивната „изопаченост“, нивната „темна бездна на раната“ во „шуплината на светот“, за да понуди нова свежа и бистра празнина каде што ќе може постојано да се раѓа и обновува трагичниот поетски влог, плод, внесување, придонесување.

Како што и самиот наслов „Амбисот на човекот“ (имено, стихозбирката е објавена во престижната аргентинска издавачка куќа Буенос Аирес Поетри) најавува, ова е несомнено поезија на отсуства, на бездни, на недостиг, на немање, на загуба, на загроз, на вознемирувачки сеќавања, остатоци, прогонувања и изгубени перцепии кои одново се ткаат и испреплетуваат низ темната мелодија на лирскиот глас:

„Секое нешто без тебе

ме осудува за сешто“.

Поезија на самовоспримања, себеиспрашувања, неуморни следења на себството, на трепети и на трпнежи, на несигурни неба и недоносени тежини, оваа поезија голта како челуст од амбис и вбризгува морничави реминисценции за едно место каде што никогаш не сме биле, за една средба која никогаш не настанала. Неговата поезија чекори по работ на понорот и го запишува човекот врз концентрациониот логор, точно врз самиот логор, врз загубата, врз бездната, врз губењето поим, простор и меморија:

„Парализиран ја чекам смртта со презир“.

Всушност, лирскиот субјект како да сака неповратно да потврди дека никаде, во ниту едно место нема прошканиту спас за човекот, иако човекот дава и натаму ќе дава, се вложува и ќе се вложува, со копнеж и повтеж, со напор и мака, за да постигне внатрешно ослободување и спокојство.

Убедена сум во исказот на Октавио Паз дека поезијата не е уметност на вистината туку е воскресение на присуства. Оттаму, за мене е среќа што овој перуански поет го пренесувам на македонски јазик, затоа што од неговата поезија, иако како во „град на отсуства“ кој цело време гори, непрекинато никнат присуства, светла и сенки, конечно и луцидни привиденија.

Токму низ амбисот на човекот така се ствара постојано неуморната и поразителна потрага по „огледало внатре во земјата“, по јадрото, срцевината, средиштето, жариштето на спокојот, светлината на тишината, но и по плодната и отмена самотија каде што не исчезнува никогаш „сенката на амбисот“, зашто, како што напишал и Рајнер Марија Рилке: „Во длабоките ствари, сите ние сме ужасно сами“.