Преведувачката

На почетокот на дваесет и првиот век во самиот епицентар на Скопје, главниот град на Република Македонија, се наоѓаа просториите на најголемата компанија во земјата.

Во таванските простории, полни прашина и стари книги, се наоѓаше библиотеката на компанијата.

Во социјализмот секоја општествено значајна компанија имала библиотека. Многу била важна постојаната надоградба на кадрите.

Во истиот тој епицентар на Скопје, во тогашна СРМ, со преполни простории врвна македонска уметност, се наоѓал столбот на општеството (со малечката магична библиотека на таван). Сум слушала приказни за тоа како во социјализмот во сите општествени одморалишта се правеле колонии каде што се собирале сите врвни уметници, па се цртало, се сликало, се дружело, се творело, се создавало вредност.

Значи, особено се водело сметка за постојана културна надоградба на луѓето. Така се објаснува присуството на книгите од областа на белетристиката меѓу томовите стручна литература присутна во овие мали магични тавански простории во самиот епицентар на Скопје. Ама па кога лектира за петто одделение ти е Пиреј!!!

Значи, се читале книги. Од секоја област. И сите тие се наоѓале во оваа малечка магична библиотека…

Со тек на годините, СФРЈ престана да постои. Така, престана да постои и СРМ. Социјализмот отиде по ѓаволите. Ако не беше и претходно отиден, не знам, мала бев. Но, не познавам жив човек од тоа време кој не кука по истото.

Во некаков чуден склоп на околности, најголемата компанија во земјата, сепак, си остана на истото место. Во комплетно истите простории, со истите стари станови прилагодени во канцеларии, со истите прозорци од пред војната и со истите мириси на старото време. Во самиот епицентар на Скопје.

Сè друго наоколу се промени.

Имам слики од сите можни преобразби на Вардар. Не ми се верува дека никнаа зградурини насекаде околу нас, како сиви печурки во кои може да си го видиш одразот од својот лик, па дури и шминката да си ја поправиш. Стаклени. Современите градби ми скратија пола поглед накај Кале и Чаршија. Ама добро ми доаѓаат новите мали мостови. Поставени се на вистинското место за екстра кратење до саканото место на другата страна. Претходно за да дојдеш до таму, кога ќе ти текне дека треба да го поминуваш Камени, па уште ако е лето – налет. Одложуваш за утре. И така секој ден.

Скопјани ми се чини сите сме такви – одложуваме за утре. Ете од тоа одложување за утре, заради чмаење по кафани и паркови, ни дојдоа овие што ни ги запоседнаа имотите и нè купија сосе партали, па нè окупираа комплетно. Мислам на сељаците. И тоа е во принцип присутно насекаде на Балканските простори. Отиде граѓанската класа во неповрат.

Со одењето на социјализмот, дојде време на разврат и преврат. Сите најлоши појави од запад ни се појавија како нарачани. Уште толку чмаење по кафани и паркови. Запоставувајќи така сè битно, потопени во сопствената лежерност, Скопјани дозволуваа битни позиции да им ги заземат сељаци. Е, тие пак, немаат интерес за продлабочување на своето знаење. Тие имаат интерес за пари и само пари. Престануваат да се грижат за постојаното надоградување на кадрите и со тек на време комплетно го запоставуваат, како и самите кадри, зашто ако се дигнело бунт, книгите немало да се запостават и местото ќе си добиело сопствено одговорно лице, таканаречен библиотекар.

Но, поминувале години, а библиотеката никако не добивала библиотекар.

Книгите почнале да се губат. Многу од нив се распарталиле. Престанало да се води сметка за нив. Се преполниле прашина. Станале отпад.

Некако во овој мачен, апсурден и оттаму долготраeн период на транзиција од социјализам во „не се знае точно што“ се изгуби грижата за човекот… потребата од книгите… и од библиотекар…. Така, ова магично старо катче недопрено од современост седеше осамено во таванот на најпрофитабилната компанија во Република Македонија. ФИРОМ за целиот друг свет.

Несомнено, на самиот почеток на овој век.

***

Дојде време, еден убав сончев ден, во библиотеката се населија две несреќни суштества од комплетно запоставен вид. Целта беше да ги стават што подалеку од другите. Со време да ги заборават комплетно. Да направат дека нема потреба од нив, па некако спонтано да си одат. Премногу добро го познаваа, особено едната од нив, сељакот на позиција кој реши да ги тргне во најзафрлениот дел од компанијата (полн надеж дека конечно ќе ги натера да си одат).

„Е па ќе видиме тоа баш“, кажуваше едната од нив. „Ќе ви каже ‘библиотекарката’ добро на вас.“ Сепак, не требаше во ниту еден момент да се заборави дека не смее да се лути жената на една многу важна личност во општеството. Многу важна. Толку многу важна, текот на историјата што може да ти го промени.

Во борбата меѓу „гигантите“, тие кои се на власт и тие кои сакаат да дојдат до власт, во никој случај не се мисли на библиотека. Книгите беа разделени помеѓу вработените, дел беа поклонети, дел ставени во подрум.

Многу брзо по влегувањето на двете несреќи во казнено-поправниот дом, сега веќе испразнет од книги, со сега веќе празни полици полни прашина, навистина повторно се смени текот на историјата во земјата.

Немој да ги лутиш важните фаци. Ќе ти вратат кога ќе се вратат на власт кога ќе се сврти крукчето. А крукчето на оваа територија се врти цело време на истите луѓе пак. Или од едните си или од другите ако си бил на власт. И неминовно истите пак ќе дојдат на власт. Арно ама, главата на рибата овој пат смрди директно од овој таван. Во тие мали простории полни прашина од празни полици, мрежата се ткаеше секојдневно и со забрзано темпо. И најпосле се исткаја. И донесе немир. И донесе промена. И донесе нов лидер со себе. Во тој меѓупростор во таванот на најголемата компанија во земјата една жена успеа да врати со уште поголем удар. И одеднаш стана јасно зошто ја тргаат. И одеднаш стана јасно зошто тој што ја тргна сепак успеа да избега пред време. Се уплаши познавајќи ја нејзината моќ. Таа го избрка него, не тој неа. И еден исто така убав сончев ден таа го гледаше директно во очи во самиот епицентар на тој мал, така магичен град наречен Скопје. И молчеше со очи полни презир. Кон неговиот вид. Продаден. Селски. Сеедно е веќе. И таа мораше да си ја затвори устата на друго место. Се даде во прегратка на третите со цел да ги урне првите. А прегратката лажна е. Ќе се скамениш од страв кога ќе ја сетиш. Небаре душата на ѓаволот си му ја продал. Па ти се одмилува сè кога ќе го видиш крајниот резултат – цената која треба да се плати. И сакаш да се одминеш самиот себеси, како зрак, како лоша мисла, како шарена револуција, како нов поредок, како ново име за истата територија по не знам кој пат, сега веќе презентирано пред светот како Република Северна Македонија.

Либерте тужур мон амур! Вози! Европааа!

***

Еден октомври во доцните дваесетти години од овој век другата жена од истиот тој сега веќе комплетно непрепознатлив таван замислено гледаше директно во зградата на Секретаријатот за европски прашања, со Правилникот за преведување на правните акти на ЕУ во едната половина и Правилникот за преведување на правните акти на Република Македонија во другата половина на мозокот, активни full power.

Истиот тој октомври, наместо да каже ДА и да ја отвори вратата на земјата што капитулираше и притоа си го смени името, ЕУ ја заврте приказната и рече НЕ.

Се испретумба реалноста само за тие неколку дена во тој пеколен октомври.

Но, кога една врата се затвора, друга се отвора. Тоа е така во Универзумот и никој не може против таа космичка неминовност.

Неколку дена по тоа судбинско НЕ, таа го извади девојчето од себе и го остави пред една врата. Не можеше да го препознае местото. Тоа е последното место кое работело со полн интелектуален капацитет. Да, во таа никаква малечка библиотека (сега веќе присутна само во сеќавањата), со прашина од сите страни, додека насекаде околу неа се коваа завери и се правеа планови, таа си седеше и по цели денови само си пишуваше нешто. Или си читаше нешто.

Ништо не работеше, само пишуваше и читаше нешто. Така викаа другите. Таа само чита или само пишува нешто. Преведувачката.

И таа преведувачка се сеќава сега, пред истата таа врата. И солзи доаѓаат од некаде длабоко. За едно девојче што го казнија и му забранија да пишува и чита. Но, тоа девојче опстои во услови на сите промени на името на истата територија. Тоа е родено во времето на социјализмот. Тогаш „Пиреј“ се читал во четврто одделение и истиот го има најмалку во три изданија дома: како награда за постигнат одличен успех, како награда за освоено прво место на натпревар и уште едно издание за кое не се знае како стигнало на полиците со книги. Многу книги. Секакви. И речници. Големи.

И цели антологии поезија.

Тоа девојче има мала библиотека дома.

Во тоа семејство читањето е наследство. Од дедо и баба.

Баба ѝ, стара, помина 80-ка и уште читаше. И на внуците им читаше.

Руски бајки во социјализмот.

(уште ги имам, во три тома, сосе сите книги од Толстој и Достоевски)