Зошто да се (пре)прочита „Санитарна енигма“ и тоа токму во оваа пандемична 2020

Овој текст произлез од преубавиот разговор (кој, пак, покажа дека сите сме желни за едно такво убаво и конструктивно/провокативно дружење и муабетење) на тркалезната маса на тема: „Bookstar-20 VS Covid-19“. Поводот беше промоцијата на книгата „Санитарна енигма“ (Скопје: Антолог, 2020, 290) од Јасна Котеска и таа се случи на 20. 10. 2020 во 19 часот во Кинотека на Македонија. На оваа издание треба да се гледа како на одличен потег од страна на „Антолог“ кој ете после првото издание на книгата од 2006 во по многу нешта чудната 2020 на вистинските читатели им ја даде по втор пат. Самата книга во времето на првичната објава остави кај мене силен впечаток и полемизирајќи со ставовите/гледиштата што Котеска ги изнесува, ми се случија неколку текстови. Но, препрочитувајќи ја во новото руво на „Антолог“ со страст да бидам вистински подготвена за разговор во живо со самата авторка ми се случија неколку прашања/ размисли/ дилеми што одеа во правец на тоа да се одговори ЗОШТО ТРЕБА ДА СЕ (ПРО)ЧИТА „Санитарна енигма“ особено во оваа пандемична 2020! Така што во овој мој мал осврт сакам само да (на)фрлам некои тези и најмногу да ѝ поставам дури и некои прашања (и притоа поставувајќи ѝ неа, истите да ви ги упатам и вам, драги мои читатели). Така акцентот и во ова мое повторно читање / препрочитување на „Санитарна енигма“ го ставам на нејзините промислувања околу АБЈЕКТНАТА ПОЗИЦИЈА/ УМЕТНОСТ, како и околу КАНОНОТ како совршен арбитер на сеќавањето и на вистината.

Прашањата што ги поставува Јасна Котеска во својата книга „Санитарна енигма“ всушност трештат! Тие беа и во она време доста алармантни (поставени на прагот на новиот 21 век, откако таа ги исфилтрира неколкуте претходни векови ставајќи посебен акцент на 20-от). А од таа дебата како сумирани размисли ми одѕвонуваат неколку.

Кога Котеска  зборува за теориските постулати на глобализацијата како зајакнување на човештвото, претворање на сите луѓе во една единствена, рамноправна глобална сила, зошто тогаш сите визии за глобалниот живот кога зборуваат за унифициран и нормиран свет, свет на ултимативен ред, ја опишуваат чистотата како стерилност, хигиенска несетилност и контрапункт на нашето сопствено доживување на човештвото? Така што ме/нè вознемирува сознанието дека теоријата на чистото очигледно е манипулирана територија, територија на секогаш веќе однапред инаугуриран посед. Во тој контекст соочини со актуелната состојба на пандемија и исправени пред разните рестриктивни мерки со кои треба да овозможиме еден вид прочистување од овој вирус, се наметнува едно друго прашање: Ќе се исчистиме од ковидот, но од што друго ќе се загадиме? На овие промислувања, на овие дилеми стоиме запрепастени и пред новата дилема за тоа каква е воопшто врската помеѓу чистотата и борбата, во крајна линија борбата видена низ призмата на револуцијата? Има ли места за таква револуција произлезена од и поради сапунот? Зашто и сега сапунот ни го диктира животот (имено миењето раце, покрај носењето маска, е една од главните превентивни мерки во борбата со вирусот)! Но што притоа измиваме? И можеме ли докрај да се измиеме?

Скокотливи се и согледбите на Котеска за вишокот како имаголошки поглед, и во таа смисла таа гледа на храната, сексуалноста, пријателството, роднинството, сојузништвото како вишок, а на болката и страдањето како вишок емоција што особено доаѓаат како екстремен вишок во овој 21 век. Всушност сите овие видови вишок или овие нијански на вишок се јавуваат како главен проблем на денешната егзистенција и во тој поглед САНИТАРНОСТА во нашето доба добива СТАТУС НА ИДЕНТИТЕТСКА КАТЕГОРИЈА зашто е една од најважните идентификациски и маркациски линии на субјектот! Затоа од оваа книга на Котеска можеме да го извлечеме и одговорот на прашањето кое нè мачи во моментот: Кој е  главниот вишок во врска со овој вирус (па и со кој било нареден/ нов)? И дали требаше да ни се случи вирусот за да го сфатиме вистинското значење на вишокот?

Се согласувам со она мислење на Котеска која во Самса од „Преобразба“ на Кафка гледа модел за денешниот човек. Покрај „Санитарна енигма“ и „Преобразба“ на Кафка (па дури и целиот Кафка) треба да се препрочита. Имено, вознемирувачко е тоа неговото станување животно, и тоа не кое било животно, туку станување бубачка и тоа бубачка во сопствениот дом (токму она од што најмногу се згрозуваме), претворање во најомразениот инсект од аспект на санитарноста. И Самса „знае“: за да стане терорист на домот тој треба да ја изведе најомразената операција со која се засега чистотата на еден дом, а тоа е – да стане инсект во домот! Во контекст на целокупната вознемирувачка ситуација со забрзувањето на ширењето на ковидот кај нас како мислители почнува да се развива мислата: Дали и ние пополека стануваме сопствени терористи со тоа што се претвораме во уште подолно а тоа е – во вирус во сопствениот дом? Зашто она што ќе дојде по победата на(д) вирусот (како стравот, анксиозноста, менталните несигурности) ќе биде пострашно од самиот вирус. Во што тогаш ќе треба да се преобразиме?

Во делот кој го третира раѓањето на модерниот град преку исчитувањата на теориите за чистењето на градот од човечките лајна и менаџирањето на тие лајна Котеска ја започнува дебатата на тема „Од менаџирање смет до абјектна уметност“. Она што особено го истакнува авторката е сознанието дека идејата за чистото се зајакнува со раѓањето на модерниот (западниот) град. Секако на овие тези изнесени во „Санитарна енигма“ на Котеска се надоврзува и темата за јазикот и хигиената (според Кристева) и тоа онаа идеја дека модерниот град и модерниот јазик (култура) се родени заедно. Така и Доминик Лапорт ги врзува чистите улици и чистиот јазик како две страни на една иста операција. Затоа, драги читатели, „Санитарна енигма“ може да ви ги отвори очите, да ви ја разбистри главата доколку длабоко во вас ечи прашањето: Од што треба ние да го исчистиме Скопје (ако на него гледаме како на модерен град)? и особено прашањето: Од што треба да го исчистиме нашиот јазик? Ова со јазикот е ептен актуелно имајќи го предвид денешниов политички контекст на притисок од нашиот источен сосед преку неговото гласно и многу хистерично негирање на македонскиот јазик. Така што ако трешти во нас/ во вас прашањето: Од што тоа сакаат да ни го исчистат јазикот „европските“ граѓани/ мислители/ лингвисти/ историчари?, имајќи го предвид КАНОНОТ како совршен арбитер на сеќавањето и на вистината (така како што тоа го промислува и објаснува Котеска), тогаш е вистинско време да ја земете в раце нејзината книга „Санитарна енигма“.