Вечно туѓа

Рано наутро. Првите сончеви зраци тукушто се појавуваат зад сртот.

Од прозорецот низ кој ја набљудувам долината, гледам двајца луѓе што се приближуваат од далечината. Веројатно слегле од висовите во Сен Убер, од каде што можеш да ги видиш и врвот на Мон Венту и долината на Моние. Сигурно им требало извесно време да поминат низ ретката, дабова шума на висорамнината по која волците слободно талкаат.

Познатиот Роше ду Сир – стрмен, величествен клиф на кој пчелите се ројат надвор од дофатот и чиј камен, на летното сонце, понекогаш сјае од медот што капе од карпата – е осамен и недостижен во овој дел од денот, масив потонат во утринскиот сињак. Сето ова утринските патници го виделе и го одминале во тишина.

Утринската светлина ги облива контурите на нивните сè уште минијатурни фигури. Слегуваат со тешкотија до местото од кое сега фармата Ла План гледа кон долината како пес чувар. Оттаму, кривулестиот пат ги води надолу до левиот брег на реката – нивната десна страна бидејќи одат спротиводно. Постојано се губат и се појавуваат на видикот, час сокриени од дрвјата, час повторно излегувајќи на виделина. Потоа стигнуваат до една пространа, стрмна ливада и нивниот чекор се подзабрзува. Оттаму можат да ја видат полузавршената торета што се издига од високиот, камен ѕид како успокојувачки патоказ. Сега сонцето е малку повисоко, зраците му стигаат до дното на долината и го осветлуваат селото. Во нивно време, сите куќи се направени од камен, па тешко е да кажеш во полусветлината каде завршува едната и каде почнува другата, чиниш селото како со некое чудо се појавува од клифот, издлабено од сончевината – како некој да повлекол настрана огромна завеса за да го отскрие заспаниот пејзаж.

 

Синилото на зората брзо бледнее, отстапувајќи му простор на жолтото и на сивото. Утринската топлина ги претвора последните облаци во бавни, широки стени на пурпурното небо; по должината на реката, белиот вел испарува пред моите очи. Јато пчеларки веќе прелетува преку покривите.

Кога парот стигна неколку стотина метри поблизу, видов дека мажот користи еден груб, дрвен стап како бастун. Жената накривнува, одењето очигледно тешко ѝ паѓа. И двајцата изгледаат исцрпено. Да не си го шинала жената глуждот на една од камените патеки во висовите? Или можеби чевлите ѝ ги нагмечиле стапалата во нивните долги, истоштувачки, секојдневни печашења. Си го подесив двогледот; сега нема сомнеж дека е бремена. Мажот носи широка туника и рачноплетена капа на главата. Повремено ја фаќа жената за рака за да ѝ помогне преку некоја пречка. На видикот зад нив се појавува уште еден човек со голема вреќа. Ги следи во чекор водејќи муле.

Кое време станале утринава? Ги разбудил ли студот до стеблото на некое дрво? Или се разбудиле во некој ан? Во тивката панорама на ова пролетно утро, славеите пеат во грмушките покрај реката. Оттука можеш да ги слушнеш како ги ослободуваат своите диви, мелодични повици. Додека сонцето се крева од гребенот на ридот, еден був бесшумно плови над извитканите дабови и нема да биде виден повторно пред да се стемни. Безвремен спокој; далечно завивање на некој волчи пес; монотониот повик на кукавицата додека одлетува над осамената шума близу Сен Жан. Пределот мириса божествено во овие раноутрински часови; издишува нестварна убавина. Ова пролетно утро сите перуники се отворени, дивите цреши се во цут, рузмаринот е преполн светли цветчиња, а мирисот на мајчина душичка се крева со топлината од росата. Топлината на росата – Хамутал. Ова еврејско име ми влетува во умот, нагаленото име што еден маж со љубов ѝ го дал на жената.

Знам кои се тие. И знам од кого бегаат.

Би сакал да можам да ги пречекам во оваа куќа, да им понудам топла напивка што не ја знаат – шолја кафе, на пример. Каде ќе живеат тие, сега, кога нивната куќа ја нема илјадници години и средновековниот дел од селото е исчезнат под тревата и под грмушките? Во секој миг првиот автомобил што ќе помине утринава може да ги преплаши до смрт и да поттикне предвремено породување кај младата жена.

Парот сега се тегави низ моето село.

Се штрекнав во мечтаењето, го затворив прозорецот, запалив оган во студените утрински часови, направив кафе. Повремено чувствувам будалест порив да погледнам низ прозорецот. Снопови сончевина се лизгаат по стариот поплочен под; денот е сè уште мирен и празен.

 

*

 

Селото некогаш се викало Јупитеровата планина – Монс Јовис. По пештерските луѓе неолитските населби недалеку оттука следувале, долго пред христијанската ера, градителите на примитивни, камени куќи. Иако нивниот изглед се изгубил во темнината на времето, нивното присуство може да се насети во најстарите куќи на разурнатото горно село. Во старата капела на работ од кланецот некогаш нашле камен со латински записи посветен на Марс Набелкус, бог обожаван од Римјаните во регионот.

Во Средниот век, примитивните куќи биле раштркани меѓу тешкопроодните карпи и малите дабови што никнуваат на неочекувани места. Селото било заштитено со стрмна, карпеста падина, природен ѕид од стотина метри. Меѓу сувата трева, жбуновите и карпите обраснати со мајчина душичка понекогаш налетуваш на заборавени визби. Во сенливите дупки мириса на мувла и на земја дури и кога е жешко. Тука, во овој грмушник од диви капини и овената глушина, каде што често седам и мечтаам по цел ден, некогаш имало соба во која се раѓало и се умирало.

 

Негде околу десеттиот век избиле расправии околу длабоките бунари под некои од визбите. Во текот на жешките бранови – озлогласените песји денови, canicule – водата стануваше соленикава и ги труеше селаните. За тоа ги обвинуваа и измачуваа скитниците, можеби остаток од традицијата на ритуално жртвување. Трошните куќи во висовите – шибани од силните ветришта, мистралот и трамонтаната – со задните страни без прозорци беа свртени кон ветрот за да можат да издржат со векови. Тие не беа мнoгу различни од борите, примитивни, камени колиби што сточарите ги граделе на голите висорамнини или во дабовите шуми. Селаните веќе беа научиле како да прават едноставни окна во каменот, кои зиме може да бидат покриени со волчо или со крзно од лисица, а понекогаш и со оптегнат свински меур.

На малите плацови врз кои биле градени средновековните куќи, земјиштето било нестабилно. Ѕидовите, дебели неколку метри, биле подигани набрзина и потпирани еден со друг. Градбите се извишувале низ вековите, но не поради технолошките напредоци. Тоа објаснува зошто, од доцниот осумнаесетти век наваму, многу куќи едноставно се урнале. Урнатините се претвориле во живописни купишта камења, обраснати со дива лоза што во октомври станувала крвавоцрвена. Преживеаните куќи со векови се потпирале врз своите прави, тешки предни делови како сивобради старци врз своите бастуни. Низ вековите издржале со импровизирани поправки. Изронетиот малтер од глина и песок бил заменет со цемент; старите дабови косници и изделкани контрафори биле зајакнати со бетон; а куќите сега ги држат заедно челични шипки провнати директно низ ѕидовите, цврсто зашрафени в место и затегнати со вешт систем од метални клешти што понекогаш наликуваат на оние од скорпиите.

 

*

 

Лесно е да се сфати зошто двајцата љубовници дошле овде. Селото и претходно било безбедно засолниште за намерниците и за бегалците: Евреите во единаесеттиот век, хугенотите во седумнаесеттиот. Местата познати по толеранцијата стануваат добропознати меѓу талкачите. До осумнаесеттиот век, кога селото во аналите се споменува како Монили, во него живееле речиси илјада жители напикани во неговите тесни улички. На надморска височина од седумстотини метри, селото било мрачно и меланхолично во текот на суровите зими, но свежо во долгите, жешки лета. Во суводолиците гниела нечистотијата, а таа носела стаорци, кои носеле болви, а тие носеле чума. Првите случаи на бубонска чума во регионот биле забележани во четиринаесеттиот век. Четиристотини години подоцна, во текот на големата епидемија донесена преку Марсеј, биле подигнати ѕидови против чумата: строго чувани купишта дебел, кршен шкрилец. Бегалците биле претепувани до смрт ако се обиделе да се мушнат покрај стражарите. Ограбувачите на трупови постојано кружеле одземајќи им ја сета своина на умрените откако претходно ќе се истриеле себеси со мешавина од мајчина душичка, рузмарин, лаванда и жалфија. За другото се погрижило суеверието; мешавината наводно ги штитела од заразата. Еднаш слушнав една стара жена како ја нарекува оваа сега традиционална хербална мешавина les quatre bandits . Ѕидот против чумата е на само неколку километри оттука, обраснат со трева и со плевел.

Со векови овој карпест регион гордо им пркосел на централните власти во Париз, а населението таму станувало сè поразнолико. Шпанци, Мароканци, Италијанци и понекој морнар од Марсеј доаѓале и зачнувале деца со локалните убавици од сувите, напуштени висови. Сиромасите со насолзени очи седеле на пролетниот ветер меѓу дивите перуники, афионот и густоиспреплетената спелта. Нивните деца имале стапала со задебелена кожа и висок лак, жесток поглед во очите и рапава кожа. Понекогаш низ селото минувала банда пљачкосувачи, ќе им ги скршеле черепите на неколку сточари удирајќи ги од ѕидовите, ќе силувале неколку жени и, откако селото ќе се стаписало во шок, ќе земеле сè што сакаат. Потоа ќе исчезнеле преку сртовите, оставајќи празнина што се исполнувала со ветер, сонце, тишина, страв и молитва.

На овој начин, како некој древен скитник, селото беше одвеано во дваесет и првиот век. Речиси ништо не се сменило; во раните есенски утра овчарите сè уште ги водат своите топли стада низ главната улица. Тупотот од нивните мали копита и многуте нежни тонови од нивните растропани прапорци останале помалку или повеќе исти уште од времето кога Вергилиј ги напиша своите Буколики; животните оставаат зад себе траги од брбушки и парченца волна на асфалтот додека се туркаат напред, јагнињата диво потскокнуваат. Трпеливиот поштар чека во своето мало комбе, пушејќи цигара, додека стадото поминува низ селото. Во старата романска црква сè уште може да одите на неделна миса. Верниците пеат малку фалшиво, зачувано обележје на искрената религиозна верба.

Зиме, селото понекогаш е завеано со денови. Тогаш неговите жители живеат од залихите што ги складирале во своите визби и замрзнувачи. Во долгото, топло лето климата е сурова и неиздржлива; сушата ја исцрпува почвата, се бере лавандата, а мирисот на оган се шири преку висорамнината додека од растенијата се цеди скапоценото масло. Најубавиот период во годината е помеѓу овие две годишни времиња кога земјата повторно може да дише, а дивите пчели зујат меѓу ползавците. Едно време се зборуваше за изградба на железничка пруга директно низ древниот дервен, покрај кривулестото речно корито, за да биде полесно да се дојде во селото од рамнината долу. Овој план беше набрзо напуштен кога се покажа дека е невозможно и коњ да се поведе низ дервенот. Автомобилите први добија брз пристап до висовите во деведесеттите години на минатиот век по автопатот преку илјада метри високиот гребен Лес Абеј.

Деновите немаат часови. Можеш да го поминеш попладнето зјапајќи во снопот сончевина додека се лизга по грубиот под, бела светлина што чиниш трепери и се искачува по ѕидот пред да исчезне. Ништо не се случува – тоа е големиот настан од кој не можеш да го тргнеш погледот. Времето си брка своја работа.