Рецензија за „18 % сиво“ од Захари Карабашлиев

Може многу да се зборува за просторите во кои престојува, мали хотелски соби како одаи за душата. Одаи во кои, наместо да одмори и да го пронајде својот пат, таа уште толку разбеснува и разгорува со пламенот на минатото.

Компас во потрагата по себе

 

Романот „18% сиво“ од бугарскиот писател Захари Карабашлиев започнува со мотивот на отсуството, кој е особено застапен во книжевноста, а ќе се провлекува низ целото дело: Ја нема веќе девет дни. Главниот или еден од главните ликови, кој е носител на нарацијата, Зак, е обземен од отсуството на својата сакана, Стела. Книгата започнува со силна изразеност на отсуството и тагата што може да ја донесе напуштањето. Празнината што ја остава оној што заминува се вселува во лавиринтот на сеќавањето за да измачува и да гризе. Во тие моменти животот на Зак се дели на …пред и откако таа замина. Сè во оваа куќа е на своето место затоа што таа го оставила таму. Секој предмет тука ги има нејзините отпечатоци. А јас се обидувам да се навикнам на фактот дека ја нема. Веќе во следниот миг забележувам дека структурата на делото не ја содржи само наративната линија на сегашноста, тоа има уште две наративни линии: едната нè враќа во минатото преку спомените на Зак поврзани со средбата, запознавањето на Стела, а другата наративна линија се остварува преку флешбекови од моментите на фотографирање на Стела и нивните разговори, тие мигови на вечна хармонија замрзната само во фотографијата. Овие флешбекови се најкратки, но истовремено и најсилни. Ретроспекциите нè запознаваат со едно друго, минато време, времето на Бугарија, мигови на запознавање, љубов и среќа. Отсуството на женскиот лик прави Зак да го изгуби својот пат со/до себе. Потребата да посетува места во кои има живост, забави и музика е потреба да се задуши чувството дека е осамен и сам. Посетата на едно такво место ќе го вовлече во несреќа, една вреќа марихуана од која низ целата нарација ќе се обидува да се ослободи, патувајќи низ Америка.Тепачката што ќе се му се случи и нејзиниот тензичен карактер кореспондираат и со внатрешната состојба на ликот, која е измешана, збунувачка и болна. Од овој миг, ќе започне патописното доживување за ликот, или ако видиме подлабоко, неговото патување и лутање низ Америка со цел да ја продаде дрогата е самообид да го најде патот до себе, да се спаси од спомените (дрогата) затоа што спомените се како дрогата, а Зак е зависен од нив и како товар ги носи во багажот на својот грб. Колку треба да е силна јачината на емоциите за еден лик како Зак да успее толку детално да се навраќа и во минатото и да биде присутен во сегашноста и да копнее за иднината во која: Стела, Стела, Стела, ако се појавиш на врата сега, ветувам: ќе го фрлам ѓубрето без да ме потсетуваш, ќе се научам да не ги трескам вратите, ќе ти го масирам грбот и кога не си настината, ќе ти купувам цвеќиња, ливади со цвеќиња, ќе ги тресам чаршафите во недела…, списоков нема крај, како што копнежот на Зак отсутното да се стане присутно притиска низ страниците на овој роман. Стела ја доживеал како божица на почетокот на нивната врска: Последното нешто што го гледам пред да заспијам е нејзината силуета, а зад неа бледосинкава заднина. Набабрени брадавици, светкање на запалка, цигара. Зошто оваа убава девојка е со мене? Не се плашиш ли од височината? Од друга страна, полнозначното име на Стела, со значење – ѕвезда, ни на момент не ме натера да помислам дека местото на ѕвездите е на небото и дека имагинарниот лик на Стела околу кој е вплеткано целото дејство на крајот од романот е мртов. Значи, мотивот на отсуствотошто се провлекува низ целиот роман, многу умешно и без да насети читателот, на крајот прераснува во мотивот на мртвата сакана, кој, ако добро се сеќавам, особено е застапен во делата на романтизмот.Отсуството на Стела не го доживував во романот како смрт, туку како напуштање. Сликата на минатото е една хармонична слика што полека започнала да се руши од хаосот што надоаѓал. Имено, Стела во Америка во последните денови од нејзиниот живот сликала пожари и катастрофи, веројатно предвидувајќи ја својата, најголемата катастрофа – смртта. Во минатото и во сите флешбекови е скриена симболиката и значењето на 18% сиво. Имено, 18% сиво е точка на тргнување во фотографијата што постои на секој светлометар. Животот според црно-белата фотографија е 18% сив. 18% сиво е хармонијата на фотографијата, а оттука и онаа на животот. Таа не е перфектна, како и животот на Зак и Стела, но е смиреност и љубов, емоција и живост. Тоа е балансот на животот, она што нè прави среќни. Тоа е Стела за Зак:

„– 18% сиво?

– термин. 18% сиво

– а за што служи 18% сиво?

– Со него го местам светломерот. Еве, го насочувам кон сивата карта – такаи светломерот веќе „ќе знае“ дека тоа сиво е 18% сиво. Оттука, па натаму, пресметуваш што е потемно од тоа сиво и што е посветло. Гледаш ли… на секој светломер… без оглед на тоа колку е прецизен, му треба точка на тргнување.

– Бојата на оваа хартија е точката на тргнување на секој светлометар

– 18% сиво“

Тоа е компасот што ќе го врти Зак на сите страни со цел да го најде патот до себе кога тој знае само да патува кон Стела и она што било со неа, кон минатото: Тоа е тоа. До овде стигнува Западот. Еве ме и мене, на самиот негов крај. Еве ме, на самиот раб на западната цивилизација, чиј залез го преспав денеска. А одовде натаму што има? Исток?Низ Мексико, па сѐ до Њујорк, се чини дека патува за да успее да ја исполни својата цел – да ја продаде марихуаната. Но, ако разгледаме подлабоко, ова патување низ градовите, кое ќе кулминира во Њујорк, е само едно трагање по себе, како Зак да патува во својата свест. Марихуаната е метафора за целата тежина и она опасното што го носи и од кое е зависен – спомените за Стела. Неговото постоење може лесно да се подели на живот со Стела и живот или изгубеноста без неа. Впрочем, и двајцата се поврзани преку љубовта и преку уметноста. Платната на Стела версус фотографиите на Зак. Платната на Стела го предвидуваат животот, односно смртта: Како да ги предвиде пожарите. Како да ги виде. Како да ги предизвика… Стела не објаснуваше ништо и не бараше ништо. Црташе. Молчеше., а фотографиите на Зак го заробуваат животот во неговата хармонија на 18% сиво. Во животот со неа тој ја слика неа, во животот на изгубеност и потрага по себе тој повторно слика, но го слика животот во неговото најтемно светло, ужасот, сиромаштијата и лудоста на луѓето што живеат во сиромашните предели на Америка. Фотографирањето му е единствен сопатник во потрагата по себе во која компасот на 18% сиво го врти напред-назад.Но ова дело не е дело само за љубовта, смртта и тагата. Тоа зборува и за оддалечувањето на двајца што се сакаатзатоа што Стела се поамериканчува, а Зак не: Ја гледав високата пченка подготвена за жетва и мислев дали и ние ги имаме своите годишни времиња. Има ли љубовта годишни времиња? Но, и покрај тоа оддалечување, љубовта е силна, особено онаа на Зак: Всушност мислам дека Стела започнала да ме напушта многу долго пред да си отиде минатата седмица. Ги забележав тие сенки на отсуство – најпрво во нејзиниот поглед… Изгубеноста на Зак ја гледаме во неговите исповедни зборови: Јас сум гол, легнат на грб, сам, тука сега. Тоа е тоа. Ништо освен мене. Ја немам Стела. Немам мајка, сестра, татко, пријатели, племе, домашни миленичиња. Гол, немам ништо освен себе. Туѓа држава, туѓ хотел, туѓа вреќа со марихуана. Сам, оголен до кожа, до крв, до срцевина, до коската… до бесмисленост.Филозофијата за обратното време за која зборува Зак не е ништо ами желба да може да се врати назад во времето со Стела: Што ако си ги живееме животите одназад нанапред?… Што ако не ги живееме своите вистински животи, туку некои нивни одрази во кои, едноставно сè е со главата надолу?… Според принципот на обратното време, сè веќе се има случено.Фотографските флешовишто се расфрлани низ нарацијата и нивните кратки разговори се збогатени со филозофски прашања и длабоки дискусии, дури и искажување на сопствени ставови:

„– се плашиш ли понекогаш дека ова ќе остане тука меѓу нас? Сите овие зборови, мисли, молчења… сето тоа ќе остане несподелено….

– затоа ли ме фотографираш?

– можеби

– не се плашам“

Зак патува и затоа што без Стела тој не може да го доживее домот како дом, затоа што жената е таа што ја создава топлината на домот. Башлар во „Поетика на просторот“ ќе напише: Во интимната рамнотежа на ѕидовите и на мебелот, може да се рече дека стануваме свесни за куќа што ја изградиле жени. Мажите умеат да градат куќа само однадвор. „18% сиво“ како компас во потрагата по себе го дефинира и самиот лик на Зак: Кога возам на запад, имам големи фантазии, патувањето на исток ми враќа некои спомени, на север мислам на работа, а на југ – на лудории. Потребата да се избега од себе и од спомените го наведува ликот да пие, со цел да заборави, но дали се забораваат тие мигови на хармонија, тие 18% сиво? Може многу да се зборува за просторите во кои престојува, мали хотелски соби како одаи за душата. Одаи во кои, наместо да одмори и да го пронајде својот пат, таа уште толку разбеснува и разгорува со пламенот на минатото. Заминувањето на Стела е како влажен бакнеж, како темно претчувство, како да знаела дека животот ѝ го дава последното зајдисонце со кое и таа ќе замине: Таа нежно ми го допре лицето и ми ги бакна усните. Ме бакна така како што никогаш порано не ме бакнала. Потоа пак. И пак. Ме бакнуваше влажно и топло, ме бакнуваше долго и длабоко, ме бакнуваше како еден од нас да умира .За крај, кога пристигнува кај својот пријател Дани, Зак сфаќа дека во големите пожари им изгорела куќата. А, што е куќата ако не место каде што живеат последните физички спомени за Стела. Оттогаш па наваму на Зак му остануваат само оние ментални спомени, кои живеат во него и тој нив се труди да ги зачува потонувајќи длабоко во себе. Зак е лик што тоне во тага, живее во минатото затоа што реалноста е преболна за него. Најважниот мотив за начинот на кој се однесува ликот во текот на целата нарација е мотивот на мртвата сакана, кој особено беше доминантен во романтизмот, а сега, во постмодернатадоби некои нови димензии. Мотившто ние како читатели ќе го откриеме многу доцна затоа што барем јас постојано мислев на физичко напуштање, а не на смрт. Иако накрајот гласот на Дани е позитивната нишка за која има можност да се фати ликот и да се извлече, тој решава да остане и да ги гледа снимките на кои е заедно со Стела. Снимките во кои ја оживува и се поистоветува, во возот, на некое нивно патување. А што е возот ако не утопос, простор без простор. Тој упатува на изгубеноста на ликот од тага, упатува на желбата да биде со Стела затоа што од двата правцашто му се нудат, излез или влез во себе, тој одбира да влезе во себе затоа што таму живеат спомените за Стела. Романот е налик на оние со незавршени краеви, кога останува да претпоставиме што се случило со ликот или да се запрашаме дали Зак се самоубива седнувајќи во возот, дали се спасува, дали можеби полудува од тага зашто секое излегување од спомените е смрт за него? Ни останува нам да решиме… „18% сиво“ е компасот што го води нашиот лик на сите страни од себе, за да му помогне или да му одмогне во потрагата по себе. Накрајот како да вреска една мисла на Зак: Требаше да се сликаме заедно пред да заминеш!… Зак постојано ја слика сама, нивната заедничка слика постои само во него, таа слика се спомените, замрзнати како фотографии, и морам за крај да го цитирам Конески: Целиот живот ми се спомените… И на Зак целиот живот му се спомените… Па, така и „18% сиво“ е роман за спомените, заробени во фотографската меморија на вечноста!

 

Тагови од објавата
Напишано од
More from Елена Ѓорѓиовска
Кон „Рута Таненбаум“ од Миљенко Јерговиќ
Кога се зборува за Рута не може, а да не се зборува...
Повеќе
0 replies on “Рецензија за „18 % сиво“ од Захари Карабашлиев”