Црвено и зелено

Црвено и зелено

 

 

Долж реката се простираше зелена површина со дрва и патеки за пешаци и велосипеди и по некои клупи за седење расфрлани покрај патеките. Сем го остави велосипедот до една клупа, ја избриша водата со раката која што, пак, ја избриша од фармерките и седна на неа, а ранецот го стави веднаш до него. Извади од него виски, пиво и цигари. Седеше со поглед кон реката и зградите од нејзината друга страна. Зад него се издигнуваше висок ѕид кој го штитеше градот во случај на поплави за време на тајфуни. Стави слушалки на ушите и пушти музика. Почна малку да мрда со главата во ритамот на музиката и полека пиеше од пивото. Беше околу полноќ. Издигнатите светилки покрај патеките ја осветлуваа целата површина меѓу реката и ѕидот. Немаше никој. Од време на време ќе поминеше некој ноќен велосипедист.

Извади една цигара од кутијата и со раката брзо посегна по запалката во џебот, но кога ја стави внатре наеднаш застана. Полека ја извади раката и покрај запалката ја извади и амајлијата. Ја запали цигарата и продолжи да гледа во неа. Одеднаш му се појавија сеќавања од убавите моменти со Дорис и од нивните планови за иднината. А исто така, се сети и на кавгата што ја имаа тој ден. Додека гледаше така замислено во амајлијата, црвената и зелената боја почнаа некако да се прелеваат една во друга. Му изгледаше како едната боја да навлегува во другата истиснувајќи ја на местото кај што била претходната.

Ги истри очите со прстите и ја крена главата. Во далечината од неговата лева страна забележа човечка силуета која се движеше во негов правец. Не одеше многу брзо. Изгледаше како некој што излегол да се прошета. Како што наближуваше, Сем забележа, по начинот на одењето и телесната градба дека беше странец. Тоа малку го изненади и го заинтересира да види дали е некој што го знае. Пушеше и голташе од алкохолот без да го сврти погледот. Кога беше поблиску, му се виде како да го познава човекот. Како што се приближуваше, стануваше сè посигурен во тоа. Ги спушти слушалките од ушите. Му изгледаше како да оди токму накај него. Кога човекот беше на околу десет метри од клупата, Сем почувствува дека тој го гледа право во очите и дека всушност навистина оди кон него. Човекот ги успори чекорите, а Сем зина со устата и зачудено гледаше во пешакот и веќе беше сигурен дека го знае. Наеднаш, на свое запрепастување се виде себе си во него. Како да му беше брат близнак. Застана на неколку чекори од клупата. Носеше темно виолетова кошула со долги ракави, тесни темни панталони и патики.

– Може да седнам? – праша двојникот.

Сем наеднаш скокна од клупата и направи два чекора наназад без да го тргне погледот од него.

– Кој си бе ти? – праша грубо. – Зошто личиш на мене? Да не си ми некој брат за кого не сум знаел дека постои?

– Полека Сем, сè ќе ти објаснам, само да седнам прво.

Се доближи до клупата и седна на местото кај што седеше Сем. Ја прекрсти левата нога преку десната, извади цигари од џебот, ја подаде кутијата кон Сем и рече:

– Сакаш?

Сем стоеше со подотворена уста и не проговори ништо. Меѓу прстите сè уште гореше цигарата што ја запали претходно. Ја принесе кон усните и повлече дим.

– А! Гледам си имал – рече двојникот и си запали цигара.

Ја стави кутијата цигари во џеб, погледна кон ранецот, вискито и пивото на клупата. Се поднасмевна.

– Слушај – рече – всушност нема што многу да ти објаснувам. Јас сум ти, дојден од иднината. Дојден сум од три години после денес. И сакам да ти кажам дека три години од сега јас имам, односно, ти ќе имаш пицерија.

– Навистина?!

– Да.

– А бе ти дојде овде да ме зафркаваш. Ај оди си да не те гледам тука.

– Не, дојдов да ти кажам дека претеруваш малку. Не ме гледај така, туку види се самиот. Се шеташ низ градот со искинати алишта. Си се видел ли на што личиш. Веќе не се ни бањаш редовно. А и Дорис ќе те откачи уште малце.

Сем од иднината повлече еден дим од цигарата и гласно го испушти во воздухот.

Сем од сегашноста погледна во правецот од кај што дојде Сем од иднината и саркастично рече:

– Немој да ми кажеш дека си направил, односно, јас ќе направам и временска машина.

– А не, не ти треба тоа. Потребна ти е само магична моќ.

– Што!? – гласно извика Сем од сегашноста.

Сем од иднината од џебот на кошулата извади црвено-зелена амајлија, ја крена во висина на главата за Сем од сегашноста јасно да ја види и ја врати во џебот. Тој, пак, ги ококори очите и погледна во амајлијата во неговата рака.

– Дојдов тука да ти кажам дека ако сакаш да имаш пицерија ќе треба малку да се потрудиш.

– А ако не сакам?

Сем од иднината наеднаш стана и извика:

– Не може да не сакаш!

Сем од сегашноста се повлече малку назад.

Сем од иднината зачекори во правец на реката и застана. Гледајќи накај неа, продолжи:

– Види Сем, тоа било твоја идеја отсекогаш, твоја визија за иднината.

Сем од сегашноста се приближи до клупата, ја стави амајлијата во џеб, го зеде шишенцето виски, се напи една голема голтка и застана со него во раката гледајќи го сега Сем од иднината во грб.

– Ти многу добро знаеш дека таа идеја те одржуваше во живот сиве овие години. Дури и една од причините зошто сакаше да го научиш добро кинескиот беше за да можеш полесно да комуницираш со локалните муштерии. И сега сакаш да се откажеш од тоа толку лесно? Со помош на виски и пиво?

Сем од сегашноста погледна во шишенцето во раката. Го стави на клупата, запали нова цигара и рече:

– Не знам дали ме бива веќе?

Сем од иднината се сврте и од задниот џеб на панталоните извади здиплен лист хартија и продолжи:

– Затоа сум јас тука за да ти кажам нешто. Тајванската влада сега доделува некакви грантови на странски државјани кои сакаат да отворат мали бизниси. Еве овде – го подигна листот – подготвив некои податоци за тебе, што треба да направиш, кои документи ти требаат, каде треба да отидеш. Земи го листов, направи сè што пишува тука и оди да аплицираш.

Му го подаде листот. Сем од сегашноста стоеше неподвижен неколку секунди и потоа полека ја крена раката и го зеде листот.

– А сега морам да одам, да се вратам во пицеријата – рече Сем од иднината ставајќи ја левата рака врз десното рамо на Сем од сегашноста и додаде:

– Ајде, ќе биде.

Тргна да си оди и по два три чекори наеднаш застана, се сврте назад и рече:

– А да, среќен роденден! – и продолжи да оди во правецот од кај што дојде.

Сем збунет, седна на клупата, ја извади амајлијата и нејзините бои повторно почнаа да се прелеваат една во друга. Погледна во правецот на кај двојникот, но немаше никој. Го врати погледот кон амајлијата. Боите беа мирни.

На следната наша средба во паркот Сем ни раскажа што му се случило покрај реката. Ние почнавме да коментираме:

– Да не си заспал па си сонувал?

– Да не си се начукал толку многу што си почнал да халуцинираш?

– Би сакал да се појави јас од иднината да ми каже и мене што да правам.

И така се смеевме, но Сем само седеше со блага насмевка, гледаше во далечината и не нè слушаше веќе.

 

* * *

 

Три години потоа.

Излегов со својата сопруга да се најдеме со другите момци и нивните сопруги и девојки. Се чекавме пред излезот од метро станицата. Кога дојдоа сите, тргнавме долж главната улица и после стотина метри свртевме во мала уличка. Потоа свртевме во друга уличка и веднаш се виде натписот ”Пицата на Сем”. Под него имаше влезна врата, до неа имаше голем цилиндричен пепелник, а до него стоеше Сем и пушеше. Носеше темно виолетова кошула со долги ракави, тесни темни панталони и патики. Кога нè виде, се насмеа, вовлече уште еден голем дим и ја фрли цигарата во пепелникот. Ја отвори вратата, мавна со раката во знак да влеземе и рече:

– Фала што дојдовте момци и девојки!

– Среќен роденден, Сем! – се чуја неколку наши извици.

Ја држеше вратата отворена додека не влезе и последниот. Не беше многу голема просторија. Од левата страна беше шанкот, а зад него кујната. Просторот за гости се протегаше десно од влезот. Имаше неколку маси со неколку гости. Од зад шанкот се појави Дорис облечена во широки фармерки со прерамки кои беа заоблени во пределот на стомакот.

– Повелете – рече таа и ги рашири рацете да ни даде прегратки.

Потоа покажа кон две три споени маси:

– Можете да седнете овде.

Откако седнавме и бевме послужени со пијалаци, ни се придружија Сем и Дорис.

– Колку години полниш, дваесет и пет? – праша некој на шега.

– Не, дваесет и една – се насмеа Сем, а и ние со него.

И така седевме и јадевме пица и пиевме пиво или сокови, а Сем од време на време одеше зад шанкот или во кујната па се враќаше кај нас. Ние веќе нарачавме и втора тура, додека Сем сè уште лигавеше едно пиво. Повторно стана и отиде зад шанкот. Јас седев со погледот насочен кон него. Го гледав како проверуваше нешто на компјутерот, па запишуваше нешто, па после отвори една фиока и наеднаш се здрви. Полека извади некое мало предметче од неа и го гледаше неподвижен. Ликот му се промени. Стана крајно сериозен и ги спушти веѓите. По некое време гледање во предметот, го стави во џебот од кошулата. Продолжи да буричка во фиоката и извади здиплен лист хартија. Го оддипли, ја разгледа содржината на него, повторно го здипли и го стави во задниот џеб. Без да погледне накај нас, отиде кон вратата и излезе.

 

(крај)