Рецензија за „Тромбот“ од Оливера Николова

ТРОМБОТ КАКО МОЖНА ЗАКАНА ЗА СИТЕ

(за „Тромбот“ од Оливера Николова во време на пандемија)

 

Долго време се канев да напишам некој збор за „Тромбот“ на Оливера Николова. Тој излезе пред скоро дваесет и пет (25), но првпат го прочитав пред десеттина (10) години. И оттогаш некако никако не доаѓаше вистинското време. Дали требаше да се случи пандемијата во 2020 и ете да ми се појави тоа време – времето за повторното исчитување на овој исклучителен роман, времето за приказната на/за Огнен Герасимовски. Она што ме насочи кон него е целокупната ситуација која се одрази на светскиот, а за мене и за сите нас, особено на европскиот фудбал. Пандемијата ги стави под карантин најголемите места на забава, адреналин, еуфорија, места на неизмерна радост, на прегратки, на скандирања, на пеења и навивања, кога твојот клуб дава гол, кога победува, кога ги освојува трите бода, кога го освојува шампионатот, кога го гледаш својот идол, но и места на тага, на јад, па и на солзи, кога твојот клуб губи, кога испаѓа од првата лига, кога гледаш како судии му ја режираат иднината додека играчите гинат на теренот, кога твојот идол се повредува.

Дали навистина требаше да се случи пандемијата во 2020 и да не можам да ги следам во живо мојот ФК Вардар, во кој татко ми Сократ Мојсов го помина сиот работен стаж и како играч и како тренер на младинските категории? Но и да не можам да ги следам и италијанскиот Милан и францускиот Рен, повторно на татко ми во кој играше две сезони (клубови што ги има истите клубски бои како и Вардар – црвено-црно), како и шпанската Барселона (која ја сакам заради неверојатниот Меси) на спортските телевизиски канали? Дали затоа што замре спортот, дали затоа што почна да ми недостасува фудбалот, дали затоа ѝ се нафрлив на книгата? Можеби токму тука се роди идејата фудбалот уште еднаш да го доживеам, но овој пат преку романот „Тромбот“ на Оливера Николова.

Самата авторка на почетокот ни признава дека вистинската инспирација ја имала во кариерите на големите Платини, Марадона, Пеле, Дејвид Бекам, Џаиќ, Пандев… Од сите овие само нашиот Пандев сè уште игра и тоа во италијанска Џенова и сè уште го носи и националниот дрес.

Исто така импресионира посветеноста на авторката Николова, зашто пишува за тема која воопшто не ѝ е блиска (не знам ни дали сака да гледа фудбалски натпревари и дали во детали вистински ги познава и фудбалската игра и фудбалските правила на игра). И ако ги познава, сигурно не ги познава како што јас ги познавам, јас која сум растена со татко-фудбалер и која редовно коментира за фудбалот со своите другари и пријатели, која ги познава сите трансфери и закачки во и околу фудбалот. Ама таа раскажува беспрекорно и исклучително самоуверено. Секако, до таа своја самоувереност доаѓа благодарејќи на долгите разговори што ги водела, како што и самата пишува, со доктор Иван Дејанов, специјалист за трансфузиологија, како и со спортскиот радио коментатор со препознатлив глас и стил Ивко Панговски и со познатиот фудбалер на ФК Вардар Васко Кокиновски-Макара. Иако самиот роман акцентот го става на спортските махинации, тие само се вклопуваат во општата општествена раслоеност што доаѓа особено до израз по распаѓањето на СФРЈ. Оливера Ќорвезироска ова дело на Оливера Николова ќе го окарктеризира како роман-фреска. Дали оваа определба нè става во недоумица околу веродостојното и веројатното во оваа приказна?

Имено, она што нè остава докрај во една исклучителна возбуда е фактот дека ни помалку ни повеќе главниот лик е токму оној од насловот – ТРОМБОТ! Веродостојно е или веројатно е тромбот да добие примат на главен лик?

Така еден неантропоморфен лик започнува да владее со приказната. Сè зависи од него и од неговата страст за движење низ крвните садови и од неговата ненаситна потреба за растење и згрутчување и запушување на тие крвни садови. Од ТРОМБОТ, всушност, зависи и животот на големиот фудбалер Огнен Герасимовски. Оливера Николова паралелно ги води настаните во атлетското тело на Огнен и надвор од тоа тело на Огнен. Валканите игри се присутни и таму и ваму! Хронотоп е неверојатен – час сме низ вените и аортите, низ капиларите, час сме низ ходниците, тунелите на хотелските соби, на рестораните/кафеаните, канцелариите, соблекувалните,; час сме на „црвениот тепих“, час на зелениот терен; час внатре, час надвор… Но и таму и ваму, ТРОМБОТ е тој кој што го диктира темпото, го придвижува светот, му ја крои судбината и на Огнен кој носи семантички полно име. Зашто, едноставно само некој кој е огнен (страстен, но и избувлив, запалив), кој го носи името Огнен може да му пркоси на ТРОМБОТ! Или пак не?! Можеби токму ТРОМБОТ го одбира Огнен како рамноправен (или пак како вистински ранлив) за да поведе една немилосрдна борба до конеченото свое откачување и разлевање/запоседнување. Така физиолошката внатрешност постојано ѝ пркоси на општествената надворешност. ТРОМБОТ се кара со Огнен.

Ова е роман кој сериозно ќе ви ја зоврие крвта. Зашто низ тие 186 последни минути од животот на Огнен се случува вистинско одбројување… Часовникот ги одбројува последните 186 минути живот! Но и ТРОМБОТ ги истрчува своите 186 минути! И ги трча како маратон но со темпо на 200 метри со пречки. Така што романот „Тромбот“ на Оливера Николова нè опоменува сите нас: сите ние кои треба конечно малку од малку да го успориме темпото на живеење. Зашто со смртта на Огнен не умира само тој, не се распаѓа само неговиот крвоток, туку се распаѓа и крвотокот на неговиот претходен и сегашен фудбалски клуб, и крвотокот на неговото семејство, и на неговото општество.

А зарем требаше да се случи пандемијата за да го успориме темпото на живеење? Зарем требаше пандемијата да ни тропне на врата? Требаше ли дури во оваа 2020 да седнам и да го препрочитам овој роман? Зарем овој вирус што владее со нас и околу нас не е како оној, ТРОМБОТ на Николова, ТРОМБОТ што се откачува во Огнен Герасимовски како тажна приказна? Така што она што пред нешто помалку од 25 години ни го подари Оливера Николова како (и)сторија, како возбуда, колку што е дел од најважната споредна работа, толку е и дел од медицината. „Тромбот“ читан од денешен аспект прераснува, како што и Оливера Ќорвезироска напиша тогаш во времето на неговото излегување, во еден „симбол на една можна закана за сите нас“, во исклучителна „литерарна верзија на еден општ, загаден крвоток на неминовноста“. Ни останува само да го (пре)прочитаме. Можеби и му доаѓа вистинското време!