ПЕПЕЛНИК ВО ЕДЕН ХОТЕЛ ВО СКОПЈЕ – Славој Жижек

Уште Фројд знаел за врската помеѓу нарцизмот и претопувањето во толпа, која најдобро ја прикажува токму калифорниската фраза „да се сподели искуство“. Ова совпаѓање на спротивставени особености се темели на исклучувањето дека споделуваат: човек не само што може да биде, човек е сам во толпа.

Во еден хотел во Скопје каде што престојував неодамна, мојата придружничка праша дали пушењето в соба е дозволено, а одговорот што го доби од рецепционерот беше исклучителен: „Се разбира дека не е, забрането е со закон. Ама имате пепелници во собата, па не е проблем“. Ова не беше крајот на изненадувањата: кога влеговме во собата, на масата навистина имаше стаклен пепелник, а на дното имаше едно сликиче, цигара
врз која имаше голем круг со дијагонална линија преку него што означуваше забрана…
Значи, ова не беше вообичаената тактика што се среќава во толерантни хотели каде што дискретно ви шепнуваат дека, иако официјално е забрането, може внимателно да пушите, стоејќи покрај отворен прозорец или така нешто. Контрадикцијата (помеѓу забраната и дозволата) отворено се претпоставуваше и со тоа се поништуваше, се сметаше за непостојна, т.е. пораката беше: „Забрането е, ама еве како се прави“.
Можеби оваа случка ја дава најдобрата метафора за идеолошката ситуација денес. Сетете се на дебатите за измачувањето – не беше ли ставот на властите на САД нешто како: „Измачувањето е забрането, ама еве како се прави симулирано давење“? Сите пет есеи собрани овде се варијации на овој парадокс.

I ЗА ЉУБОВНОТО ПРОСВЕТЛЕНИЕ
НА ВОЗРАСНИТЕ
Кога една извесна дисциплина е во криза, има обиди да се променат или да се надополнат нејзините тези ВО основната рамка – постапка што може да се нарече „птоломеизација“ (кога протекле информации што се судриле со земјоцентричната астрономија на Птоломеј, неговите следбеници внеле дополнителни усложнувања за да ги образложат новите информации); потоа се случува вистинската „коперниковска“
револуција, која, наместо само да додаде дополнителни усложнувања и да промени ситни премиси, ја променува самата основна рамка. Значи, кога си имаме работа со самопризната „научна револуција“, секогаш треба да се постави прашањето: дали ова навистина е коперниковска револуција или само птоломеизација на старата парадигма? Два примера за птоломеизација: има добри причини да се тврди дека „теоријата на струните“, која се прави дека ги дава темелите на теоријата на обединувањето (комбинирајќи ги теоријата на релативност и квантната физика по пат на образложување на сите четири елементарни сили во една единствена теоретска рамка), сепак е обид за птоломеизација и дека сѐ уште чекаме нов почеток што ќе бара уште порадикална промена на основната претпоставка (нешто како напуштање на времето или просторот како основни конституенти на стварноста). И во општествената теорија има добри причини да се тврди дека сите предлози за „нова парадигма“ за тоа што се случува денес (мноштвото „пост-“ теории: влегуваме во постиндустриско општество, постмодерно општество, општество на ризикот, општество на информацијата…) остануваат само птоломеизации на „старата парадигма“ на класичните социолошки модели.
Прашањето е: како стојат работите со психоанализата? Иако Фројд своето откритие го претставил како коперниковска револуција, фундаменталната премиса на когнитивните науки е дека психонализата останува „птоломеизација“ на класичната психологија, која не успева баш да ги напушти нејзините најосновни премиси. (А, патем, посткласичните економисти го тврдат истото тоа за Маркс: неговата критика на Смит и Рикардо е нивна птоломеизација). Тоа што ќе се обидам да го покажам, преку кратко истражување на темата на сексуалното образование, е тоа дека психоанализата всушност Е коперниковска. Кога се зборува за сексуалното образование во Обединетото Кралство, првата асоцијација е, се разбира, епизодата од Значењето на животот на Монти Пајтон, во која наставникот ги испрашува учениците како се возбудува вагина. Фатени во незнаење, засрамените ученици му го одбегнуваат погледот и пропелтечуваат полуартикулирани одговори, додека наставникот строго ги прекорува за тоа што не ја вежбале материјата дома. Со помош на жена му, тој веднаш потоа демонстрира пенетрација на пенисот во вагината; еден од учениците, кому му е здодевно од предметот, кришум фрла поглед низ прозорец, а наставникот саркастично го прашува: „Ќе бидеш ли толку љубезен да ни кажеш што има толку привлечно во дворот?“… Оваа сцена е толку необична бидејќи на бело видело го изложува начинот на кој суперего императивот го одржува сексуалното уживање: тоа не доаѓа спонтано, должност е. Каде среќаваме денес, во стварноста, поединци што им соодветствуваат на учениците во сцената од Монти Пајтон? На 6 август 2006 година, Лондон беше домаќин на првиот „мастурбатон“ во Обединетото Кралство, колективен настан во кој стотици мажи и жени се самозадоволуваа за хуманитарни цели, собирајќи пари за службите за сексуално и репродуктивно здравје. Тие исто така и ја подигнуваа свеста и ги отстрануваа срамот и табуата што опстојуваат околу оваа најопшта, најприродна и најбезбедна форма на сексуална активност. Формулата беше измислена во „Гуд вајбрејшнс“ – компанија за
сексуално здравје од Сан Франциско – како дел од Националниот месец на мастурбацијата, кој тие го основаа и го одржуваат уште од 1995 година, кога се одржа оригиналниот мастурбатон во Сан Франциско. Еве како д-р Керол Квин го оправдува сето ова:
„Живееме во општество во кое сексуалното изразување отсекогаш било законски регулирано и ограничувано и во кое потрагата по чисто задоволство често се осудува како себична и детинеста. Многумина што сметаат дека немаат сексуални фобии просто ја имаат пренапишано равенката ’сексот е добар само ако вклучува создавање потомство‘ во ’сексот е добар само ако вклучува двајца што се сакаат‘… Мастурбацијата е нашата прва сексуална активност, природен извор на задоволство што ни е достапен во текот на целиот живот и исклучителна форма на креативно самоизразување. Секогаш кога мастурбирате, ги славите својата сексуалност и вродената способност за задоволство, па удрете една рака!… Мастурбацијата може да биде радикален чин, а културата што ја потиснува мастурбацијата може да потиснува и многу други лични слободи“. Идеолошкиот став што лежи во основата на замислата за мастурбатонот го обележува еден конфликт помеѓу неговата форма и содржина: тој гради колектив од поединци што се подготвени да го споделат солипсистичкиот егоизам на своето глупаво задоволство со другите. Оваа контрадикција, меѓутоа, повеќе е привидна отколку стварна. Уште Фројд знаел за врската помеѓу нарцизмот и претопувањето во толпа, која најдобро ја прикажува токму калифорниската фраза „да се сподели искуство“. Ова совпаѓање на спротивставени особености се темели на исклучувањето дека споделуваат: човек не само што може да биде, човек е сам во толпа. И изолацијата на поединецот и претопувањето во толпа ја исклучуваат вистинската интерсубјективност, средбата со некој Друг. Поради ова, како што јасно образложи Ален Бадју, денес човек повеќе од кога било треба да настојува на фокус на љубовта, не на чистото уживање: љубовта, средбата на Двајцата, е тоа што го „трансупстантивизира“ идиотското мастурбаторско уживање во вистинска случка. Минимално префинетиот осет ни вели дека е потешко да се мастурбира пред некој друг отколку да се биде впуштен во сексуална интеракција со него: самиот факт дека другиот е сведен на набљудувач, дека не учествува во мојата активност, го прави мојот чин многу „посрамен“. Настаните како мастурбатонот го означуваат крајот на вистинскиот срам. Тоа е тоа што го прави еден од најјасните показатели за тоа каде стоиме денес, за една идеологија што ни го одржува најинтимното доживување на себеси. Оваа идеологија јасно се наѕира во листата на причини за мастурбирање што ја предлага Квин:
* Бидејќи сексуалното задоволство е основно право на секој човек;
* Бидејќи мастурбацијата е најбезбеден секс;
* Бидејќи мастурбацијата е радосен израз на љубов кон себе;
* Бидејќи мастурбацијата нуди многубројни придобивки по здравјето, вклучувајќи ублажување на менструалните болки, намалување на стресот, ослободување ендорфин, посилни карлични мускули, намалување на инфекција на простатата кај мажите и
отпорност на габични инфекции кај жените;
* Бидејќи мастурбацијата е одлична кардиоваскуларна вежба;
* Бидејќи секој си е свој најдобар љубовник;
* Бидејќи мастурбацијата ја зголемува сексуалната свест.
Сѐ е тука: зголемена самосвест, придобивки по здравјето, борба против општествената опресија, најрадикално Политички Коректниот став (овде е сигурно дека никој нема да биде малтретиран) и афирмацијата на сексуалното задоволство во својата најелементарна форма – „секој си е свој (sic) најдобар љубовник“. Употребата на изразот што обично се чува за хомосексуалците (мастурбацијата „ја аутира љубовта кон себе“) навестува еден вид имплицитна телеологија на постепеното исклучување на сите другости: прво, кај хомосексуалноста, другиот пол се исклучува (човек има секс со друга личност од истиот
пол). Потоа, во еден вид подбивнохегеловска негација на негацијата, се поништува самата димензија на другоста: човек има секс со себе.
Во декември 2006 година, властите на градот Њујорк изјавија дека правото човек да си го одбере родот – и така, ако е неопходно, да направи операција за промена на полот – е едно од неотуѓивите човекови права. Според тоа, крајната разлика, „трансценденталната“ разлика врз која се темели самиот идентитет на човекот се претвора во нешто отворено за манипулација: наместо неа, се наметнува крајната пластичност на да-се-биде-човек. Мастурбатонот е идеалната форма на сексуална активност на овој трансродов субјект, граѓанин на новата сајбердемократија во која милиони можат директно да комуницираат и да се самоорганизираат, одбегнувајќи ја централизираната државна контрола. Не е ни чудо што Лајбниц е една од филозофските
референции кои преовладуваат кај теоретичарите на сајберпросторот: не оди ли нашето потонување во сајберпросторот рака под рака со тоа што сме сведени на монадата на Лајбниц што го отсликува целиот универзум, иако „без прозорци“ што директно ќе се отворат кон надворешната стварност? Може да се рече дека типичниот сурфер на глобалната мрежа што денес седи сам пред екранот на компјутерот сѐ повеќе и повеќе е монада без директни прозорци кон стварноста, дека среќава само виртуелни симулакруми, сепак е потонат во глобална комуникациска мрежа повеќе од кога било. Мастурбатонот, кој гради колектив од поединци што се подготвени да го споделат солипсизмот на сопственото глупаво уживање, е форма на сексуалност што совршено им одговара на овие координати на сајберпросторот. ОВОЈ субјект е тој што е тотално необразован, кому очајно му треба сексуално образование.
Токму тука сме денес, во нашите хедонистички општества, во кои дозволата за уживање незабележливо се претвора во должност за уживање. Како таква, сцената од Значењето на животот е завршен момент на една низа што започнала одамна. Во класичниот роман на Лонго, Дафнид и Хлоја (од 2 век од н. е.), младите страсно се сакаат, сепак не знаат како да си ја консумираат желбата – болно откриваат дека тоа што лежат голи заедно просто не е доволно. Набљудувајќи ги животните што се парат, двајцата пробуваат да ги имитираат, но тоа не функционира и разочарано се откажуваат. Нивните обиди, меѓутоа, ги набљудува зрелата и софистицирана Ликанија, која веќе некое време се обидува да го заведе Дафнид. Кога ќе го начека Дафнид насамо, Ликанија му понудува да му држи часови; Дафнид нетрпеливо се сложува и, по подготовките, имаат секс. По долга низа понатамошни авантури, Дафнид и Хлоја се венчани, а нивната љубов е потполно консумирана во текот на една бессона ноќ… Поуката на Дафнид и Хлоја е точна: човековата сексуалност не доаѓа по природа, мора да се научи. Наивното прашање што треба да се постави овде е: што е, поточно, тоа што треба да го научиме од сексуалното образование? Дали е само телесната техника на изведување на чинот или нешто повеќе? Едно друго англиско класично дело може да биде од помош овде: Сѐ е добро штом добро ќе сврши на Шекспир.

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “ПЕПЕЛНИК ВО ЕДЕН ХОТЕЛ ВО СКОПЈЕ – Славој Жижек”