Крвав наслов / Сакам тостер / Орхидеја во карантин

„Здраво“, ми вели пивото, „Ќе ме испиеш?“ „Да.“ „Но јас сакам да си играме“, ми вели. „Сеедно“, му одговарам и го испивам на екс. Вадам ново пиво. Истата приказна. Доаѓа точката и ме прашува дали може и таа да добие едно. Секако. Доаѓа завесата: истото прашање. Да. Доаѓа листот хартија: сака ракија. Нема проблем.

КРВАВ НАСЛОВ

Напишав расказ, но зборовите ми се разбегаа в град. „Петок е, Лукаш“, ми велат и ми намигнуваат. Листот хартија ме гледа тажно, него никој не го дружи. „Листу“, му велам, „оти не излезеш да прошеташ малку низ маало? Да видиш деца, мајки, татковци, баби и дедовци, стрини и тетки, расни кучиња со ремчиња и улични со болви, мачки што бркаат молци, грабежи, силувања и убиства? Зошто седиш со мене како попарен, немаш ли живот?“ Листот молчи, гледа во една точка. Точката молчи, гледа во завесата. Завесата молчи и гледа во мене. „Сакате да играме некоја игра?“ – ги прашувам. Тие молчат. „Добро, што сакате да правиме?“ Тие молчат. Станувам, одам во кујна, го отворам ладилникот и вадам пиво. „Здраво“, ми вели пивото, „Ќе ме испиеш?“ „Да.“ „Но јас сакам да си играме“, ми вели. „Сеедно“, му одговарам и го испивам на екс. Вадам ново пиво. Истата приказна. Доаѓа точката и ме прашува дали може и таа да добие едно. Секако. Доаѓа завесата: истото прашање. Да. Доаѓа листот хартија: сака ракија. Нема проблем. Пиеме и молчиме. Одеднаш – чекори. Буквите се враќаат од град, целите во крв. „Што се случи?“ – ги прашувам. „Остај, се степавме со една банда интерпункциски знаци“, ми велат и прашуваат: „Има пиво?“ „Секако.“ Пиеме во тишина. Буквите седат со главите надолу и црвените капки од нивните носеви испишуваат крвав наслов.

 

САКАМ ТОСТЕР

Баба ми Иа тостерот го вика тост, а тостот – тостер. „Да ти направам еден тостер на тост?“, ме прашува и чека одговор. Малку се кикотам и ѝ велам да. По неколку минути го вкусувам „тостерот“ – одличен! „Сакаш уште еден?“ Секако! Кашкавалот се тегне како сонливо бебе, лепчето крцка со звук на замрзната роса, а јас уживам и му се лутам на времето оти овој миг кога-тогаш ќе заврши. Излегувам откај баба ми и се упатувам кон првата поголема продавница за бела техника.
– Добар ден, имате тост?
– Мислите – тостер?
– Не, тост. Машина за правење тостери.
– Извинете, но тоа се вика тостер.
– Тостер е прекрасен топол сендвич, како можете да не го знаете тоа?!
– Господине…
– Ве молам, сакам да зборувам вашиот менаџер.
– Во ред… почекајте малку…
До мене се приближува ситен човек, висок околу 160 сантиметри, тежок околу 45 килограми.
– Добар ден, што можам да направам за вас?
– Сакам да купам тост.
– Но, господине, ова е продавница за бела техника, сендвичарата е карши нас, таму ќе ви направат убав, голем тост. А сега извинете, имам итен состанок.
– Ме правите будала?! Сакам да купам тост, портокалов тост – Искра! Вие сте сопственикот на дуќанов?
– Не, само менаџер.
– Сакам да зборувам со сопственикот, веднаш!
– Госп…
– Доста со тоа господине! Веднаш, веднаш, веднаш! Донесете ми го сопственикот веднаш! Сакам тост, тост, тост!!! Престанете да ме мачите, продајте ми тост! Портокалов тост! Сега, ве молам, ве преколнувам!!!
Ми пријдоа неколкумина крупни мажи, ме зграпчија за крагна и ме исфрлија надвор од продавницата. Додека плачејќи врескав, околу мене се собраа десетина луѓе, меѓу кои и баба ми Иа.
– Ела со мене, остави ги овие…
Ми ги избриша солзите и ме праша:
– Сакаш тостер?

 

ОРХИДЕЈА ВО КАРАНТИН

На работната маса имам фломастери, хартии, ризли, тутун, филтерчиња, запалка, неколку книги и бувче што се клати на светлина од ламба. Би сакал да имам цвеќе, но, не влегува многу сончева светлина во моето ателјенце и ако ставам какво било растение, автоматски ќе го осудам на смрт. Пробав со пластични цвеќиња, пластични овошки и зеленчуци, но со тоа само направив пчелите да паднат во депресија. Сега давам пола од мојата плата на еден локален психијатар кој ми вети дека ќе ги излечи кутрите пчели. Би сакал да имам орхидеја. Црвена, бела, розова, сина… сеедно. Ќе си зборуваме за минатото, сегашноста и иднината, за децата кои врескаат низ улици за време на полициски час и за нивната фасцинација со разни шарени зомбиевци, за соседите кои од досада си ги уриваат, па повторно си ги градат куќите, за сокриените сообраќајни знаци во мојата населба, за политика, секс, за шпански и турски серии, за класична музика, за крајните рокови, за смртните казни, за паниката која ми тече низ уши и ми пее балади, за црвената и зелената боја,.. за сè што може да ни текне во едно сосем обично неделно приквечерие кога дури и птиците молчат слушајќи си ги брзите џивкања на своите срца.
На работната маса имам фломастери, хартии, ризли, тутун… и по едно ах, ох и ех кои треперат како одамна исчезнати ѕвезди во една одамна напуштена галаксија.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Владимир Лукаш
До Марта Маркоска
Писмо од промоцијата на „Се гледаме наскоро. Е.“, 14.6.2017, „Ла кања“.
Повеќе
0 replies on “Крвав наслов / Сакам тостер / Орхидеја во карантин”