Кон „Деца на злото“ од Миодраг Мајиќ

Трилер што не се остава од раце. За еден ден ја прочитав. Дефинитивно еден од најдобрите трилери што ги имам читано годинава, ако не и најдобар. Уште на самиот почеток книгата те влече на читање и навлегуваш толку многу во приказната што првите сто страници ги прочитав на едно седнување. Романот „Деца на злото“ е првенче на Миодраг Мајиќ, кој е судија во Апелациониот суд во Белград, специјализиран во областа на меѓународното кривично право.

Ова е книга што успешно комбинира три навидум некомпатибилни теми: кривична правда, окултизам и остра критика на општеството. Истовремено наликува на веќе познатите странски трилери, но сепак е оригинален на свој начин.

Ова е една важечка приказна за сите нас. За нас како група поединци и за секој поединец како посебен припадник на една такво општество. Роман каде што се прикажани заткулисните валкани игри на државниот систем во кој владее беззаконие, корупција, ускратување на правдата, и тоа по потреба, и претставува уште еден дополнителен доказ за тоа дека законот и правдата многу ретко одат рака под рака, ако не и никогаш.

Овој ракопис во суштина претставува еден вид практика за сето она што теоријата го премолчува. Начинот на кој се спроведува правдата. Лажниот сензационализам во медиумите. Спроведување постапки пред државните органи. Финансиски криминал. Покривање на случаите. Подметнување докази. И на крајот, нели, она за кое најгласно се молчи, е тоа дека во областа на правото поважно е да се спроведе законот отколку да се дојде до вистината, затоа што понекогаш постојат некои работи за кои подобро е никогаш да не се дознае.

Дали воопшто постојат децата на злото или не, е друга тема за дискусија. Мислам дека попрво постојат лоши родители, кои за среќа или за жал, ние не ги бираме. Но, освен лоши родители, можеме да попаднеме и во лошо друштво, лоша средина, лоши околности… односно, со еден збор, во лошо општество. Општеството ги раѓа децата на злото. Општеството е и мајка и татко на децата на злото.

Прашањето е дали може поединец успешно да се бори против уредувачкиот систем на едно општество? Дали сè уште постојат таканаречени херои во еден свет заглавен во криминал и корупција?

„Деца на злото“ е книга која нè учи дека во животот, поточно во практичниот дел од животот, не во теоретскиот, нема ништо црно и ништо бело. Сè е сиво и само сиво.

Книгата ја препорачувам со драго срце, со сигурност ќе ви се допадне. Изданието е на Антолог.