Кон „Во сенката на злосторот“ од Хелена Хеншен

Хелена Хеншен е шведска писателка која работела како илустраторка на книги за деца. Во својата 64-та година од животот таа започнува да документира еден немил настан од минатото на своето семејство и го пишува романот „Во сенката на злосторот“.

На 7 март 1932 година се случува трагедија во познатото шведско семејство Фон Сидов. Убиен е Јалмар фон Сидов, окружен судија и претседател на шведското Здружение на работодавците, и неговите две слугинки. Убиен е од страна на неговиот син Фредрик фон Сидов и снаата Софи, сопругата на Фредрик. За да подоцна, Фредрик ја убие Софи и се самоубие во моментот на апсењето.

Долги години убиствата биле главна тема на дискусија во шведската јавност. Мајката на Хелен Хеншен е помалата сестра на Фредрик, една од ќерките на убиениот Јалмар фон Сидов. Таа во тоа време имала само петнаесет годинии до последно молчела за она што се случило. Тие биле аристократија, нивните проблеми не се изнесувале јавно, тие биле пример за обичните луѓе. Дури и ден-денес тема на дискусија е што навистина се случило, и уште поважно, зошто???

Авторката на еден нејзин специфичен начин ги опишува ликовите на Јалмар, Фредрик и Софи. Преку секој од нив, преку нивната историја, нивниот карактер, таа се обидува да ги најде одговорите на прашањата кои мајка ѝ никогаш не ѝ ги дала. Она што не можела да го најде како информација, таа го дополнила со својата фантазија. Па така имаме една комбинација од новинарски факти и писателска имагинација која се обидува да открие каде лежи вината за грозоморното убиство.

Самиот концепт на романот, мене лично ме потсети на “Совршената дадилка“ од Лејла Слимани. Приказна базирана на вистински настан, уште на почетокот знаеме кој е убиецот, и тргнуваме од назад да откриеме што довело до грозоморниот чин. И сета сличност завршува тука. Првата половина на книгата ми беше малку напорна за читање бидејќи тука преовладуваат новинарски факти и имав чувство дека читам новинарски труд, а не роман. Но, како течеше приказната, почнав да се соживувам со ликовите и крајниот впечаток ми беше многу подобар.

Добра препорака за љубителите на историјата и приказните засновани на вистински настани.