За романот „Деца на злото“

Во современата српска книжевност, крими-мотивите се чести, но, во жанровска смисла, чистите крими-романи се голем исклучок.

За двете околности може да се пронајдат уверливи причини. Крими-мотиви има во романите на писатели од различни генерации и со различни поетики, па, според тоа, и со мошне различни погледи на книжевноста и на светот што книжевноста настојува да го опише. Најчестата слика на светот што владее во поновиот српски роман најмногу е заслужна за оживување на крими-мотивите во него. Романот, имено, мора да биде значаен дел од приказната за проживеаниот свет, а тој свет е препознатливото и доста конкретизирано секојдневје, или пак неодамнешната историја. За да се опишат двете времиња, и тековното и неодамнешното минато, крими-мотивите стануваат и моќно средство и силен предизвик за современите романсиери.

На другата страна, заокружени и жанровски изведени крими-романи нема најмногу од две причини. Традицијата на крими-романите во српската книжевност не е премногу богата, ниту е лесно препознатлива, обележана со изразени примери и со јасен континуитет. Оттука, во современата книжевност е забележливо преземањето модели на крими-романи од други европски книжевни традиции, повеќе отколку што може да се следат траги на влијание од непосредни домашни претходници. Втората причина е тоа што во современата српска книжевност, па така и во романот, постои експлицитен или имплицитен отпор кон чистите форми и жанрови, па оттаму и е очекувано отсуството на поголем број недвосмислени крими-романи.

Романот Деца на злото на Миодраг Мајиќ им одолеал на сите овие искушенија. Благодарение на тоа и на самосвесната одлука на писателот, добивме крими-роман во чист облик, споредлив со најдобрите примери од овој жанр, возбудлив по приказната што ја претставува, живописен по јунаците и по пресвртите со кои се соочуваме, впечатлив по времето, кое е блиско и со кое делиме многу заеднички искуства.

За да настане еден крими-роман, потребни се најмалку едно убиство, најмалку една истрага, но и многу нишки што тоа убиство и таа истрага ги поврзуваат со поширок општествен контекст, обликувајќи не само возможен туку и конкретизиран свет во кој читателот може да стапне со своето искуство и со умешноста за препознавање. Таа конкретизација, како што гледаме во романот Деца на злото на Миодраг Мајиќ, му овозможува на романескниот свет уверливост и веродостојност, додека на неговиот читател му овозможува истовремено да биде во два света – во светот на романот и во својот, премногу стварен свет – откривајќи ги како зацврстените сличности такаи моќта за книжевно претставување на реалните и можни искуства.

Додека го читаме романот Деца на злото на Миодраг Мајиќ, во него препознаваме, како и во сите добри крими-романи, зошто овој жанр го привлекува читателското внимание. Крими-романите ги изразуваат нашите потсвесни, длабоко индивидуализирани стравови, настанати во реални околности од модерниот живот. Но, ништо помалку од тоа, крими-романите ги изразуваат и многубројните социјални стравови што обликуваат ситуации и процеси какви што познаваме од општествената стварност. Единката стравува за својот живот и интегритет, општеството е ужасено од тековите на моќта, која не успева секогаш да ја држи под предвидената контрола.

Романот на Мајиќ почнува со едно драматично убиство. Бидејќи тоа убиство добива неколку димензии, од кои секоја сама по себе е доволна да привлече несекојдневно внимание во јавноста – впрочем, станува збор за убиство на јавна личност, бизнисмен, политичар и човек за кого се верува дека цврсто стои од двете страни на законот – таквата околност создава напнатост што веќе не го напушта романот Деца на злото.

Драматичното убиство, опишано на агресивен начин, во манирот на новиот брутализам, потоа се продолжува со истрагата, која, очекувано, со едниот крак води во правосудниот систем, во кој непрестајно се мешаат влијанијата на сеприсутната политика, сензационалистичките медиуми и вниманието на длабоко сензационализираната јавност, додека со другиот крак истовремено допира во таблоидните медиуми што ја обликуваат општествената и јавна свест.

Напоредно со убиството, одекот од убиството и истрагата, сцената на романот Деца на злото ја исполнуваат многубројни јунаци, секој на свој начин посебен и впечатлив. Полицајци и новинари, обвинители и судии, светот на подземјето и светот на јавноста, претставници на долгата рака на политиката и олицетворенија на социјалната приспособливост во сите пригоди и во сите околности. Ниту еден крими-роман, па така ни Деца на злото, не може без убави жени и без љубовни заплети, како што не може ни без пресврти што го усложнуваат и го забрзуваат дејството, или без постојано присутната свест дека сè е во врска со сè и дека во претставениот свет нема недолжни. Мајиќ, притоа, раскажува уверливо, реалистично обликувајќи жанр-сцени што постепено се склопуваат во заокружена и мотивски вкрстена приказна, многу често одржувајќи ја напнатоста и кога зборува за она што веќе се случило и кога го наведува читателот да се прашува што станало потоа.

Поаѓајќи од едно убиство што го потресува целото општество, Миодраг Мајиќ во романот Деца на злото сугестивно ги прикажал механизмите на тоа општество, во кое во замрсен однос се големата политика, големите пари и големиот криминал. Меѓу овие големи сили на модерната доба не постои толку напнатост колку што постои проникнување. Актерите ги менуваат своите улоги или истовремено ги играат сите улоги одеднаш, додека во јавноста се претставуваат во некој посакуван и политички коректен облик. Ако таквите се столбови на општеството, тогаш сликата на општеството не може да биде ни лесна ни пријатна.

Во таа точка, сама од себе, се укажува уште една важна димензија на романот Деца на злото на Миодраг Мајиќ. Овој крими-роман, подразбирајќи ги и споменатите индивидуални и социјални стравови, цело време претставува силен пример за општествена критика. Прикажаниот свет се однесува на нас, ние ги препознаваме неговите сили, неговите процеси се тука, некаде покрај нас.

 

Превод: Кристина Велевска