Зборување

Еден монах еднаш ми ја пренесе тајната на големите достигнувања: срцето врзано на едно место, устата затната како шише.

Зборување

Ако сум излезен не зборам многу, зашто не знам да зборам стандардно, ако се собере друштво, само си слушам, ако има за смеење се смеам, ако има за муртење се муртам, ако не па глас не пуштам. Главно од тоа што сум изгубил моќ да глаголам, пушам ептен многу, уште повеќе јадам луто и кисело.
Порано се имам трудено да научам стандардно, првин еднаш кога ми ставаа златен заб, после кога бев во врска, после кога станав малку познат па често ме канеа навака -натака. Ама таман ќе научам, ќе ми се здрви јазикот, како манекен по улица, чекор-збор, скиселена работа. Самиот се гадам од својот глас, уште повеќе се срамам да зборувам, а некој да ме слуша, затоа на крај ништо не бидна од учењето. После си мислам, и маршалот Мао не знаел да зборува стандардно, што има јас да зборувам. А мојот дијалект луѓе отстрана не го разбираат, често мора додека зборам и да пишувам за да ме разберат, и ќе се прекрати текот на муабетот, да продолжам па нема жар, се губи чуството, најарно ич да не зборам.
Пред години со еден пријател отидовме за Пекинг, тој знае стандардно, сите церемонии тој ги збореше, штета што пелтечи, збори ама бавно, сè а, а, е, е, ги малаксува луѓето, ко закана што одминала. За беља, еден ден на улица во Чанг`ан некој нè праша за патот, ама и тој пелтечеше, и пријателов ни да зборне, после го прашувам што бидна, вика:„Човекот исто пелтечи, ако му одговорам ќе си помисли дека го зафркавам, и го врзал јазикот.“ Ме просветли пријателов, оттогаш уште помалку зборам.
Едно лето, еден писател од Пекинг што се вика Мо Јан, што значи „без муабет“, одел во Шјинџјанг, кога ми пушти телеграма да го чекам на железничка во Шји`ан, а дотогаш го немав видено Мо Јан, па на една хартија напишав „без муабет“, и така со двата збора се мотам по железеничка, го чекам, цело утро збор не проговорив, народ ме загледува ама ништо не кажуваат. Дента Мо Јан заради нешто не стигна во Шји`ан, скоро попладне стана, се натокмив да прашам еден човек дали тој и тој воз стигнал на станицата, човекот прво ја сврте хартијата во моите раце, па вика: „Е сега можам да зборам со тебе. Не знам.“ Дури тогаш се свестив дека на хартијата стојат двата збора „без муабет“. Добри два збора, штета што некој веќе ги користи како псевдоним. Сега често носам една торба, едно школо за глувонеми ми ја подари. Секогаш гледам натписот да е видлив, кога ќе излезам раат сум си.
Не знам стандардно, пелтечам, па ниту се гледам со газди, ниту со жени, ниту со непознати, како што ми збоктиса од муабети, жива тутурутка станав. Ама пцујам, и тоа по селски, мислиш пролив. А всушност, тогаш ми е најмногу за никаде, се мразам до немајкаде, а од друга страна па си се бодрам, и во повеќе дела не пишувам роден сум во сиромашно планинско село, туку „роден во место како Кумровец“, место да пишувам дека не знам да зборувам стандарден, ќе напишам: „Абе стандардниот јазик е за стандардни луѓе!“
Еден монах еднаш ми ја пренесе тајната на големите достигнувања: срцето врзано на едно место, устата затната како шише. Ќерка ми во нејзината соба си го напишала ова, ама вака го напишала: „Срцето врзано на едно место, устата затната како ‘шеше’.“ „Шеше“ ми е мене прекар, вика треба устата да ѝ е затната како на тато.
Со тоа што не знам да зборувам стандардно изгубив многу работи, ама избегнав и многу неволји. На светот има гласини и гласност – заедното треба муабет, за другото писмо. Мене не ме бива за гласини, кога ќе ми се здадат, само си ќутам.

Превод: Сара Цветановска

Тагови од објавата
Напишано од
More from Џјиа Пингва
Слушнати приказни
Во илјада деветстотини четириесет и четвртата година, за време на војната со...
Повеќе
0 replies on “Зборување”