Опасна мисија

Повторно треба да одам во набавка. Фрижидерот е полупразен. Резервите на тесто, компири, кромид, брашно, сол и тоалетна хартија сѐ уште траат, но ни недостигаат млеко, јогурт, овошје. Да тркнам до маркетот во соседството досега не ми било некој потфат, сè до пред еден месец. Сега човек мора темелно да се подготви за одењето во продавница затоа што купувањето, според правилата за заштита од короната, богами веќе не е едноставно.
Пред да излезам од дома, морам да се подготвам и за враќањето. Велат дека пред да влезеш дома треба да си ги избришеш нозете од крпа натопена во мешавина од хлор и вода и да ги оставиш чевлите надвор. Крпата е на место, мирисот ме потсетува на основно училиште во педесеттите, кога хлорот беше врв на хигиената. Морам и посебно да се облечам, не можам веќе само да префрлам нешто преку тренирките – сега треба да се определи облека за пазарење, а по враќањето наводно треба да се стави во најлонска кеса и веднаш да се испере (кој ќе го направи сето тоа???) или да се остави на тераса. Денес, како во времето на хлорот, не постои само едно упатство, туку мноштво совети, и сите се – стручни. Па потоа ќе го облечам мантилот, кој виси одделено за да не ги зарази другите алишта на закачалките, затоа што и на тоа треба да се внимава. Потоа треба да навлечеш стерилни гумени ракавици и хируршка маска, иако ни едното ни другото не можеш никаде да ги купиш затоа што ги нема. Во џебот треба да ставиш шишенце со средство за дезинфекција, иако, секако, и од него никаде нема. Па со количката да се упатиш во опасна мисија, цело време држејќи се што подалеку од другите со истата намера.
А времето за купување е посебен проблем. Кога да се упатиш на толку опасно патување што може да ти се удри од глава? Што порано наутро, попладне или пак пред затворање? Одам веднаш штом се отвора маркетот. Земам голема количка, не затоа што ми требаат толку многу работи, туку затоа што со помош на неа полесно одржувам „социјална дистанца“. Прво ја дезинфицирам рачката, разбирливо. Океј, внатре сум и во огромниот маркет здогледувам тројца постари луѓе, а по мене влегува и еден дечко. Ситуацијата е доста добра. Од фрижидерот со пакувано месо земам пилешко и говедско за супа. Нешто менито деновиве ти е еднолично, ми вели оној мојон. Еднолично? Добро е што не добив нервен слом. Купувам што има, повели ти во маркет, па бирај си! Но знам дека нема смисла него да го испраќам на купување – дури и ако му направам список, половина работи ќе ги донесе погрешно или воопшто нема да ги донесе затоа што демек не можел да ги најде. Не сака да признае дека не може да се наведне. Но добро, кај месото нема ни задржување ни разгледување, одам кај зеленчукот. Праз, хм. И тоа онака гол, не е замотан во пластика. А, бе, подобро не, си мислам, којзнае кој сè го пипнал. Ама потоа се премислувам затоа што голиот праз и голата зелка се единственото што е свежо од зеленчукот. Ќе морам да ги измијам во топла вода и детергент за садови, по ново. Затоа што претходно го послушав советот дека треба да се измијат во оцет растворен со вода, па после некој друг рече дека не треба така. А еден важен научник вели дека тој ги остава купените намирници да отстојат неколку дена за короната сама да умре. Ама потоа му умира и зеленчукот, а и млекото се расипува. Повторно, фрижидерот е погоден за чување на вирусот, тоа го тврди една научничка, научниците владеат со нашите животи, колку и да им се контрадикторни изјавите. Но храбро одам понатаму, зграпчувам рукола во пластика (треба ли и неа да ја измијам во топла вода?) и шери-домати во пластична кутија, од Мароко се, таму има ли зараза? Сигурно има, ама и онака некој месец дремеле во ладилник. Одам на овошјето. Затоа што, гледам, полека ме стигнуваат и други купувачи, иако држат дистанца, т.е. и тие пред себе туркаат огромни колички во прва линија на одбраната.
И баш кога си помислувам дека луѓето убаво се придржуваат на редот, кога таму некој лигуш ги пребира јаболката, едно по едно, како да го бара златното јаболко. Не морам ни да кажувам дека нема ракавици. Па, човече, заустувам, кога тој ме погледнува со супериорна насмевка, во стил: што зјапаш, мене короната ништо не ми може! Па, и не ти може, си мислам револтирано, иако со огромно задоволство со сапун би му ги измила не само рацете туку и таа глупавата насмевка. Најмногу мразам да купувам голи јаболка изложени на избирање и на корона, па ги купувам оние што се спакувани. И портокалите се голи, ах, леле, сè ќе треба да се мие… што ме потсети дека треба да купам нови сунѓери за миење садови затоа што, велат стручњаците, опасно е да се користат повеќе од една недела, можеби најдобро секој ден да се менуваат?! И детергент за садови, сега го трошам повеќе од кога било. А оној мојон постојано ме прашува: си ги изми ли рацете? Да, ги измив, практично не ги вадам од вода и сапуница, само нешто мијам и чистам, нема шанси да ме фати корона! На списокот (ништо без список) има уште нешто, да речеме бисквити. Еве една девојка што од нигде-никаде се појави покрај мене, гајле ѝ е за растојанието! Нејзе и онака не ѝ се заканува заразата. И таа фаќа со рацете разни чоколади, па зема една. Една! А пипна барем десет пред мои очи. И не гледа дека стојам отстрана и чекам да дојдам на ред затоа што бисквитите се веднаш до чоколадите. Не, не, нејзе не ѝ се брза!
Очигледно ги губам нервите. Добро, уште докај фрижидерите по путер и замрзнат зеленчук. Има грашок и спанаќ, ќе послужат. Со крајчето на окото гледам дека денеска има дури и тоалетна хартија, ама имам резерви. Уште пакетче кибрит, не можам да го запалам шпоретот на плин со запалката, артритичните прсти не ме слушаат.
На каса сум сама, поставиле пластична преграда, супер. Плаќам со картичка затоа што велат дека парите исто така може да бидат извор на зараза, во Кина ги дезинфицираат, а јас ќе си ја дезинфицирам картичката. Речиси сум на крајот на опасната мисија наречена набавка и се чувствувам малку како заговорничка на тајна задача. Уште треба да го отклучам влезот (дезинфицирај ги клучевите!), да го отворам лифтот и да го притиснам копчето, па да ги собујам чевлите и да ги оставам пред вратата на хлорираната крпа, да ги извадам гумените ракавици, внимателно да го закачам мантилот, да се пресоблечам, да ги извадам работите што ги купив и да ги ставам во мијалникот со топла вода и детергент… Еве, заборавив да ја тргнам маската, за која некаде слушнав дека може да се препегла, па повторно да се користи. Ух, заборавив ли уште нешто?

Превод: Кристина Велевска