АНА – Николо Аманити

Ана трчаше по автопатот стискајќи ги прерамките од ранецот што ѝ подрипнуваше на грбот. Одвреме-навреме ќе се обѕрнеше.
Кучињата сè уште беа таму. Едно зад друго, во колона. Шест, седум. Неколку што беа во победна состојба се изгубија попат, но она големото, на чело, ја настигнуваше.
Два часа пред тоа ги беше забележала на другиот крај од едно изгорено поле, се појавуваа, па исчезнуваа меѓу темните карпи и поцрнетите маслинови стебла, но не им придаде значење.
Веќе ѝ се имаше случено да ја следат глутници диви кучиња, обично ќе поодеа некое време по неа, па ќе се измореа и ќе појдеа да си бркаат работа.
Но, кога веќе не ги виде, издивна. Запре да ја допие водата што ѝ преостана, па продолжи понатаму.
Додека одеше, сакаше да брои. Броеше колку чекори ѝ требаат за да измине еден километар, ги броеше сините и црвените автомобили, ги броеше надвозниците.
Потоа кучињата пак се појавија.
Беа очајни суштества, пловејќи бесцелно по пепелното море. Имаше сретнато многу, со проретчено крзно, со куп крлежи што им висат од ушите, со испапчени ребра. Крвнички се тепаа за остатоци од зајак. Летните пожари ја беа изгореле рамницата и имаше малку, ако не и ништо, за јадење.
Одмина редица автомобили со искршени прозорци. Околу труповите покриени со слој пепел растеа коров и жито.
Југото ги беше оддувал пламните накај морето, а зад себе беше оставил пустина. Асфалтната делница на автопатот „А26“, кој ги поврзуваше Палермо и Маѕара дел Вало, сечеше надве мртво пространство од кое се креваа поцрнети палмови пенушки и понекој облак чад. Одлево, зад остатоците од Кастеламаре дел Голфо, парче сиво море се слеваше со небото. Оддесно, редица ниски и темни ритчиња лебдеа на рамницата како далечни острови.
Патот ѝ го попречуваше превртен камион. Приколката ја беше распарчила преградата и на десетици метри имаше расфрлани мијалници, бидеа, тоалетни школки и парчиња бела керамика. Момичката мина меѓу нив.
Ја болеше десниот глужд. Во Алкамо со клоци отвори една бакалница.

Кога ќе помисли само дека пред да се појават кучињата, сè одеше како што треба.
Излезе уште пред да се раздени. Секојпат мораше да оди сè подалеку за да најде нешто за јадење. Отпрво беше лесно, доволно беше да појде човек до Кастеламаре и ќе најдеше сè што сака, но пожарите усложнија сè. Три часа одеше под сонцето што се извишуваше на бледото безоблачно небо. Летото одамна заврши, но жештината не попушташе. Ветрот, откако го разгори огнот, исчезна, небаре веќе не го интересираше тој дел од созданието.
Во еден расадник, до кратер од експлодирана бензинска пумпа, под правливите церади беше нашла гајба полна храна.
Во ранецот имаше шест конзерви грав „чирио“, четири конзерви лупени домати „грациела“, шише „амаро лукано“, дебела тубичка кондензирано млеко „нестле“, пакет искршени препечени лепчиња што сè уште ги бидуваше за макање во вода и пакување од половина килограм вакуумирана сланина. Не издржа, веднаш ја изеде сланината, молкум, клекната над вреќите почва натрупани на подот прекриен со глувчешки брбушки. Беше тврда како кожа и толку солена, што ѝ ја исуши устата.

Црното куче грабеше напред.
Ана забрза, срцето ѝ биеше во ритамот на чекорите. Немаше долго да издржи. Требаше да запре и да се соочи со нив. Камо да имаше нож. Секогаш носеше нож со себе, но утринава го заборави. Излезе со празен ранец, со шише вода.
Сонцето беше тукуречи на хоризонтот. Портокалова топка облепена со виолетова лига. Уште малку и рамницата ќе го голтне. Месечината, пак, од другата страна беше танка како нокот.
Се сврти.
Кучето сè уште беше таму. Другите се беа откажале, едно по друго, но тоа не. Во текот на последниот километар не ѝ се беше доближило, но таа трчаше, а тоа каскаше.
Можеби чекаше да се стемни за да нападне, но не ѝ се веруваше, кучињата не расудуваат. А таа секако немаше да издржи до стемнување. Глуждот ја жегаше и болката ѝ го беше вкочанила листот.
Одмина зелен знак. Пет километри до Кастеламаре. За да трча право, ја следеше испрекинатата лента сред патот. Да не ја беа заглушиле здивот и стапалата што удираа во асфалтот, ќе ја слушнеше тишината. Немаше ни ветрец, ни птици, ни штурци, ни жегалци.
Кога минуваше покрај еден автомобил, уморот ѝ шепотеше да влезе во него, но мозокот ја советуваше да не го прави тоа. Можеше да се обиде да му ги фрли препечените лепчиња, или да ја прескокне оградата, само што мрежата беше густа и не виде отвори низ кои би можела да се провне.
На разделната лента, олеандрите што го преживеаја огнот беа претоварени со розови цветови, па им натежнуваа гранките. Сладникавиот мирис се мешаше со мирисот на изгорено.
Преградата беше висока.
Ама ти си кенгур, си рече.
На училиште, госпоѓата Пини, наставничката по физичко, ја викаше кенгур зашто скокаше повисоко од машките. На Ана не ѝ се допаѓаше прекарот, кенгурите имаат клапушести уши. Ќе претпочиташе леопард, кој умее да скока и е многу поубав.
Го свлече ранецот и го фрли отаде дрвјата. Зеде залет, го положи едното стапало на бетонскиот раб, мина меѓу гранките и се најде на другата лента.
Го зеде ранецот и зазбивано изброја до десет. Ја крена тупаницата во воздух и се насмевна. Имаше убава насмевка полна со бели заби што ретко ги покажуваше.
Појде куцајќи. Ѝ преостануваше уште да се прекачи преку оградата и ќе биде на безбедно.
Од другата страна една косина се спушташе до уличка што се протегаше напоредно на автопатот. Не беше најдоброто место за да ја прескокне со повредениот глужд. Го спушти ранецот и се сврти.
Го виде кучето како се појави од олеандрите и галопира накај неа.
Не беше црно туку бело, крзното му беше покриено со пепел, а едното уво му беше пресечено. Беше најголемото куче што некогаш го видела.
И ако не мрднеш, ќе те изеде.
Грчевито ја зграби мрежата од оградата, но рацете ѝ се вкочанија од страв. Се сврти и лизна наземи.
Кучето ги претрча последните метри од автопатот и со еден скок ги прерипа банкината и одводниот канал. Темната силуета ја помрачи квечерната светлина слетувајќи врз неа со своите четириесет килограми одвратна смрдеа.
Ана го крена лакотот и го заби меѓу ребрата на кучето, кое се издиша и се струполи покрај неа. Се исправи.
Животното беше спружено на тревата. Јаглен-црните зеници му ги пронижуваше тукуречи човечка вчудовиденост.
Момичката го зграби ранецот и врескајќи го удри. Еднаш, двапати, трипати. Прво по главата, па по вратот, па пак по главата. Тоа зашеметено цивкаше, обидувајќи се да стане. Ана се сврти околу себе како фрлач на ѓуле што зема залет, во полн круг, но прерамката се скина, па изгуби рамнотежа. Се потпре на ногата, но болниот глужд не ја додржа. Падна.
Зјапаа еден во друг, а потоа кучето, ’ржејќи, се згрчи и ѝ се нафрли со зината челуст.
Ана го крена здравото стапало и му ја заби петицата во градите, туркајќи го наназад кон банкината.
Животното падна настрана. Збиваше, долгиот јазик му се набираше под носот, а очите му беа само танки мрачни процепи.
Додека кучето се обидуваше да стане, Ана бараше со што да го докрајчи. Камен, стап, но немаше ништо, само изгорено ѓубре, најлонски кеси, стуткани лименки.

– Што сакаш од мене? Остави ме намира! – му свика. – Што сум ти згрешила?
Животното ја стрелаше со поглед преполн омраза, кревајќи ги црните усни и соголувајќи ги жолтеникавите песјаци и меурите плунка на катниците. Во градите му трепереше длабоко заканувачко ’ржење.
Момичката се оддалечи скршнувајќи лево-десно, препнувајќи се од врвките на обувките. Олеандрите, мрачното небо, поцрнетиот скелет од една куќарка без покрив се замаглуваа, па пак се појавуваа со секој чекор. Запре и се обѕрна зад себе.

Објавена со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија