КЛУБ НА ОБОЖАВАТЕЛИ – Горан Трибусон

На почетокот Вишна беше несвојствен плен, женска од сништата за која сонуваат најдобрите. Кога поминуваше низ градскиот базен, вистинските фраери знаеја да превидат четири деветки или да ја извадат погрешната карта. А потоа се вљуби во идиот, во некој гимназиски ум Фурач, се изеба со него на некој од оние разочарувачки начини, го остави поради друг дебил...

СОБИРАЧИ НА ВИНИЛИ

Некој има напишано дека целата историја на светот би можело да се набљудува како парабола во која дивите, планински племиња повремено се спуштаат од планините за да ги опустошат оние мирните, рамничарските. Плинара, рабната градска населба, во која кон крајот на педесеттите бев дете, со своето возвишение на кое се наоѓаше патот што води кон гробиштата и удолница низ која поминуваше индустрискиот колосек, како да ги поседуваше сите елементи на оваа историска метафора. Во низинскиот дел на Плинара живееја Бремза, Мишел, Маја Мајер, Цицо, Кинезот и други питоми рамничари, кои одеа на училиште во убаво светнати чевли, на чии родендени се играше „Црна кралица јен два три“ и други пристојни игри, па се пиеше лимонада од вистински лимони. Од друга страна, пак, на дивата, стрмна страна живеевме ние, вечните проблеми, лажливиот и лицемерен Риба, пресметаниот циник Евигер, потоа Змија, Шуњара, Вишна, скитничката Ружа и уште некои суштества чии живописни карактеристики ги испишаа нечесните страници на градската хроника. И така, иако според географските, односно племенските детерминанти, требаше некако повеќе да бидам насочен на Риба, Евигер, Ружа и другите битанги од врвот на населбата, понекогаш ми се чини дека детството и младоста ги споделив баш со Бремза. Признавам, никогаш нема да можам да кажам дека во таа смисла совеста ми е целосно мирна зашто мошне злобно знаев да ја искористувам неговата рамничарска питомост и добронамерност. Освен што редовно ги препишував неговите задачи, му ја гнетев училишната ужина, му го скршив новиот велосипед, ја загубив неговата кожена јакна на пијанката во Соколаната, знаев да му приредам и разни, речиси оргијастични младешки пакости. Се сеќавам дека еднаш му подметнав сендвич намачкан со маст против хемороиди, како во Студио објавив оглас со неговото име, со кој објавува дека основа клуб на љубители на севдахот, како му ставив смрзнато кучешко гомно во училишната торба… Секако, добар каков што беше, тој сето тоа го доживуваше како духовита заебанција, и сигурно би ми возвратил, само да имаше барем малку повеќе фантазија за гадости.
Но, што и да мислеа за мене, никогаш, ама баш никогаш не спиев со ниедна од мачките со кои одеше тој! Чесен збор!
– Тоа и не ти е исказ од некоја особена вредност – ми дофрла Мишел додека опколени од спарнината седиме околу плетената маса пред пивницата „Континентал“, токму на она место од кое може да се види оддалечениот влез во гробиштата, но и најниската точка на Плинара, онаа каде што се наоѓаат колосекот и продавниците за градежен материјал. Паѓа некаква темна, виолетова вечер, од некаде дувна ветер што ја разбранува површината на нашите пивски кригли, за миг се причини како да ќе сврти на летна бура, а потоа сè се смири и од асфалтот под нашите нозе, како од некој топлински акумулатор, изби жештината што во текот на летниот ден се наталожила на земјата.
Мишел е слабичко, бојазливо момче, вистински рамничар од првата куќа покрај индустрискиот колосек, и од историјата на неговиот прекар може да се дознае речиси сè за него. На почетокот го нарекуваа Битлс, потоа Шилавзју, потоа Мишелмабел, па конечно, скратено – Мишел. Му кажувам дека не сфаќам што не е во ред со моето тврдење, а тој ми одговара по малку бојазливо како да не сака да ме повреди:
– Ако го исклучиш оној последен сматок од Мирела, Бремза всушност имаше само две вистински мачки. Прво, онаа Стела со која одеше уште во основно училиште… ја знаеш онаа чаталестата… Неа дури ни тој не ја ебеше, ниту воопшто би имало шанси да се најде некој што би имал нерви за такво нешто… И второ, Вишна…
Размислувам за она што го зборува Мишел и знам дека во неговите бојазливи реченици има и тоа колку вистина. Бремза навистина не се залетуваше кон мачки безглаво и непромислено, иако понекогаш ми се чинеше дека во своите најинтимни сништа има романси на долги патеки со некои свои женски, со Џенис Џоплин, Џони Мичел, Мериен Фејтфул, Морин Такер…
– А Вишна… – продолжува тој со директност што не му е баш својствена – ја ебеа сите, па можеше и ти. Бремза толку многу те сакаше, што сигурно не би ти замерил.
Мишел само делумно има право. На почетокот Вишна беше несвојствен плен, женска од сништата за која сонуваат најдобрите. Кога поминуваше низ градскиот базен, вистинските фраери знаеја да превидат четири деветки или да ја извадат погрешната карта. А потоа се вљуби во идиот, во некој гимназиски ум Фурач, се изеба со него на некој од оние разочарувачки начини, го остави поради друг дебил… токму онака како што обично се случува. Главно, кога се омажи за Бремза, не можеше баш да се каже дека беше во некоја широка употреба и оптек. Меѓутоа, како што со текот на времето бракот постепено почна да им се распаѓа на милион прозаичности и обичности, и Вишна полека се претвораше во маневарка што вревејќи и пуштајќи облаци пареа талка низ ранжирната станица. Се вовлекуваше во туѓи кревети, барајќи го во нив она „непознато нешто“ што Бремза пропуштил да ѝ го даде, и баш кога ќе ѝ се причинеше дека ја нашла (!) таа чудесна, целосно метафизичка работа, тој објект на барање и копнежот брзо и неповратно се измолкнуваше од нејзините прсти и исчезнуваше во непозната далечина. Но, да, без претерано мудрување и крајно поедноставено би можело да се каже дека Вишна ја ебеше речиси секој што ќе го посакаше тоа. Но, чесен збор, уште еднаш, јас не! Дури и да сакав! Мене, имено, ме мразеше, методично и упорно, а самиот никогаш не сфатив зошто.
Иако тоа се заборави на Плинара, јас бев тој што на Бремза му го смисли и му го залепи одамна прифатениот прекар, толку раширен, што многумина и денес не го знаат неговото вистинско име и презиме. Додека уште како деца на колички со тркалца од бучни лагери или почесто на санки се спуштавме низ стрмниот рид на Плинара, тој, непрекинато, детски радосен, но и по малку исплашен, викаше „бремзај!, бремзај!“. Постојат луѓе што не поднесуваат преголеми, како и оние што не поднесуваат премали брзини, и јас од почетокот, сосем погрешно, Бремза го вбројував во оние првите. Но, тој, иако тоа звучи по малку ирационално, не беше човек што во основата би сакал или би презирал вакви или онакви брзини, едноставно, целиот негов живот, како однапред наместени справи, се одвиваше само во две сосем прецизни брзини – онаа од 33, како и онаа од 45 вртежи во минута, значи со брзините со кои класичниот грамофон ги врти винилните плочи од 7, односно од 12 инчи. Зашто Бремза, не само на Плинара, туку и во целиот наш мал град, а сигурно и пошироко, беше најважниот, најупатениот и најпознатиот дискофил, посветеник на музиката што произведува поскокнување на звучниците по микроскопските нерамнини на концентричните жлебови втиснати на грамофонската плоча.
Би можел да бидам затворен во оревова лушпа и да чувствувам дека сум господар на космосот, кажува еден од хероите на Шекспир, со метафорична самоувереност со која и Бремза, таму уште онаа 1963 година, можеше да изјави: „Би можел да ги поседувам I Wanna Be You Man од ’Ролинг Стоунс‘, I‘m Crying на ’Енималс‘ и I‘ll Go Crazy на Џејмс Браун, и да се чувствувам дека сум дискографски магнат и просветител во оваа ебена провинција, во која од градските прозорци одекнуваат ’Дуо Хани‘ и ’Трио Тивиди‘“. Секако, во тие сиромашни времиња на Унра и шушкавци Бремза немаше којзнае колку плочи, но поседуваше барем неколку повеќе од другите. Но, што е најважно, она што го поседуваше, знаеше да го капитализира, да го претвори во средство за лична промоција, ресурс и подвижна сила. И, бидејќи се трудеше да не изгуби ниедна плоча, да ја скрши или да ја оштети, живеејќи во опкружување на вистински мал винилен култ, со текот на времето неговата колекција добиваше обем, а некои нејзини артефакти стануваа вистински дискографски деликатеси. Зашто, ако во дното на душата си ја имал онаа профетска линија што те натерала во пролетта 1964 година со посредство на професорот што ја водел гимназиската екскурзија во Италија, Венеција или во Ферара да го набавиш синглот на „Јардбирдс“ I Wish You Would, веќе дваесетина години подоцна тоа парче излижан протовинил ќе се претвори во добар аукциски примерок.
О, каква долготрајна, но бајковидна метаморфоза! Поубава од онаа во која краставата жаба се претвора во принц! Такво нешто може да искусат само колекционерите!
А Бремза баш имаше нос за такви работи, за ситниците на сегашноста што ќе се претворат во несомнени вредности на иднината. Тој сфаќаше дека во 1966 година сепак треба да се купат „Трогс“, а не Бери Мекгури; тој знаеше дека Дилан има автентична, а Донован и Џоан Баез само конвертибилна вредност. Да, имаше жичка за сите тие ебени работи и вредности, освен за оние што се однесуваа на неговиот приватен живот.
– Ако веќе се наоѓаме на тој лизгав терен на зачувувањето на колекцијата, тогаш и ти спаѓаш во групата опасни опструктори што ги позајмуваа неговите плочи, ги абеа, ги трошеа, ги губеа и сето тоа го оправдуваа со смешните причини што само добричини како него можеа да ги проголтаат – дрско ми префрла Мишел, кој од ова утро покажува необична сензитивност кон Бремза и неговата судбина општо, иако сум сигурен дека би можел да набројам барем пет наслови што успеа да му ги здипли од полиците.
– Одјеби, Мишел! – се обидувам да му го снижам тонусот и да го вратам во заебано непоправливата стварност. – Веќе не сме колекционери, веќе не сме во тој филм, и сето тоа се некорисни tempi passati. Бремза е единствениот што издржа до крајот, и можеби е добро што тој крај тукушто стигна зашто којзнае дали во спротивен случај воопшто би издржал.
Тој кисело се потсмевнува на тој несмасен софизам, баш како да го очекува моето признание.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Горан Трибусон
Историја на порнографијата
Мирно, како да станува збор за ситна тривијалност, ја поставив неговата позната...
Повеќе
0 replies on “КЛУБ НА ОБОЖАВАТЕЛИ – Горан Трибусон”