ЦРТИЧКИ

Подготвувајќи ги „222 Антиупатства за лична употреба“, прибирајќи некои подзаборавени од нив по исто така подзабутани нотеси и тетратки со квадратчиња, ќе наидев на ситни белешки, недоволни да влезат во книгата, но сепак симпатични за да не бидат уништени:

* * *

Навидум сосем обичен изглед, а дипломат од кариера – можеби неговата незабележливост беше важен предуслов за успехот во неговата професија, како во некои добри шпионски романи кај главните јунаци – преовладуваат тивко присутни типови, од втор план, што следат и прислушкуваат без напрегање, дури и љубезно, а оние на кои успеале да им ги извлечат тајните, не им ги помнат лицата.

* * *

По посетата на зградата на „Гаева“ 23, каде моите во нивниот загрепски период живееле повеќе од пет години како потстанари кај другарот Мариќ (одамна не е жив), кој во приземјето имал свој слаткарски дуќан, во еден стар тефтер на мајка ми (можеби уште од Загреб) наоѓам рецепт за кнедли со сливи, под кој, со нејзиниот педантен ракопис, е допишано „од газдата“, а веднаш потоа „Рецепт против кашлица“, подреден со следните упатства:
4 селски јајца се ставаат во стаклена тегла
Се преливаат со 1 литар исцеден лимон
Теглата е покриена со газа
Јајцето станува порозно – индиректна светлина
За неколку дена ќе се стопи лушпата
Јајцата ги матиш во лимоновиот сок
Го цедиш сокот
Се додава мед и рум
Го пиеш трипати на ден, по една голема лажица
Вметнувањето второ лице еднина во упаството ме наведува на помислата дека е користено за јакнење на организмот на некој близок, со нежно здравје, истовремено присутен тука, до неа. Татко ми.

* * *

Ноќен директен воз Белград – Скопје, туристичка класа со три лежаи (меѓу кушет со 6 и спална со 2). На долниот лежај, познатиот спикер на скопското радио чиј впечатлив, одмерен бас толку одеше со неговата издолжена, коњска фаца. На горниот – јас. Средниот беше наместен, но без патник, ќе ни се придружи дури во Ниш, нè извести кондуктерот кој влезе да ни ги провери билетите и да ни посака „добра ноќ“.
Се будам, сред ноќ, на средниот кревет ’рчеше човек, за кој, напрегајќи се во темницата, успеав да видам дека е ќелав. И со прилично крупно тело, што, под чаршафот, ја заземаше целата површина на креветот.
Вторпат се разбудив кога возот го беше поминал Куманово, утринската светлина веќе навлегуваше во купето, а спикерот со моќниот бас си потпевнуваше бричејќи се.
Средниот кревет беше среден како никој да не спиел во него.
– Дали видовте некој да беше со нас, тука во купето? – го прашав својот сопатник.
– Не – рече спикерот со пена на лицето – Иако… иако… како во полусон ми се причини дека наслушнав како некој дебел, навистина дебел човек ’рчи. А тоа, без навреда, не можеше да бидеш ти – ме погледна малку од високо и се насмевна.
Пред да биде модел, Моделот беше студент од прва година на Филолошкиот факултет, група „Италијанистика“, поточно бруцош по вторпат, затоа што го одолжи полагањето испити.