Слушнати приказни

Првата приказна е многу, многу одамна, кога на светот постоел еден јунак кој дошол во едно село и прашал дали има нешто што може да помогне. Селаните му рекле дека во гората има еден свиреп тигар со кој маки мачат. Јунакот се качил во гората, се борел со свирепиот тигар три дена и три ноќи и го сотрел. Му ја одрал кожата, се вратил во селото и прашал дали имаат уште некоја мака, а селаните му одговориле: „Во морето има еден змеј, ај убиј го.“ Јунакот отишол до морето, жестоко се борел седум дена и седум ноќи и се вратил со главата на змејот. Во селото спремиле прослава за пречек. Јунакот испил едно бокалче ракија и пак прашал да му кажат ако имаат уште некоја мака, зашто јунакот ги сотира маките на народот! Селаните му рекле: „Имаме уште една мака, таа да исчезне и ќе биде мир на земјата.“ Јунакот прашал: „Која е таа?“ Селаните му одговориле: „Ти си.“ Јунакот се нашол во недоумица: „Како јас?“ Селаните му рекле: „Па затоа што си јунак!“ Јунакот се замислил, па станал да го напушти селото. Но не поминал многу кога се испружил на земја испуштајќи душа. Во ракијата што ја испил му имале ставено отров.

Втората приказна се случува пред шеесет години кога еден човек, што почнал да се дави преминувајќи ја реката, бил спасен од еден друг човек. Давеникот, за да му се заблагодари на добродетелот, го земал за кум. По една година, овој спасениов поминувал низ некоја шума кога налетал на еден волк што бркал еден човек. Тој со сите сили го збркал и го избркал волкот па и човеков го зел него за кум. Во следните пет години, за Василица кумашините си ги посетувале кумовите да им оддадат почит, а животот им течел во добри и пријателски односи. Во илјада деветстотини четириесет и четвртата година, за време на војната со Јапонија, Јапонците навлегле во коријата и ги опколиле ослободителите, па ги фатиле овие тројца да им го покажуваат патот. Кога поминувале низ некој предел завеан со снег, некој Кинез требал да го гази снегот за да го отвора патот. Од овие тројца, еден морал да умре. Јапонците покажале на оној што се давел и рекле: „Ти да кажеш кој ќе оди.“ Тој го погледнал оној кој сам го спасил, па оној од кој самиот бил спасен, и на крај рекол: „Тој оди.“ Го покажал кумот.

Третата приказна е веќе проста, од сегашни времиња. Се зборува за една фирма каде што имало некој човек по име Дојко кој често ги чистел клозетите. На крајот од годината го прогласиле за работник на годината. Човеков оттогаш секој ден ги чистел клозетите, па и малку нешто да било валкано сите се бунеле:„Дојко, Дојко! Абе каде е Дојко?“ Кога се расипала канализацијата, требало некој да се симне во септичката јама за да ја одзатне. Сите рекле: „Ајде Дојко да се симне да ја одзатне“ и Дојко се симнал. Дојко оттаму не се качил повеќе горе, го задушил метанот во септичката јама.

Превод: Сара Цветановска