Ренесансата – точка во која се спојуваат минатото и иднината

Европа – самото име ги поврзува сликите на промени, немири и насилство, но, истовремено е инкубатор за цивилизација на прекрасни работи. Фиренца во раниот XV век е добар пример.
Фиренца се гледа во архитектурата на нејзината катедрала. Градските татковци се стремеле високо, сакале огромна купола. Никој не се обидел да направи таков подвиг уште од деновите на древниот Рим. Планирале да изградат најголем засводен таван од камен во светот. Катедралата „Санта Марија дел фиоре“ е меѓу најпознатите карактеристики на оваа ера, уметност, религија, политика и наука споени во големите културни проекти. Медичи го финансирале овој крунисан подвиг од XV век, не само заради побожност, туку и за да го прослават триумфот на нивната моќ и моќта на цела Фиренца.

Фамилијата Медичи поддржувала многубројни уметници во оваа средина. Еден од нив ќе стане светски познат, Микеланџело Буонароти. Микеланџело ја изработил најпознатата скулптура во историјата на уметноста. Од блок од најубавиот карарски мермер го исклесал Давид. Последната монументална статуа извајана во Италија била пред повеќе од илјада години, во Римската Империја. Библиската фигура, голото грчко момче Давид било многу провокативно.
И другите градови, исто така, процветале. Венеција имала трговски монопол за Медитеранот, а комерцијалните приходи направиле градот да прерасне во метропола. Сѐ се вртело околу парите. Венецијанците биле меѓу првите банкари. Тие поставувале banco или маса каде што го воделе бизнисот. Давале ветување дека нема да крадат, мамат или фалсификуваат. Богатството на градовите-држави го поттикнало развојот на културата. А како што често се случувало, изворот на тоа богатство била конкуренцијата.

Во 1500 година, Италија била подеднакво поделена – исто како и остатокот од Европа. Се водел натпревар за моќ и слава во ограничената географска област. Во Венеција, дуждовите биле моќни владетели на републиката, а во Фиренца, богатството на фамилијата Медичи било тоа кое одредувало сѐ. Тие биле меѓу најважните патрони на големите италијански мајстори. Од тврдината Сфорца на Леонардо му била нарачана „Тајната вечера“. Сандро Ботичели го насликал „Раѓањето на Венера“ по нарачка на фамилијата Медичи во Фиренца. Во Атина, Рафаел ја создал „Борџии во Ватикан“.

Најголемата и најпознатата работа во оваа ера е направена од Микеланџело. Тоа било нарачка од папскиот двор во Рим за да се потврди папскиот културен авторитет во Италија, односно, фреската на таванот од Систинската капела. Од Микеланџело било побарано да наслика површина од 520 метри квадратни, сите над неговата глава, што претставувало неверојатен подвиг. Тој ги поставил скиците на гипс и ги повлекол линиите низ нив со помош на клинци и шпакли. Му биле потребни четири години за да ја заврши фреската на таванот. Тоа било голема ера за сликата. Таквата почит постои и денес. На сликите не им требал текстуален сјај, тие развиле свој живот. Микеланџело едноставно ги споил Стариот и Новиот завет на една слика. Оваа фреска е една од најпознатите во историјата на човештвото. Прстот на Творецот и неговата човечка креација се трогателни. За да се прикаже врската меѓу нив не била потребна само храброст, туку и револуционерност. Бог и неговата човечка креација се отелотворување на достоинството, издигнување на човечкиот род. Адам, првиот човек, нѐ соочува како самоуверено, автономно битие. Самиот Микеланџело немал недостаток на самодоверба.

Папскиот мајстор на церемониите, Бјаџо да Чезена, изјавил дека било срамота на толку свето место да бидат прикажани сите тие голи фигури, изложени толку срамно, и дека сликата била посоодветна за јавни бањи и таверни. Да Чезена бил вознемирен од повеќе причини, дури и од лична причина, затоа што во панелот на „Последниот суд“ Микеланџело го насликал Да Чезена како Минос, судијата на подземјето, чии гениталии биле каснати од змија.

За „Давид“ и другите фигури во фреските во Систинската капела, Микеланџело ги земал мерките според вистински луѓе. Сакал не само да ја репродуцира вистинската убавина, туку и да постигне совршенство како кај неговите примери, грчките скулптори. Тие сакале совршена пропорција и нивните реалистични статуи. Грците биле перфекционисти и строги набљудувачи. Нивната прецизност сведочи за опседнатоста со мимезисот, имитацијата на природата, линиите на фустанот, деталите на човечката рака. Но тие, исто така, се стремеле кон идеал. Не размислувале во смисла на стандардните димензии, туку клучот бил во пропорционалноста. Колку некој бил висок или голем, не било важно сѐ додека телото било пропорционално. Естетиката им била математичка. Идеалното лице морало да биде складно на соодносите. Барале златен сооднос кај луѓето и архитектурата во еднаква мера. Тоа е очигледно кај Партенонот, каде што се наоѓа Венера од Милос, познатата статуа на Афродита, божицата на убавината, љубовта и сензуалната желба. Европа не се откажала од овој идеал на убавината, а црвената нишка може да се следи низ целата европска уметност.
Ерата на Микеланџело потекнува од повторното откривање на антиката и нејзиното славење на голата човечка форма – ренесансата. Ренесансата значи преродба, но што точно се преродило? Делумно, тоа било културното наследство на древниот свет, она што ја дефинирало Европа на почетокот. Освојувањето на Константинопол предизвикало бран на бегалци, а меѓу нив биле и научниците кои со себе носеле антички ракописи. Бранот на ентузијазам за древниот свет се движел низ Европа. Научници од многу земји барале ракописи од грчки и римски автори. Некои од овие дела го поминале средниот век во манастирите. Други стигнале во Шпанија преку исламските академии. Сите тие сега предизвикале длабока промена во културата.

Хуманистот и истражувач, Поџо Брачолини, се приклучил на овој бран. Тој бил решен да најде книга од I век пред Христос, De rerumnaturaод римскиот филозоф Лукрециј. Оваа книга која претставувала дидактичко резиме на грчката епикурејска мисла, е динамичка анализа на природниот свет целосно одвоен од секој концепт на Бога. Брачолини го нашол тоа што го барал во Бенедиктинската опатија во Фулда. Лукрециј создал compendium, она што нам ни е познато како природни науки. Неговата книга содржела повеќе од 7.800 стихови во кои се објаснувала природата на светот и како луѓето може да живеат среќно, без да се плашат од боговите. Книгата опфаќала длабоко егзистенцијални прашања и затоа Брачолини сакал да ја најде.

Интересно е што европската синергија меѓу старото и новото, со ново осветлување на минатото, донело една нова иднина. Ова било можно затоа што во Европа сѐ уште се забележувале траги од антиката. Ако се проучуваат одблизу, како што правеле мажите и жените во ренесансата, античката филозофија и знаењата излегувале на површина. Тоа било познавањето на скриените сили кои кои го држеле светот заедно однатре, како што велел германскиот поет Гете.
Во пишувањето во Рим, 50 години пред раѓањето на Христос, Лукрециј еуфорично го опишал бестрашниот дух на античките Грци. Тој, исто така, напишал дека грчкиот филозоф Епикур истражувал во духот на смислата за универзумот и дека се вратил како победник, за да нѐ научи што може да биде, а што не може. За Лукрециј ова било момент на повторно откривање и 1.500 години подоцна, самиот Лукрециј повторно ќе се открие и ќе ја открие интелектуалната динамика на античкото знаење. Тоа било типична европска игра на старото и новото. Само преку просветлување на минатото била можна нова иднина. За оние кои биле фатени во вртлогот на културата, ова било вистинска преродба. Сепак, и натаму останува прашањето како сето ова било можно?

Книгата на Лукрециј сметала дека е потребен уште еден предуслов, оној што секогаш бил истакнат во големите културни трансформации, критична маса на талентирани луѓе меѓу кои биле и идеите зачнати пред 1.500 години, кои ако паднеле на плодна почва, тогаш сигурно ќе из’ртеле. Се случила обнова во интелектуалниот и економскиот живот, патриотизмот цутел во градовите-држави и постоела жестока конкуренција меѓу обичните луѓе и уметниците поттикнати во оваа епоха.
Античките филозофи како Сократ, Платон и Аристотел создале извонредно богатство на мисли и аргументи, посебен вид размислување што немало врска со Светото писмо. Тоа се темелело на набљудување на човечките работи и светот. Луѓе како Архимед откриле дека комплексниот феномен се земал предвид за општи правила кои се користеле универзално, на сите места и во сите времиња. Геометријата, измислена од Грците, била револуционерно размислување.

Галилео Галилеј, таткото на модерната физика, исто така ја следел традицијата на Грците и пишувал дека универзимот ни е секогаш пред очите. Но тоа било напишано на јазикот на математиката. Само со квантификација на неговите набљудувања Галилеј можел да разликува конзистентни модели и да го развие својот закон за телата што паѓаат.
Ова било период кога универзитетите биле во незапирлив пораст. Секој истражувач го градел своето знаење врз работата на другите низ Европа, со лојална и возбудлива конкуренција. Универзитетите како Кембриџ и Оксфорд биле водечки. Лојалната конкуренција денес се доживува секоја година, кога се одржува големата трка со чамци меѓу Кембриџ и Оксфорд. Трката е тешка и се сфаќа многу сериозно. Двата универзитети се еднакви институции, на сакаат меѓусебно да се надминуваат. Трката и денес е силен симбол за извонредност, не само во спортот, туку и на интелектуално ниво. На почетокот, конкуренцијата била една од движечките сили на европската историја. Животот на европскиот континент трпел постојано ривалство меѓу династиите, државите и градовите, а подоцна и меѓу универзитетите и истражувачите кои се бореле да откријат што го држело светот заедно.

Во Англија, во игра бил уште еден елемент – експериментирањето, набљудувањето и толкувањето на процесите на работа во природата. Галилеј ги удрил темелите, но еден друг Англичанец бил тој кој всушност ја идентификувал и теоретизирал мистериозната сила што го предизвикувала паѓањето на земја. Тоа бил Исак Њутн, човекот кој ја открил гравитацијата. Дали јаболкото навистина го прославило Њутн? Дури и денес, векови по неговата смрт, се чини дека Њутн не може да се ослободи од тој мит. Под ѕидовите на колеџот Тринити во Англија денес се наоѓа оригиналната јаболкница под која јаболкото паднало на главата на Њутн.

Но во реалноста, откритието на Њутн немало врска со јаболкото, ниту со Библијата што секојдневно ја читал. Њутн имал 30 Библии на различни јазици. Денес тоа можеби изгледа чудно, но во тоа време било поинаку. Како научник, Њутн бил вкоренет во христијанската религија и во убедувањето дека разумот и религијата не се меѓусебно контрадикторни. Зошто Бог не би бил тој кој со гравитација ги движел предметите? Со проучувањето на Библијата, Њутн верувал дека Бог не е тројство, туку унифицирана сила што го опфаќала целиот свет. Ова го довело до идејата дека времето и просторот се божји димензии. Теологијата станала физика и физиката станала теологија.

Отфрлањето на тројството од страна на Њутн го направило овој научник еретик затоа што за црквата, Господ бил составен од три лица. За Њутн не постоела основната напнатост меѓу верата и науката, тие сочинувале единство. Набљудувањето било највисоката форма на молитва и сосема било соодветно Њутн да биде погребан во Вестминстерската опатија, можеби најважната црква во Велика Британија. На неговиот гроб пишува: „Природата и законите на природата лежат скриени во ноќта“ и „Бог рекол: ‘Нека биде Њутн’ и би светлина.“ Ова било време кога големите достигнувања сѐ уште биле поврзувани со божјата волја – нешто што наскоро ќе се променело. И по 200 години, Чарлс Дарвин, исто така од Кембриџ, ќе го потресе и преправи светот на знаењето. Не залудно Дарвиновиот гроб се наоѓа близу Њутновиот.

(продолжува)

Превод: Елена Јошеска