КУЌАТА НА ЏАМИЈАТА – Кадер Абдолах

Alef Lam Raa. Годините минуваа. Никогаш повторно мравките толку масовно не излегуваа од под стариот ѕид. Настанот сега постоеше само како сеќавање во спомените. Животот продолжи понатаму во тој традиционален дом. Навечер бабите, како и обично, беа зафатени со приготвување на храната во кујната. Подоцна ќе стигне и Алсабери, имамот на џамијата. Тогаш тие ќе треба да го подготват за вечерната молитва во џамијата.

Старата врана се разграка и прелета над куќата. Пред куќата застана една кочија. Голбану му ја отвори вратата на имамот Алсабери и го пушти внатре.
Стариот кочијаш ја поздрави старицата и тргна по својот пат. Тој беше последниот кочијаш бидејќи општината забрани движење на коњи низ градот. Општината им ги замени работните места на кочијашите што имаа валидна возачка дозвола за таксисти. Но постоеше еден стар кочијаш што не успеа да положи за возачка дозвола. Преку џамијата, тој доби дозвола од општината да работи како кочијаш за џамијата. Бидејќи Алсабери сметаше дека такси-превозот е нечист. Сметаше дека е несоодветно еден имам да се вози во текси-возило како обичен граѓанин.

Алсабери на главата носеше црн турбан, што значеше дека тој е потомок на пророкот Мухамед, а одозгора носеше долга кафена аба, мантија каква што носеа духовните лица. Пред малку предводеше свадбена церемонија во едно истакнато семејство, благословувајќи го бракот. Децата знаеја дека не смеат премногу да се приближуваат до имамот. Секоја вечер стотици луѓе застануваа зад него за да се молат. Никој не смееше да го допре пред молитвата.
– Салам! – му довикнуваа децата.
– Салам! – насмеан, им одговараше имамот.
Доколку со себе донесеше кесичка со бонбони за децата, ќе ја предадеше кесичката на некое од девојчињата. Тогаш децата ќе истрчаа во спротивен правец, а имамот ќе си продолжеше кон библиотеката. Но, кога децата пораснаа, веќе не му трчаа во пресрет. Имамот им ја даваше кесичката на бабите за тие да им ги поделат бонбоните на децата.

Штом имамот Алсабери ќе влезеше дома, бабите ќе си ги измиеја рацете во шадрванот. Потоа ќе си ги избришеа рацете и ќе појдеа во библиотеката за да го однесат имамот во бањата.
Сето тоа се случуваше во најголема тишина. Една од бабите внимателно ќе му го извадеше турбанот од главата и ќе го ставеше на маса. Додека другата баба му помагаше да ја соблече наметката, која потоа ја закачуваше на закачалка. Имамот не правеше ништо. Не ја допираше дури ниту својата облека. Бабите често му се жалеа на Ага Џан:
– Не може веќе вака. Не е нормално и не е здраво тоа што го прави и го бара тој. Во оваа куќа никогаш досега не сме имале ваков имам. Добро е кога човек сака да е чист, но тој претерува. Не ги допира ниту своите сопствени деца. И јаде само со лажицата што си ја носи во џебот. Нема да може уште долго време да продолжи така.
Бабите на Ага Џан му раскажуваа за сè што се случуваше во куќата. Дури и за тајните на куќата за кои никој друг не знаеше.

Тие баби, всушност, не беа вистински баби. Тие служеа во куќата и живееја тука повеќе од шеесет години. Беа сосема млади кога таткото на Ага Џан ги донесе во куќата и тука останаа. Никој веќе не се сеќаваше од каде потекнуваат, а и самите тие никогаш не зборуваа за своето минато. Никогаш не биле во брак, но сите знаеја дека одржуваат тајна врска со чичкото на Ага Џан. Кога тој ќе дојдеше во посета, тие беа негови.
Бабите ѝ припаѓаа на куќата, исто како старата врана, кедровото дрво и подрумите на џамијата. Едната го одгледа имамот, а другата Ага Џан. Му беа доверенички на Ага Џан и чуварки на обичаите во куќата.

Ага Џан тргуваше со килими и ја поседуваше најстарата зграда во чаршијата на градот Сенеџан, каде што за него работеа повеќе од стотина луѓе. Имаше група од седум килимари, кои ги дизајнираа мотивите на килимите.
Чаршијата беше како град во град; во неа можеше да се влезе од различни врати. Лавиринт од улички, покриени со покрив во вид на купола. Стотици продавници слепени една за друга.
Со векови чаршиите биле најважни финансиски центри на земјата. Во зградите беа сместени илјадници трговци, кои главно се занимаваа со трговија со ткаенини, злато, жито, килими и обработен метал.
Особено трговците со килими отсекогаш ја играле клучната улога во историјата. Поради својата уникатна позиција, Ага Џан имаше водечка улога, како во џамијата така и во чаршијата.

Килимите во дуќанот на Ага Џан беа украсени со неверојатни фигури и со фасцинантни бои. Килимите што го носеа неговиот знак вредеа злато; што значи дека не беа наменети за секого. Постоеја специјални трговци што однапред ги порачуваа тие килими за своите муштерии во Европа и во Америка.
Шаблоните на килимите беа уникатни во својот вид. Никој не знаеше како успеваа да ги направат извонредните фигури и како ја смислиле прекрасната комбинација на бои. Во тоа се криеја силата на неговиот дуќан во чаршијата и тајната на куќата на џамијата.

Сè уште не беше дојдено времето во кое секоја куќа имаше своја бања. Во градот имаше неколку големи бањи. Според традицијата, мажите од куќата на џамијата одеа во најстарата бања, каде што имаше посебно место за имамот на џамијата. Но имамот Алсабери не сакаше ни да чуе за тоа. Не сакаше да ја стави ногата таму каде што се капеа десетици други мажи. Се разболуваше од самата помисла да се движи гол меѓу други мажи.

Затоа, Ага Џан изнајми ѕидар да соѕида бања за имамот во куќата. Ѕидарите имаа искуство само со традиционални бањи. Затоа ѕидарот ископа дупка во собата зад библиотеката и од неа направи одлична бања за имамот.

Тој ден Алсабери, како и секогаш, облечен во бели ѕиври седеше на каменот, додека една од бабите му сипуваше кофа со топла вода над главата.
– Ладно – викна тој – ладно!
Бабите не реагираа. Голебех му го миеше грбот со сапун, а Голбану нежно истураше вода по неговите рамена и грб, толку полека што не прснуваше ни капка настрана.
Откако го измија сапунот од неговото тело, му помогнаа да влезе во кадата, која не беше длабока. Тој легна и исчезна подолго време под водата. И, кога повторно се појави на површината на водата, лицето му беше сиво. Бабите му помогнаа да стане. Веднаш му префрлија голем пешкир околу рамената и околу половината и го поведоа кон печката. Тој неволно си ги соблече мокрите ѕиври и набрзина си облече нови, чисти. Тие му ја избришаа косата, му ја облекоа кошулата преку главата, пикајќи ги неговите раце во ракавите. А потоа, го одведоа во библиотеката.
Го седнаа на неговиот стол и му ги проверуваа ноктите на светлината. Една од бабите го потсече аголот на нокотот од неговиот показалец.
Потоа го облекоа, му го ставија турбанот на глава, очилата на носот и почнаа да му ги полираат чевлите со парче ткаенина.
Имамот сега беше подготвен да оди во џамијата. Голбану појде кон кедровото дрво, каде што висеше обесено старото ѕвоно, и почна да ѕвони.
Звукот на ѕвоното беше наменет за портирот на џамијата; веднаш штом го слушна ѕвоното, тој се појави на покривот, се симна надолу по скалите, помина покрај гостинската соба и се упати кон библиотеката.
Тој никогаш не ги беше видел бабите. Кога ќе влезеше во библиотеката, тие ќе се затскриеја зад полиците со книги, а тој само ќе ги поздравеше не гледајќи кон нив. И тие ќе му го возвратеа поздравот. Портирот ги земаше книгите што имамот ги оставаше на масата и го придружуваше до џамијата.
Портирот секогаш одеше прв, за да се увери дека нема некое куче ненадејно да му се затрча на имамот. Му беше верен приврзаник, единствениот кому, покрај бабите, му беше дозволено да го допре имамот. Портирот беше чист исто како и самиот имам. Ниту тој немаше стапнато во градската бања. Неговата жена дома го капеше во голема када.

Пред џамијата стоеја група луѓе и чекаа да го испратат имамот кон молитвеното место. Тоа беа оние што секогаш се молеа во првиот ред зад имамот. Штом ќе го видеа имамот како се приближува, ќе почнеа да извикуваат:
– Нека е поздравен пророкот Мухамед!
Стотици верници што дошле на молитва во џамијата станаа пред имамот и се тргаа настрана расчистувајќи му го патот пред него.
Тој седна на своето место, а портирот ги стави книгите на масичката до него.
Сега го чекаа муезинот, човекот што стоеше на највисокиот пулт на старата исламска говорница во џамијата и викаше:
– Allaho Akbar! Hajje allal salat! Величествен Алах! Да му се помолиме!
Кога тој ќе се искачеше на говорницата, сите знаеја дека молитвата започнала.

Муезин беше слепиот Ага Шоџа, роднина на Ага Џан. Тој имаше убав глас. Трипати дневно се искачуваше во едно од минарињата на џамијата и извикуваше:
– Hajje allal salat! Ајде да се помолиме…
Тоа го правеше наутро пред изгрејсонце, точно напладне и веднаш по заоѓањето на сонцето. Никој веќе не му се обраќаше по име, туку по почесната титула – сите го викаа Муезинот. Дури и по дома така му се обраќаа.
– Allaho Akbar! Величествен Алах! – извика тој.
Сите станаа и се завртија во насока кон Мека.
Се разбира дека слеп човек не може да биде муезин бидејќи тој треба да види кога имамот ќе се наведне допирајќи го подот со своето чело и кога повторно ќе се исправи. Но на Ага Шоџа за тоа не му беше потребен видот затоа што, секогаш кога имамот ќе се наведнеше, ќе го допреше подот со своето чело или кога ќе се исправеше, му даваше знак со тоа што погласно ги изговараше молитвите.

Муезинот имаше четиринаесетгодишен син по име Шахбал и ќерка по име Шахин, која беше мажена. Иако неговата жена беше почината по долга и тешка болест, тој не сакаше повторно да се ожени. Сепак, одржуваше врски со неколку жени во планината. Понекогаш ќе си ја облечеше својата најубава облека, ќе си ја ставеше капата на глава, ќе си го земеше бастунот и ќе исчезнеше на некое време. За време на неговото отсуство, неговиот син Шахбал беше муезин во џамијата, ќе се качеше на минарето и објавуваше азан.