Да се убие мислата

Стоеше покрај прозорецот и гледаше во снегот. Ги подигна прамените коса врзани во опавче, ги преметна преку челото и ги допре самите краеви до ноздрите.
– Мирисот од прамените коса потсетува на мирисот од првите помирисани тефтерчиња со омилените цртани ликови кои како мала ги собирав во една колекција од купче хартии – помисли.
Имаше нешто во тој мирис. Истрча до бањата и погледна во етикетата на шампонот со кој ја миеше косата синоќа, „Шаума ку десет“ со мирис на ментол. Повторно се врати кај прозорецот, повторно краевите коса ги преметна преку челото и уште неколкупати лакомо ги помириса. Синоќа екстрактот од шампонот како да не ја лигавеше површината меѓу корените. Сегашниот мирис потсетуваше на тие добро познати тефтерчињакои исто така имаа идентичен мирискаконејзината прва училишна гума за бришење, која пред дваесет години Зорана ја викаше Пчеличката Маја. Веќе подолго време нејзината коса често ѝ мирисаше на тие тефтерчиња.
Продолжи да гледа во снегот. Надвор снегулките се пластеа една врз друга. Пред половина час, Зорана го потпре куферот веднаш до прозорецот. Ја фати рачката со десната рака и веднаш малите тркалца почнаа благо да се лизгаат по подот кон вратата. Од бочната лева страна куферот имаше уште една рачка. Ја смени рачката на држење, го подигна цврсто и се упати кон автомобилот кој беше паркиран пред гаражата. Уште есента го планираше ваквото заминување на планина во нејзината викендичка. Нејзините со години работеа во дијаспората. Додека студираше, ѝ праќаа пари да се издржува. Сега беше вработена и заработуваше прилично добро за девојка, која во своите рани дваесет и пет години живееше сама.
Излезе надвор. За кратко снегот почна да ги кити нејзините прамени коса кои беа останале надвор од капата.Поддувна студен ветер кој ги разниша нејзините прамени потопени со бели снегулки. Повторно истиот детски мирис на тие тефтерчиња. Помислидека таквиот мирис не постои, најверојатно се работи за умисла закоравена во носните канали која останала како трага од некои заборавени сеќавања. Додека се приближуваше кон автомобилот, од спротива еден машки глас гласно подвикна:
– Ловецу на човечки глави, кај ќе возиш по ваков мраз? – тоа беше Симон,нејзиниот инструктор по возење со чија помош пред три години ја стекна возачката дозвола, а воедно и нејзин другар од детството со кого споделуваше безброј будалаштини и лудории.
– Ако сум ловец како што ме нарекуваш, тогаш одам на вистинското место. Ќе одам в планина, па да видам што ќе уловам деновиве.
Громогласна смеа бликна од двете страни.
Она што го работеше Зорана се викаше Head hunting (ловец на глави, оттука и анегдотата на Симон за ловењето). Кога најразлични фирми пуштаа огласи за работа, Зорана работеше со тие фирми на начин што го изнаоѓаше вистинскиот работник со вистинските работни предиспозиции за соодветното работно место. Агенцијата во која работеше беше исклучително задоволна од нејзиното работење. На тој начин задоволството беше повеќестрано, агенцијата од Зорана, Зорана од својата заработка и соодветната фирма од соодветно најдениот работник.
– Кај мене не полагаше на мраз така што не сум овластен да те пуштам со автомобилот на планина.
– Почитуван мој инструкторе, да те потсетам само оти минатиот викенд од твоето виски прст пред око не гледаше, па така, по густата магла во четири наутро твојата другарка безбедно те доведе дома. Брзам и немам време за задевање. Се гледаме в понеделник!
За миг автомобилот се изгуби на крајот од улицата.
Кога пристигна веќе беше пет часот попладне. Ја стемни уште пред половина час додека возеше. Викендичката беше пространа и голема. Влезе со автомобилот во дворот, ги изнесе работите од автомобилот и се упати кон влезната врата.
Како мала често доаѓаше овде со нејзините. Тие нејзини беа нејзиниот татко и неговата сопруга. Мајка ѝ на Зорана почина две години по нејзиното раѓање. Таа не се сеќаваше на нејзиниот лик. Ги знаеше само фотографиите што ѝ ги покажуваше татко ѝ. Оттаму го помнеше ликот на мјака си. Кога Зорана тргна во забавиште, татко ѝ се ожени со Калина.
Добра домаќинка добро готви. Не те зедов залудно – оваа реченица од татко ѝ ја имаше слушнато безброј пати. Како што растеше, колку често ги слушаше овие зборови, истите, толку поодбивни беа за неа.
Од надвор викендичката изгледаше грандиозно, пространо и големо.
Нашите кои заминуваат во странство по работа, овде „задолжително“ ги реновираат старите куќи или прават нови чиј простор и удобност останува неискористен од нивното најмногу десетдневно доаѓање во текот на една година. Ама куќите или викендичките мора да бидат грандиозни, не за друго, за да ги видат соседите, да завидуваат.
Откако влезе внатре го остави куферот до вратата, го вклучи копчето на бојлерот и се упати во салонот кој беше уреден во американски стил од деведесеттите. Таков го сакаше Калина. Обожуваше да ги носи пријателите овде кога доаѓаа на годишен одмор, не толку од љубезност и гостопримливост колку од тоа „да видат луѓето“. Го потпали огништето и веќе по половина час просторијата се исполни со топол воздух.Влезе во бањата и се почести со топла и миризлива купка. Ја понесе и нејзината „Шаума“ со мирис на ментол. Косата сега ѝ мирисаше на свежо нане. Уште еднаш помириса за да се увери дека мирисот на тие детски тефтерчиња исчезнал. И навистина, овој пат тој мирис го немаше.Извади една прекривка од шкафот под телевизорот и удобно се смести на троседот. Креветот директно гледаше кон прозорецот отспротива, кој отвораше простран поглед кон надворешноста. Гледаше во снегулките чиј волумен изгледаше поголем од волуменот на снегулките во градот крај прозорецот од нејзината соба. Топлината во собата полека ѝ го опушташе телото.
Помисли на првите денови во забавиште. Бледите сеќавања ја вратија на една игра во која се пееја стихови „…на Пирин планина“. Понатаму не можеше да се сети.
По ручекот секогаш излегуваше да го тресе чаршафот со ронки. Тоа ѝ беше задолжителна задача што ѝ ја додели Калина.
Мислеше на миговите кога ги врткаше сликите од мајка си во малите рачиња, а еднаш се случи Калина грубо да ѝ ги земе и никогаш повеќе не ѝ ги врати.
Додека беше жива баба ѝ, во текот на пролетта ја носеше на поле. Таму Зорана береше цвеќиња. Најмногу ги сакаше булките и цветните гранчиња на овошните дрвја. Кога ќе ги донесеа од полето, ја полнеа вазнатасо вода во форма на згрчена човечка рака. Таму ги ставаа.
Еднаш баба ѝ и направи венче од свежи пролетни цвеќиња. Ѝго стави на глава. Кога се гледаше во огледало, нејзиниот лик беше ист како ликот на самовилата од гобленот што стоеше закачен со клинци над спалната на баба ѝ и дедо ѝ.
Мислите полека ѝ надвиснуваа над очните капаци. Клепките се лепеа една со друга и ѝ го затвораа видното поле. Чувствуваше како нејзиното тело станува бестежинско и лебди над удобната површина на троседот. Потона во длабок сон.

Некаде кон седум часот наутро вибрирањето на мобилниот ја разбуди. Престигнувајќи се со десната рака, предметот се лизна од помошното масиче и се најде под троседот. Мрзливо клекна на подот, ја подаде раката во дното и без многу мака го извади предметот со еден куп прашина што се таложела на местото со текот на годините. Електронското поштенско сандаче донесе една добро позната порака:
„Почитувани, вашата фактура за јануари 2020 со број 103950858787 изнесува 942 денари. Плаќање може да извршите онлајнна www.A1.mk. Ве молиме за уплата до 20.02.2020. Ви благодариме. Ваш А1.“
Го фати цврсто телефонот и благо го турна по мекиот тепих додека повторно си ја местеше перницата. Потфрлувајќи го телефонот на земја, слушна трозвучен тап удар по дрвениот под, недалеку од тепихот. Несомнено заедно со телефонот имаше дофатено уште нешто под троседот, меѓутоа во трката за место тој мал предмет не се смести на удобниот тепих со бујни влакна, туку едноставно падна недалеку на дрвениот под. Се сврте кон местото од каде што дојде звукот. На подот имаше детска шнола во форма на зелена панделка. Мирисот на детски тефтерчиња повторно ѝ ги надразни ноздрите.
Уште првата зима кога татко ѝ се ожени со Калина, дојдоа на викенд во викендичката. Тогаш куќатане беше ни толку пространа, а не беше ни вака уредена оти во тоа време татко ѝ сè уште не беше заминал да работи надвор од земјата. Имаше многу снег. Додека скокаше во дворот, Зорана направи безброј бели ликови од белата прашина што постојано ја врткаше во малите прстиња скриени под детските ракавици. По еден час играње, влезе внатре. Под масичето во дневната соба имаше едно купче со ливчиња на кои беа нацртани ликовите од нејзините омилени детски серии. Го сакаше мирисот на тие ливчиња. Често ги мирисаше. Меѓу ваквите ливчиња чуваше една мала фотографија од мајка ѝ која минатото лето ја извади од една домашна рамка во куќата. Многу често знаеше со часови да гледа во фотографијата. На сликата мајка ѝ имаше долга бујна коса со јадри кадрици. По долгото гледање во мајчината коса, Зорана ќе отидеше пред огледалото и со малите рачиња ќе почнеше да ја допира сопствената коса. Бараше сличности иако реално не постоеја оти нејзината коса беше права, но таа сама ги изнаоѓаше во своите детски мисли. Во тие години замислуваше како косата на мајка ѝ сигурно го имала истиот мирис на нејзините тефтерчиња. Често ги триеше рачињата од сликата и така истиопт мисрис го нанесуваше на својата коса. Во тие мигови на детска интимност, нејзината коса и косата на мајка ѝ мирисаа исто. Ова го правеше единствено кога беше сама. Не сакаше Калина и татко ѝ да знаат за ова нејзино мало волшепство.
Меѓутоа баш тој ден Калина влезе во собата во мигот кога Зорана ги триеше малите рачиња од својата коса.
– Повторно се чешаш! Колку пати треба да те бањам во текот на денот за да мирисаш чисто? Нема веќе играње на снегот. Остави ги тие ливчиња и доаѓај во бањата.
Од косата на Зорана падна една зелена панделка. Грубата рака на Калина која боцкаше како трендафил без право го вадеше мајчиниотмирис од нејзината коса. Во бањата се почувствува мирис на шампон од нане.

Ја крена панделката од подот. Една обична шнола ја врати длабоко во детството, во мигови кои веќе беа речиси целосно заборавени. Краевите од косата повторно ги стави под ноздрите. Сега го немаше мирисот на ливчињата. Исто како пред дваесет години отиде во ходникот и застана пред огледалото. Ја помириса и шнолата. И таа беше го изгубила мирисот. Почна длабоко да вдишува како некое животно кое трча по некаква трага.Мирисот на детските тефтерчиња ненадејно исчезна. Длабоко вдишуваше неколку пати едно по друго. Сега единствено студениот воздух во собата го дразнеше црвеното носе кое како немирно животно ги ширеше и стеснуваше ноздрите.