Натопено лице од дожд, како прочистување кое носи надеж и слобода – или (25 години од премиерата на „Пред дождот“)

Филм што дури не ни сонува да ги разреши или да ги разбие кошмарите на бивша Југославија, филмот едноставно прикажува неколку луѓе кои се обидуваат чесно да се однесуваат и кои се наградени за својата мака со уште поголема мака.

Некаде 1994 година, еден дождлив ден, учителката нѐ собра и нѐ повика да гледаме еден многу важен филм за Македонија. Бевме на премиера на филм што се викаше „Пред дождот“. Премлади бевме да ја разбереме емотивната сложеност на филмот, и во сеќавање ни остана само една бенигна „љубовна“ сцена, која се случува во лондонскот акси-возило помеѓу Александар и Кетрин. Следеа ала парадизо овации на сцена со „месењето“, и сѐ уште не ни беше јасно кое е значајноста на филмот. Но, постои и друга мошне впечатлива слика за филмот која не мора нужно да биде интимна, туку е онаа општа и јавна, а тоа е секако на телевизија: Џило Понтеркорво, директор на Фестивалот во Венеција, екстатично извикува „Баста, сињор Милчо“. И потоа започнува да се одплеткува едно клопче филм. Покрај „Златниот лав“ во Венеција и номинацијата за Оскар, следат и други награди кои се вредни да се напоменат: ФИПРЕСЦИ – Награда на меѓународно здружение на филмски критичари, Premo Cinema Avvenire на најмладата публика; Наградата на публиката за најпопуларен филм; Rolling Venice Film Award, на градот Венеција, Leoncino d’Oro (Млад лав) на студентите од Италија; Специјално признание од меѓународната католичка филмска организација; Награда на УНИЦЕФ; Наградата на Кодак за прв филм; Наградата за најдобар актер за Раде Шербеџија од синдикатот на италијанските филмски новинари итн, итн. Ниту светските медиуми не останаа покуси во „суперлативите“: Time: „Пред нас се некои од најсјајните крупни планови откако Ингмар Бергман ја откри бојата. Бесмислената смрт се претвора во уметност со смисла; „Зашеметува, често хипнотичен, речиси удира како ремек-дело… Ве растресува… Небаре се појавува од ведро небо, ова е филм што е целосно оформен, непоколебливо самоуверен, дело на автор жив и инвентивен во секој кадар што го снима. Блескава виртуозност и визуелен елан“; „Тука монтажата е одлична лекција по уметност на создавање атмосфера… Последните четериесетина минути се постегнати и посјајни од било што на екраните годинава. Со неговите моменти на просветлување и крешендо на разнебитеност „Пред дождот“ е филм што дури не ни сонува да ги разреши или да ги разбие кошмарите на бивша Југославија, филмот едноставно прикажува неколку луѓе кои се обидуваат чесно да се однесуваат и кои се наградени за својата мака со уште поголема мака“. – Тhe New Yorker; Манчевски создава едно мајсторско и психолошко дело… „Пред дождот“, тоа речиси не мора ни да се каже, е филм, што мора да се види, на автор што го употребува јазикот на филмскиот спектакл и на видеоспотовите…; Манчевски создава едно мајсторско и психолошко дело… Едноставно е и соголено како грчка трагедија… – „Ле Фигаро; „Работејќи со софистициран, елиптичен стил, г. Манчевски на својот прв филм му дава неодолива визија. „The New York Times.; „Пред дождот“ несомнено, мал класик, возбудлив естетизиран, често пејзажите и лицата ги слика како за последен пат. – „Ле експрес“; „Висококалорична визуелна гозба“, вели Variety, буквално грми со емотивна сила“ пишува Washington Post „Морничаво убав филм… Фасцинантно… Бесмислена смрт се претвора во уметност со смисла“, пишува „Time” a “New York Newsday, вели дека „филмот има лик на блескава Холивудска продукција, но сепак не се обидува да ги омекне или поедностави комплексните теми: „Едно е сигурно: филмов ќе ве прогонува со денови“ пишува „Premiere”; „Ремек-дело со ретка поетичност и сирова храброст“, вели „The Philadelphia Enquirer”; „Редок, искрен скапоцен камен“, вели „New City”; “Како медитација за модерниот хаос и меланхоличното уметничко дело, „Пред дождот“ е предупредувачка приказна за цивилизацијата која запаѓа назад во бруталност. Ова е свет каде звукот на куршумите е нов есперанто“, пишува “The Atlanta Jurnal“.

„Пред дождот“ станува предмет на фестивалски хроники, рецензентски осврти, критичарски анализи, академски студии, есеи и компаративни истражувања.
Проекции на филмот, проследени со предавања на авторот Манчевски, оддржани се на универзитетите на Харвард, Јејл, Колумбија, Њујорк (каде Манчевски е редовен професор по режија на постдипломски студии) Јужен Илионоис, Сиетл, Централна Флорида, Оклахома, Јунион Клоџ, Илон во Северна Каролина, итн…
Филмот според признание на Манчевски е напишан во 1991 година и одбегнува да се себедефинира како филм (исклучиво) за македонските и балканските состојби, туку напротив, постојано ја потензира ризоматичноста на појавите, во смисол, се што може да се случи овде, може да се случи и некаде таму. Постојат три поглавја, составен дел од она што е се нарекува триптих кои се нарекуваат „Зборови“; „Лица“ и „Слики“. Музиката на бендот „Анастастија; е евокативно фоклорна; Фотографијата на Мануел Теран е питорексна и неумоливо впечатлива пасторала особено кога Црквата на Свети Јован Канео се употребува како главен мотив; визуелно гледано преовладува импресионистички пејзаж, препознатлив микс на манастири, езера и карпи што Манчевски ќе го употребува во сиот негов подоцнежен опус.
Во хорот пофалби на сите страни, признанија постоеја и малицизни гласови: за автобусот; површно читање дека филмот е „автоколонинизирачки“, дека игра на картата на балкански стереотипи, дека е своевидна балканска Ромео и Јулија. Ова последното и не мора да звучи лошо. Не дека „Пред дождот“ треба да биде беатифициран и дека не треба да се оспорат одредени слабости, како таа пример околу монтажата, но, ете да го задржиме јубиларниот тон. Манчевски школуван во САД, снима со професионалност својствена за тамошната продукција, но не е лишен од својата „словенска поетичност“, склоноста кон замрсеност, бидејќи несомнено тој е еден ретките македонски автори кој му посветува внимание на визуелното и на формата. Употребува прекршувања на линеарната наративна структура, со идеја на цикличност, со кружна драматургија, како сака да ни покаже дека автоматските пушки се само „модерен“ детаљ, од нешто што овде бескрајно се повторува. Светлана Слапшак во еден осврт за филмот напоменува дека „ако остани на ниво на легенда, ризикува игнорантско и манипулаторско толкување за „вековна омраза“ и дека дистовремено само со легенда може да постигне ниво на универзалност потребно нешто да се разбере.
Сцената со масовно убивање во лондонскиот ресторан, ја прекршува поделбата на „западен развиен свет“ и на „балкански воен котел“. „Кругот не е затворен“ (како кажува стариот монах го гледаме и на графит во Лондон) Друг критичар тврди дека проблемот со скоро сите карактери во филмот на Манчевски „е што не знаат што сакаат, односно нивната желба е желба на Другиот (како носител на симболното каде што секој, нели, знае каде му е местото)
Ликот на Александар (кој го игра феноменалниот Раде Шербеџија) фото-репортерот кој после потресно сведоштво на убиство во Босна, во крлежијански стил (мотивот на интелектуалец кој се враќа во родното место) се враќа на местото на злосторот, правејќи своевидна саможртва за муслиманската девојка. Постојат времиња што велеше Данило Киш во кој може да избираш да бидеш или жртва или гонич. Излишно е да се прераскажува нешто што станало своевидна филмска лектира: заклучокот е дека во филмот гинат сите протагоности кои се обидуваат да се спротистават на спиралата на насилството, притоа, иронично, гинат од раката на своите. Оттаму култната реплика „Пукај бе братучед“, анти-пророчката црта (се сеќава ли некој дека во 1994 Милчо веќе ја антиципирал 2001?) уште долго ќе одѕвонува како синоним дека идејата за некое племенско организирање на ниво на омраза, претставува вртлог, и срце на темнината во која сите може да пропаднеме.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Алекс Букарски
Кон филмот „Лет над кукавичјото гнездо“
Со многумина кои сум разговарал не знаат дека тоа е книга првенствено...
Повеќе
0 replies on “Натопено лице од дожд, како прочистување кое носи надеж и слобода – или (25 години од премиерата на „Пред дождот“)”