Професорот П.

В петок, професорот П. немаше предавања на факултетот. Како средовечен човек од педесетина години живееше сам, неоженет и без семејство. Ретко комуницираше со колегиумот. По завршувањето на предавањата заминуваше во својот работен кабинет, иако повеќето од неговите колеги излегуваа на цигара во задниот двор каде што немаше студенти или се собираа во библиотеката на катедрата каде што паузите си ги правеа подолги од дозволеното. Тој беше еден од ретките професори што не го делеше работниот кабинет со никого. Неговиот кабинет беше последен и стациониран во дното од тесниот ходник по кој минуваа сите професори што предаваа и работеа на истата катедра. Тоа беше ходничиште по должина, а мало ходниче по ширина, каде често разминувајќи се двајца професори знаеја ненадејно да се потчукнат по дланките или да се подзакачат со работните актовки. Наспрема кабинетот на професорот П., се наоѓаше кабинет кој го делеа две професорки од колегиумот на истата катедра. Секој петок точно во два часот попладне, професорката В. Д. излегуваше од спротивниот кабинет. Чкрипењето на клучот од соседната врата беше алармот на кој професорот П. беше веќе навикнал со години. Знаејќи го точното време на чкрипењето од ‘рѓосаната брава, професорот често знаеше неколку минути порано да се најде во ходникот, изведувајќи една иста пиеса. Се однесуваше како да доаѓа од местото на завршување на секојдневните обврски. Тогаш двајцата професори ненадејно ќе се потчукнеа со дланките или работните актовки. Таквото потчукнување тој го сметаше за нормално во просторот каде што едвај можеше да се сврти барем еден од нив и да погледне во кабинетот на другиот. Професорот ќе кимнеше со главата без никаков звук и повторно ќе си влезеше во својата работна просторија. Не беше заљубен, ниту пак го привлекуваше невообичаената физиономија на професорката В. Д. која што со својата става во своите рани триесетти, повеќе наликуваше на груб, силен и висок маж, отколку на една вообичаена професорка или речиси барем малку привлечна жена. Таквата потреба од допир на дланки, не потекнуваше од вообичаен телесен машки нагон со акцент на вообичаена сексуална фантазија која едноставно би се остварила во некој од тие два кабинети. Професорот П. имаше потреба едноставно од човечки допир. Како што неговите колеги имаа потреба од цигара така и тој имаше потреба да се потчукне со дланките во тесниот ходник со некој од своите колеги, а особено беше задоволен ако тоа беше професорката В. Д.. Барем така си ја објаснуваше на самиот себе оваа за другите со сигурност, невообичаена и изобличена homo sapiens потреба.
Прозорецот од неговиот кабинет гледаше директно кон паркиралиштето за автомобили. Затворен во својата просторија, често застануваше пред прозорецот и со часови размислуваше.
Денеска неговите мисли ги беше окупирала битната задача што пред три недели му ја зададе Деканот на Филолошкиот факултет. Требаше да изготви сценарио за денешниот ден за симпозиумот по повод сто години од раѓањето на Блаже Конески. Беа поканети видни доктори на науки од Филолошкиот факултет во Белград. Секој од нив требаше да настапи со свое излагање заедно со уште неколку домашни истакнати професори, меѓутоа главната реч и главната задача ја имаше токму професорот П. Иако смирен и повлечен по природа, овој пат дупчињата околу неговите усни линии го издаваа дека ваквата улога му претставувавше особена гордост и задоволство. Стоеше пред прозорецот во својата просторија и постојано погледнуваше на рачниот часовник што минатото лето го купи од една маалска продавничка во местото каде што живееше. Неговата повлечена природа не дозволуваше да излезат на површина и да се истакнат неговите вистински способности. Секогаш по завршувањето на предавањата брзаше во својата заштитна просторија сакајќи што побрзо да се скрие без никој да го вознемирува. Беше навикнал единствено на своите студенти и тоа му беше единствената публика. Иако со години работеше на Факултетот, никогаш не се вклучуваше во симпозиуми и во друг вид јавни настапи. Овој пат се здоби со една поинаква можност, само затоа што раката на институцијата од толку многу професори реши нему да му ја додели таа улога. Погледна кон пазувите и забележа темни кругови иако беше деветнаесетти декември и времето никако не предизвикуваше потење и покрај топлината во просторијата. Го облече сакото кое што пред малку уредно го остави на потпирачот од неговиот стол. Погледна уште еднаш во часовникот. Сега беше точно десет минути до пладне. Беше време да се напушти заштитната просторија и да се влезе во гнездото преполно од непознати пилци. Излезе, ја затвори вратата, клучот чкрипна два пати во бравата и се упати кон тесниот ходник. Работната актовка во која беше потсетникот ја потчукна од двајца студенти кои сега џагореа по тесната патека и по разговорот разбра дека најверојатно бараат некој негов колега кој го нарекуваат морон од професор и кој не можат со денови да го најдат во преодреденото време за консултации. Ваквото потчукнување повторно му ја крена самодовербата, ја крена главата и продолжи кон неговата врата на денот која сега беше ширум отворена.

Влезе со левата нога напред, иако беше суеверен, а сепак често забораваше на тоа свое измислено правило „со десно, па со лесно“. Дрвениот под во просторијата крцкаше од тежината на толкуте многу стапала. Забележа дека поголемиот дел од публиката ја сочинуваа студенти. Во левиот краен дел од просторијата виде неколку од неговата група, а веднаш пред нив на првиот ред седеа двајца негови колеги од катедрата за руски јазик. Како и вообичаено само кимна со главата и продолжи да чекори кон неговото место. Професорката В. Д. беше веќе пристигнала и го заземаше местото токму до неговото столче на говорницата. Повторно кимна со главата во знак на поздравување и седна до својата колешка. За да ја прикрие збунетоста на своето лице, ги извади листовите на кои пишуваше и составуваше во изминатите три недели. Во моментот и самиот не знаеше дали навистина му се потребни, меѓутоа ги врткаше така постојано ставајќи ги еден позади друг, со цел да ја прикрие напнатоста и да го пополни празниот простор на времето до самото почнување. Првиот ред беше речиси пополнет. Десната страна ја зазедоа гостите – професори од Филолошкиот факултет во Белград, а од левата страна му праќаа погледи негови добро познати колеги. Знаеше дека како почестен гостин на нивниот настан ќе присуствува и министерот за култура кој беше семеен пријател на Деканот на Филолошки. Веќе одминуваше дванаесет и седум минути. Често размислуваше за тоа зошто вакви функционери секогаш доцнат на настани. Повеќе сметаше оти ваквото доцнење е со вистинска умисла на ќеф отколку од вистинска презафатеност.
„Излегува од работното место, некаде е на терен или пак точно во дванаесет нула нула излегува од некое кафанче и полека и без малку грижа на совест се сместува во својот удобен автомобил со кој што така удобно и топло ќе биде превезен до Факултетот и каде сигурно ќе потроши уште пет мои така драгоцени минути од паркиралиштето до просторијата“. – размислуваше и изусти неколку тивки пцости кои што единствено професорката В. Д. која што седеше до него успеа да ги дослушне.
Течеше дванаесеттата минута после пладне. Веќе нестрпливо го чекаше знакот кој требаше да биде сигнал за почеток на денот. Точно во тринаесеттата минута после пладне, во просторијата влезе почитуваната делегација која професорот П. ја погледна со презир. Кога најпосле во првиот ред се пополни „најважното столче – пиедесталче“, со неколку воведни реченици професорот П. го започна симпозиумот. Иако ова беше неговиот прв јавен настап пред публика помешана од студенти и професори, неговата самоувереност, јасност и прецизност блескотеа во салата. Додека зборуваше постојано ја креваше десната рака. Со тоа како да сакаше да им даде уште поголема цврстина на своите добро пристегнати и јасно изустени зборови. По десетина минути го заврши својот прв дел и тука и препушти збор на жената до него. За разлика од професорот П., професорката В. Д. започна со мала растрепереност во гласот која несомнено и создаваше мали потешкотии при започнување на излагањето, меѓутоа веќе во третата минута успешно пливаше во зборовите на сопствените води.
Како и повеќето професори по филозофија, професорката се внесе во своето излагање и веќе по петнаесетина минути дејствуваше како стар автомобил по удолница кој патува единствено само со рачна кочница. За тоа време професорот П. повторно ги врткаше листовите подготвувајќи се гордо за второто излагање. Во еден момент им се судрија погледите со Деканот. Се зачуди кога почитуваниот стана од столчето, тивко му се приближи и му шепна нешто на професорот. На лицето на професорот П. се создаде гримаса на незадоволство која несомнено беше забележана од публиката. По завршеното излагање на професорката, со поинаква боја на гласот, изусти реченица која не беше дел од спремниот материјал во изминатите три недели.
– Сега почитувани го повикувам министерот за култура кој како потомок на универзитетски професор кој бил близок пријател на големиот Блаже Конески ќе се надоврзе на нашите излагања.
Кога го кажа и последниот збор се почувствува како полжав кој сака што побрзо да влезе во внатрешноста на своето ковчеже. Помисли дека никогаш во животот немаше кажано нешто поглупаво. Чувствуваше потреба да се скрие во внатрешноста на катедрата која го прикриваше единствено до неговите гради и посакуваше воопшто да се заборави на неговото денешно присуство во просторијата. Неговите горделиви дупчиња околу усните линии в час ги снема. Да се дејствува од примораност во општеството, за него претставуваше дебилска противвредност на моменталното што задушува, а истовремено таквата примораност интелектуалците ги претвораше во послушни полтрончиња на претпоставените.

Што ли би можел да каже тој министер сега во моментот? Неговиот говор со политички акцент уште во првите триесет секунди би го урнал тринеделниот труд на професорот.
Исклишеизираниот сигнал на „надежта последна умира“ траеше само неколку секунди, а потоа секако следуваше очекуваното.
– Ние можеме… – беа почетните зборови на министерот кој со својата крената рака како да ќе го претставуваше Блаже Конески на политички митинг.
Професорот П. посака што побрзо да ја напушти просторијата. Листовите на кои пишуваше и составуваше цели три недели сега како да беа брутално згазени од ѓонот на Деканот и почитуваниот гостин.
По завршувањето на говорот на почитуваниот, хронологијата на настанот беше веќе нарушена. Останатите професори беа повикани да почнат со свое излагање, а улогата на професорот беше ставена во позадина, речиси и целосно заборавена. Додека другите професори еден по еден почнаа да зборуваат, професорот П. тивко се симна од говорницата и застана во левиот средишен дел покрај ѕидот во просторијата.
На крајот како и на секој настан, од турканицата што се создаде на излезот од вратата, никој не го ни забележа професорот П. Со својата работна актовка во која се ноѓаше тринеделниот труд за симпозиумот потчукна неколкумина од гостите, меѓутоа овој пат некако посилно од вообичаено. Во гужвата најверојатно и никој не го забележа тоа. Излезе од просторијата и продолжи да чекори по ходникот кој водеше до неговиот работен кабинет. Како и секогаш таму се чувствуваше најспокојно, одвоен од сложувалката на општеството каде неговата алка немаше свое место на совпаѓање.