THE GAME

Username

Пред десетина години напишав една книга со наслов Варвари. Во тоа време, на голем број обични луѓе, и речиси на сите оние што учеле малку повеќе, им се случуваше да забележат нешто зачудувачко: некои од активностите што се сметаат за најдостојни, најубави и најисполнети со смисла, активности изгладени од повеќевековна употреба – како да го губеа она најскапоценото што го имаа, очигледно прибегнувајќи кон еден небрежен и упростувачки пристап. Без оглед на тоа дали стануваше збор за јадење, учење, забава, патување или секс – изгледаше како човечкиот род да се имаше одучено да ги прави сите тие нешта на убав начин, со соодветното внимание и со промислената грижа што ги беше научил од своите предци. Како човештвото одеднаш да почна да претпочита сè да прави набрзина и површно.
Една конкретна зачуденост произлегуваше од секојдневното набљудување на децата: тие како да беа плен на некое необјасниво генетско уназадување, поради кое, наместо да го подобруваат човештвото, како убедливо да спроведуваа негов мистериозен регрес. Некадарни да се сконцентрираат, растргнати од еден стерилен мултитаскинг, постојано прикачени на некаков компјутер, лутаа по кората на нештата без очигледна цел, или во некаков поход да ја ограничат извесноста на некоја казна. Во нивното нечитливо движење низ светот се насетуваше најавата на некаква криза и се веруваше дека може да се забележи неизбежноста на една културна апокалипса.
Беше тоа напорен период. Мисловните капацитети како целосно да беа ангажирани во осуда на пропаста на ова или на она. Времето се минуваше во одбрана на нешта што се рушеа. Некои избезумени луѓе, без ни малку осет за гротескноста на ситуацијата во која се наоѓаа, потпишуваа петиции за одбрана на старите млекарници или на конјунктивот. Се чувствувавме подобри секогаш кога ќе успеевме да одбраниме нешто и да избегнеме ветерот на времето да го однесе. Што се однесува на иднината како обврска, повеќето од нас се чувствуваа оправдано незасегнати: итно мораше да се спасува минатото.
Мора да додадам дека сепак се веруваше дека постои некакво објаснување на сето тоа рушење на заедницата: работата не беше баш јасна, ама сигурно беа тука некако вмешани дигиталната револуција (сите тие компјутери) и глобализацијата (сите тие трговци). Во инкубаторот на тие две неодоливи сили очигледно се беше развил еден човечки сој чиишто амбиции не можеа да се сфатат, чијшто јазик не се познаваше, чиишто вкусови не се споделуваа и чиишто манири се презираа: варварите, ако сакаме да употребиме поим што и порано, во нашата историја на господарење со планетата, ни се има најдено за да го подведеме под заеднички именител напорниот диверзитет на народи што не успевавме ни да ги сфатиме, ни да ги скротиме.
Инстинктот ни велеше да ги сопреме. Предрасудата, мошне распространета, ни велеше дека тие се разурнувачи и точка.
Како да не, си велев.

И навистина, потоа ја напишав книгата, а тоа го направив за си објаснам и себеси и на другите дека, според секоја веројатност, она што ни се случува не беше наезда на варвари устремени кон збришување на нашето рафинирано општество, туку една мутација што се однесува на сите и која многу наскоро ќе успее да создаде едно ново општество, на некој начин подобро од она во кое бевме израснале. Бев убеден дека не се работи за разорна инвазија, туку за досетлива мутација. Колективна преориентација кон нови техники на преживување. Генијално стратешко скршнување. Помислував на оние спектакуларни скршнувања што ги имаме наречено хуманизам, просветителство, романтизам, и бев убеден дека живееме една слична, неповторлива промена на парадигма. Си ги ротираме принципите за сто и осумдесет степени, како и порано, во одредени историски околности што останале запаметени. Верував дека нема потреба од страв, сè ќе биде во ред. Колку и да можеше да се чини тоа изненадувачки, набрзо ќе најдеме добра причина за смирено да се откажеме и од старите млекарници, па дури и од конјунктивот.
Не беше тоа луд оптимизам, како што повеќепати се обидов да објаснам: за мене тоа беше најобичен реализам. Кога луѓето мислат дека тинејџерот што не користи конјунктив е симптом на културно уназадување, без притоа да забележат дека тоа момче од друга страна има изгледано триесет пати повеќе филмови од неговиот татко кога бил на негова возраст, тоа не значи дека јас сум оптимист, туку дека тие се невнимателни. Кога радарот на интелектуалците ќе ја констатира неутешната глупавост на книгата што се нашла на врвот од табелата и тоа ќе го поистовети со културна катастрофа, јас се трудам да се држам до фактите, па се потсетувам дека оние што ја сместиле таа книга таму горе се една јавност што до пред само шеесет години не само што не купуваше книги туку беше и неписмена: чекорот нанапред е очигледен. Во еден ваков пејзаж, не е лесно да се утврди кој е оној што раскажува басни: дали јас, со мојот ситничарски реализам, или тие, со нивната поетична наклонетост кон апокалиптичниот fantasy жанр.
Додека губевме време со вакви расправи, едни други индивидуи, најчесто сместени во Калифорнија и најчесто припадници на една мошне неупадна, прагматична и релативно претприемачки настроена елита, го менуваа светот, и го правеа тоа ТЕХНИЧКИ, без да објаснат каква замисла за човештвото имаат на памет, и можеби без да знаат какви последици сето тоа би имало врз нашите мозоци и врз нашите чувства. Во врска со млекарниците и со конјунктивот немаа некој особен став: во поглед на потребата да се заштити минатото, всушност, тие се чувствуваа оправдано незасегнати. Итно мораше да се измисли иднината.

Потоа, со необјасниво задоцнување ми се случи да сфатам дека парадигмата на распадот за многу луѓе претставува еден утешен пејзаж, посакуван терен за игра. Не зборувам за трагедиите, ниту пак за катастрофите – кои се, напротив, омилен хабитат на извесни малцинства сочинети од несекојдневно умни луѓе. Зборувам за нешто понејасно: колку и да се чини тоа апсурдно, ние сме најчесто животинки што ги полагаат јајцата онаму каде што можат да сметаат на еден РЕЛАТИВНО ЕЛЕГАНТЕН И БАВЕН ПАД. Исто така, треба да се има предвид дека благо искосеното поле на умерената катастрофа се чини особено соодветно за најраспространетиот тип интелигенција: онаа кадарна за страдање, со цврст чекор, повеќе трпелива отколку мечтателски настроена, и во суштина конзервативна. Со оглед на тоа што полесно ѝ е да го перципира светот кога тој се движи со умерена брзина, го забавува; со оглед на тоа што посоодветна ѝ е играта во одбрана, го дава најдоброто од себе во присуство на непријатели и неизбежни катастрофи; со оглед на тоа што нема предиспозиција за игра во напад, се плаши од иднината.
Така, штом ќе им се укаже можност, луѓето се стремат кон тоа да избегнат предолга изложеност на отворениот терен на иноваторството и одново да го поведат со себе своето племе во оној натпревар што им се чини најсоодветен на нивните способности, т.е. во одбраната на меморијата. Засолнати под нештата што треба да се бранат, одмораме, ги полагаме јајцата и ги одгледуваме идните времиња, одложувајќи го што е можно повеќе следниот напад на глад што ќе нè извлече надвор од дувлата.

Во секој случај, на крајот одлучив да ја напишам книгата, и навистина ја напишав, како фељтон, во еден дневен весник: начин што ми се чинеше сјајно варварски. Мислев да ѝ ставам наслов Мутација. Но директорот на весникот – своевиден гениј – долго го набљудуваше тој наслов, а потоа едноставно рече: „Не. Многу е подобро Варвари.“
Понекогаш имам добар карактер: ја насловив Варвари .
И додадов поднаслов: Есеј за мутацијата.
И тераме.

Првото нешто што се случи мошне ме изненади: вложував многу напор за да ги убедам луѓето дека тоа не беше книга ПРОТИВ варварите. Толку имаа желба да им биде кажано на убедлив и сјаен начин дека сè се руши и дека за тоа се виновни ОНИЕ ОНАМУ што, веднаш штом ќе го видеа тој наслов, се калибрираа на еден ментален склоп поради кој, што и да прочитаа, читаа дека сè се руши и дека за тоа се виновни ОНИЕ ОНАМУ.
Ви се колнам.
Минав доста време во повторување дека варварите, како што се залагаше и книгата, не постојат, дека тоа сме сите ние, дека се менуваме, и тоа на еден спектакуларен начин – а тие доаѓаа да ми се заблагодарат затоа што сум го осудил пустошот што ОНИЕ ОНАМУ го правеа. Можеби како наслов требаше да ставам Да живеат варварите, но ни тоа можеби немаше да заврши работа. Кога човек полека и смирено ги полага своите јајца во дувлото на нештата што треба да бидат спасени, засолнат под топлата покривка на убавиот пад, не можеш тукутака да успееш да го извлечеш оттаму. Колективната инерција беше наклонета кон удобната осуда на некоја сè поблиска апокалипса, устремена кон задушување на убавата душа на светот: а да се пренасочи текот на тие мисли беше ужасно тешко, честопати и невозможно.
Оттогаш поминаа десетина години и, еве, сега сум во состојба да тврдам нешто што во меѓувреме на извесен начин ме успокои: колективната нарација се смени, племето излезе од дувлата и денес малкумина се оние што сето ова што ни се случува си го објаснуваат со басната за некаквиси варвари што ги спалуваат нашите тврдини, поттикнати од ентузијазмот на шака трговци надвиснати над пленот. Денес најголем број од луѓето од западот го имаат прифатено фактот дека доживуваат еден вид револуција – дефинитивно технолошка, а можеби и ментална – која е предодредена да ги измени речиси сите нивни активности, веројатно и нивните приоритети, а во крајна линија можеби и самото сфаќање околу тоа што е, всушност, искуството. Можеби се плашат од последиците, можеби и не ја разбираат доволно оваа револуција, но немаат многу сомнежи околу фактот дека таа е неопходна и неизбежна и дека кон неа се прибегнало во обид да се коригираат некои грешки што скапо нè чинеле во минатото. Така, тие ја имаат прифатено неа како задача, како предизвик. Неретко веруваат дека ќе нè одведе кон еден подобар свет. Сè уште ги има многумина оние што се засолнати под чадорот на нарацијата за падот, но, како во некој вид песочен часовник, се стремат кон тоа еден по еден да се слизнуваат во тесното грло на сопствените стравови за да им се придружат на другите, оние од другата страна на времето.
Што е тоа што се случи, ќе се запраша некој, што толку брзо нè премисли и нè натера да ја прифатиме можноста за една револуција од која ни зависи сè?
Прецизен одговор немам, но затоа имам еден краток список на нешта што пред дваесет години не постоеја, а денес да:

    □ WIKIPEDIA
    □ FACEBOOK
    □ SKYPE
    □ YOUTUBE
    □ SPOTIFY
    □ NETFLIX
    □ TWITTER
    □ YOUPORN
    □ AIRBNB
    □ IPHONE
    □ INSTAGRAM
    □ UBER
    □ WHATSAPP
    □ TINDER
    □ TRIPADVISOR
    □ PINTEREST

Ако немате попаметна работа, ставете по еден Х крај сите оние виртуелни простори на кои секој ден им посветувате па и не толку занемарлив дел од своето време.
Баеги ги има, нели? На човек му доаѓа да се запраша со што добога си ги пополнувавме деновите порано.
Со крстозбори?

Овој список има многу што да нè научи, но едно нешто може веднаш да се заклучи: за дваесет години револуцијата се вгнездила во она што се смета за нормално – во обичните гестови, во секојдневниот живот, во нашето управување со желбите и со стравовите. Со овој степен на продор, да се негира нејзиното постоење е идиотски чин, но, од друга страна, почнува да станува мошне напорно таа да се претставува како метаморфоза наметната одозгора и од силите на злото. Впрочем, сфаќаме дека во најелементарните навики на нашиот секојдневен живот се движиме со физички и со умствени механизми што пред само дваесет години едвај ќе ги прифатевме, и тоа кај некои следни генерации чијашто смисла не ја разбираме и чијшто пад го осудуваме. Што се случи? Освоени ли сме? Некој ни наметнал модел на живот што не ни припаѓа?
Неточно би било да се одговори потврдно. Ако воопшто, поточно е да се рече дека некој ни го ПРЕДЛОЖИЛ таквиот модел на живот, а ние секој ден одново ја прифаќаме таа покана, втиснувајќи му на нашето присуство во светот една прецизна извиеност во однос на минатото: со нејзина помош имаме усвоено еден ментален склоп што пред дваесет години можеби ќе ни се чинеше апсурден, обезличен и варварски, а кој денес, ако се држиме до фактите, е нашиот начин да се чувствуваме раскомотени, живи, па дури и елегантни во струјата на секојдневниот живот. Впечатокот дека сме нападнати се расчини, и сега превагнува чувството дека сме отишле еден чекор потаму од познатиот свет и дека сме почнале да колонизираме територии од самите нас што никогаш порано не сме ги истражувале, а делумно не сме ги ни имале создадено. Започна да се пробива идејата за едно АУГМЕНТИРАНО ЧОВЕШТВО , а идејата да се биде дел од него испадна попримамлива отколку што порано беше страшна можноста човек да биде депортиран таму. Така, на крајот пристапивме кон една мутација чиешто постоење на почетокот отворено го негиравме – а нашата интелигенција ја насочивме кон нејзина употреба наместо кон нејзин бојкот. Би забележал дека ова нè одведе, меѓу другото, и до тоа на затворањето на старите млекарници да гледаме како на неизбежен колатерален ефект. Од друга страна, за многу брзо време почнавме да отвораме локали што се цитати на старите млекарници: тоа е нашиот начин да се збогуваме со минатото, преку негово метаболизирање.
Ајде нека рече некој дека не сме гении.

Тогаш пристапивме кон точно дефинирање на целата работа и коригиравме некои почетнички пропусти. Сега знаеме дека станува збор за револуција и подготвени сме да веруваме дека таа е плод на една колективна креација – па дури и на едно колективно ПРЕСОЗДАВАЊЕ – а не непредвидена дегенерација на системот или подмолен план на некој гениј на злото. Живееме иднина што ја имаме изнудено од минатото, која ни следува и која силно ја сакавме. Овој нов свет е наш – наша е оваа револуција.
Добро.
Сега треба да се сосредоточиме на една не толку интересна поента: ОВА Е ЕДЕН СВЕТ ШТО НЕ БИ ЗНАЕЛЕ ДА ГО ОБЈАСНИМЕ, ОВА Е РЕВОЛУЦИЈА НА КОЈА НЕ Ѝ ГО ЗНАЕМЕ СО СИГУРНОСТ НИ ПОТЕКЛОТО, НИ ЦЕЛТА.
Добога, белки има некој некакво поимање на нештата. Како и да е, она што го знаеме за мутацијата низ која минуваме е навистина малку. Нашите активности веќе се изменија, и тоа со една вџашувачка брзина, но мислите како да ни заостанаа во ангажманот да го именуваме она што го создаваме во секој миг. Од пред извесно време не се веќе исти просторот и времето, а истото им се случува и на други ментални простори што долго време ги нарекувавме минато, душа, искуство, индивидуа, слобода. Сè и Ништо имаат значење што пред само пет години ќе ни се чинеше непрецизно, а оние нешта што со векови ги нарекувавме уметнички дела сега останаа без име. Со сигурност знаеме дека ќе се ориентираме со мапи што сè уште не постојат, ќе имаме сфаќање за убавината какво што не можеме да предвидиме, а вистина ќе нарекуваме една мрежа од фигури што во минатото ќе ги осудевме како привиди. Си велиме дека сето она што се случува сигурно има потекло и цел, но не знаеме кои се. По неколку века, ќе нè паметат како конквистадори на една Земја во која ние денес едвај би можеле да си го најдеме патот до дома.
Нели е тоа чудесно?
Јас мислам дека навистина е, и тоа е причината поради која ја пишувам оваа книга: ме привлекува можноста да отидам и да поживеам малку онаму каде што револуцијата што ја создаваме се осветлува, занемува, се губи во сопствениот понор. Онаму каде што не ги сфаќаме нејзините движења, каде што ја крие смислата на сопствените потези, каде што го оневозможува пристапот до корените на она што го прави. Онаму каде што ни личи на мистериозна граница. Бескрајни прерии, а никаде ни малку чад што би ја сечел линијата на хоризонтот. Никаков знак. Само приказните на понекој пионер.
Не би сакал да дадам погрешен впечаток дека јас ги имам одговорите и дека тука сум за да објаснувам работи.
Но мапите ги имам, тоа да. Секако, сè додека не тргнам на пат, нема да знам дали можам да се потпрам на нив – не знам дали се прецизни, дали се корисни.
Оваа книга ја пишувам тргнувајќи на тој пат.

За да не се изгубам премногу, ќе користам еден компас што никогаш не ме разочарал: стравот. Следи ги трагите на стравот и ќе најдеш дом: оној твојот и оној на другите. Во овој случај тоа е мошне лесно затоа што наоколу има доста стравови, а некои се сè само не наивни.
На пример. Има еден што вели вака: СЕ ДВИЖИМЕ НАНАПРЕД СО ИЗГАСНАТИ СВЕТЛА. Тоа е мошне вистинито. Не знаеме добро од што се роди оваа револуција, а уште помалку знаеме која ѝ е целта. Не ѝ ги познаваме одредиштата и не би можеле да ги посочиме со пристојна прецизност нејзините вредности и принципи: ги знаеме оние од просветителството, на пример, но не и нашите. Барем не толку јасно. Така, ако нашето дете нè праша каде одиме, имаме склоност да се засолнеме во лукави одговори [„Ти кажи ми“ е моментално најдобриот: при што се искажува итната потреба некој да ја напише оваа книга, во крајна граница некој што не сум јас].
ЕДЕН ДРУГ ЗВУЧИ ВАКА: сигурни ли сме дека не станува збор за една технолошка револуција што слепо налага една неконтролирана антрополошка метаморфоза? Имаме одбрано алатки, и ни се допаѓаат, но: се погрижил ли некој да ги пресмета, превентивно, последиците што нивната употреба ќе ги нанесе врз начинот на кој присуствуваме во светов, можеби и врз нашата интелигенција и, во краен случај, врз нашето сфаќање за доброто и злото? Постои ли некаква замисла за човештвото зад разноразните Гејтс, Џобс, Безос, Цукерберг, Брин, Пејџ, или има само сјајни бизнис идеи што произведуваат, сосем ненамерно и на тепка, едно ново човештво?
ПОТОА ИМА УШТЕ ЕДЕН ШТО ОСОБЕНО МИ СЕ ДОПАЃА: генерираме едно општество што е многу сјајно, па дури и допадливо, но кое не се чини дека е во состојба да го издржи бранот од ударот на реалноста. Новото општество е славеничко, но светот и Историјата не се: нели со разнебитување на нашата способност за трпение, напор и смиреност би создале генерации неспособни да се спротивстават на пороите на судбината, или макар на неизбежното насилство од каков и да е вид? Заитани во увежбувањето на вештината „читање“, ја губиме мускулната маса неопходна за да се фатиме во костец со реалноста: оттука произлегува една извесна склоност кон тоа да ја ублажиме реалноста, да ја избегнеме, да ја замениме со полежерни претстави што ги приспособуваат нејзините содржини со цел да ги направат компатибилни со сите наши devices и со типот на интелигенција што се развила во нивните логики. Сигурни ли сме дека ваквата тактика не е самоубиствена?
УШТЕ ПОСУПТИЛЕН Е ЕДЕН ДРУГ СТРАВ, кој е мошне распространет и кој би можел да го резимирам само со овие обични зборови: со секој изминат ден, луѓето губат по еден мал дел од својата човештина, постојано претпочитајќи една извештаченост што е мошне попрактична и побезгрешна. Кога и да можат, изборите и одлуките луѓето им ги делегираат на машини, алгоритми, статистики, рангирања. Како резултат, добиваме еден свет во коj сè помалку се забележува раката на грнчарот – да се послужиме со овој израз драг на Валтер Бенјамин – свет што повеќе личи на производ од индустриски процес отколку на дело од занаетчиска работилница. Таков ли го сакаме светот? Егзактен, исполиран и студен?
ДА НЕ ГО НИ СПОМНУВАМЕ КОШМАРОТ НА ПОВРШНОСТА, тој е убиствен. Тоа е овој неумолив сомнеж дека перцепцијата на светот диктирана од новите технологии губи цел еден дел од реалноста, и тоа можеби оној најдобриот: оној што пулсира под површината на нештата, оној до кој се стигнува само изминувајќи еден трпелив, напорен и префинет пат. Тоа е едно место поради кое во минатото сме создале еден збор што потоа се претворил во тотем: ДЛАБОЧИНА. Тој му даваше облик на убедувањето дека нештата наводно имаат некаква смисла, па макар била таа затскриена на некои речиси недостапни места. Тој збор укажуваше на едно место: како да се негира фактот дека нашите нови техники на читање на светот се чинат намерно изработени за да го направат симнувањето до тоа место невозможно, и речиси задолжително брзото и неуморно движење по површината на работите? Што ќе биде од општеството што веќе не знае ни да се симне до корените, ни да се искачи до изворите? За што ќе му служи стручноста со која скока помеѓу различните гранки и со која плови следејќи ја брзината на струјата? Испаруваме ли во едно славеничко ништо, кое ќе биде нашата последна приредба?
Со години не бев изнапишал толку многу прашалници наеднаш.

Она што го мислам за тие стравови, и за други стравови слични на нив, ќе го забележам тука: да се имаат денес стравови од тој тип не е малоумно, како што впрочем некои од најелитарните фракции на револуцијата би сакале да се верува, туку тоа е резултат на еден збир показатели што би било малоумно да се игнорираат. Но исто така:

    ◄во секој од тие стравови ја имаме сошиено и дефиницијата на еден потег што го правиме, и благодарение на кој стануваме подобри. Така, кога би биле кадарни да одговориме на секој од оние прашалници, краен производ од тоа би била уредната содржина од книгата на нашата револуција. Затоа што мапата на она што го правиме е исцртана на опачината од нашите стравови. Така ја минуваме границата кон едно ново општество, без да бидеме упадливи, сокривајќи ја во двојното дно на нашите сомнежи прокриумчарената убеденост во постоењето на некоја генијална Ветена Земја. ◄

Ова е едно бездруго примамливо патување, дотолку што неретко ми се случувало да се занесам набљудувајќи го, а како исход од тоа да биде доцнењето и губењето чекор со оние што навистина се тргнати на ова патување. Од оваа чудна перспектива на картограф што доцни и дезинформиран зналец, продолжувам да колекционирам белешки и скици во кои нагаѓам имиња и места. Во миговите на најлуциден оптимизам, сонувам една прецизна мапа, а секоја моја интуиција си го наоѓа своето место на еден прекрасен глобус. Тие мигови се ретки: сакајќи да не ги трошам напразно, ми се чинеше неизбежно да ја напишам книгава што ја читате – и планирам да го направам тоа со сета внимателност за која сум способен.