СТУД

Врие водата во чајникот. Набабрените меурчиња клопотат по површината. Го отвораш десното вратиче на последното висече од кујната и вадиш книжено кесе од леб. Во секое од тие книжени кесиња од леб шумолат сронети ливчиња од некаква сушена трева. Пролетта баба ти ги береше за тебе. Ги сушеше седум дена на бел чаршав, а потоа ги собра и грижливо ги наполни во книжените кеси од леб. Тие кеси беа од секојдневното купување леб и никогаш не ги фрлаше. Знаеш таа не фрлаше речиси ништо. Дури и твоите износени алишта сè уште ги чуваше во орманот. Одамна престана да меси домашен леб. Помниш добро, секоја кеса беше здиплена три пати и така меко сместена во последната фиока во десниот агол под прозорецот на кујната. Сега ги имаш неколку во истото висече, ама ти го земаш она од ќошот на левата страна. Со впечатливо големи букви испишани од човек кој најверојатно носи очила, пишува босилек и коприва. Две шаки од тие бабини треви истураш во врелата вода. Мирис на полјана ја дои душата. Се шират носните ноздринки и лакомо вшукувааат од поилото на чајни цветови. Тоа поило на нектар од мешавини пецка во грлото. Миксираната содржина се лизга во шолјата и до врв ја полни внатрешноста.
Веќе со години дланките ти се студени. Дури и прстенот од твојата десна дланка станал студен. Ги прилепуваш за бочните страни од шолјата полна со чај. Пак не се стоплуваат.
Ја земаш шолјата и се приближуваш до прозорецот. Дождот плоскоти по таа стаклена површина. Си мислиш најверојатно е исто толку студена како и твоите дланки. Кондензацијата на воздухот ја прави таа површина совршена за пишување. Знаеш, еден допир – еден жиг. Водените капки создаваат патеки по надворешноста. Една капка се спојува со друга, тие две со трета и така се спојуваат во потребно тежинско цело што ќе се слизне по таа студена и мазна површина.

Погледнуваш во шолјата чај. Веќе не испарува. Ги спојуваш твоите усни со бочните рабови на садот. Не можеш да си поверуваш, ама чувствуваш студенило на комора. Твоите дланки го оладиле чајот. Повторно погледнуваш во прозорецот. Рамката го дели прозорецот на четири еднакви дела. Дрвениот крст создава четири четвртини од едно цело. Во секоја четвртина вода – целина разделена во рој капки. Капките се лизгааат во правец на долу. Долу се завршува. На крајот исто е. И капките и луѓето завршуваат долу. Погледнуваш во дрвената рамка и пак ја повлекуваш шолјата чај до твоите усни. Уште постудена е. Пак погледнуваш во закачените дождовни капки на стаклената површина. Инстинктивно твојата рака се подига. Со максимален нагон на силина и тежина колку што можат да поднесат прстите од таа твоја студена дланка удираш по површината што претставува граница меѓу твојот заштитетн простор и надворешноста. Силен трескот ја распарчува таа стаклена површина и сета целина ја претвора во парампарчиња. Сега веќе не е целина. Ја подаваш раката надвор. Ги чувствуваш капките од дождот, ама не застануваат на твојата дланка. Неверојатно, поминуваат низ студената дланка која не успеваат да ја измијат од студенилото.