ОПЛОДЕНИ МОМЕНТИ

    (Реч на промоцијата на романот „Двојно стакло“ од Халдора Тородсен,
    Книжевен фестивал Букстар, Скопје, 07.10.2019)

Гостувањето на исландската писателка Халдора Тородсен во нашата земја е ретка и скапоцена можност за сите нас, и тоа не е само куртоазна фраза со која сакаме да се покажеме како добри домаќини, туку навистина извонредна прилика од прва рака да осознаеме барем делче од светогледот и културната различност на оваа островска земја од крајниот север на Европа, од која не делат над 3600 км. Од време на време до нас доаѓаат скудни информации за Исланд, кои како по правило, барем мене, секогаш ми се чинеле како „too good to be true“ – од ниските даноци, преку користењето на извори на обновлива енергија, до бројните демократски придобивки, рамноправноста на сите полиња и високата стапка на родова еднаквост. Но, за жал, освен Бјорк и некакви магловити идеи за сагите и Викинзите, морам да признам дека моите познавања на исландската култура и литература се исклучително мали, речиси непостоечки.
Токму затоа со голема љубопитност се фрлив на читањето на романот, дополнително заскокоткана од фактот дека Тородсен за него добила некои значајни награди меѓу кои и Наградата за литература на Европската Унија во 2017. Насловот на книгата е уште една од низата провокации – двојно стакло како некаква поинаква визура, како некаков пасивен увид во нештата од другата страна на прозорецот, но истовремено како сигурна, безбедна далечина и дури, своевидна изолираност од надворешниот свет кој го посматра.
Тоа чувство на осаменост и изолираност го засилува и основната позиција од која ни говори авторката т.е. нејзината нараторка која е повозрасна жена со 78 години и која и покрај тоа што се чувствува осамено по смртта на сопругот одбива да ги мине годините што и преостануваат во исчекување на смртта. Иако свесна за минливоста на времето, таа се труди да го искористи секој миг од животот и своето право на среќна иднина. Иако аутсајдер во клубот на долгогодишните брачни парови, таа открива новостекната слобода да се движи каде посакува бидејќи веќе не му е интересна ниту на силувачот кој ја напаѓа на улица, да ги препрочитува книгите кои ги читала пред многу години од поинаков ракурс, да ужива во утринските појадоци како мали ритуали на хедонистички луксузи… Сосема е свесна и за промените кои ѝ се случиле, за тресењето на рацете и пропаѓањето на телото поради што здравиот разум го третира како последна сламка, плашејќи се од нарушување на помнењето, опсесивно внимавајќи на рутината и запишувајќи сѐ во еден нотес. Свесна е и дека светот се менува, свесна е за дигиталната епоха и материјализмот, за брендовите и новопечените богаташи, за симболите на вкусот, симболите на богатство и власт насекаде околу неа, за страдањето на човечкиот род и парадоксите на модерното живеење. Но, тоа не ја намалува нејзината желба за самостојност и независност, за исполнет живот и поглед кон сегашноста и кон иднината. „Смислата на нејзиниот живот е да го оплоди секој момент. Секој ден да го пополни со нешто битно, со нешто што ќе испее. Да се одврати од безнадежноста и летаргијата. Колку многу одговорности за една мала жена.“ (Тородсен, 2019: 50)
Спротивно на традиционалното прикажување на возрасните како луѓе свртени кон реминисценции од минатото и ретроспектива на сопствениот живот, оваа жена оди до кафулето на чашка џин, учествува во демонстрациите на улиците на Рејкјавик против власта по колапсот на банкарскиот систем и – се впушта во љубовна врска. Така, полека кршејќи ги табуата за староста и очекуваното (и прифатливо) однесување на една жена во нејзини години, во приказната влетува уште едно табу – љубовта во зрели години. Иако на почетокот сомничава генерално , но и во однос на романсата која чука на прозорецот , таа сепак не ја отфрла можноста за нова среќа во животот. Копнее по љубовта и подготвена е да ѝ се покори иако тоа ѝ го ремети секојдневието. „Сверир ја пречекува со бакнеж. Имаше намера да го предупреди, да му каже дека невротрасмитерите се недоверливо настроени, а нервните завршетоци истрошени и рамнодушни. Но нема потреба за тоа, ниту таа, ниту тој не се преправаат дека се во цутот на младоста. Се е толку едноставно, нежно и убаво.“ (Тородсен, 2019: 47).
Во виорот на сопствената емоција, хероината на Тородсен гледа и кон пошироката слика. Во својата артикулација на стареењето покрај со психолошкиот и емотивниот, таа напоредно се бави и со неговиот социјален контекст, па ги проблематизира општествениот третман кон третото доба, генерацискиот јаз, ограничувањата на возрасните кои сакаат да стапат во партнерска заедница и да купат стан во зградата за старци. Очигледно ваквата отворена социјална критика му е неопходна дури и на либералниот Исланд, а воопшто и да не зборувам за потребата од ваква ангажираност во литература во далеку поконзервативни општества како нашето.
Она што е исто така значајно да се истакне во однос на овој роман е дека неговата субверзивност не е само во судирот со општествените норми, туку и со книжевната традиција (Stefanjesko, 2019). Овој роман кој по должината од нецели 80-тина странички можеби и не е баш роман, туку повеќе влегува во жанрот на новелата, но и со своето раскажување во трето лице како да создава документарен карактер на текстот кој контрира на неговиот исповеден и лирски тон. Во него наизменично се менува времето на нарацијата меѓу минатото, сегашноста и иднината, потоа се менуваат поднасловите во распон од сосема банални реченици до вистински минијатурни лирски ремек-дела , исто како што се менуваат и длабоките внатрешни монолози на нараторката со нејзините цинични коментари, со што се избегнува замката да склизне во патетика. Сé тоа убаво спакувано во еден минималистички стил со кој според критиката, „авторката се принудува да ги искристализира своите приоритети, кои не лежат на оската семејство-кариера. Со тоа добиваме увид во уште една можна сфера на животните избори на една жена.“ (Stefanjesko, 2019). Жена која е доволно умна да знае дека времето на овој свет ни е ограничено и доволно храбра да не падне во замката низ животот да ја водат предрасудите и туѓите очекувања.
И оваа поента се чини одлична за крај. Надежта и љубовта ги победуваат сомнежите и стравовите. Па дури и мојата загриженост што организаторите на фестивалот минатата година ме поканија да зборувам за книгата на Славенка Дракулиќ „Невидливата жена и други раскази“, а оваа година повторно за книга со истата тема за жените и староста, некако како да исчезна пред зборовите во кои навистина сакам да верувам „Чекалницата на смртта е светла и убава.“ (Тородсен, 2019: 52) Токму како во „Двојното стакло“ на Халдора Тородсен, која благодарејќи на одличниот превод од исландски јазик Мери Кицовска и професионално стокменото издание на „Антолог“ можеме да им ја препорачаме на македонските читатели како значаен чекор кон запознавањето на исландското ангажирано женско писмо.

Користена литература:

Stefanjesko Sanja, „Dvostruko staklo“ – život u čekaonici za smrt, 09 jun 2019, Посетено на 07.10.2019

Тородсен Халдора, Двојното стакло, превод од исландски Мери Кицовска, Антолог, Скопје, 2019