За „Второ пришествие“ од Вилијам Батлер Јејтс

Вилијам Батлер Јејтс (1865 – 1939 г.) претставува еден од најзначајните поети на ХХ век. Во 1923г. како прв одликуван Ирец ја добива Нобеловата награда за литература во чие образложение стои: „ (…) инспирирана поезија која во најголема уметничка форма дава израз на духот на една цела нација“.

Две години по раѓањето во Даблин татко му Џон ја напушта кариерата по право за да стане сликар. Неговата жена Сузан Мери, мајка на Вилијам, е изненадена од оваа трансформација на „луѓе на редот“ во боеми и ексцентрици. Од татко му Џон ќе добие уметничко образование, додека од мајка му слуша фолклорни преданија, келтска митологија и астрологија. По носење низа лоши финансиски проценки од страна на Џон, следи осиромашување на семејството.
Вилијам израснува во Слигоу западна Ирска на имотот на неговата мајка. На училиште не се истакнува како добар ученик. Ги чита делата на Чарлс Дарвин, Џон Стујарт Мил и се развива во скептик и розенкројцер, го проучува мистицизмот на Мадам Блаватски. Патува помеѓу Лондон и Ирска каде се соочува со контрастите и британскиот остракизам.
Постанува движечка сила позади Ирското литературно будење и „Еби театарот“ заедно со Леди Грегори, Едвард Мартин и други.
Неговата мешана англо-ирска и протестантско-католичка позадина создаваат аверзија кон официјалните религиозни институции. Го презира Лондон како главен град на капиталистичкиот индустријализам. Се напива од утопистичките визии на Вилијам Морис. Презира сѐ што е модерно: безбожен материјализам, вулгарност, империјализам…
Сосема спротивно на британскиот мејнстрим кој Ирска ја стереотипизира како земја на ирационални пијаници Јејтс во своите стихови прикажува убавина, пасиониран хероизам и келтски пагански традиции.
Пишува драми во минималистички стил.
Неговите интереси за мистиката се инспирирани од студии за Хиндуизмот, и тоа под покровителство на теозофистот Mohini Chatterjee, влијанија кои формираат многу од базата на неговата подоцнежна поезија.
Овие теми го преокупираа во првата фаза од неговата работа, теми кои беа преодни се до преминот кон XX век. Неговите најрани песни се објавени 1889 г. и се под влијание на пре-рафаелитите, Едмунд Спенсер и П.С. Шели. Веќе од 1900 г. неговата поезија станува сѐ повеќе физичка и реалистичка. Ги трансформира трансцендните убедувања од младоста, макар што останува преокупиран со физичкото и спиритуалното, како и со цикличните теории за животот.
Во 1885 г. Јејтс учествува во формирање на Даблинскиот Херметички Ред. Во 1890 г. го со-основа Rhymers’ Club со Ernest Rhys и група поети кои се собираат во таверната Fleet street за да ги рецитираат своите стихови. Колективот подоцна ќе се нарече „Трагична генерација“ која ќе издаде две поетски антологии, првата во 1893 г. другата во 1894 г.
Рано во 1892 г. ќе напише: „Ако ја немав магијата како константен предмет на проучување немаше да напишам ниту збор поговор за мојата книгата за Блејк ниту мојата поезија ќе изгледаше онака како што изгледа“.
Т.С. Елиот за него ќе каже: „Јејтс е историја на своето време“, додека Езра Паунд во 1909 г. ќе изрече дека: „Јејтс е единствениот поет вреден за проучување“.
Во 1911 ќе стане член на паранормалната истражувачка организација The Ghost Club и ќе биде инспириран од Емануел Сведенборг.
Поетот W. H. Auden ќе го критикува овој аспект на темите на Јејтс како: „возрасен човек окупиран со мамбо-џамбо магија и бесмислици од Индија.“
Се заљубува во богаташката Maud Gonne жестока националистичка агитаторка која ќе редовно ќе ги одбива неговите три запросувања. Таа ќе биде една од неговите најголеми музи.
Јејтс го поврзува католицизмот со други аспекти од модерна Ирска кои ги презираше: демократијата, материјализмот и новинарството.
Во политиката Јејтс беше ирски националист во потрага по поедноставен и традиционален животен стил. Последните години ќе се судри со црквата околу прашање за бракот но и ќе ги реобнови своите симпатии кон аристократизмот поддржувајќи ги политиките на Бенито Мусолини.
Во 1922 ќе биде избран за сенатор во парламентот со три годишен мандат.

Песната „Второ пришествие“ е напишана на 4 јануари 1919 г. на болно око, и објавена 1920 г. во ноември во списанието The Dial.
Постојат интертекстуални поврзаности со песната „Одврзаниот Прометеј“ од Перси Биш Шели, идолот на Јејтс од младоста. Таа е една од неговите четири впечатливи политички песни. Во многу сегменти претставува невозможна за прецизни, еднострани, субјективни толкувања, а според Нотроп Фрај песната содржи премногу фатализам. Времето во кое е објавена песната е период на разорена Европа, веднаш по Првата светска војна кога доаѓаме до спознание дека човекот најпосле поседува разорна сила која може да го суспендира природниот поредок на планетата. Тоа е песна на преминот, како личен, така и политички и историски. Јејтс негува строго епски поглед кон Земјата, тој поетот на Ирска, на сексуалната разузданост, на денес демодираната идеја поезијата да го менува светот!
Средиште на оваа пророчка песна покрај експериментирањето со симболи, претставува разорноста на циклична енергија надвор од историјата „која кружи на секои 20 века“. Тоа е архетипска песна која говори за промена на курсот на историјата преку еден вид можеби валтербенјаминовско „божествено насилство“. Песната се отвора со слики кои треба да не внесат во поетската имагинативна замисла/живот.
Во 1925 г. во уводот на „Визија“ Јејтс ќе напомене дека зад песните не постои кохерентен филозофски систем „бидејќи татковите убедувања…ја уништијата мојата самодоверба и ме оттурнаа исклучиво во спекулацијата произлезена од непосредното искуство на мистиката“.
Оттаму визиите кои поетот ги споделува се математички постструктури кои се развиваат по некоја сопствена логика.

Песната изобилува т.н. блејковски антиномии: млади версус стари, религиозен целибат версус сексуалност, платонски-преегзистенционализам версус биолошки живот. Поетското композициско мислење станува комплексно кога ќе се собере искуството и имагинативните доживувања од повеќе децении.
Песната започнува со објективен, аналитички тон во кој се опишува светската состојба. Песната не е во класичен романтичарски субјективен тон, иако оперира со многу интензивни готски метафори како: кошмар, камен сон, мрак, сенки, крвоматна. Објективизацијата има за цел да го имитира и пародира библиски стил. Првите знаци на лирски субјект сфатен онака според есејот на Лидија Капушевска Дракулевска, „лирски субјект одговара на прашањето јас“ е во ми то мати видот.. се појавува таков личен глас, а емпириско јас имаме во но сега знам дека дваесте векови камен сон. Објект во песната, е библискиот мотив „Второ пришествие“ или како што знаеме второто пристигање на Исус Христос на земјата. Апокрифноста или прекршувањето на библиските параболи е во прашалнато наговестување за ослободување на еден субјект отелотворен во „суров ѕвер од Витлеем“ чии асоцијации се претходно набројани во песната.
Формалистички читања на песната ултимативно се концентрирани на хуманоста и на палимсест од креации изразени низ епистемолошки погледи.
Првиот стих: Вртејќи се во круг што се проширува – од кругови или gyres, кои му даваат цикличност на историјата. Еден циклус трае 2000 години и на христијанскиот кој завршува при крајот на 19 век, му претходел грчко-римскиот итн. Песната натопена во миленаристичка анксиозност создава контраст помеѓу природниот поредок и хаосот. Некои читања повикуваат дека песната е директно инспирирана од политичките турболенции во периодот 1917-1919 г. и дека анархијата е конкретна, по што на поетот му препишуваат бурковски (по Едмонд Бурк) конзервативизам и концепт на „математичката демократија“ каде алудирајќи на француската и руската револуција како на масовни егалитарни движења исполнети со убивачки ексцеси во кои насилно е симната аристократијата. Поетот смета дека времето на чиста и тотална анархија е пристигнато Врз светот сал безредие се опушта.
На анархијата гледа како на природна состојба и самата песна станува анархоидна во формата како понатаму се развива.
Симболиката на анархија претставува и егалитарното масовно општество, каде е нападнат скептицизмот но не оној на Декарт, Хјум или германските идеалисти, туку на оној интелектуалниот агностицизам, на меркантилниот дух.
Настанатите тензии најдобро се отсликуваат во следниот стих: Соколот не може да си го чуе соколарот – според едни толкувачи соколарот претставува бог, а соколот претставува човекот. Ова тврдење е проблематично од повеќе аспекти. Соколот не лета во кругови или циклуси. Соколот лета над соколарот но тоа не претставува лет поблиску до бога, како што би се очекувало во класична апокапитична завршница.
Врската соколар-сокол е врска изградена на доминација и предаторство. Според други соколарот е бог и моралноста, соколот е општеството. Соколарот не може да дофати соколот. Или соколот е војна, а соколарот е воена сила каде вербата во бог е изгубена во свет каде Нештата се распаѓаат. центарот не ги додржува. Соколарот го тренира и насочува соколот се со цел да го употребува за лов и доколку ова не алудира на милитантноста на христијанството, тогаш значењето треба да се бара на друго место.

Врската соколар/сокол е од епистемолошка а не морална или онтолошка. Кога би била да речеме морална, тоа би било налик на споредбата помеѓу овчар/овца, однос заснован на водство и заштита во замена на одреден степен на слобода. Епистемолошки соколар/соколот сликата креира и гарантира смисла и ред во универзумот. Во една смисла бог телеолошки владее со светот во извесна лајбницовска смисла – најдобриот од сите светови. Тоа е така затоа што бог има совршен план. Во друг поглед, светот без бог се распаѓа. Тоа не е само социјална и политичка анархија, туку и епистемолошка.
Simona Vanini во Genesis of The Second Coming за стихот Крвоматна плима се отпушта, и насекаде се дави обредот на невиност; смета дека крваво не алудира само на крвав конфликт туку и на симболичко насилство.
Секоја церемонија или обред според неа, изискува структуираност, формален ритуализам и невиност сфатена како игноранство и недостиг од знаење.
Во овие стихови прикажана е онаа фамозна „анихилација на интелектот без систем“ (Харолд Блум) каде е прикажан страв во светот при евентуален сеопшт хаос. Коктел составен од класичен модернистички очај и ирски фолкиш фатализам кој ни порачува дека ништо не може да се стори, каде лирскиот субјект претставува сликата на загубен поет, плукнат во светот.
Повикувањето на „обреди на невиност“ е значаен дел од поетиката на Јејтс во која големо место зафаќа церемонијалноста, постојаното кокетирање со окултното. Во овие стихови не е исклучена можноста тие да претставуваат коментари, интеракција со други песни, како што често умее Јејтс да прави.
Церемонијата на невиноста ја репрезентира идејата дека човек некогаш веруваше во некаков ултимативен гарант на редот и смислата.
Нов гарант на смислата е сфингата. Постојат два типови на сфинги: грчка и египетска. Овде повеќе наликува на египетска затоа што е тело на маж. Кога кај Софокле Едип точно одговара на прашањето на сфингата таа се самоубива. Сфингата може да се доживее и како замена за субјектот на Христос и објектот на неговото второ пришествие. Јејтс насекаде пишува дека негува верба во бог, но тешко дека тоа е верба во христијански бог и во ничеански манир тој прогласува крај на христијанската цивилизација.
Особено постои силен контраст помеѓу метафората на Сфингата („човечка глава и лавовско тело“) и „стрвните пустински птици“. Во врска со песната, на таа линија, тој во едно место во автиобиографијата ќе запише: „човечката душа не е свесна дека колку повеќе е приклештена во контрасти, толку повеќе е интензивна свесноста“.
Честата употреба на животни (во други песни на пример, морските птици претставуваат човечки души кои лебдат во воздухот) во песните на Јејтс не заземаат посебен симболички ред: тие повеќе се нафрлани како митски суштества, како негова лична опсесија и митологија во која варираат најразлични вредности, своевидно миметизирање на човечките каректеристики.
Во последниот стих /И кој суров ѕвер, штом гласот најсетне му дојде,/ Севлече кон Витлеем за да се роди?
Фигурата на ѕвер е фантамазгорија ослободена од топографија. Тоа претставува жесток ѕвер непознат од непознато место, инхеретно вграден во сржта на цивилизацијата, кој неповратно го нагризува времето.

Во финалните години од својот живот во својата автобиографија Јејтс ќе ја опише својата последна визија која е сосем надополнувачка и испреплетена со онаа на генијалната „Второ пришествие“: „пустина над која се издига црн титан на свои две раце од средиштето на антички урнатини“.
Завршетокот и покрај сиот апокалиптичен тон, во catchy манир, завршува
прашално, отворено – оставено ни е да претпоставуваме каков ѕвер е ослободен, нам кои мошне тромаво се носиме со улогата на сезнајни интерпретатори.

ВТОРО ПРИШЕСТВИЕ – Вилијам Батлер Јејтс

Вртејќи се во круг што се проширува
Соколот не може да си го чуе соколарот
Нештата се распаѓаат; центарот не ги додржува;
Врз светот сал безредие се отпушта,
Крвоматна плима се отпушта, и насекаде
се дави обредот на невиност; На најдобрите
Им недостига убедливост, додека најлошите
Се исполнети со страсна жестина.
Секако, некое откровение се ближи;
Секако, Второ Пришествие се ближи.
Второ Пришествие! Само што зборот е изговорен
Кога некоја огромна слика од Spiritus Mundi,
Ми го мати видот: некаде во песоци од пустина
Некој облик со лавовско тело и глава човечка,
со празен поглед и безмилосен ко сонцето,
Си ги движи бавните бедра, а околу него
Кружат сенките од стрвни пустински птици
Пак се спушта мрак; но сега знам
Дека дваесте векови од камен сон
Беа измачувани до кошмар од една колевка занишана.
И кој суров ѕвер, штом гласот најсетне му дојде,
Се влече кон Витлеем за да се роди?

————–

The Second Coming – William Butler Yeats

Turning and turning in the widening gyre
The falcon cannot hear the falconer;
Things fall apart; the center cannot hold;
Mere anarchy is loosed upon the world,
The blood-dimmed tide is loosed, and everywhere
The ceremony of innocence is drowned;
The best lack all conviction, while the worst
Are full of passionate intensity.
Surely some revelation is at hand;
Surely the Second Coming is at hand.
The Second Coming! Hardly are those words out
When a vast image out of Spiritus Mundi
Troubles my sight: somewhere in sands of the desert
A shape with lion body and the head of a man,
A gaze blank and pitiless as the sun,
Is moving its slow thighs, while all about it
Reel shadows of the indignant desert birds.
The darkness drops again; but now I know
That twenty centuries of stony sleep
Were vexed to nightmare by a rocking cradle,
And what rough beast, its hour come round at last,
Slouches towards Bethlehem to be born?

Користена литература:

„Дијалог на интерпретации“ – Ѓурѓа, Скопје, 2005

The Cambridge Introduction to W.B. Yeats, Cambridge University Press, 2006
The Genesis of “The Second coming”: A textual Analysis of the Manuscript-Draft, Simona Vannini (Yeats: An Annual of Critical and Textual Studies, 1998, edited by Richard J. Finnerman)

www.poemhunter.com