ФУСНОТИ, 2

Тие што ги праќаат сопствените сеќавања на брановите на поезијата за да ги пробудат, за да ги освежат нашите подзаборавени доживувања, тие што во занесот на создавањето не се прашуваат зошто и за кого создаваат...
    ФУСНОТА ЗА ЗБУНЕТИОТ ЧИТАТЕЛ

Според некоја природна логика на животниот процес, со годините запознавам, се дружам и добивам, со посвети, книги за читање од немал број современи автори (главно прозаисти) од кај нас, од Балканот и од светот. И не така ретко, луѓето ми се поблиски од нивните книги, иако би сакал да е обратно. Не дека, одвреме навреме, не ќе ме занесе некој расказ, или ќе ме заинтригира фрагмент од роман (јас и онака не се дружам со лоши писатели), но она врвно, интензивно читателско задоволство кое го чувствував додека како средношколец го откривав Булгаков или како студент Јужноамериканците, сега ми се случува… проретчено.
Затоа пак ме затекнуваат читателските воодушевувања од некои просечни книги само затоа што се рекламираат како хит-изданија. Испаѓа дека пумпањето на бројностана корисниците ја нагризува онаа нормална елитистичка намера кај писателот додека го создава делото, па место резултат на таа успешна (или неуспешна) авторова книжевна и стилска доследност, се произведуваат книги што најмногу наликуваат една на друга во стремежот да станат популарни, а нивните автори „славни“.
Сигурно е дека добри романи и збирки раскази и натаму се пишуваат, а тоа што бројот на читатели-соучесници на ваквите прозни дела се намалува и што тие имаат се помалку трпение (!) да се вдлабочат во нив, не е поради „нечитливоста“ на прозата, туку поради фактот што мнозинството читатели паѓаат под потребното ниво за да четивото се разбере и да се ужива во него. И порано читателот често задоцнувал во препознавањето на вредните дела и често ја конзумирал „полесната“ литература, зашто (тоа прво ми паѓа на памет) се соочувал со прилично исцрпувачко секојдневие, за да може да биде вистински предизвикан да „навлезе“ во читањето. Денес, таа ситуација е уште позаострена – несигурноста на работното место, растот на цените, постојаната заканана месечните сметки, самоволијата на политикантската елита… набројувам само неколку од огромниот список принуди и стресови… – се повеќе го оддалечуваат денешниот човек од самиот себе. Едноставно, тој е присилен да оглупави! Неговата емотивна, да не ја спомнувам духовната состојба, е новокомпонирано болна! Глобалниот либерален капитализам, со послушните локални вазали, е новиот Голем Инквизитор на човековата слободна волја.
Како тогаш да ја прифати литературата во која јунакот и кога е најбеден, и кога е најстрадален, е своевиден лудак, кој наспроти сите тирании на политичките манипулации и плаќањето сметки, има сила и страст да ја бара смислата на сопственото постоење? Кога тој, денешниот демократски граѓанин, од понеделник до петок се надева на викендот малку да прездивне, а веќе во сабота чека во редици да плати сметки. А во недела – го повикуваат да гласа!

    ФУСНОТА ЗА МОНОЛОШКИОТ ПОЕТ

„Ако поезијата не доаѓа природно како лисјата на дрвото, подобро и воопшто и да не доаѓа“, напишал големиот англиски поет Китс, и во тоа го насетил суштинскиот порив за раѓање песна – вдахновеноста! Поетите често во животот ја играат ролјата на инспирирани монолошки чудаци и не ретко убедливо – со нив стојат Поезијата, Мисијата, Љубовта, Татковината, Тагата и слични такви импозантни монументи. Но не и соговорникот. Во моето досегашно долготрајно дружење со книжевната тајфа, искуството со Поетите е специфично и препознатливо. Тие што ги праќаат сопствените сеќавања на брановите на поезијата за да ги пробудат, за да ги освежат нашите подзаборавени доживувања, тие што во занесот на создавањето не се прашуваат зошто и за кого создаваат (а велат дека сонуваат и љубат не само за себе, туку и за сите други), во реалниот живот лесно го обликуваат своето (потскриено) прагматично лице. Нивната жед кон успехот им дава сила за социјална и политичка пресметливост. Нивните ораторски таленти доаѓаат до полн израз и практичен резултат.
Освен тоа, Поетите поседуваат уште една ретка доблест: тие се извонредно храбри кога треба да се освои просторот за самопотврда. Се уште се прераскажува случката кога еден Поет (со пиштол) киднапирал меѓуградски автобус, му наредил на возачот да запре на една полјанка и шест и пол часа (додека не пристигнала екипата за итни интервенции) им ги рецитирал (наизуст) на киднапираните сопствените стихови. Храброст за почит!
Но Поети, или барем оние кои потпаѓаат под поетски настроенија, не се само пишувачите на стихови. Се наоѓаат и меѓу други професии, а не толку ретко и меѓу политичарите. Страствените, емотивно доживеани исповеди на политичарите-поети од различна возраст, партии и етничка припадност ги полнат насловните и следни страници на весниците, порталите и ударните ТВ дневници и емисии. А после некој ќе каже дека поезијата не се чита?! Какви се збирки патриотска или пејсажна лирика би можела да се состави од вдахновените трудови на нашите поетизирани политичари! Нашата, како и светската политика, е едно возбудливо сведоштво за моќта на поезијата, со утврдени индивидуални поетики и заедничка желба за власт. На нашата политичка сцена ќе сретнеме разнородни поетски гласови што ја отсликуваат креативната живост на еден транзициски период без крај, каде отсекогаш се негувала убавата итра песна и шеговитиот народен ум.
Ваквиот поетски резултат предизвикува длабока почит и верба во натамошните творечки успеси во разнообразниот политички живот на нашата држава. Како и обезбедениот триумф на поетската реч на овој простор, во сите сегашни и идни времиња!
-Да немаш ти нешто против поезијата? – го прашувам пишувачот на горниве редови.
– Напротив. Јас сум вљубен во неа. Како што вели Новалис, љубовта е нема, и само поезијата може да говори во нејзино име. Но сепак… со поетите, особено со оние живите – претпазливо.

Тагови од објавата
More from Александар Прокопиев
КАТАСТРОФИ
А реката постојано расте - ги искачува насипите, го урнува мовчето, потоа...
Повеќе
0 replies on “ФУСНОТИ, 2”