Воспитувањето девојки во Чешка

....дојде до необичен момент на покорност пред литературата на фактите и пред вистината на дневниците…

    I.

1. Најчудната работа што најмногу нè погодува на почетокот на секоја приказна е совршената празнина што се протега пред нас. Настаните се случиле и лежат околу нас во континуирана, безлична маса, без почеток или крај. Може да почнеме каде било…
Вјера Линхартова

Кога во средата се вратив дома со ќерка ми од училиште, поштенското сандаче беше преполно: Покрај вообичаените Лидовеновини, содржеше голем кафеав плик со корекции на мојот роман, бел плик адресиран до мене и конечно сина целофанска кеса, за која многу се разговараше во тоа време, со рекламен примерок на производот на фирмата Проктер и Гембл. Заклучувајќи го поштенското сандаче, забележав дека етикетата од хартија е пречкртана со остра линија, најверојатно од клучот на младиот непријател на сите наставници.
Белиот плик беше кратко писмо од локалниот милионер Крал – во него ми нудеше временски необврзувачка и многу добро платена работа.
Со други зборови, почетокот на оваа приказна не ле¬жеше во безличната маса среде совршената празнотија, туку во вторникот, на 16 јуни 1992 година, во белиот плик во нашето поштенско сандаче.

    – Стигна нешто? – сакаше да дознае жена ми.
    – Мене ми стигна коректурата на романот и понуда за многу добро платена работа – реков. – Тебе ти стигнаа влошки.

Срдечно ги поздравувам чешките феминистки.
Подоцна го прочитав писмото повнимателно. Логично претпоставував дека се работи за доучување на Агата, но беше малку изненадувачка, иако неманифестирана, навестената сигурност на Крал дека ќе ја прифатам понудата – доказ за тоа беше што одредил само еден термин за наша средба. Несвесно се сетив на познатиот цитат на Фицџералд: Омаловажувачки претпоставил дека во недела немам попаметна работа.

    – Ќе го прифатиш тоа? – праша жена ми.

Во нејзината интонација немаше никаков суд.
Кренав рамена.

    – Сакаше да пишуваш постмодерeнроман… – напомна иронично.

Ми беше мило што го рече тоа зашто исто така можеше да рече дека ни треба секоја круна.
Двете нешта беа вистина.

    – Ќе видиме – реков.

Отиде во бањата. Ја зедов коректурата и ги разгледав воведните страници. Го пуштив радиото гласно, по што жена ми подоцна ме затекна во движење што лаички го нарекувам соулбранување. Ме гледаше многу колебливо, со турбан на главата.

    – Добро – процедив. – Добро, се радувам.
    – Добра ноќ – изјави конкретно.

Заморот од измислените ликови на светот, сомнежот во сите измислици, на крајот на краиштата сосема непра¬ведно, и спрема сè што е дамнешно и за почит во книжевната уметност, толку радикално се зголеми, што дојде до необичен момент на покорност пред литературата на фактите и пред вистината на дневниците.
Сергеј Махонин

2. Директно велам дека следниот опис на вилата на Крал (исто како и на самиот прием на Крал) не одговара сосема на стварноста зашто согласноста на Крал со објавувањето на приказнава беше недвосмислено условена со барањето да спроведам такви мерки на претпазливост што би оневозможиле каква било веродостојна идентификација. Од друга страна, секако дека сакаше да го зачува genius loci на целиот кварт и да ја спомене барем реалноста дека главната улица во Збраслав не допираше дотука и дека секој трет минувач води со оглав расен пес покрај сите тие пескарени фасади и огради од украсно ковено железо, зад кои низ густите иглолисни дрвја може повремено да се наѕре штедро негуван тревник или син раб од базен.
Токму во моментот кога можев да констатирам дека бројот наведен во писмото се совпаѓа со бројот на столбот од портата, се одзва продорен звук, по кој следуваше автоматско отворање на подвижната порта. Очигледно, тоа беше влез за автомобили (портичето за пешаци беше десно), но кога се обѕрев никаде не забележав возило, па се сетив дека сум виден од некого зад темните прозорци на вилата бидејќи вратава, вилава и сиот овој свет се отвораат токму и само за мене. Затоа со пријателска насмевка насочена накај прозорците на вилата зачекорив во градината, а мојата лева рака, со раширени прсти, се крена со извежбаниот гест на благодарност. (Да, го слушам тивкиот џагор кај читателската публика, па, сепак, изјавувам со писмена гаранција, дека на тој несвесен гест навистина немам намера да го изградам целиот роман, па дури ни тогаш кога таму би можел да си ја осигурам својата бесмртност.) Во следниот момент – до денес не можам да си го објаснам тоа – ќе бев за малку прегазен од црн кабриолет фолксваген голф, па инстинктивно скокнав настрана, а потоа го чув карактеристичниот звук на сопирачки по толчен камен. Возилото ме избегна со кус и брз лак – но, во тревникот влезе со исправени тркала – а потоа на миг сопре. Иако беше многу топло, покривот не беше отворен и низ затемнетите стакла не се гледаше убаво – па, сепак, на миг ја забележав Беата, бледа, сконцентрирана, како да го видов строгиот лик на ретровизорот: цврсто стегната уста, очи скриени зад очила за сонце. Се увери дека сум жив, забрза и исчезна во скриената страна од вилата.
Зад тркалата навистина се крена малку прав.
Веднаш потоа, пред да стигнам да си ги средам чувствата во главата, некој непознат одзади ме собори на земја и ми ги свитка рацете зад грбот. Викнав од изненадување и од болка.

    – Следниот пат не обидувај се вакво нешто со нас!

Коленото на гласот одзади ми се зариваше во бубрезите.

    – Ние не сме глупави!
    – Или мислиш дека сме?
    – Ау!
    – По ѓаволите, ау!

Гласот прсна во смеа, а му се придржи уште еден. Беа младешки машки гласови.

    – Е, па, каде? Бараш некого?

Притисокот на колената не попушташе. Никогаш во животот не сум видел стебленца трева од таква близина. Се обидов да кренам глава за да можам да одговорам, но повторно ме притиснаа. Со напор зедов здив неколкупати и го процедив своето име в земја.

    – Непознато – потсмешливо рече гласот.

Мојот првичен страв беше заменет со бес.

    – Во пет и половина – испуштив луто – имам состанок со господин Крал. Најавен состанок.

Не верував дека неколку збора може да ме чинат толкав напор. – Да? – рече гласот сомничаво. Притисокот на бубрезите исчезна, а рацете ми беа слободни. – А зошто тогаш не заѕвонивте нормално?
Сепак, ми помогнаа да станам. Обајцата имаа вратоврски и беа поголеми од мене. Иритирано си го тресев правот.

    – Пардон тогаш – рече вториот со насмевка.

Во неговиот глас немаше ни најмал знак на каење. Ме проучуваше заинтересирано.

    – Значи, Вие сте следниот?

Не сфаќав:

    – Како следниот?

Разменија кратки погледи.
Ме придружуваа до мермерните скали, кои водеа до пространа летна тераса, некако проблематично уредена со две мали пластични масички, четири виолетови пластични стола и со еден портокалово-зелен чадор за сонце. Ми покажаа да седнам таму.

    – Е, па, многу среќа – рече светлокосиот.
    – Следниот пат ѕвонете – рече другиот.

Скиснато молчев. Заминаа разонодени.
Се качував по скалите на терасата – притоа одот ми беше грчевито господски – но се поколебав на кое масиче да седнам зашто едното беше сето посипано со некој овошен коктел, а на другото се издигнуваше чудно купче нечисти шолји, илустрирани списанија, кремови за лице, шноли и розови стегачи за аеробик. Сепак, со целата мртва природа суверено владееше робустен и, пред сè, вклучен фен од марката браун – тивко и осамено бучеше непрекинато дувајќи ги страниците на синото списание Тина. Продолжниот кабел водеше низ отворената врата некаде во засенчената утроба на влезниот хол.

    – Поздравче! – проговори оттаму Крал, но не го видов во темнината.
    – Добар ден – сепак викнав.

Се слушаше како се качува некаде на катот. Истовремено тресна врата и се огласија придушени гласови – негов и на некоја девојка. Го зедов фенот и ги дувнав од масата ронките од лушпи од компири. Англиската градина долу под мене изгледаше малку запуштено: грмушките беа обраснати, тревникот долго неострижен, леите со рози неисплевени, белиот чакал на пристапната патека беше обраснат со глуварчиња и со друг плевел. Некои градинарски работи – на пример поправката на калдрмата, или стрижењето на живата ограда до главната улица – беа направени необјасниво дилетантски.

    – Поздравче! – рече Крал задишено. – Се радувам дека дојдовте.

Беше личен човек, но изгледаше уморно (никогаш не се ослободив од тој впечаток). Агата се смееше зад неговиот грб:

    – Добар ден!

Направи некаков смешен, пародичен поклон и посегна по грстот лушпи, притоа превртувајќи чаша со кока-кола.

    – Поздравче – реков според тукашниот обичај.

Од причина непозната за мене, таа прсна во смеа. Неколку ситни лушпи ми се закачиле на ракавот од сакото.

    – Агата – благо ја опомена Крал.
    – Пардон – рече. Ги шутна кломпите и една по друга на терасата изведе серија гимнастички вежби наречени ѕвезда и шпага. Потоа повторно се обу.
    – Да не сакате кока-кола? – рече пријателски. – Или чипс?
    – Да одиме во мојата работна – предложи Крал.

Знаев дека тој ја купил вилата во 1990 година, но дека тука не живее многу долго можеше да се погоди и според тоа како го изговори мојата работна.
Не можев да не забележам дека е заклучена – веројатно само благодарение на тоа во неа владееше ред: предметите на работната маса од даб наредени под конец, на полиците во една линија, килимот со медова боја исчистен со правосмукалка, а ниту на менаџерската фотелја во комбинација на дрво и природна кожа не беше истурен никаков коктел. Во просторот доминираше масивниот лак на импозантната златна светилка. Морам да признаам дека работната соба (и покрај својата неоригиналност) ми остави впечаток со својата луксузна елеганција…

ПРЕВОД:
Маргарета Карајанова е преведувач од чешки јазик и поранешен лектор на Масариковиот универзитет во Брно, Република Чешка. Во 2007 годи¬на почнала да ги преведува делата на Милан Кундера, а продолжила и со книги на Томаш Змешкал, Хана Андроникова, Јиржи Хајичек, Радка Данемаркова, Даниела Ходрова, Ладислав Клима, Виктор Фишл и Ми¬хал Вивег. Во последно време преведува и книги за деца.

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “Воспитувањето девојки во Чешка”