РЕСКА

Додека сопствените чекори ја водеа кон возачкото седиште од автомобилот, молскавично и доаѓаа мисли за да се врати назад и повторно да го стави телото под топлината на тенкото брачно кебе. Веќе беше почнала да надвиснува тежината на немирот врз нејзините раменици како што надвиснува тежината на жештината во најтоплите летни денови. Ја фати рачката од автомобилот, како што жена допира маж од должност, а не од задоволство. Ја повлече вратата и за миг нејзиното тело се најде пред воланот. Автомобилот долго време не беше носен на чистење и тоа така грубо се чувствуваше при тоа нејзино влегување внатре.. Го отвори прозорецот за повторно да го почувствува мирисот на расцутени липи. Тој познат мирис помешан со остриот утрински воздух ги растрепери дланките што се беа цврсто фатиле за кругот со кој управуваше во моментот. По неколку секунди се најде на главниот пат кој полека ја отвораше линијата на хоризонтот кон целта. Овој пат нејзиното стапало не газеше така страсно врз педалата за гас како секој пат кога ќе седнеше пред воланот. Дланките и стапалата ги чувствуваше влажни како и секој пат кога чувствуваше напнатост и кога преовладуваше тоа добро познато чувство на измачувачки притисок под градите. Капсулите што ги конзумираше секогаш кога ќе ја надвладееше ова добро познато чувство што одвреме на време стануваше нејзин сопатник веќе долги години, ги остави во последната фиока на ноќната масичка убедувајќи се себе си дека денес нема да и бидат потребни. Движењата што ги правеше во нејзината патувачка капсула сега беа нежни, меки, млаки, безживотни…
Токму во мигот што значеше уште помалку од час време до целта, се слушнаа вибрирања од нејзиниот мобилен телефон што сега удобно се беше сместил во нејзината чанта која пред малку така грубо ја турна на совозачкото место кое сега беше празно и го пополнуваше единствено тој нејзин црн предмет.
Од другата страна на повикот што така инсистирачки бараше да се притисне зелената слушалка беше Војдан.

    – Каде си?
    – Ете, возам! Уште малку ќе стасам.
    – Требаше да ме почекаш!
    – Во ред е! Добро сум!

„Се слушаме“ беа зборовите од нивната завршница.
Дланките што се беа цврсто фатиле за воланот во секоја измината секунда се здобиваа со грам поголема влажност. Неколку пати ги протри од тренерките и во два наврати се одлупија уште две мали парчиња од етикетата што беше веќе речиси целосно оштетена. Иако помина речиси цела една година откако немаше возено по оваа добро позната патека, возната лента што ја носеше кон поставената цел и беше позната како сопствената дланка. Движењата што ги правеше во автомобилот во тие шеесеттина минути возење не беа спонтани. Таквите движења беа реприза што сега се емитуваше по едногодишна пауза – втора, трета, четврта, подзабави, лер, пак втора, трета, четврта…

По речиси еден час возење, автомобилот сега се паркираше пред зелената метална порта на старата куќа. Подигајќи го погледот од воланот, Лидија го исправи лицето и погледна лево кон таа добро позната порта. Топлото сонце надвор, уште повеќе го задушуваше воздухот во автомобилот. Капките пот што се ронеа помеѓу потпирачот на седиштето и нејзиниот грб целосно ги беа прилепиле црните тренерки и розевата маичка за нејзиното растреперено тело. Го повлече клучот на назад и ја подигна рачната сопирачка. Забележа дека врвцата од едната патика и е одврзана. Возачкото седиште и беше целосно повлечено кон напред за да може лесно да ги контролира педалите. Ја фати рачката под седиштето, го повлече кон назад и конечно го ослободи телото. Се обиде да ги среди патиките, ама врвките и се лизгаа меѓу испотените дланки. По два неуспешни обиди зелените врвки ги смести во патиките во долниот дел под петиците. Дланките чија внатрешност светкаше од потта што поттекнуваше од силниот притисок под градите, посегнаа по рачката за излегување надвор. Прво го изнесе левото стапало надвор. По левото, тромаво, несигурно и уплашено, пристигна и десното стапало, и сега двата екстремитети мораа да го подигнат човечкиот труп чија тежина како да се зголеми тројно повеќе во последниве секунди. Лидија иако веќе неколку денови не ги пиеше капсулите што ја опуштаа нејзината згрчена и напната мускултура, овој пат имаше чувтво како да имаше испиено двојно повеќе од вообичаената доза што ја конзумираше.
Два средни чекори ја доведоа точно пред влезот на дворот. Беше затворено, ама не со катанец, туку двете крила на портата беа врзани со жица. Порано едното крило никогаш не беше затворено. Целата порта беше составена од затворена метална структура што не дозволуваше простран поглед во внатрешноста на дворот. Плунката во усната празнина и стануваше леплива и густа. Чувствуваше уште поголем притисок под градите. Забрзаното срце биење значеше несомнена потреба да се проголтаат проклетите капсули што останаа заборавени во последната фиока од ноќната масичка. Растреперените дланки ги фатија краевите на жицата што беше замена за катанец и почнаа грубо и нервозно да ги ослободуваат крилата на заклучената порта. Едниот крај на жицата направи груба реска по белата женска рака. Уште два обиди од десно кон лево и се слушна ослободеното чкрпање на двете врати од надвор кон внатре. Само со неколку благи чекори Лидија се најде во внатрешноста на некогашниот двор исполнет со зеленило и мириз на ниски каранфили. Тревата немилосрдно беше обраснала од сите страни. Бамбусовите столчиња ја беа поминале зимата надвор и беа стационирани во најнискит дел од дворот, онаму каде што си беа сместени додека таа се уште живееше овде. Во десниот агол зелената ограда беше надвисната над металната жица која што едвај го задржуваше хоризонталниот правец во кој растеше со години. Веднаш под оградата ниските трендафили се беа претвориле во бодликави растенија на кои едвај се забележуваше по некое расцутено цветче. Навлегувајќи со секој чекор во внатрешноста, под нејзините стапала се слушаше крцкање на листови шума, чии звуци длабоко продираа низ каналите на органот за слух. Куќата од нејзиното детство денеска беше толку празна колку што беше празна и табакерата со цигари што често ја здогледуваше на масата во доворот пред дваесеттина години. Секој шум, секој звук што го произведуваше движењето на нејзините стапала, создаваше вознемирувачки ноти што немилосрдно ја разјадуваа веќе со години паднатата женска психологизација. Во обид да ја ублажи раздразнетоста на телото помисли на некои вообичаени нешта на кои помислуваше секогаш кога излегуваше од дома.

    „Ги зтворив прозорците. Пеглата – не, не ја вклучив утрово…“

Освен на пеглата и прозорците помисли уште на редица други неважни работи. Погледна кон реската врз дланката. Местото на кое жицата остави темно – розев белег произведуваше груба визуелна слика што насилно ги надразнуваше сетилата за бол.
Внатрешноста на дворот беше безбедна од љубопитните минувачи по патот покрај куќата. Зелената ограда што ги обележуваше меѓите на селската авлија се уште си ја чуваше заштитната функција како свое главно обележје. Седна на една бетонска цигла која што со години мируваше на едно исто место. Ги затвори очните капаци од кои наеднаш се струполија неколку солзи. Се присети на времето кога се уште беше дете и кога се уште живееше во оваа куќа со своите родители.
Тогаш имаше само четири години:

    „Татоо, татоо! – само што стана од спиење. Секогаш за време на викендите стануваше порано. Го правеше тоа оти најмногу им се радуваше на деновите кога нејзините родители не одеа на работа и го поминуваа цел ден заедно со неа.
    Ги облече влечките и истрча позади куќата оти знаеше татко и е таму. Ја знаеше и глетката што ќе ги пресретне нејзините очиња за неколку секунди. Сабота наутро тако и или ја хранеше свињата или ги цепаше дрвата што за неколку седмици веќе требаше да бидат складирани во нивната шупа оти веќе беа надвиснале есенските дождови.
    Трчајќи кон татковите најсигурни прегратки Лидија ги заплетка ножињата и падна во оградата што го разграничуваше нивниот двор од дворот на нивните соседи. Жицата по која се лозеше зелената ограда направи длабока црвена реска врз детското бело раче. Солзите и нејзиното звонливо плачење веднаш го доведоа родителот кај детето.
    „Тоа не е ништо Лидичка! Што вели баба ти? А? Што вели? Како на кутре ќе помине. – татковите топли усни ги избакнаа детските рачиња.
    „Се додека има некој што ќе ги бакнува гребнатинките од овие бели рачиња, тие гребнатинки в час ќе поминат.“ – детето јурна во татковата топла прегратка бришејќи ги солзите и мрсулите од грубото платно на работничката облека.
    Следното утро кога се разбуди реската беше почнала да зацелува. Лидичка тогаш веруваше дека љубовта од татковите бакнежи ја беше зацелила раната.

Повторно ги отвори очите и погледна кон реската на раката. Таа реска толку многу наликуваше на онаа предходна. Беа речиси идентични. Немирот и стравот повторно набрекнуваа од длабочините на нејзината внатрешност. Смртта на родителите уште повеќе ја влошуваше разнишаната психологизација на Лидија . Се помести оти сега ја чувствуваше циглата толку студена како студеното чело на нејзиниот татко кога го погали за последен пат.
Стана, се качи повторно во автомобилот и по шеесеттина минути возење повторно се најде пред куќата што беше нејзин сегашен дом. Го извади клучот од чантата ја отклучи бравата и влета во собата. Војдан веќе се беше вратил од работа.

    – Што ти се случило со дланката?
    – Мала гребнатина.
    – Требаше да ме почекаш. Ќе одевме заедно.
    – Во ред е!
    – Ќе се истуширам и морам веднаш да излезам. Имаме вонреден состанок денеска по работа. Знаеш… Во последно време не оди добро во фирмата. А… И не заборавај, стави мраз на дланката. Така побрзо ќе помине.
    – Секако! – го бакна во образ. Побрзај оти ќе задоцниш.

Откако Војдан влезе да се тушира, Лидија ги побара капсулите од ноќната масичка. Бутна едно во усната празнина и по половина час потона во длабок сон. Кога се разбуди неколку капки крв беа капнале на перницата од реската која сега непрекинато печеше.