Извадок од романот „24“ на Марија Павловиќ

    0

Додека чекаше да се отвори портата на летот за Малага, нервозен што овој случај го одведува на непознат терен, Виктор Станковиќ во раката држеше сребрена тетратка на чии корици пишуваше „I will lie again“. Над зборот lie можеше да се види вметната, рачно напишана буква v.

I will live again.
I will live again.

Оваа тетратка беше единствената трага во обидот да ја пронајде Вида Ериќ, која, при враќањето од патувањето низ Андалузија, исчезнала на аеродромот во Малага.
Не се сеќава дека имал олку невообичаен случај на губење исчезнување. Во текот на 2014 година примија вкупно 523 пријави за исчезнати лица, од кои 318 за малолетници. Добро, 524 ако ја сметаме и Вида. Во 97% од случаите пријавите ги решија успешно. Кога станува збор за малолетниците, девојчињата се тие кои почесто исчезнуваат. Во најголемиот број случаи, бегаат од животот во поправните установи и различните прифатилишта.

Најчестите причини за исчезнувањето на другите тинејџери беа:

  • Лоши оценки
  • Вљубеност
  • Брак
  • Изостаноци од часовите
  • Забраната за играње игри
  • Срам поради влегувањето на родителите во собата во текот на мастурбирањето
  • Најчести причини за исчезнувањето на постарите лица беа:

  • Психичка болест
  • Деменција
  • Самоубиствени мисли
  • Страв од насилство во семејството
  • Прељуба
  • Лошо испланиран пат околу светот
  • Срам поради влегувањето на детето во собата во текот на неговото/нејзиното мастурбирање
  • Кога ќе добиеја пријава за исчезнување, Виктор и другите инспектори прво ќе пратеа детален опис на личноста на мрежата на сите станици во Србија заедно со фотографија и другите присобрани информации. На листата на општите места за проверка се наоѓаа медицинските установи, школите, пријателите, љубовниците, прифатилиштата, автобуските и железничките станици, аеродромите, како и клубовите што личноста често ги посетувала. Така неодамна откри дека една ромска кафеана на Коњарник стекнала исклучителна популарност меѓу алтернативната младина со најразлични сексуални определби.
    Овој пат не станува збор за тинејџерка, а не за дементна баба. Станува збор за 30-годишничка која, за почеток, не исчезнала во Србија. А која, потоа, не исчезнала доброволно. Врз основа на разговорот со сите членови на нејзиното семејство и пријателите, не дојде но ниедна можна причина за ваквиот исход. Нејзиниот сопатник во најмала рака беше збунет и повторуваше дека ништо не навестувало дека таа би можела да испари. Немало никаква забележлива деградација во нејзиното присуство. Не била со променливо расположение, а не ни подлегнала на флоскулата „баш би сакала да живеам тука“. Се радувала на враќањето, сепак долго време патувале, цели 24 дена. Последниот пат кога се приклучила на својот профил на „Инстаграм“, оставила смајли со срценца наместо очи како одговор на нечиј коментар на закачената фотографија.
    Значи, ништо. Само неверување. Интернационален терен, меѓународни процедури и јазична бариера. И тетратка.
    На првата страна на тетратката стоеше големиот стилизиран број 24, трудољубиво исцртан со црно пенкало. Под него се наоѓаа цитат и вовед во дневникот на Вида, вовед во нејзиното патување и воедно вовед во неговата истрага.

    21.11.2014. Diatio de Vida

    Предандалузиски циклус

      „All right”, said the computer, and settled into silence again. The two men fidgeted. The tension was unbearable.
      „You’re really not going to like it”, observed Deep Thought.
      „Tell us!”
      „All right”, said Deep Thought. „The Answer to the Great Question…”
      „Yes…!”
      „Of Life, the Universe and Everything…”, said Deep Thought.
      „Yes…!”
      „Is…”, said Deep Thought, and paused.
      „Yes…!”
      „Is…”
      „Yes…!!!…?”
      „Forty-two”, said Deep Thought, with infinite majesty and calm.
      Douglas Adams, „The Hitchhiker’s Guide to the Galaxy”

    Длабоката мисла си го каже своето. Смислата на животот е разнишана. Се поставува едно ново прашање – зошто целата вселена на нашиот антропоморфен ум позната од првиот никулец на филозофската мисла во себе го поставуваше прашањето: што е смислата на животот?
    Ако веќе трагаме по некоја смисла, зошто не се прашаме: што е смислата на смртта?“
    Двајца сопатници патуваат во Андалузија. Ако логичката претпоставка е дека андалузискиот пес имал вошки, дали е надреално да се побара одговорот на поставеното прашање на 24 страница на прирачникот за употребата на интергалактичкиот водич „Мементо мори“?
    Иронично речено, времето ќе покаже.

    Портата се отвора. Со надеж дека остатокот од дневникот на Вида ќе биде помалку критичен и со Have Love, Will Travel на групата „Соникс“ во ушите, Виктор исчезнува во длабочината на ходникот.

      1

    Виктор нема развиен страв од летање. Додека стјуардесите ја извршуваат својата показна кореографија што треба да помогне во моментот кога авионот се руши во фактот дека претсмртниот крик ќе биде забележан во црната кутија, тој ги набљудува како протоколарен перформанс.
    Некој човек од седиштето пред неговото, очигледно нервозен поради полетувањето, ја дави жената покрај себе. „Стилизацијата на процедурата е единствената вистинска вредност на униформираноста. Униформите се секси, војните не. Ако навистина се води повеќе сметка за одржувањето на униформата, верувам дека сите вооружени воини би го фрлиле своето оружје и би почнале да ги четкаат костумите и да се распрашуваат меѓу соборците и непријателите каде можат да се најдат добри еполети и манжетни. Потоа сите би отишле на чај со заклучок дека денес е тешко да се најде добар камуфлажен принт.“
    Стјуардесите, секако, сега се достоинствени, но паниката во текот на падот на авионот секако дека не е. Нивните ладнокрвни, воиграни, разиграни движења, штиркани јаки и безизразни лица со усни нагласени со иста боја на карминот навистина можат да се замислат и во спотот на Роберт Палмер или на Весна Ривас, ако ги изолирате од природното опкружување и им додадете инструменти. Тешко дека толку високо стилизирана содржина би се одржала во моментот кога моторните способности ви откажуваат додека се обидувате да го повлечете јажето и го активирате појасот за спасување додека со епски движења се уривате во тестот на сопствената прибраност во текот на смртоносната опасност. Се прашуваше колку мажи доживуваат ерекција во тие мигови. Се прашуваше и како би изгледала комбинацијата од песните Addicted to Love и За Србин ме роди баба.
    Виктор, значи, нема развиен страв од летање. Па сепак, во текот на помалата турбуленција поради која е одложено делењето на храната, го обзема непријатност слична на онаа кога со студената пот претчувствувате дека ќе добиете дијареја на јавно место. Со неговата столица сè е во ред. Мачнината повеќе е слична на морска болест и безуспешно се обидува да ја лоцира нејзината причина. Како од никаде да го обзема страв од вода, не од височина. Турбулентни бранови на 10.965 надморска височина, според зборовите на капетанот. Тоа нема многу смисла, особено што наместо вода тукушто зеде виски од стјуардесата на која ѝ додели бас-гитара во својата фантазија.
    При краткиот и изненадувачки нагон за повраќање, во добиениот виски од неговата уста испаѓа топче од барабанот на Српска народна лотарија со бројот 24. Стјуардесата која се создаде покрај него ги подаде своите уредно лакирани прсти, го извлече топчето и го објави извлечениот број. Кога хипнотизирано, следејќи ги нејзините прсти, ја подигна главата кон нејзиното лице, тоа беше Сузана Манчиќ, иако не изгледаше како неа. Тогаш се разбуди.
    Среќен поради фактот дека на пуштил лиги на личноста покрај себе, го зема дневникот на Вида. Ќе мора да ти оттргне мислите од чувството дека за некој миг ќе почне да кркори од количината на вода во носот и грлото и да се подготви за слетувањето во Малага.

    6.12.2014. Diario de Vida

    Пред заминувањето на аеродромот во Будимпешта, додека на паркингот во супермаркетот 024 во Суботица чекавме возачот на минибусот да се ослободи од полнотијата на бешиката и болката во колената, и попатно да тури бензин, сивилото на пејзажот навестуваше скора смрт на природата за оваа година.
    Бегството на север значеше бегство на југ значеше бегство од смртта.
    Додека, при слетувањето од Будимпешта во Малага, ги вадеше влажните шамичиња од пакувањето, сфати дека тој ден ќе го одбележи отсуството, а не присуството на смртта. Луѓето во авионот аплаудираа затоа што смртта изостана.

    Не умревме! БРАВО, ПОСАДО НА АВИОНОТ!

    Сè со што беше опремен за почетокот на истрагата, беше романтичната реторика на Вида. И смртта како лајтмотив. Му се допаѓаше таа трпкост, сега кога наеднаш страдаше од напад на H₂O паника. Врз основа на податоците што во Србија ги собираше за неа, знаеше дека на своето патување направила круг околу регионот, обиколувајќи ја Малага, Гранада, Кордоба, Севилја, Кадиз и Ронда, за на крајот да се врати на почетната положба, во Малага, од каде што ѝ се губи секоја трага. Се разделила со својот сопатник за непосредно пред летот да отиде до тоалетот и веќе никогаш не се вратила. Сопатникот на почетокот помислил дека е жртва на сопствениот дигестивен тракт, но кога почнале да го изговараат нејзиното име преку озвучувањето како последен повик за лет, поминувајќи ги сите фази на нервоза, нестрпливост, бес, загриженост, паника и хистерија, се откажал од телефонскиот повик и летот и ѝ се обратил на полицијата за помош.
    Ноќен лет и месечина на Брегот на сонцето. Ни оваа посада не разочара, слетаа безбедно и додека чекаше нестрпливите патници да излезат од авионот, побеснето грабајќи ги своите рачни багажи, со помош на апликацијата ја бараше адресата на првиот стан во кој Вида и нејзиниот сопатник го почнале патот кон Андалузија. Улицата „Нињо де Гевара“, тоа е самиот центар на Малага, нема да биде тешко да ја пронајде.
    Доаѓајќи до пешачката зона на градот, затекна неочекувана процесија. Децата на сите страни фрлаа петарди и изведуваа други форми на пиротехнички застрашувања, така од рабовите на централната зона се ширеше мирис на барут. Денот на уставноста, Feliz día de la Constitucíon. По инерција влета во мешаницата, неспретно, со куфер што предизвика мрчење во масата. За да ја избегне морската болест, почна со стамена решителност да се упатува кон ѕидот на главната улица, за да му избега на бранот празнична бесмисла.
    Облеан со студена пот и со чувство на гротескна детска немоќ, застана на скалилото на еден влез во зградата за да се одмори од овој апсурд. Свртувајќи се кон средиштето на мешаницата во која се подигнуваа уличните свирачи и хартиени скулптури, ја здогледа неподвижната фигура на смртта со коса во рацете. Во затреперениот кадар на хистеричниот Бахус кој носеше радост на жителите на Малага, фигурата на смртта со косата беше единствената статична компонента што не ја допираше динамиката на процесијата. По добри триесет секунди тишина изолирана во тоа парче вакуум, смртта почна да ја придвижува раката и мирно и беспоговорно да ја предава косата на личноста пред себе, оставајќи ја раката во оваа положба, подготвена да прифати друг предмет. Сето тоа Виктор го набљудуваше немо и глуво. Личноста од масата во раката на смртта стави сладолед од малага, а смртта ја симна качулката и ја покажа главата на сериозно девојче што директно, без трепкање, гледаше во Виктор, со скаменето лице. Полека, без свртување на погледот, го доближи сладоледот до својот исплазен јазик и го лижеше студено, механички, како робот во фабрика кој со програмирани движења учествува на индустриска лента.
    Го извади влажното шамиче што го сочува од авионот за да ги избрише челото и вратот, но откако за момент го сврти погледот, девојчето во црната мантија веќе го немаше. Продолжи кон своето одредиште по споредната улица, збунето прашувајќи се како можеше да се одлучи на поминување низ масата, толку произволно и непотребно, воден од инерцијата на најпогубното решение.
    Размислуваше за тој бизарен нагон дека несвесно го избираме потешкиот пат, лесно сфаќајќи ги неговите последици и странични патишта на кои е потребно толку малку па сè да тргне по слободниот пат на лошиот след на настаните. До влезот стигна со оваа мисла и сфати дека ниедно патување во целиот негов живот не го измори толку многу.

      2

    Свршеникот на младата газдарица на станот го измерка кратко и непотребно отсечно, поставувајќи го акцентот на својата намуртеност и недоверба. Потоа се фокусираше на екранот на својот непримерно голем монитор „Епл“. Продолжи периферно да го игнорира, надвиен над својата работна маса, над која висеше фотографија на Стив Џобс во тенка бела рамка. Показалецот нервозно му трепереше по белиот глушец, додека се претвораше дека работата на која се врати беше сериозна и важна. Во динамиката на односите со својата женка, неговото тело зборуваше со јазикот на тестостеронски заштитник што се пронаоѓа во присвоениот цитат „Stay hungry, stay foolish“ и преде корени од имагинарни причини за да ја заштити својата измочана територија. Неговите попатни тактилни испади насочени кон неа се одигруваа по автоматизам, за да станат сигнал на присутните во блиската околина дека тој и само тој има право на разговор со оваа девојка, која за тоа време невино негуваше никулци во повеќекратниот наменски кујни сад.
    Така и му одговараше на поставените прашања, како да ја брани својата земја од потенцијалните закани на окупаторот или на друг мажјак. Цело време Виктор беше свртен кон девојката и поставуваше прашања гледајќи во неа, а одговорите ги добиваше од нејзиниот свршеник што гледаше во мониторот. Нејзиното внимание беше насочено кон никулците.

    „Дали се сеќавате? Не, мислам, дали се сеќавате на неа?“
    „Да, се сеќаваме на таа девојка. Не беше толку одамна. Дојде со типот. Се сеќаваме затоа што целата беше фина и слатка, а потоа ни остави лош коментар на ’Ербиенби’. Демек, станот не ѝ бил доволно топол. Фолирантка.“
    „Дали таа ја резервира собата или нејзиниот сопатник, дали се сеќавате на него?“
    „Таа ја резервира, но да, се сеќаваме на него, тој слабо зборува англиски, така што главно таа зборуваше.“
    „А дали знаете зошто дошле тука?“
    „Па, како би можеле да го знаеме тоа? Знаете ли колку луѓе ни поминуваат низ куќата? Наводно сакале да ја обиколат Андалузија, така што кратко се задржаа тука, две ноќи, па продолжија за Гранада, се сеќавам дека им објаснувавме како е најдобро да стигнат таму. На крајот го послушаа нашиот совет и се решија за автобус.“

    Газдарицата целото тоа време беше свртена кон садот со никулците. Нежно ги наводенуваше малите сперматозоиди на нутриционизмот подготвени да го оплодат имунолошкиот систем на домаќинката, самата имуна на воинствената напнатост на едниот и неумоливата љубопитност на другиот хетеросексуален маж. Додека гласот на квазитестостеронецот, во налет на обновеното проживување на претходниот без кон поранешните станари, стануваше сè потивок, движењата на девојката што подготвуваше оброк за себе и за својот свршеник стануваа сè пограндиозни. Го облеа чувство на дежа ви, во која оваа архисопруга беше негова со вода натопена, експандирана жена, а тој пермутираше во квазитестостеронец и седи покрај масата, чисти ориз и безгрижно муабети со неа за крстозборите, за тоа како им поминал денот и прашува дали Мароко е навистина толку добра идеја за одмор оваа година.
    Од каде му е тој Мароко, боже? Од каде му е тоа влажно чувство на припаѓање: Се оттргна од глетката и неволно му се обрати на свршеникот.

    „Значи, конечно, отидоа за Гранада потоа? Да, тоа се поклопува со дневникот.“
    Свршеникот конечно се сврти кон него. „Каков дневник?“
    Девојката разнежено ја подигна главата кон двајцата. „I will live again?” Двајцата ја погледнаа.
    Виктор се насмеа. „Да. Со тој дневник. Сте го забележале.“
    „Секако, беше симпатично колку не се одвојуваше од него. А нејзиниот сопатник од апаратот. Еднаш по грешка го стави во фрижидерот.“
    „Не ви пречи да преспијам тука ми вечерва? Би сакал да ја разгледам Малага и местата што ги посетиле, веројатно е залудно, но од нешто морам да почнам.“
    Свршеникот, кој се најде затечен во новата динамика на разговорот, повторно го презеде приматот. „Секако дека ни пречи. Но, и немаме избор, зар не? Неумесно е што сме дел од полициска истрага, зарем и вие не го мислите истото? А зошто? Затоа што го изнајмивме станот на две ноќи? Колку што сфатив, девојката исчезнала на крајот од патувањето, зар не би било логично истрагата да ја почнете таму?
    „Имате право, исчезнала на крајот од патувањето. Таму и ја почнав истрагата. Крајот на патувањето бил и почетокот.“
    „Што сакате да кажете?“
    „Имале повратни авионски карти. Патувањето го почнале и го завршиле во Малага. Буквално направиле круг по Андалузија и се вратиле тука. Не изнајмувале стан последниот ден, немало потреба за тоа.“
    „Како и да е, што е тука е, останете вечерва, но би ве замолил утре да се одјавите навреме. Имаме станари што доаѓаат попладне.“
    „Секако.“

    Се раскомоти во изнајмената соба на Вида, непоправливо студена, кратко седеше во бањата и го читаше записот од нејзиниот дневник за тој ден.

    7.12.2014. Diario de Vida

    Низ деамбулаториумот се ширеше мирис на кисели мандарини од прстите на Соледат од левата рка. Десна рака не ни постоеше, па како недовршената катедрала во Малага ја нарекоа Ла Манкита (Еднорака дама).
    Додека еднораката дама се вртеше околу олтарот во источниот дел од Еднораката дама, здогледа речиси опиплив сноп светлина што го пресекуваше просторот. Полека тргна кон снопот, го следеше неговото движење и го здогледа квадратот на подот на кој завршуваше. Точно во моментот кога стапна на тој квадрат и се соочи со изворот на светлината, од звучниците допре пеењето на католичката свештеничка што во живо ја изведуваше „Аве Марија“ од Шуберт, приспособена за католичките потреби. Со омилениот оксиморон на врвот од јазикот – веронаука – размислуваше за тоа како дури и од смртта на разумот може да настане нешто толку возвишено и убаво како што се блажените моменти во величественоста на декадентиот католицизам.
    Тој ден 24 мртви зелени папагали паднаа на учесниците на маратонот.
    Тој ден процветаа 24 цвета од раските птици.

    Видо, зошто толку поетично, да му ебам мајката? Што да правам со метафорите?
    Биле во Ла Манкита. Иако, во толку мал град не е ни тешко да се претпостават главните туристички атракции. Ќе ги посети и ќе се обиде да дознае што било. Можеби и ќе ги најде тие мртви папагали, кои како трошки ќе го одведат до неа.
    Веднаш лево од излезот на зградата се наоѓаше црква, која му го привлече вниманието. На таблата стоеше дека во неа е крстен Пабло Пикасо. Без размислување влегува во неа, празна е. Во централниот дел на олтарот здогледа една од верзиите на Девицата Макарена, статуа на девицата на надежта под полно осветление, како величествено раскошно е опира на рамнодушноста. Фатен во фабрикуваната магија на оваа сцена, ја набљудува и замислува како некое бунтовно момче ѝ црта мустаќи тежнеејќи да ја наруши и обљуби нејзината голема помпезна сериозност. Долго време ја набљудува, забавен со оваа мисла. За момент му се причини дека солзата на неговото лице продолжува да паѓа и, за секунда, Макарена ги отвора очите и изговара: „Спаси ме“.
    Вџасен, чувствува нагон за повраќање. Ја зема блиската чинија со хостија за да не поврати на скулптурата.
    Дефинитивно го совладува заморот. Се чувствува беспомошно зашто не знае од каде да почне. Гладен е. Тука нема никој. Што тој бара тука? Кого? Посака истовремено да седне, да клекне да издрка од бес, да направи нешто бласфемично, но беше послаб од кога било, неспособен за каква било посериозна субверзија.
    Кога излета од црквата, беше затечен со тоа што е ден, привремениот мрак направи да го заборави времето и местото.
    Се одвлечка до поблискиот плоштад, за да јаде нешто. Тапас, секако. Господе, келнерот дури личеше на Пикасо, што е ова бре, дали ова е исцениран туристички перформанс? Целата стварност му се тресеше како некои кулиси, а целиот град изгледаше како Потемкиново село на туризмот.
    Келнерот слабо зборуваше англиски јазик, но беше најтоплиот угостител што би можеле да го замислите. Ненаметливо воспоставуваше комуникација со сите што мижуркаа на триаголникот на сонцето што ова кафуле го заземаше, поради што сите седеа токму тука, а не некаде другаде во целата низа кафулиња покрај плоштадот. Во разговорот со него сфати дека клучните туристички точки, покрај катедралата, се тврдината Алказаб, која гледа на пристаништето и коридата, потоа римскиот амфитеатар и замокот Гибралфаро.
    Кога се прибра на топлото, тргна низ тунелот во продолжение на улицата што водеше до овие локалитети. Помина низ него и го почна своето качување до врвот на цитаделата, иако чевлите благо го жулеа. Следен од жагорот на каналот што го следеа работ на утврдувањето, се извиваше кон неговиот врв, од кој се отвораше глетка на парк, море и напуштена корида. Свртувајќи цел круг околу утврдувањето, следен од високите палми надвиени над замокот Гибралфаро и птиците што ги надлетуваа туристите во тесните, високи ходници, конечно правејќи пауза кај амфитеатарот, продолжи назад кон подножјето и се упати до Ла Манкита. На самиот крај на своето патешествие, поминувајќи кон паркот во кој беше опкружен со рајски птици и зелени папагали, сфати дека повторно го избрал најдолгиот можен пат до своето одредиште.
    Замаен од сопствената пешачка епизода, влезе за да пронајде студенина во Ла Манкита и направи уште еден круг околу нејзиниот деамбулаториум. Се чувствуваше тапо, како да следи некоја „Покемон“ игра, но притоа навигацијата му е слаба, трокира, му недостига најновата верзија на софтверот што би му кажала на колку метри десно треба да сврти за да ја поврати моќта на расудувањето и да пронајде фластер за своите жулеви.
    Здогледа сноп светлина и детски претпазливо тргна да се приближува кон неговиот центар. Кога се постави себеси во средиштето, прво мирно замижа за да почувствува малку топлина во еднораката катедрала што својот екстремитет го надоместуваше со нежноста на светлината. А кога потоа се обиде да ги отвори очите, светлината сурово го удри по зениците, па рефлексно ја сврти главата, за на ѕидот на кој завршуваше снопот, со неизбежно жолтите дамки што ја следеа непосредната блиска средба со силната светлина, незабележливо заглавена во плочката на ѕидот, здогледа дама пик. Повторно замижи за да го оттргне секој сомнеж дека видот го мами. Ги отвори очите и се доближи до дното на ѕидот. Ја зеде картата во рацете и физички провери дека очите сепак не го мамат. Еднораката дама во огледалото на картата што во едната видлива рака држеше цвет. Дама пик. На задниот дел од картата пишуваше: Смрт на коридата, да живее Сакромонте.

    Конечно некоја трага.

    Превод: Марија Саревска-Тодоровска

      Преводот е направен во рамки на проектот „Читајќи го Балканот“ што се реализира со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и на европската мрежа за превод и книги „Традуки“.