ДОДЕЛУВАЊЕ

Роман за дипломатијата „Виножито зад душата“ на словенечкиот амбасадор во Македонија Милан Јазбец
    Роман за дипломатијата „Виножито зад душата“ на словенечкиот амбасадор во Македонија Милан Јазбец

Сѐ имаше прочитано, сѐ имаше исчитано и смислено, до последната буква, додека чекаше да дојде на ред, свечено облечен, среден и дотеран.
Литературата беше претпоследна, значи четврта, иако во Нобеловиот тестамент е запишана како последна. Таа награда за мир ја доделуваат на специјалната свеченост во Осло, а шведската банка подоцна, како петта награда ја додаде наградата за економија. Редоследот му одговараше, бидејќи имаше доволно време за размислување. Секогаш повеќе сакаше кога е тивок, кога молчеше и секогаш повеќе сакаше да размислува за нешто. А сега е уште подобро. Така се ослободуваше од повлекување и oд љубопитноста која владееше околу него, така што се повлекуваше во својот свет, толку длабок, така што само ретките што сакаат успеваат да стигнат до тоа. Тоа му одговараше, бидејќи друштвото беше одбрано и квалификувано на некој начин, секогаш вистинското, избрано и сосема доволно.
Таа прочита сѐ, од сите сенки ја откри суштината и ја почувствува јачината на желбата.
Како само можеше да се посомнева, како воопшто можеше да се посомнева во неа?
Но – зошто да не, зарем тоа не е сосема човечки, зарем тоа не му се случува секому? Секако, си одговори само за себе, но и покрај тоа не му беше сеедно. Го нагризуваше совеста. Не би смеел да се сомнева, си рече и си замери себеси.
Но, нема ли право да се сомнева и да потпрашува за секого и за сѐ. Дури и за себе. Дури и за неа. Зарем тоа не е негово или било чие право, кое гарантира и дава основа за суштествување и битисување? Да, тоа е така, но за неа не би смеел да се сомнева. Исто така – зошто би морала да прочита, зошто би морала да чита и дури да се задлабочува во читањето, кога секој од нас пред сѐ има свој живот и свој сопствен свет, затворен, опкружен и непремостлив. Зошто некои го читаат таквото пишување, кога на располагање имаат толку други, толку многу животи и релаксации, околу себе метеж и врева, уживања и задоволства, таму, надвор, насекаде и наоколу; зошто некои само читаат и тоа токму тоа негово пишување, кое може да е досадно, заморно, комплицерано и несфатливо. Ако воопшто нешто може да се разбере и да се најде смисла во сите тие зборови и во нивните искривени и сокриени сенки. Во тие сенки, кои те стегаат и ја стискаат твојата душа, врескајќи ги покажуваат своите канџи и пипки и не можеш да им побегнеш ако те забележат. Ти ја исцицуваат душата, ти ја пијат крвта, ти го вадат животниот сок, за да останеш празен, шуплив и без суштина, како да си од камен. И мора да бидеш цврст и тврдоглав, за да го издржиш тоа читање и тој конфликт, таа вечна битка меѓу буквите и мислите, што врие во тебе, што се излива од нив и те заплискува по лицето, во срцето, што те притиска до ѕидот и те влече надолу во притисокот на животот, па одат по тебе, буквите и нивните злорадосни сенки.
Малку уморно продолжи со самоиспитувањето; имено, само размислуваше и повеќе не си поставуваше прашања. Зошто некој би го читал тоа што го напишал, негодуваше. И зошто не би смеел да се посомнева во него, зошто? Тоа беше речиси констатација; го чувствуваше само уште лесниот увид на прашањата. Премногу лесно.
Па го прочитаа, сепак тоа му одекнуваше во главата и кога во ушите го слушна своето име, зачекори напред и изненадено виде дека стои на средина од бината, меѓу светлата, угледните луѓе и великаните, пред почесната публика, на врвот.
Таа читаше.
Таа гледаше некаде во далечината, бидејќи не беше на бината, иако во суштина овојпат беше блиску: доволно блиску, за да го почувствува ентузијазмот и свеченоста на моментот, а веројатно доволно далеку за да забележи, како што тоа го правеше и минатата година на минатото доделување и како што тоа би го направила и следната и годината после неа. Четирипати имаш можност. Но, само овојпат беше сосема блиску до него и присутна. Само таа. Прва и единствена. Таа беше толку блиску, така што ѝ го чувствуваше погледот, додека гледаше во него, кога тој стоеше свечено облечен, среден и скоцкан. Како извајан. Врамен.
Тој изгледаше замислено, доволно отмено, така што целата негова фигура беше достоинствена и префинета, во суштина извајана, па ѝ се чинеше како да е неподвижен, извајан од бронза, поставен од ебони, вечен како галактичка магла, безвременски како космичка темнина.
Како во животот да го чекаше само тој момент, ѝ имаше речено. Како тоа да беше најприродната работа што ја правеше и ја имаше доживеано, како да беше роден само за тој момент. Додека го гледаше и размислуваше, стотици мисли ѝ се роеја низ главата. Само го гледаше. Не можеше да поверува, сѐ уште ѝ се чинеше толку неверојатно за да може да се соживее, беше како урочена, но пријатно, полетно, дури и гордо. Низ мислите ѝ се појавија зборовите од неговиот роман, во нив јасно и дефинитивно се препозна себеси, своите заблуди и дилеми, својот копнеж и животот и додека ја читаше книгата го виде тоа што го имаше доживеано и ѝ се чинеше дека го чувствува тоа што следува, тоа што конечно ќе ја исполни. Повеќе не ѝ беше жал за изминатите денови, за деновите и за годините, за изгубените можности и надежи и чувствуваше дека сето тоа е сега тука, пред неа и во неа, дека сегашноста е сѐ што проникнува во нејзиниот живот.
Сегашноста, топлината, радоста.

Како човек може да издржи толку радост во само еден здив, во долг, неповторлив момент што трае и трае! Каква е таа магија што го опфатила во својот магичен круг и му ја пренела нему во прегратка од зборови, кои беа нејзини, само нејзини. Нејзините мисли, заради кои успеа да пишува зборови. Толку многу зборови. Како некој да мора да сака, колку силно мора да љуби и да трпи, за да може да пишува.
Сите слушаа и слушнаа, целата сала, тој, таа, насекаде одекнуваше, преку телевизиските екрани, преку Интернет, насекаде, тој беше таму и стоеше и читаше со образложение: „…за возбудливата едноставност на мајсторската вербализација на судбината на современиот поединец, особено во неговото најново дело „Лице без огледало“, за одличната и сеопфатната емоционална анализа на изгубените тинејџерски надежи.“
Цитатот од образложението за наградата што ќе остане насекаде снимено. Виножитото е рампа на зборовите, кои го ловеа скриеното значење од дното на душата.
И потоа кралот му ја пружи раката, му ги предаде дипломата и металот и со насмевка му честиташе. Меурчето од сапуница никако да пукне, туку стана стварност, сето тоа беше реалност и сето тоа се случуваше.
И зад сето тоа, повторно зборовите. Море од зборови. Во неа, за него, за душите и световите во нив. Зборовите.
Дипломатот на располагање ги има само зборовите. Ништо повеќе од зборови. Со нив претставува, објаснува, разложува, пренесува, порачува, прашува, оправдува, брани, прави сѐ што мора, што смее и што може. Никогаш нема друга алатка, друго опипливо орудие освен зборовите. Но со зборовите може да прави чуда; ги убедуваш неубедливите или и веќе убедените, што е уште поголемо мајсторство. Ги преобратуваш одлучните, ги подучуваш неуките, влијаеш на самодовербата и ароганцијата, за овие последните е уште полесно, бидејќи им се чини дека се над сите, дека се единствено најдобри и најзначајни, им помагаш на раскараните страни и ги охрабруваш неодлучните, ги загреваш воздржаните и ги помируваш непомирливите.
Зборовите се како чуда, само со нив мора да си внимателен и претпазлив, паметен и нежен.
Колку пати го имаше слушано, кога неа, како на почетник, ѝ предаваше на академија. Кога беше веќе тоа. Секако дека беше во право, иако тоа знаење, како што многупати таа му имаше нагласено, ако точно се сеќава, беше едно од ретките така што беше толку непосредно и отворено, секако, но не беше негово. Знаењето го имаше добиено на разните предавања и од слушањето на старите, искусни, а и повеќемината учат од тоа. Секогаш треба да се студира и внимателно да се одбира, инаку те срушува купот од небитна и на прв поглед привлечна, но површна литература. Неговата заслуга или пак важноста беше, првенствено, во тоа – за тоа не зборуваше, но можеше да се забележи – дека и покрај големото искуство тој беше подготвен и понатаму да учи и некому да му покаже, релаксирано, љубезно, но корисно и ефикасно. Малкумина се таквите. Уште повеќе учиш, нагласи тој, подоцна, кога веќе имаш солидна основа – и затоа мора навистина да ја имаш основата – а се стекнува со набљудување и анализирање на однесувањето на другите, како и набљудувањето на самиот себе: како го користиш стекнатото знаење и искуството, како тоа се одразува на соговорникот, односно на луѓето со кои си во друштво, на пример, на приемите. Во таквите ситуации е најлесно и најбрзо се доаѓа до тоа, секако ако си чесен и непристрасен кон себе, забележуваш како ти оди и што треба уште да се направи, поправи и роди.
Понекогаш ѝ недостасуваа таквите разговори. Што повисоко се искачуваш, потешко е да го продлабочиш своето знаење, бидејќи знаеш, во суштина треба многу да знаеш, и затоа е потешко да сретнеш такви што соодветно може да ти понудат уште повеќе. Не си расположен на широко и на долго да слушаш говори за тоа, говори од кои дури може да се извлечат една или две поуки. Затоа не е повеќе едноставно, стануваш и критичен, дури и пребирлив, а некои стануваат и вообразени. Мора да имаш соодветен соговорник, симпатичен, таков кој никогаш нема скриени намери. Ама тие се малкумина. Или пак таа имаше станато навистина толку барана, можеби по малку дури и имагинарна, кој би го знаел тоа.
Ама не, кога би станала вообразена, тоа би ѝ го кажал. На соодветен начин би ја предупредил, опоменал и би ѝ навестил како стојат работите.
Па, беше ли тоа вистина, беше ли тоа реалност, имено, неверојатно е да е така, сепак се запраша за тоа.
Таа малку размислуваше, со двоумење и речиси изненадена сама од себе и над своите сомнежи, а потоа констатираше: да, би ми кажал, би ми навестил, сигурно, тој сигурно, иако можеби е единствен што би го направил тоа.
Секако, би го направил тоа, тој.

Автор: Милан Јазбец
Превод: Драгана Евтимова

Тагови од објавата
More from Драгана Евтимова
Драг Сашо
Писма од промоцијата на „Се гледаме наскоро. Е.“, 14.6.2017, „Ла кања“.
Повеќе
0 replies on “ДОДЕЛУВАЊЕ”