Скриен портал со емотивен полнеж

„Скриено писмо“ е најновата поетска книга на Митко Гогов, втора по ред, по неговата „Ледена вода“(2014). Според активноста и ангажираноста на Гогов на книжевната и на културната сцена, изгледа малку изненадувачко што зад себе има само две поетски книги, но според квалитетот и на двете, најверојатно се работи за посветен и многу самокритички процес на творење и објавување.
„Скриено писмо“ е концептуална збирка која освојува и визуелно и содржински. Во концептуален манир, препознатлив за Гогов, збирката се отвора и ги открива скриените писанија низ три циклуси: Писмо прво, Подрум (циклус скриено хаику) и Писмо второ. Вака осмислена книгата нуди јасен и прецизен патоказ за читање и толкување на поетските писма, но и недобројни асоцијации на истите.
Првиот цикслус е влез, портал и отворање на пликот со големите тајни на поетскиот субјект. Низ трите циклуса преовладуваат неколку клучни заеднички елементи: поетовата посветеност на времето, безвременоста, бесмртноста и потрагата по неа, но и мајсторскиот нагон за ловење на важноста на мигот (посебно видливо во вториот циклус со хаикуа).
оддели го сегашното од сега
налеј си полски чај, времето одѕвонува
со светилки од блесок.
(скриен часовник)

Скриени релјефи,
песок,
потребни се нови
кујунџии на
времето. (Скриени сеќавања)

Вториот важен елемент од оваа поетска книга е посветенста на јазикот и зборот, на длабењето на изразот, кој иако минималистички, сепак е раскошно прецизен во понирањето и барањето на поетските, метафизичките, а зошто не и магиските слоеви на песната. Стиховите во „Скриено писмо“одмерено се тркалаат меѓу обичноста на означеното (најчесто предмети од секојдневието) и бескарајноста на ознаката, давајќи му ширум отворени порти на толкувањето. Фаќањето во костец со зборот потсетува и на вербата во магиската функција на поезијата, но и на самиот поет, кој твори со верба и надеж дека одново ги открива немуштите слоеви на јазикот. Посебно значаен е поривот за сопствени зборообразувачки форми и кованици што на песните им дава уште подлабоко и посуштинско значење: ѕвездовидци, сонцезлатна, непремолк и сл. Дека јазикот не е невин, а односот кон него наивен говори и следниов стих:
кога би се тетовирале автоматски
сите зборови што ги изговараме на
нашето тело, секој од нас
повеќе би размислувал

што сакал да каже. (Тетоважа)

Гогов е свесен и посветен на градењето на сопствениот стил, на моќта што ја има песната, па и поезијата, и се чини дека токму таа моќ ја зема за свое поетеско оружје во борбата со минливоста на мигот:Твојата песна е твојата храброст. Збирката е концепт и завршена идеја. Меѓу првото и второто писмо е Подрумот или скриеното хаиуку, кое пак дава еден од можните клучеви на загатката на „Скриените писам“. Во „Подрум(от)“ се поместени тристишја за скриените и заборавени нешта (од нашата совест) и живот. Најчесто во подрумот ги сместуваме предметите што се плашиме да ги фрлиме, но не и да ги заборавиме и забаталиме. Е токму околу тие и такви предмети се раѓаат симболите преку кои поетот ја бара својата вистина: (Ковчег) каде е клучот/на портите?алишта/или спомени…(Тепсија)заврти го времето/дворот е бакарна плоча/под сонцето.
Хаику песните се преминот од едното кон другото писмо, слегување од општата кон интимната состојба на лирскиот субјектот, од конкретното кон апстрактното, од сечие до ничие и повторно искачување до мое и себе си. Кривата оди нагоре, поетот во песната „Скриена земја“ ја бара поезијата, но и својата моќ или улога во светот. Автореференцијалноста продолжува со восклик:
„и пеј со срцето/ѕвездите светат/и тогаш кога ги чекаш новите ластари, можеби е темно, но сонувај/ поету, нема ек што ќе го сопре векот!
Кулинацијата е во последната песна која го носи сиот емотивен полнеж и верба на оној што твори и верува дека: „олтар сме со скриен портал кој/зборови (лажни) не го отвораат“. Насловот на оваа песна е „Скриен портал“ што повторно во целиот концептуален манир повикува на нов влез или некое ново откривање на „Скриено(то) писмо“ на Митко Гогов.