Во пресрет на песната

Од изборот поезија на Никола Маџиров (приредена во „Преместен камен“) и
поезијата на Ѓоко Здравески (поместена во „Куќичка за птици-преселници“)
во издание на „Пласт“ и „Антолог“, 2013

Поетот како номад (Маџиров) или домаќин (Здравески), скитник или староседелник, модерен патник или старомоден куќник, е во вечна потрага по дом. Но, неговата прва адреса е секогаш запишана во неговата последна песна. Оти стихот е единствениот дом за поетот. А, пеењето е мапа од потрагата и пропатувањето (по одговори и домови). Пеењето е синоним за постоењето.

Ѓоко Здравески и Никола Маџиров често трагаат по домот, но пресретнувани од зборот, најчесто го градат стихот и го сведочат раѓањето на песната. Ова е обид за овековечување на едно такво осведочување.

КАКО СЕ РАЃА ПРОСТА И СТРОГА МАКЕДОНСКА ПЕСНА?

НИЗ (О)БИДУВАЊЕ
(Кон песните „Во мене се раѓа дете“ од „Куќичка за птици-преселници“ и „Растам“ од „Некаде никаде“)

Едно запејување е како зачекорување. Кај Здравески тоа е првиот нагорен чекор на човек кој заборавил да држи чекор. Со себе и светот, и со себе во светот (тогаш уште еднаш проодував/ угоре по планината/ се тетеравев на ветрот). Тоа е возрасен кој подзаборавил да расте и да (о)стане дете. Оти пеењето е еднакво на растењето. Навистина, не постои песна без падни-стани, без играчка-плачка. Без обидување нема бидување. Така се раѓа песната:

Во мене се раѓаше дете/ мислата ме снеможуваше/ не можев да ја заробам и збор/ да ја престорам/ зборот молк/ молкот тишина.

Кај Здравески, темелите на песната се утврдуваат низ обидите да се впрегне мислата. Да се притегне во стихуван ем тихуван збор. А, нејзиниот дом може да биде сместен во гласот (кога грлено ечи), шепотот (кога низ усни се пелтечи), но пред сè во молкот (кога во тишина, со поглед се сведочи). За Маџиров пак, секое пеење е како обид за летање. Поправо, обид да се вивне речта на крилјата од детската мечта:

Дојдоа срни под мојот кревет/ …/ и потоа под креветот/ почна да расте трева./ Ете јас сè уште растам/ и го допирам стомакот/ на птиците што заборавиле да летаат.

Кај Маџиров, темелите на песната се удираат низ обидите да се отспрегне мислата, па да се растегне до небесата. Нејзиниот дом е во секое првнато и полетно извишување на идеите, секое раскрилување и осоколување на зборовите. Од таму, и кај Маџиров пеењето е рамно на растењето. И повеќе, на растење до надраснување.

НИЗ (СПО)МЕНУВАЊЕ
(Кон песните „Вода“ од „Куќичка за птици-преселници“ и „Подводна“ од „Преместен камен“)

Ако обидот го одбележува почетокот, тогаш споменот го одредува текот на песната. Кај Здравески споменот е мерка за постојаноста на времето: низ присетувањето го оживејуваме минатото, а некогашното го изедначуваме со сегашното. Од таму, споменот наликува на здржана вода која не извира ниту понира, но сепак се провира низ секој миг. Вода која впива и чува впечатоци. Вода која помни, а потем раскажува. Зачекана низ годините, таа ги начекува зборовите и ги прибира во песна:

Вода сум/ во пукнатините на забот на/ времето влегувам./ таму молчам на сите човечки јазици./ и сè што низ мене минува/ останува во мене.

Кај Маџиров пак, споменот е мерка за минливоста на времето: споменувањето нужно зависи од менувањето, оти преку него правиме раздел меѓу (од)минатото и присутното, меѓу некогашното од сегашното. Од таму, споменот наликува на воздух кој веќе одвеал. Но, некогаш ненадејно провејува во наноси од мириси, никулци зборови, и траги од стихови:

Облечен во песок со ветрот/ надвор од сезоните ти доаѓам./ Секој ден зрно од калинка/ пред прагот ти принесувам.

НИЗ СОНУВАЊЕ
(“Кон песните „Мојата детска соба“ од „Куќичка за птици-преселници“ и „Од собата“ во „Заклучени во градот)

Стихот се раѓа низ обидот и споменот, но се кали во сонот. Се јагми во оној полноќен час, кога несвесното за прв пат добива глас. Во детската соба на Здравески, материјалот за песна се обзнанува како жива мисла во спиењето, како одживејување на замислуваното:

Времето стои/ трите стрелки една врз друга спијат/ во сонот некој некого мисли.

За Маџиров пак, доцниот б(л)уден час е создаден за сонување на глас. Свесно сонување со отворени очи и разбранувани чувства. Мечтање за возбудливи и недопустливи теми. Во собата на Маџиров, секое пеење е едно долго бдеење:

Многу песни почнуваат/ од собата,/ некаде по полноќ, / кога сите ги затвораат очите, / освен таа / собата на конзервирани чувства.

КАКО ЗАВРШУВА ПЕСНАТА?

СО НЕ(ДОИСК)КАЖУВАЊЕ
(Кон песните „Зборови“ од „Куќичка за птици-преселници“ и „Изреченото нè прогонува“ од „Преместен камен“)

Ако пеењето е синоним за постоењето, тогаш песната трае додека трае векот и живеењето. Таа не завршува, туку нерамномерно се повишува, па се стишува. Кај Здравески секое стишување трае колку едно длабоко вдишување. Колку мала задршка пред залет кон ново пишување:

Не знам зошто сè почесто молчам,/ сè почесто мижам,/ сè подолго го задржувам здивот./ ко да се готвам за нешт
о.

Ако Здравески е згонет од некажаниот збор, тогаш Маџиров е прогонуван од зборот кажан без сведоци:

Зборовите ги оставивме/ под камењата со закопани сенки,/ на ридот кој го чува ехото/… / Она што го кажавме без сведоци/ уште долго ќе нè прогонува.

Секој збор што останува заглушен во сопствениот или сеопштиот молк (кога е премолчен или не е осведочен), се пласти во некажаното и недоискажаноста. А, надојденото чувство на недоискажаност е двигател на обидот, гонител на споменот и владетел со сонот. Тоа е поттик за градење на нов дом за поетот. Така, одново се раѓа стихот.