Скриени калеидоскоп или ослободување од сопствената внатрешност

Треба да се присуствува, да се биде присутен, бидејќи поетските слики се еден вид на бранување и вдомување во себеси, прекршување на „светлините/ внатре во нас“.

Нема да пишувам типична рецензија. Тоа веќе го имаат направено неколкумина пред мене за најновата поетска книга „Скриено писмо“ на Митко Гогов. Ќе се обидам да ги зачувам стиховите што мене ме убедија дека оваа книга заслужува внимание за оние што ја сакаат поезијата:
Треба да се присуствува, да се биде присутен, бидејќи поетските слики се еден вид на бранување и вдомување во себеси, прекршување на „светлините/ внатре во нас“. Спознавање на сопствениот контрапункт, каде што „твојата песна е твојата храброст/ не, не се тоа несоници“. Продолженија и сеќавања, а во нивните простори „сѐ поретко вреди да се одронуваат сопствените карпи“, каде што низ тивкото стивнување „доволна е прегратката на ова непостоење/ и смртта на татко ми, која уште посилно одекнува“. Се здогледуваме во сопствениот одраз, низ кој „ја бараме смислата како понуда во туристичка агенција/ а потоа се грозиме од нејзината цена“. Во огледалото „среќата сѐ уште ја бара својата дефиниција“. Никој не може да те ослободи тагата, бидејќи „растеме осамени/ можеби/ затоа сакаме/ да сонуваме одвоено“. Сопствената внатрешност може да ослободи и „под асфалтот сокриј семе, да набрекне,/ да покаже корења тајни/ распукај ја мислата,/ во центарот на земјата се крие светот“. Се изедначуваат болката и радоста низ „здиплени алишта,/ заборавени љубовни/ писма помеѓу“. Полицата на времето станува едно, исполнета „бабина соба./ лабараторија полна/ билки. зен“. Повеќе не си сам, така што „чукни во ѕидот!/ во старата дупка спие/ остарен пајак“. Растајнетост што наѕира низ буквите од зборовите, а ти „избриши го стаклото/ под прашината се крие/ нејзиното име“. Ослободеноста од довербата е „релјефна карта на животот/ е линијата што поминува/ низ твоето чело“. Ослободеноста од товарот „нема скриени простории во урбаната тишина“. Низ прочистувањето на поетската душа просторот се преосмислува и „довербата е посилна од меѓите“. Од растревоженоста при заспивањето боли само напластената тишина и „во празните тегли од зимница/ ги бараме вкусовите на полињата“. На тој начин, ослободувањето е одек низ просторот и времето.
Скриените калеидоскопски треперења ја ослободуваат сопствената внатрешност, каде што се птвора прашањето дали може преку желбите кои се сонуваат да се најде прибежиште во поезијата и тоа за што се сонува да добие конкретна суштина, која ќе ги оправда сите наши необични вредности? Секако, стиховите во овој ракопис на Митко Гогов објаснува дека не постојат граници за тоа колку далеку може да стигне кој било од нас во сопствениот пат кон проникнување и обмислување на реалноста во стих.

Тагови од објавата
More from Драгана Евтимова
МАГИЧЕН РЕАЛИЗАМ
Поимот магичен реализам е тешко да се систематизира и во него има...
Повеќе
0 replies on “Скриени калеидоскоп или ослободување од сопствената внатрешност”