Невидливиот чувар

Аиноа Елисасу беше втората жртва на басахаунот, иако во тоа време печатот сѐ уште не го нарекуваше така. Тоа се случи подоцна, кога се рашири веста дека околу труповите имало влакна од животни, остатоци од кожа и траги за кои било неизвесно дали се човечки, и сето тоа поврзано со некој вид мрачна церемонија за прочистување. Се чинеше дека злокобна, овоземна и древна сила ги обележува труповите на тие млади девојки, речиси деца, со расечени алишта, срамните влакненца избричени и рацете во положба на невино подавање.

Кога ѝ се јавуваа в зори за да отиде на местото на злосторството, инспекторката Амаја Саласар секогаш го правеше истиот ритуал: го исклучуваше алармот од будилникот за да не му пречи на Џејмс подоцна, си ги земаше алиштата и телефонот собирајќи ги во купче, тивко слегуваше по скалите и одеше во кујната. Се облекуваше додека го пиеше кафето со млеко и оставаше порака за сопругот, потоа влегуваше во автомобилот и возеше размислувајќи за неважни работи, празни звуци што секогаш го зафаќаа нејзиниот ум кога ќе се разбудеше пред да зазори и што ѝ правеа друштво како остатоци од недовршено бдеење, и покрај тоа што возеше повеќе од еден час од Памплона до местото каде што ја чекаше жртвата. Влезе во многу остра кривина и чкрипењето на гумите ја натера да сфати колку е расеана; во тој момент се присили да внимава на вијугавиот пат по кој се искачуваше и што навлегуваше во густата шума што го опкружува Елисондо. Пет минути подоцна запре со автомобилот крај светлосниот знак на патот и ги препозна спортскиот автомобил на доктор Хорхе Сан Мартин и џипот на судијката Естебанес. Слезе од автомобилот и се упати кон задната страна, од каде што извади гумени чизми, кои ги обу потпирајќи се на багажникот додека ѝ приоѓаа помошник-инспекторот Јонан Ечаиде и инспекторот Монтес.
– Лошо изгледа, шефице, речиси е дете. – Јонанги провери своите белешки. – Дванаесет или тринаесет години. Родителите пријавиле дека во единаесет часот навечер девојчето не било вратено дома.
– Многу брзо за да се пријави исчезнување – рече Амаја.
– Да. Но, изгледа дека во осум и десет му се јавила на постариот брат на мобилниот телефон за да му каже дека го пропуштила автобусот за Арискун.
– И братот не рекол ништо до единаесет часот?
– Па знаете: „Тато и мама ќе ме убијат. Те молам, не кажувај им. Ќе видам дали таткото на некоја од другарките може да ме донесе“. Како било, тој не рекол ништо и се заиграл со плејстејшнот. Во единаесет часот, кога видел дека сестрата ја нема и дека мајката станува хистерична, им рекол дека Аиноа се јавила. Родителите отишле во полициската станица во Елисондо и инсистирале да пријават дека на ќерката ѝ се случило нешто. Не се јавувала на мобилниот, а тие веќе контактирале со сите нејзини пријателки. Ја нашла една патрола. Кога стигнале до кривината, полицајците ги виделе чевлите на девојчето крај патот – рече Јонан осветлувајќи го со батериската ламба местото на работ на асфалтот, каде што црни лакирани чевли со средно висока потпетица блескаа совршено наместени едниот до другиот. Амаја се наведна за да ги види.
– Многу добро се наместени, дали некој ги допрел? – праша таа. Јонан повторно провери во своите белешки. Амаја помисли дека ефикасноста на младиот помошник-инспектор, плус антрополог и археолог, ќе биде вистински дар за тешки случаи како што изгледаше дека ќе биде тој.
– Не. Така стоеле, наместени едниот до другиот и свртени со врвот кон патот.
– Кажи им на тие што земаат отпечатоци да дојдат кога ќе завршат, нека погледаат во внатрешноста на чевлите. За да се наместат така, треба да се стават прстите внатре.
Инспекторот Монтес, кој дотогаш молчеше загледан во врвовите на своите италијански мокасини, нагло ја крена главата, небаре се разбудил од длабок сон.
– Саласар – промрмори наместо поздрав. И зачекори накај работ од патот без да ја причека. Амаја направи израз на чудење и се сврти кон Јонан.
– Што му е?
– Не знам, шефице, заедно дојдовме со автомобил од Памплона, но не кажа збор попат. Мислам дека е малку поднапиен. Да, и таа го мислеше истото тоа. По разводот, инспектор Монтес одеше од лошо кон полошо, и тоа не само поради скорашната наклонетост кон италијанските чевли и шарените вратоврски. Последните недели ѝ изгледаше особено расеан, нурнат со својот внатрешен свет, студен и недостапен, речиси аутистичен.
– Каде е девојката? – Крај реката. Треба да се оди прудолу по падината – рече Јонан, покажувајќи кон долот и со израз на извинување, небаре тој е одговорен што телото се наоѓа таму.
Додека се спуштаа по падината, карпа постојано гребена од милениумската река, во далечината ги здогледа светилките и лентите што го оградуваа просторот за работа на полициските службеници. На едната страна, судијката Естебанес тивко разговараше со судскиот записничар додека откосо гледаше кон местото на кое се наоѓаше телото. Околу него, двајца фотографи од кримтехника го осветлуваа со блицовите од разни агли. Крај трупот клечеше еден од техничарите од Институтот за судска медицина на Навара, кој изгледаше како да ја мери температурата на црниот дроб.
Амаја со задоволство констатира дека сите присутни ја почитуваат патеката што, кога дошле првите полициски службеници, ја определиле за влез и излез во обележаната зона. Но, како и обично, нејзе ѝ се причини дека има премногу луѓе. Тоа беше чувство што се граничеше со апсурдот и што можеби потекнуваше од католичкото воспитување што го добила, но речиси секогаш, кога се наоѓаше пред труп, ја имаше онаа потреба од интимност и осамување што ја обземаше на гробишта и што ја нарушуваше службеното присуство, далечно и туѓо на тие што се движеа околу телото, единствениот протагонист на делото на злосторникот, сепак, нем, замолкнат, занемарен во својот ужас.
Бавно пријде, набљудувајќи го местото што некој го избрал за смртта. Крај реката беше се создала плажа од сиви заоблени камења, веројатно довлечкани од надоаѓањето на водите пролетта, сув појас во широчина од околу девет метри што се протегаше до каде што досегаше нејзиниот поглед, на слабата светлина од зазорувањето. Другиот брег на реката, со ширина од одвај четири метри, влегуваше во длабока шума што стануваше сè погуста како што се навлегуваше во неа. Инспекторката причека неколку секунди додека кримтехничарот не заврши со сликањето на трупот; кога тој заврши, таа се доближи, запирајќи крај нозете на девојчето, и, како што обично правеше, го испразни умот од секакви мисли, го погледна телото што лежеше крај реката и тивко кажа кратка молитва. Дури потоа се почувствува подготвена да го гледа како дело на злосторник.
Аиноа Елисасу додека била жива имала убави кафени очи што во тој момент гледаа кон бесконечното небо со израз на чудење. Главата, малку наведната наназад, овозможуваше да се види едно парче од грубото јаже што потонало во месото на нејзиниот врат така што речиси изчезнало. Амаја се наведна над телото за да го види јазолот.
– Не го врзал, само го затегнувал додека девојката не престанала да дише – промрмори речиси за себе.
– За тоа треба силен човек, маж – рече Јонан зад неа.
– Веројатно, но девојката не е многу висока, околу метар и педесет и пет, и слаба е; тоа можело да го стори и жена.
Доктор Сан Мартин, кој до тој момент разговараше со судијката и со судскиот записничар, се доближи до трупот откако се збогуваше со судијката со церемонијалност на оние што бакнуваат рака.
– Инспекторке Саласар, мило ми е што ве гледам, иако тоа е во вакви околности – весело рече. – И мене, доктор Сан Мартин, што мислите за случајот?
Лекарот ги зеде белешките што му ги подаде кримтехничарот и бегло ги погледна додека се наведнуваше над трупот, но не без да го погледне прво Јонан со поглед со кој ги ценеше неговата младост и неговата стручност. Поглед што ѝ беше многу добро познат на Амаја. Неколку години пред тоа, таа беше младиот помошник-инспектор што требаше да се упати во тајните на смртта, задоволство што Сан Мартин, угледен професор, никогаш не го пропушташе.
– Доближете се, Ечаиде, дојдете, можеби ќе научите нешто.
Доктор Сан Мартин ги стави хируршките ракавици што ги извади од кожената торба гледстоун и нежно ги допре вилицата, вратот и рацете на девојчето.
– Што знаете за мртовечката вкочанетост, Ечаиде?
Јонан воздивна пред да одговори со тон сличен на оној што веројатно го користел во училишните денови кога требало да ѝ одговори на учителката.
– Вкочанетоста настанува поради хемиски промени во мускулите, најпрвин е видлива на очните капаци, а потоа се шири кон градите, трупот и екстремитетите, зафаќајќи го целото тело во рок од околу дванаесет часа и попушта со спротивен процес кога мускулите почнуваат да се распаѓаат под дејство на млечната киселина околу триесет и шест часа подоцна.
– Не е лошо, друго? – го поттикна лекарот.
– Тоа е еден од главните знаци за одредување на времето на смртта.
– Дали мислите дека тоа може да се направи само врз база на степенот на мртовечката вкочанетост?
– Па… – се колебаше Јонан.
– Не, категорично, не – тврдеше Сан Мартин. – Степенот на вкочанетост може да варира во зависност од состојбата на мускулите на починатиот, температурата во просторијата или во околината, како во овој случај, екстремните температури, кои може да направат да изгледа дека дошло до мртовечка вкочанетост, на пример во случај на трупови изложени на високи температури или кај кои настанал мртовечки грч. Дали знаете што е тоа?
– Мислам дека се нарекува така моментот кога при умирање се затегнуваат мускулите на екстремитетите, така што е многу тешко да му се одземе на починатиот кој било предмет што го држел во тој момент.
– Така е, затоа патологот форензичар има многу голема одговорност. Не може да се одреди времето без да се имаат предвид тие аспекти и, нормално, хипостазата … Мртовечкото бледило, за да ме разберете. Сигурно сте ги гледале американските серии во кои форензичарот клекнува крај телото и по две минути го одредува часот на смртта – рече кревајќи ја театрално едната веѓа. – Дозволете ми да ви кажам дека тоа е лага. Анализата на количината на калиум во очната течност претставува голем напредок, но часот ќе можам да го одредам попрецизно само по аутопсијата. Во овој момент и според она со што располагам можам да ви го кажам следното: тринаесет години, женски род. Според температурата на црниот дроб, би рекол дека умрела пред два часа. Сè уште нема вкочанетост – рече допирајќи ја повторно вилицата на девојчето.
– Тоа се согласува со нејзиното јавување дома и со пријавувањето од страна на родителите. Да, само два часа.
Амаја почека тој да стане и го замени клекнувајќи крај девојката. Не ѝ избега од вид изразот на олеснување на Јонан кога виде дека се спасил од испитувањето на форензичарот. Очите што гледаа кон небото и подотворената уста во гест што изгледаше како изненадување или што можеби бил последниот обид за да вдиши воздух на лицето на девојката му даваа изглед на детско чудење, како на девојче на денот на нејзиниот роденден. Алиштата ѝ беа расечени со чисти засеци од вратот до слабините и беа распоредени на двете страни како врзопи на злокобен дар. Нежното ветре што пиркаше од реката ги придвижи кркмите на девојката и до Амаја допре миризба на шампон помешана со друга поостра миризба на тутун. Се запраша дали пушела.
– Мириса на тутун. Имала ли чанта со себе?
– Да, имала. Сѐ уште не се појавила, луѓето ја пребаруваат зоната до еден километар подолу – рече инспекторот Монтес подавајќи ја раката во правец кон реката.
– Прашајте ги пријателките каде биле и со кого.
– Штом ќе се раздени, шефице – рече Јонан гледајќи во часовникот. – Пријателките ѝ се тринаесетгодишни девојчиња и сигурно спијат.
Ги погледна рацете положени крај страните од телото. Беа бели, чисти и со дланките свртени нагоре.
– Дали ја забележавте положбата на рацете? Некој ги наместил да лежат така.
– Се согласувам – рече Монтес, кој стоеше крај Јонан.
– Нека ги сликаат, а потоа веднаш заштитете ги. Можеби се обидела да се брани. Иако ноктите и рацете изгледаат како да се чисти, можеби ќе имаме среќа да најдеме нешто – му рече на кримтехничарот. Форензичарот се наведна повторно над девојката, спроти Амаја.
– Ќе мора да ги чекаме резултатите од аутопсијата, но јас би рекол дека причината за смртта е задушување, и, имајќи предвид колку силно потонало јажето во месото, би рекол дека настапила многу брзо. Исечениците што се јавуваат на телото се површински и се последица на сечењето на алиштата. Тоа е сторено со многу остар предмет, нож или скалпел. Тоа ќе ти го кажам подоцна, но направени се откако девојката умрела. Речиси нема крв.
– А тоа што го сторил со срамната коска? – се вмеша Монтес.
– Мислам дека го употребил истиот остар инструмент за да ги избричи срамните влакненца.
–Можеби за да земе дел од нив како трофеј, шефице – посочи Јонан.
– Не, не верувам. Гледај како ги фрлил крај телото – рече Амаја покажувајќи кон неколку купчиња влакненца. – Се чини дека сакал да ги отстрани за да ги замени со ова – рече покажувајќи кон убаво испечено и масно колаченце што беше ставено врз избричената срамна коска на девојката.
– Неранимајко! Зошто мораат да прават такви работи? Не му било доволно да убие дете, па морал да го стави и тоа таму. Што ли мисли човек што прави такво нешто? – воскликна Јонан со израз на гадење.
– Тоа е твојата работа, момче, да откриеш што мисли таа свиња – рече Монтес доближувајќи се до доктор Сан Мартин.
– Дали ја силувал?
– Би рекол дека не ја силувал, но не можам да бидам сигурен додека на ја прегледам детално. Сценографијата има нагласен сексуален изглед… Цепење на алиштата, отскривање на градите, бричење на срамната коска… И колаченцето… Изгледа како гурабија, или…
– Toa e чанчигори – рече Амаја. – Типично колаче од оваа област, иако ова е помало од тие што ги знам. Но, тоа е чанчигори, без никакво сомневање. Свинска маст, брашно, јајца, шеќер, квасец и пршки, стар рецепт. Јонан, нека го стават во една кеса и, ве молам – рече Амајао браќајќи им се на сите – ова со колачето да не излезе одовде, моментално тоа е информација што не смее да се објави.
Сите се согласија со тоа.
– Ние завршивме. Сан Мартин, ваша е. Ќе се видиме во Судска медицина.
Амаја стана и ја погледна девојката уште еднаш пред да се искачи по угорнината до својот автомобил.