Човекот по име Уве

    Човекот по име Уве
    купува компјутер што не е компјутер

Уве има педесет и девет години. Вози саб. Тој е таков тип што покажува кон луѓе што не ги сака, и тоа како да се арамии, а показалецот на Уве како да е полициска џебна батерија. Стои пред пултот во една од оние продавници каде што луѓе со јапонски коли доаѓаат за да купат бели кабли. Уве го набљудуваше долго продавачот, пред да почне да мавта со средно голема бела картонска кутија кон него.
– Аха! Ова ли тоа што го викаат ајјпаaд? – сакаше да знае Уве.
Продавачот, млад маж со едноцифрен индекс на телесна маса, изгледаше како да не му беше баш пријатно. Очигледно беше дека се бореше против поривот веднаш да ја одземе кутијата од Уве.
– Да, токму така. Тоа е ајпед. Но би било добро ако престанете да мавтате така со него…
Уве ја погледна кутијата како да му изгледаше крајно сомнително. Како кутијата да возеше веспа и да носеше тренирки, и само што го ословила Уве со „другар“, а потоа се обидела да му продаде часовник.
– Аха! Значи, ова е компјутер!
Продавачот кимна со главата. Но веднаш потоа се поколеба и брзо одмавна со главата.
– Да… или, да, значи, тоа е ајпед. Некои го викаат „таблет“, а други го викаат „преносен компјутер“. Може да се каже на разни начини…
Уве го погледна продавачот како воопшто да немаше поим за што се работи.
– Така значи!
Продавачот потврди скептично со главата.
– Па, да…
Уве повторно ја протресе кутијата.
– А добар ли е?
Продавачот се почеша по главата.
– Да, или… како тоа мислите?
Уве воздивна и проговори полека. Ги артикулираше зборовите како единствениот проблем во оваа дискусија да беше оштетениот слух на продавачот.
– Дали. Е. Добар? Дали ова е добар компјутер?
Продавачот се почеша по брадата.
– Значи… да… одличен е… но, се разбира, зависи каков вид компјутер сакате.
Уве зјапна во него.
– Сакам компјутер! Обичен компјутер!
Некое време и двајцата замолчеа. Продавачот се накашла.
– Па, значи, ова всушност не е обичен компјутер. Можеби повеќе би сакале…
Продавачот замолчи, очигледно барајќи некој збор што на човекот пред него би можел да му звучи познато. Потем повторно се накашла и рече:
– …лаптоп?
Уве френетично ја сврте главата и се наведна заканувачки преку пултот.
– Не, по ѓаволите, не го сакам тоа. Сакам компјутер!
Продавачот кимна со главата со многу разбирање.
– Лаптоп е компјутер.
Уве го гледаше навредено, па потем демонстративно чукна со показалецот врз пултот, како да држеше џебна батерија.
– Па, тоа и самиот го знам!
Продавачот потврди со главата.
– Океј…

Повторно завладеа тишина. Не многу поинаква од онаа што можеби би настанала меѓу двајца револверисти што одеднаш забележале дека заборавиле да ги понесат своите револвери. Уве долго ја гледаше кутијата, како по малку да очекуваше дека од неа најпосле ќе успее да извлече некакво признание.
– Каде се отвора тастатурата? – промрмори потем.
Продавачот ги почеша дланките од работ на пултот, па нервозно се премести од нога на нога, како што тоа го прават младичи во продавници кога сфаќаат дека нешто ќе потрае мошне подолго отколку што отпрвин се надевале.
– Тука, како да кажам, нема тастатура.
Уве ги крена веѓите.
– Аха! Бидејќи сигурно се купува одвоено, зарем не? За ПРОКЛЕТО многу пари!
Продавачот повторно ги почеша дланките.
– Не… всушност… туку, слушајте: овој компјутер нема тастатура. Сè се прави директно на екранот.
Уве уморно ја сврте главата како штотуку да го видел продавачот како ја лиже надворешната страна на стаклото на витрина со сладолед.
– Но јас морам да имам тастатура. Веројатно ви е јасно тоа?
Продавачот длабоко воздивна, онака како што се прави кога ќе изброите до десет.
– Океј. Разбирам. Но тогаш сметам дека не би требало да го земете овој компјутер. Мислам дека би требало да купите мекбук.
Изразот на лицето на Уве зборуваше дека можеби и не беше сосема убеден.
– Како, мек-бук?
Продавачот потврди со главата, исполнет со надеж, како штотуку да постигнал пресуден напредок во преговорите.
– Да.
Уве сомнежливо се намурти.
– Дали е тоа една од оние, како ли се викаше, електронски книги за кои сите зборуваат?
Продавачот испушти воздишка што би одговарала на некоја епска песна.
– Не. Мекбук е… па, тоа е… лаптоп. Со тастатура.
– Така значи – за’ржи Уве веднаш.
Продавачот потврди со главата. Ги почеша дланките.
– Да.
Уве погледна лево-десно во продавницата. Потем повторно малку ја протресе кутијата во раката.
– Па, вреди ли тоа нешто?
Продавачот погледна надолу во пултот, на начин што зборуваше за тоа дека со сите сили го потиснува поривот да се изгребе по лицето. А потоа лицето му се разведри во енергична насмевка.
– Знаете што? Ќе погледам дали мојот колега завршил со муштеријата, па тој ќе ве одведе да ви покаже.
Уве погледна во рачниот часовник. Одмавна со главата.
– Знаете, некои од нас имаат и друга работа освен да чекаат по цел ден!
Продавачот брзо кимна со главата. Потем исчезна зад пултот. По неколку секунди се врати со уште еден колега. Колегата изгледаше мошне живо. Како некој што сè уште не работел доволно долго како продавач.
– Добар ден! Како можам да ви помогнам?!
Уве авторитативно чукна врз пултот со показалецот, како да го правеше тоа со џебна батерија.
– Сакам компјутер!
Колегата веќе не изгледаше толку живо. Потем на првиот продавач му упати поглед што навестуваше дека ќе му се одмазди за ова.
– Ооокеј. Значи, компјутер. Тогаш за почеток можеме да отидеме до нашето одделение со преносни компјутери – рече колегата со не баш некој поголем ентузијазам, вртејќи се кон Уве.
Уве зјапна во него.
– Но чекајте! Јас знам што е лаптоп, по ѓаволите! Не мора да го кажувате тоа преносни!
Колегата кимна со главата услужно. Во меѓувреме првиот продавач промрмори зад него „немам сили веќе, одам на ручек“.
– Ручек, токму така, тоа е сè за што луѓето размислуваат во денешно време – фркна Уве.
– Молам? – одврати колегата вртејќи се.
– Р-у-ч-е-к! – изговори Уве погласно.