#Моаи 2014

Што ли беше тоа? Дали падна метеор?
Можеби тоа се посетители од бесконечниот универзум? Што и да е, во нашата мала држава се случи чудо.
Веднаш пративме војска, не им можеа ништо. Потоа ги опколивме со полициски кордони… Најверојатно тоа беше најпаметно…
Не знам, не знам…
Господ сакал така да биде…

Исечок од изјавата на премиерот на Република Македонија и несуден добитник на Нобеловата награда за мир – Зочо Опинковски.

Јас сум тоа што во Скопје го викаат „центарско дете“. Нашиот стан е на улица „Македонија“, погледот од нашата дневна соба е кон плоштадот, Камениот мост, Вардар и калето, од левата страна е Ристиќева палата, а од десната стоковната куќа Илинден. Кога мајка ми ги полива цвеќињата на балконот, вишокот вода што се излева од саксиите, паѓа над несреќните гости во култниот скопски ресторан и пицерија „Пелистер“, поранешно „Дал Мет Фу“.

По центарско од тоа – амин.

Животот во строгиот центар на градот, самиот плоштад, е секогаш исполнет со настани и случувања, настани што се повторуваат, како на пример: митинзи на политички партии или пак новогодишни панаѓури и прослави, или инцидентни случки како на пример прослави за спортски успеси на македонските тимови или атентат над претседателот на државата, кој се случи на другиот крај на улицата. Но еден непромислен проект на една неконтролирана влада и градска администрација, предизвика синџир на спектакуларни настани.

Тоа е фамозниот проект Скопје 2014, или пак проект за поставување на споменици од историјата на македонскиот народ. Всушност, еден куп на скапи споменици беа расфрлени по центарот на градот како играчки во детска соба. Покрај тоа што Скопје 2014 засекогаш го промени изгледот на местото каде што пораснав, меѓу другото успешно го подели народот на поддржувачи и противници на овој проект. Некои од спомениците се од ликови од античкото време, па се разбира со тоа го иритираме нашиот јужен сосед. Скопје 2014 е проект кој не е довршен, а по паѓањето на владата на тогашниот премиер Ниџо Патороски, мислам дека никогаш нема да се заврши. Додека народот и политичарите дебатираа, полемизираа и се расправаа за судбината на спомениците по падот на владата што ги постави, се случи нешто што никој не можеше да го предвиди.

Едно утро се разбудив со бучавата на полициските сирени и хеликоптери. Од другата соба ја слушнав мајка ми како вика: „Ауууу, спомениците, божеее!“. Веднаш изрипав од креветот и додека го облекував долниот дел од тренерките, си помислив дека новата влада почнала да ги отстранува спомениците, па очекувано, се случил инцидент и полицијата морала да интервенира. Но кога излегов на балконот, не можев да поверувам во тоа што го гледав. На местото каде што до претходната вечер беше споменикот „Воин на коњ“, сега стоеше темно сива структура висока колку сега веќe исчезнатиот споменик. Структурата и формата на објектот на прв поглед изгледаше како да не е од овој свет, но како што минуваше првичниот шок од глетката и мојот ум се избистри, сфатив дека таа вонземна и грандиозна структура е всушност истатата добро позната форма на статуите од човечки глави расеани по Велигденските острови.

Полицијата и војската избезумено се обидуваа да постават кордони околу спомениците, но нивната работа беше отежната бидејќи се насобираше голем број на љубопитни граѓани, а згора на тоа и сите останати споменици на плоштадот беа заменети со „главите“ од Велигденските острови.

Веднаш го вклучив телевизорот, и вестите беа подеднакво збунувачки. Полицијата апелираше до граѓаните да останат во своите домови и да не се обидуваат да се приближат до „неидентификуваните“ структури. Владата веќе ја мобилизирала армијата, а на помош дошла и војската на НАТО чии авиони во низок лет, прелетуваа над зградите.
Целата ситуација изгледаше како во научно фантастичен филм во кој планетава е нападната од вонземјани. Вести стигнуваа и од западниот дел на државата, од селата и градовите каде што претходно биле поставени споменици на војниците на ОНА, а утрово осамнале „главите“. Сите странски ТВ канали и вести вршеа пренос во живо од плоштадот, а социјалните медиуми беа преплавени со видеа од мобилните телефони на очевидци. За прв пат по катастрофалниот терористички напад над „Кулите близначки“ во Њујорк, вниманиeто на светот беше фокусирано на едно место.

Хаос и паника владееше со денови, додека војската, полицијата и разни странски вооружени единици се обидуваа да воспостават контрола над ситуацијата. Најкритично беше во западниот регион од државата, каде што Албанците незадоволни од исчезнувањето на нивните споменици, се обидувале да ги урнат „главите“, при што во моментот кога некој ќе се доближел до структурата, веднаш како покосен паѓал во кома. Неколкумината кои се разбудиле од коматозниот сон, говореле за чудни соништа.
Заклучоците од понатамошните испитувања врз нив, укажаваа на многу интересни симптоми. Кај еден од нив на пример, целосно исчезнала навиката за пушење цигари, а друг пак се здобил со талент за изведба на целосниот опус на Стравински, и тоа со секаков вид на инструмент.

Некои од повоинствените граѓани од албанските села и градови, се обиделе да ги срушат непосакуваните структури со ракетни минофрлачи и пушки, при што се случило нешто необјасниво. Проeктилот испален од страна на еден млад Албанец, во моментот пред да удри во целта, во овој случај „главата“ поставена на местото каде што претходно бил споменикот на Г’зим Острени, одеднаш исчезнал за во исто време да се материјализира и заврши во куќа од другата страна на селото, куќа во која живеела неговата свршеница.
Слично се случувало и со куршумите испалени во правец на „главите“ од различни локации во тетовскиот и гостиварскиот регион. Наместо да бидат изрешетани „главите”, куршумите ги решетале ѕидовите на куќите на свршениците и љубовниците на тие што пукале кон „главите“. Некои куршуми завршувале во домовите на семејства каде што немало женски деца, сопруги и свршеници, што само дополнително ја усложнувала и онака веќе максимално збунувачката ситуација.

По две-три недели, владата и НАТО конeчно воспоставија контрола над така наречените „Зони“. Плоштадот беше целосно забарикадиран, во зоната можеше да влезе само војската и специјалните служби. Станарите од нашиот влез и околните згради, најпрво беа евакуирани, а кога се воспостави контрола над зоната, ни беше дозволено да се вратиме во нашите домови. На прозорците имаше ставено темни налепници, така што не можевме да видиме што се случува надвор, а на нашиот балкон секогаш имаше по еден војник.
Како што минуваше времето, светот, јас и моите соседи се обидувавме да составиме рационално објаснување од веќе познатите факти.

„Главите“ всушност го имаат истиот изглед како и Моаи, камените споменици од вулканските острови на Полинезија. Не беше возможно да се изведе испитување од каков материјал се направени, бидејќи секаков обид за приближување од страна на човек завршуваше со кома, а приближување со дрон или робот завршуваше со пад на системот и механиката на машината. Од „главите” не беше регистрирано радиоактивно зрачење, и нивното присуство не беше штетно по околината и живиот свет.

Се разбира, најважно беше да се дознае од кадe и поради која причина „главите“ од Велигденските острови се материјализираа на местото на спомениците во нашата мала и целосно избезумена држава. Можеби ова е порака од некоја технолошки развиена цивилизација? Можеби „Македонските Моаи“ водат потекло од некоја друга димензија?
Зошто баш Скопје, а не Париз, Лас Вегас, Њујорк? Безброј прашања и безброј објаснувања фрчеа по социјалните медиуми, документарните емисии и репортажите. Најголемите умови на денешницава се обидуваа да дадат одговор, додека моќните светски политичари и верски водачи доаѓаа на „аџилак“ во Скопје, за со свои очи да ги видат структурите создадени и пратени од суштества со поголеми моќи од нивните.

Една од најглупавите теории беше токму од нашиот тогашен премиер и тотален аналфабет – Зочо Опинковски, кој тврдеше дека појавата на овие структури е дар од Бога, и со овој дар, Бог сакал да ни помогне во решавањето на деценискиот спор со Грција, за која проектот Скопје 2014 претставувал еден вид на иредентизам. Потоа, голем дел од познатите македонските интелектуалци и политички аналитичари, со големи потешкотии изведуваа „интелектуално салто мортале“ во обид да и дадат легитимитет на оваа глупава теорија на нивниот приглуп газда. Многумина како и јас, незаинтересирани за имбецилна политика и слични глупости, не ја прифативме оваа теорија. Eден француски научник даде мислење кое барем за мене „држеше вода“:

„Во научно-фантастичните филмови и литература, чии сценарија најчесто содржат инвазија на планетата Земја од страна на вонземјани кои се технолошки поразвиени од нас и имаат моќни оружја од кои не можеме да се одбраниме, често причината за инвазијата ја наоѓаа во потребата на таа вонземна цивилизација од нашите природни ресурси, вода и воздух. Вонземјаните сакаат да ги искористат или понесат со себе овие ресурси, при што сиот жив свет на нашата планета ќе биде уништен. Јас мислам дека тоа не е точен приказ на вонземјаните. Нашите автори на научна фантастика, преку таквите злобни вонземјани нè опишуваат самите нас и нашата цивилизација, која во потрага за ресурси војува и остава пустош зад себе.

Ако сакаме да стигнеме најблиску до вистинскиот одговор, најпрво треба да знаеме дека од огромниот број на планети, живот и цивилизација може да се развијат во огромен број на варијации. Што ако, цивилизацијата која ги пратила овие споменици овде, е еден вид на вонземна цивилизација на споменици, чиј најпотребен ресурс е енергијата потрошена на градење и љубов кон спомениците?

Тогаш вашата мала држава би било вистинското место каде што таа вонземна цивилизација на споменици би сакала да ги материјализира „главите“, затоа што никаде на земјината топка нема толкава концентрација на енергија за споменици во толку мал простор, како што има овде, кај вас. Токму таа енергија и сета таа бука од омраза и љубов кон вашите споменици, одекнала низ универзумот и како еден вид на сигнал, ги поканила вонземјаните да дојдат и да ја користат како животен ресурс.

Јас не би се плашел, и не би се обидувал да сменам нешто, туку едноставно би се обидел да кохабитирам со таа вонземна раса.”

Знам дека оваа теорија звучи чудно и ненаучно, но сепак со помош на овие зборови и мисли, успеав да си го објаснам моето секојдневие по овој голем настан.

Со појавата на ТВ каналите со целодневни вести и социјалните медиуми, способноста на човештвото да се фокусира на нешто важно е сè помала. Универзумот на социјални медиуми го доби најпопуларниот хаштаг #Моаи2014. Па така и во случајот со „главите“ од Скопје. По одреден период, владата и разните специјални воени структури започнаа со намалување на ограничувањата и забраните во и околу зоните со „главите“, па така од мојот балкон повторно можев да ги гледам гордите глави со нивните високи чела и авторитативни намуртени лица. Со цел да одговори на интересот на светската и локалната јавност, владата и НАТО создадоа специјални кордони и патеки по кои цивилите можеа да минуваат, да ги гледаат и сликаат овие вонземни статуи. На почетокот интeресот беше огромен, беа отворени специјални летови до скопскиот аеродром, река од туристи од сиот свет го претвори мојот град во Дизниленд. Богати бизнисмени – авантуристи, нудеа богатства за да добијат дозвола да допрат барем една од „главите“.
Се разбира нашата влада тоа го одобри, но НАТО стави вето на тоа или слични на тоа решенија. Ваквиот прилив на луѓе од целиот свет ја подобри државната економија, што за премиерот Опинковски и неговата глутница на псевдоинтелектуалци претставуваше „уште еден доказ дека ова е дар од Бога“, а посебно добро беше тоа што „Чиле и тоа домородците и племето од Велигденските острови не го сметаа овој настан како еден вид на иридентизам од наша страна“.

Но по една година од отворањето на зоните за јавноста и туристите, пресушија реките од посетители, и тоа што порано беше непрегледен ред за сликање со „главите“, се претвори во спорадични азиски туристи и пензионери од државите на западна Европа.

Јас пак се навикнав да живеам со погледот од нашиот балкон и намќорестите глави. Со нивните арогантни погледи како на мудреци кои гледааат некаде во далечината, воопшто не изгледаа како страни тела кои само што се појавиле тука од никаде, туку изгледаа како Скопје да е изградено околу нив. Им се восхитував и ја имаа мојата почит. Да патуваш низ универзумот и низ димензиите само за да добиеш љубов и внимание, не е лесна работа. „Главите“ за мене претставуваа апсурдно решение за еден апсурден проект каков што беше Скопје 2014… и толку.

Но…

Нашата непрокопсана влада, воочувајќи дека веќе нема интерес и прилив на туристи, и во обид конечно да ја нормализира ситуацијата во и околу зоните со „главите“, реши да организира новогодишен концерт на српскиот популарен турбо фолк пеач Аца Шмркиќ, токму на плоштадот Македонија.

Се потрошија астрономски суми на пари за да се донесе најмодерната технологија за продукција и организација на концерти. Се вршеа проби цел Декември, а ние станарите од околните згради веќе бевме навикнати на живот во кој твојот бучен сосед не е некој си тинејџер “нафуран” на техно музика, туку твојот бучен сосед е владата на Република Македонија.

На 31ви декември, околу пладне, плоштадот почна да се исполнува со народ. До 19 часот, игла да фрлеше, немаше да падне на земја, освен околу „главите“ кои беа тесно опкружени од двоен ред на полицајци. Sвездата на концертот, Аца Шмркиќ, заедно со премиерот, даде изјава за телевизиите во која им се заблагодари на властите за „укажаната прилика да пее пред неговата омилена македонска публика, а и воедно пред вонземните структури, исто како Пинк Флојд на Помпеја“.

Околу 21 часот, со звуците на турбо-фолк музиката, на бината поставена пред Камениот мост, се појави Аца Шмркиќ, сиот надрогиран и разигран. Ако до тогаш некој во публиката обрнуваше внимание на „главите“, од моментот кога Аца се појави на бината сите погледи беа вперени кон него, сите играа и пееja заедно со својот идол. „Главите“ тотално изчезнаа од нивната перцепција, исто како околните објекти, згради, бандери и корпи за отпадоци. Сите беа занесени во пеење и играње со музиката на Шмркиќ. И тогаш се случи… одненадеж можам да се заколнам дека на една од „главите“ и се смени физиономијата на лицето, од намќореста се претвори во тажна. Сите статуи, вклучувајќи ја и најголемата, почнаа да се издигнуваат нагоре кон ноќното небо, како балони исполнети со хелиум. Настана голема паника, музиката прекина, се слушаа пискотници и

лелекања од над тристотини илјади грла, пискотници на ужас и страв измешани со фонијата од концертното озвучување. Човечкото стампедо одзеде неколку десетици животи и повреди илјадници посетители. „Главите“ исчезнаа над скопското небо, а на нивно место, со звук на телепортација се вратија претходните споменици: Воин на коњ, Цар Самоил, Јустинијан Први и другите. Следниот ден осамна ново утро, во новата година и старото Скопје 2014.

И што потоа?

Поучени од искуството на скопскиот плоштад, лидерите на политичките партии од албанскиот блок, во соработка со српските власти, организираа турнеја на Аца Шмркиќ по местата каде што „главите” ги заменија спомениците на војниците од ОНА. Да, од сето ова разкажано досега, ова беше најапсурдниот настан, турнеја на српска турбо – фолк ѕвезда со цел да се отстранат вонзенми статуи и на нивно место да се вратат споменици на ОНА. Турнејата, иако со слаба посетеност, го имаше истиот посакуван ефект од скопскиот плоштад, па така сите “глави„ од западниот регион исчезнаа кон небото, а на нивно место се вратија претходните споменици.

Јас?

Јас, понекогаш сонувам како шетам на плоштадот помеѓу „главите“. Наместо авторитативен, изгледот на нивните лица е тажен.

Растејќи на скопскиот плоштад, каде што секогаш нешто се случува, се навикнав на сè и сешто… на бучава, пијани луѓе, кич, популизам, селски политички манири, вонземјани, се навикнав дури и на турбо – фолк. Развив имунитет кон сето тоа. Во филмот и книгата „Војна на световите“, човечките армии ги губат сите битки со надмоќните вонземјани кои вршат инвазија над планетава, но сепак на крајот, вонземјаните изумираат бидејќи немаат развиено имунитет кон малите и незабележливи вируси и бактерии. Исто така и нашите „глави“ беа победени и истерани од планетата поради тоа што немаа развиено имунитет кон нашата колективна и оединета малограѓанштина.