Книгата ‘Скриено писмо’ е проекција на неговата мултимедијална профилираност во творештвото

Ракописот Скриено писмо од Митко Гогов е втора книга на овој млад автор. Неговата прва збирка песни Ледена вода, издадена во едицијата „Огнови“ на издавачката куќа „Антолог“ (2014) е објавена и во превод на српски и на бугарски јазик. Mитко Гогов е поет, раскажувач (куси раскази), есеист, блогер и публицист. Неговото творештво е застапено и преведено во неколку антологии, стихозбирки и списанија за литература и уметност во Индија, Пакистан, Филипините, Кина, Тајван, Египет, САД, Аргентина, Русија, Шпанија, Италија, Чешка, Романија, Германија, Израел, Мексико, Србија, Хрватска, Албанија, Косово, Грција, Бугарија… Тој е добитник на наградите „Енхалон“ на Струшките вечери на поезијата (Македонија), „Анџело ла Векија“ во Сицилија (Италија), како и наградите на „Поетски слем“ во Прилеп, „Струшки бранувања“ во Струга и други. Митко Гогов е концептуален и мултимедијален уметник, кој се има претставено во Норвешка, Франција, Италија, Србија, Македонија, Бугарија.
Книгата Скриено писмо е проекција на неговата мултимедијална профилираност во творештвото, на тој основен принцип на неговото уметничко творештво. Концептуалноста е негов знак за распознавање, одлика на неговиот креативен идентитет. Таа, за разлика од првата негова книга Ледена вода, каде што не е видливо присутна, во оваа втора книга е видлива. Концептуалното начело е творечки двигател на поетската книга Скриено писмо, составена од циклусите „Писмо прво“, „Подрум“ и „Писмо второ“.
Тоа (концептуално) начело е надополнето со визуелното, кое создава еден поетски простор-време, сценски или сценографски режиран и филмски монтиран. Тоа е особен белег на оваа поетска книга и со тоа се одликува, во овој миг, авторскиот профил на Митко Гогов, како претставник на една млада генерација полна амбиции, но не секогаш и со препознатлив и оригинален пристап. Митко Гогов покажува доблест да се впушта во иновации и да го истражува поетскиот израз.
Во „Писмо прво“ се поместени песните: Скриени сеќавања, Скриен часовник, Скриен(и) чекор(и), Скриено кралство, Скриен божилак, Скриено писмо, Скриен премин, Скриена тага, Скриена глад, Скриени соништа, Скриен подрум, Скриена тетоважа, Скриен патоказ, Скриен бунар, Скриена средба, Скриени крилја, Скриена мисла, Скриени простори, потем во еден скриен поетски „подрум“ се складирани хаику-песните на авторот. Повторно следува циклусот составен од „скриени песни“, но овој пат без атрибутот во насловот на самите песни. Во овој циклус доаѓа до израз минималистичкото начело до кое се придржува авторот, прикажувајќи го светот низ фрагментарни и маргинални слики, прочистено од патетичност, барокна метафоричност и романтичност. Во фокусот на неговите поетски дескрипции и перформативи се наоѓаат дребни и профани нешта како пајажината, дрвата, ралото, полиците, куферот, хидрофорот, ковчегот, бурето, тепсијата, велосипедот, фрижидерот, гобленот, санката, разбојот, лулашката, ортомата, иглите, шпоретот, синијата и други „играчки“ на поетската визија и експресија.
Во циклусот „Писмо второ“, рефлекторот се свртува кон поапстрактни, емотивни, метафизички нешта, како шепотот, приказната, немирот, болката, алхемијата, студот, сликата, но и небото, земјата, градината и порталот. Сите скриени, таинствени. Се има впечаток дека поетот трага по мистериозното посматрајќи ги познатите и обичните нешта што го сочинуваат емотивниот и визуелниот свет на човекот. Визуелниот аспект е нагласен во сите циклуси, тој е порталот на поетот, кој му го отвора просторот на поетската имагинација.