101 живот – 1001 воздишка

Неодамна (14.12.2018), беше промоцијата на новиот роман на Весна Мојсова – Чепишевска, заеднички со Елена Атанасиу. Заеднички и тоа не само во поглед на пишувањето, туку во поглед на доживувањето, копнежите, радостите, тагата и повторно копнежите. Веднаш се јавува прашањето, како две доживувања, два копнежа и две таги, преточени често во радост, можат да создадат едно писмо? Две раскажувања да се слеат во едно кажување за тоа да биде роман? Две животни приказни да бидат вгнездени во приказната на една книга?
Сè што може да се замисли, книжевноста може да го исполни и да го прикаже како опиплва желба во реалниот свет, па така и романот „101 живот“. Овој роман е всушност епистоларен роман, што го прави уште понеобичен, бидејќи епистоларната книжевност станува ендемски вид, во светот на технологијата и олеснувањто на комуникацијата.
Епистоларниот роман „101 живот“, јас го доживеав со радост со каква што може да се доживее пронаоѓањето на некое животинче кое припаѓа на видот загрозени од исчезнување.
Во почетокот на неговото читање, многу (се) ме потсети(в) на трите гвинеи на Вулф, но понатаму се одалечуваше со неговата суштина, начин на раскажување, па можеби и намера.
Намерата е (како што јас ја доживеав) да се официјализра таа социјална комуникација, да се приближи до формалноста на едно есеистичко говорење и разговарање, со цел да се (о)стави во нечие наследство (како што и се случи), а додека трае, да биде зборовно наслАдство.
Овој епистоларен роман, содржи 101 писмо, испратено преку електронска пошта на релација Македонија – Америка и обратно. Исчитувањето на овој роман создава задоволство, но на моменти и непријатност од навлегувањето во нечија интимност и тајни. Започнува со писмо од Елена Атанасиу, со кое таа најавува дека сака да ја официјализира „врската на комуницирање“ а со тоа започнува да ја раскажува приказната на едно ново патување, поточно патувањето за Америка. Тоа официјаизирање на (раз)говорот почнува на 29.12.2015 од Дејвис, Калифорнија и почнува со описот на летот и патувањето до таму.
Убавината на епистоларното раскажување е во тоа што е дозволено слободно „тркнување“ во минатото и иднината без никој да се побуни ниту збуни, а на тој начин се оставаат записи за едно време во некое место.
Романот завршува со писмо од Скопје испратено на 13.12.2017 со желба и копнеж за поскоро видување.
Во тие 101 писмо, не само што се опишани случувањата на тие (два) дописнички ликови, туку е опишано и донесувањето на три нови животи на свет (Илина, Фран и Дарија), како и следењето одблиску на бременоста на една млада, амбициозна и храбра мајка. Овде се јавува и есеистичко излагање, преку искуството на една бремена, самохрана мајка, распната помеѓу нејзината кариера и идното мајчинство, како и нејзините несогласувања со обврските на мајките, односно на обврските што опшеството ги бара од неа, поточно и‘ ги налага.
Ако Вирџинија Вулф, во нејзиниот епистоларен роман „Три гвинеи“ зборуваше за потребата на место на жената во сите области и ги начнуваше познатите феминистички теми, овде се начнува една многу денешна и современа тема или проблематика, а тоа е местото на самохраните мајки и како опшеството ги третира или им (не)помага. Терминот „самохрана мајка“ кој до скоро беше табу тема, Елена преку раскажување и опишување на нејзиното мајчинство ја доловува предноста на таа привилегија, но и предноста да се биде дел од едно неконзервативно семејство, како што е нејзиното и сите заедно ѝ помагаат во расчистувањето на патот за малиот Фран.
Елена е принудена постојано да го наоѓа баласнот помеѓу спремање на нејзиниот факултетски доткторат и нејзиниот мајчински докторат, но во исто време се држи на „здрави нозе“ да биде добра ќерка, внимателна внука и омилена сестра.
Од другата страна пак се наоѓа Весна која го покажува местото на жената во една друга култура (на нас поблиска). Таа е постојано на релација да биде добра баба (на малата Илина, а потоа и Дарија), да продолжи да биде добра мајка, да остане да биде добра сопруга, да научи како да најде време да остане и добра ќерка и да го задржи своето место како најдобра професорка. Помеѓу тие семејни релации задржувајќи ја улогата на „добра“, таа постојано се наоѓа и на вистински, односно патувачки релации, па оттука добваме импресии и описи „во живо“ за многу места, патувања и нејзини гостувања.
Но овој роман не претставува само натпреварувња и раскажувања за тоа кој повеќе „улоги“ има и кој на кои места бил туку начнува и некои сериозни теми, како пример вечното (сега веќе „решено“) егејско прашање оти и двете влечат егејски корени како и копнежот по тој Егеј. Честопати се отвара и разговорот за книжевноста каде што Весна со страст и љубв ја опишува и доближува македонската и јужнословенската, а Елена ѝ возвраќа со сочни детали за имиња од Шпанската и Аргетинската. Им отстапува простор и ги спомнува првите наши женски поетеси Евгенија Шуплинова и Даница Ручигај, коишто нашата книжевност речиси и ги заборавила, но притоа не заборавајќи да даде и краток осврт кон детската литература, посветувајќи ја на нејзините внуки.
И додека оттука ѝ ги (при)кажува чествуањата на нашите слави, Елена не пропушта да ни ја опише мисирката за Денот на благодарноста и дружбата со јадења од различни краеви за Божиќ, на кои Весна не останува рамнодушна а да не ѝ возврати со некој наш специјалитет, чии мириси можеш да ги почувствуваш како испаруваат од страниците на книгата.
Овој роман е проследен и со тажни исповеди за далечината, но и за минливоста проследена со стареењето, стравот од губење на блиските и тагата поради пропуштените мигови, но и свесноста за нивната неизбежност и во иднина. Овие исповеди таман да почнат да создаваат малку непријатност поради навлегувањето во нечии тајни, двете писателки и самите почнуваат да го чувствуваат тоа, па се селат од „плачка на играчка“, така пример Весна ја пишува својата „семејна азбука“ во која за секоја буква, има нешто/некој од нејзиното семејството.
На таа нејзина семејна азбка, Елена ѝ возвраќа со нејзина азбука од местата кои ги посетила и така се префрлуваат на друга тема. Растојанието меѓу дописите е секогаш различно, од неколку дена, до неколку месеци. Овој роман е исклучиво женска книга, поточно, женско доживување на стварноста, но и стварноста со која се соочува секоја жена, но и приказ на патот на две жени до тоа како стануваат успешни мајки и професорки, а остануваат да бидат и добри ќерки.
Потребата на секоја сфера од женската вмешаност и умешност е претсавена преку патувањата и достигнувањата на овие две жени, кои рамномерно се соочуваат и со своите обврски преку своите кариери, но и своите обврски како посветени мајки, што покажуваат дека способноста за посветување на повеќе работи истовремено е најженска крактеристика. И секако, овие две жени наоѓаат време и да си разменат и по некое писмо, за да зачуваат од заборав спомени, но да одадат и почит на нивните семејства.
Завршувањето на овој женски роман, е со посветите на Дарија и Илина, пирејот кој ќе продолжи да ги (рас)кажува женските приказни, но и на Фран, пирејот кој ќе докажува (по неговата мајка) за „ принцези кои се самостојни и имаат свој сопствен коњ, наместо да го поминуваат животот пасивно мечтаејќи за некојси прниц кој треба да даде смисла на нивниот живот. За малите принцови кои сметаат дека малите принцези имаат исти права како и тие. Принцови кои знаат да си зготват и да си ги исперат алиштата, и принцези кои наместо да го поминуваат денот во разубавување, го поминуваат во индвидуалана потрага по среќа. За принцези и принцови кои не се медиумски совршени. За оние кои живеат само со мама или само со тато“.
Романот „101 живот“, навистина претставува богатство на македоснката литература. Не само по тоа што го претставува светот од аспект на две жени, туку поради тоа што изобилува со информации од областа на книжевноста; историјата; за историјата на славењето на наши (македонските) и американските празници; за религијата; за историјата на мајчинстовото, а со тоа и борбеноста вродена во секоја жена, и сето тоа е засладено со по некој расказ од Весна и некои стихови од Елена, да уживаме, како што уживаа тие додека го пиеја своето (замислено)турско кафе.