„Дамбо“ е слатко полно празни калории

Тим Бартон е човекот кој практично го комерцијализираше романтизирањето на мрачната, грозоморна и понекогаш бизарна естетика. Од критички прифатените „Едвард со рацете ножици“ и „Ед Вуд“ па сè до далеку понеквалитетните „Алиса во Земјата на Чудата“ и „Мрачни сенки“ (или скоро цела негова кинематографија во 21 век) тој секогаш го внесува својот препознатлив стил. Можеби затоа и неговото назначување како креатор на римејкот на класичниот анимиран филм од 1941 година, „Дамбо“, не е огромно изненадување. На страна дебатата за трендот на рекреација на постарите дела од Дизни, скоро сите ја памтат бизарната сцена со халуцинацијата за розовите танцувачки слонови во оригиналниот филм. Токму таа можеби била инспирацијата за изборот на новиот креативен тим, кој за жал не успеа да ја повтори нејзината магија и контроверзност.

„Дамбо“ е приказна за невообичаено мал слон, кој има огромни уши што предизвикува исмејување кај публиката во циркусот во кој што тој настапува. Слончето е неверојатно слатко, и е најверојатно најсветлата точка во овој 112 минутен игран филм, барем од техничка перспектива. Специјалните ефекти се извонредни што само сведочи за огромниот потенцијал во денешната кинематографија – проследено со фактот дека цел филм е снимен само пред зелен екран и во студио. За жал, тука застануваат сите пофалби за ова неверојатно предвидливо остварување.

За да може да се трансформира во модерен, скоро двочасовен филм за разлика од оригиналниот кој трае само 64 минути, „Дамбо“ се обидува да внесе нови ликови – односно луѓе, во очигледен потег да приказната се насочи кон нив. Самиот слон е позадински лик навидум марионета, околу која луѓето се обидуваат да ги решат класичните проблеми: прерано загубен родител, деца кои се отуѓени од отсутниот татко, акробати кои се третирани како посед. Ова би било сосема во ред ако сценариото се труди да внесе тридимензионални ликови, но тие се полудовршени скици во кои актерите не внесуваат доволно живот. Ниту супер ѕвездите од калибарот на Колин Фарел (таткото, неконвенционално просечен), Мајкл Кејн (сопственик на циркус, глума која „вреска“ од неприродност) и Ева Грин (типично регрутирана како убава, но трагична фам фатал) не успеваат да излезат од тој шаблон на стереотипност. Што се случува пак со легендарната сцена со розовите слонови? Таа е дефинитивно рекреирана на погрешно место, во погрешно време, без никаков емоционален импакт.

Култната песна на Нед Вашингтон и Френк Чурчил која мајката на Дамбо ја пее пред да ја однесат далеку од него е присутна, заедно со уште неколку познати композиции. За жал ништо од тоа не е доволно за да го направи „Дамбо“ нешто повеќе од просечен, заборавлив филм во кој што неколку пати се појавува преслатко слонче. Сега можеби е вистинското време Холивуд да се запраша зошто упорно му го полни ќесето на Тим Бартон кој само додава уште еден член во неговиот најблаго кажано, разочарувачки опус во 21 век.

Оцена: 2.5/5