ВЕЛОСИПЕДИСТ

Во неговото „другарско“ време, професорите беа вистински воспитувачи, и по облеката, и по предаденоста на професијата. А овие денес?

– Што ми требаше да го извадам од подрумот? – се караше зловолно буткајќи го велосипедот со издишана задна гума.
А утрово се изгледаше позитивно: го раскрили пердето, сонцето беше насекаде. Го отвори прозорецот и вдиша длабоко, не му пречеше што го здогледа високиот оџак на електраната зашто и тој беше делумно затскриен со надојденото пролетно белоцутесто зеленило на багремите во паркчето пред зградата. Зарем не е тоа фантастично доживување! Навистина може да се каже дека беше добро расположен кога го јавна велосипедот и се спушти кон кејот. Го возеше велосипедот по патеката разминувајќи се и насмевнувајќи им се на девојките на ролерки во куси панталонки. Некои му ја возвраќаа насмевката. Не ретко им беше симпатичен и драг на девојките и на луѓето воопшто, но што му вредеше симпатичноста кога не можеше долго да истрае и да ја искористи. Брат му беше многу помалку симпатичен, но му се пикна под кожа, само тој знае како, на оној директорот на банката, па после на заменикот гувернер и еве веќе дваесетина години е финансиски советник на еден гувернер, па на следниот, зашто властите се менуваат ама тој се зацементира на својата високоплатежна позиција и секоја втора година купува нов модел автомобил. Пред некој ден го собра во неговиот нов автомобил, џип Toyota Land cruiser, откако успее да се извлече од полициската блокада пред Владата поради протестот на средношколските наставници. Демострантите- професори извикнуваа гневни пароли и дуваа во свирчиња, облечени во изветвени, претесни сиви палта, во кои веројатно одат и на работа, во училиште, осиромашени госпоѓи и господа просветари. Во неговото „другарско“ време, професорите беа вистински воспитувачи, и по облеката, и по предаденоста на професијата. А овие денес? Сигурно им треба барем дупло поголема плата и почит, но тие се обидуваат, во мизерни услови, да ја образуваат иднината на оваа држава. Посака да им се придружи, да вика на цел глас против општествените неправди, ама беше многу студено, а тој само со џемпер и црвен шал околу вратот, па се одвлече од местото на настанот, подзастанувајќи, на неколку чекори, да се придружи во гласните протести – Уа! Бараме достоинство! Уа!
Меѓу зградите, со одеднаш нагласен апетит, се упати кон скромната меана „Боеми“ на телешка чорба. И тогаш, на улицата, крај него, запре импресивен автомобил. Внатре – збогатен новограѓанин со брадичка – брат му. – Влегувај. До каде одиш? – и веќе го изнервира со својот арогантен тон. Можеби, како што му вели докторката, односот со постариот брат е еден од непотребните баласти со кои што се оптеретува во животот, но не можеше да го избегне прегрејувањето одвнатре кога овој го навредуваше, без никаков обзир.

Колку беше различен од тој негов брат, иако беа направени од исти родители! Пред десетина години, на самиот старт на неговиот високопрагматичен животен проект, штотуку оженет (со содветно одбрана партнерка), брат му купи двособен проширен стан во Охридатите, ефтино, од синот на Николовски Ристо – погодувате?, некогаш моќниот сега починат директор на една важна банка – на кого парите му требаа што побргу да одмагли во Канада. Па оттогаш викендите ги минуваа, братот, сопругата и нивните две распрдени синчиња на брегот на езерото, но само преку годината, зашто на лето градот е претрпан со туристи, а тие и така се на море, на некое грчко острво или на Сицилија. А тогаш никогаш не им текна да му понудат барем една недела во Охрид. Еднаш се обиде да го потсети: – Се сеќаваш како со мама и тато летувавме во „Горица“? Овој, како и обично, не го удостои со одговор. Мораше да запали. За време и по таквите квази разговори со брат му, му доаѓаше да пуши цигара по цигара, па потоа му се слошуваше. – Што ми пушиш во кола?! Гаси ја веднаш или излегувај! Ќе излезе, ама да цркне од нервоза, не му е намера!
– Ги земаш ли редовно апчињата? – рече докторката додека чкрткаше по листот хартија пред неа. Потоа ја исправи главата, ги извади очилата и се загледа – Редовноста во терапијата е најважна за нејзината успешност.
Го влечкаше велосипедот со издишана гума по пешачкиот премин на „Илинденска„, кога еден бел пежо кортина во полн залет чкрипаво закочи на три сантиметри до него: – Пичка ти материна, будало пијана! – завика грубијанот зад воланот, натопен во парфеми и со позлатен ланец околу вратот.
Го облеа ладна пот. Ги стисна дршките од велосипедот. Гадот во сино одело излезе од пежото пцуејќи и тоа му беше голема грешка. Бесот буди огромна сила, но овој пат таа дојде од спротивната страна. Го подигна целиот велосипед, сосе дупнатата гума, и го тресна гадот со тркалото по лице. Овој падна како покосен, па почна да се превиткува по асфалтот и да цимоли: – Ме уби, бе, ме уби… Не ме мавај, жити се…
Петар застана над него, со сè уште дигнатиот велосипед во рацете.
Еден повозрасен човек дотрча до него и го фати за надлактицата, велејќи му ама немојте, ќе го повредите човекот. Во исто време, една жена клекна над бутнатиот насилник, се гледаше дека е од оние фини жени, витка, со уредна коса, фенирана, но не боена, дури со по некое бело влакно тук и таму, клекна до насилникот со златен ланец да помогне, но во еден момент и стана непријатно што презема толку голема акција и не знаеше што да прави следно – дали да го допре насилникот или да го праша нешто – очигледно и беше незгодно, па одлучи да се исправи и да гледа лево па десно дали ќе дојде решение. Имаше волнено палто со поткрената јака и долги, убави прсти со кои реши да ја придржува јаката додека не се разреши ситуацијата.
Две дечишта со ролерки стоеја и коментираа од страна – абе овој со точак тргна ауто да тепа – и гласно се смееја.
Петар, со велосипедот под мишка како да е митралез, за миг го вкрсти погледот со жената и му се причини дека таа му го возврати со интерес. Имаше очи какви му се допаѓаа кај жените – темни, вдлабнати, малку тажни
Во меѓувреме повозрасниот минувач му се обрати на насилникот – а и ти, гледаш пешачки е, што се дереш, што провоцираш? Кутнатиот нешто промрмори, се подисправи, го истресе палтото од сјаен полиестер и влезе во колата. Пак рече, ама потивко, пичкатиматерина, ја запали колата, ја врати во рикверц и замина.
Петар го спушти точакот и ја побара со поглед фината жена, но неа веќе ја немаше.
Едно од дечиштата го потчукна по рамо и пак гласно се изнасмејаа.

Тагови од објавата
More from Александар Прокопиев
Патот на еден капут
Необјавен расказ од прозниот мајсторот Александар Прокопиев.
Повеќе
0 replies on “ВЕЛОСИПЕДИСТ”