Суперхеројот Холанд и адреналинската кинематографија

„Слободно искачување“ е долгометражен документарен филм во продукција на телевизиската куќа „National Geographic“ и режија на Џими Чин и Елизабет Чај Васархели за натчовечкиот подвиг на американскиот алпинист Алекс Хонолд.
Американецот Хонолд е долгогодишен искусен алпинист, фокусиран на дисциплината слободно искачување со цел да стане првиот човек во овој екстремен спорт кој успеал да го искачи „Ел Капитан“, вертикалниот врв во националниот парк Јосемити. Џими Чин и неговиот филмски екипаж навлегуваат во приватниот живот и трагаат по тајната состојка за суперхеројската храброст на Алекс кој буквално живее од адреналинот предизвикан од планински височини…

Дејствието во „Слободно искачување“ се одвива умерено така што гледачот и камерата на Чин имаат доволно време барем малку да погледнат во затворениот и чуден свет на Хонолд. Протагонистот живее во комбе, постојано патува и менува локации низ САД, поминува време во природа и планина каде се адаптира и подготвува за следните предизвици. Неговите блиски личности за чија бројка се премногу и прстите на една рака, се обидуваат да допрат до Алекс, но ретки или непостоечки се оние кои успеваат. Минутите и деновите поминуваат, а тензијата и напнатата атмосфера во филмот полека кулминира, која е карактеристична за екстремните спортови. Реткост е филмското платно да предизвика потење на рацете, а тоа се поистоветува со паничните моменти на припадниците на алпинизмот во кои најчесто минимална грешка значи живот помалку.

Кинематографијата на Џими Чин е идентичен подвиг како и успехот на алпинистот, впрочем зборот натчовечки може да се искористи во двата случаи за луѓе кои се надминуваат во своите професии. Самата помисла дека снимателот заедно, скоро рамноправно лебди во воздухот со приклештениот Хонолд кој има гумени дланки и железни мускули предизвикува немир кај гледачот, природно чувство на страв за животот на двајцата. Кадрите варираат од динамични во долготрајни, а сцените се прилично ефектни. Фактот дека Хонолд е човек до кој тешко допира било каква емоција, а камерата го прикажува во тие кревки моменти доловува стрес и ја олицетворува опасноста на ситуацијата.

„Слободно искачување“ се закити со бројни признанија во светот меѓу кои најпрестижната статуетка „Оскар“ од академијата за филмски уметности на САД и наградата „БАФТА“ од филмската академија на Велика Британија. Документарниот филм е предизвик сам по себе, Џими Чин ги заслужува честитките како директор на фотографија бидејќи навистина импресионираат кадрите и пеколната атмосфера. Но, „Слободно искачување“ потфрла во обидот да направи филм интересен за сечие око поради бавното дејствие во воведните минути и изгледа налик секој друг документарен филм од бројните американски телевизиски канали. Во тоа сигурно има удел и фактот што гледачот го знае исходот од филмот т.е. дека Хонолд ќе успее во својата мисија. Од друга страна пак, тоа е уште еден показател за одличната кинематографија која и покрај познатиот епилог одржува неиздржлива тензија. Дефинитивно Џими Чин заслужува награди и пофалби како директор на фотографија, но како филмско остварување, „Слободно искачување“ должи заслуга за наградите во овогодишната богата конкуренција поради одличната продукција и дистрибуција.

Оцена: 7/10

  • Почнувајќи од овој (јубилеен, 100-ти) број на Репер, стартуваме со соработката со екипата на Гледај.мк со чија помош во периодот кој следи ќе се фокусираме кон посветено и креативно истражување и пишување за филмската и театарската уметност. Дискутирањето за културата и уметноста, како и информирањето на будно заинтересираната публика но и попатните читатели е заедничка цел и мисија.