(Псевдо)јубилеј: 11 години – 115 броја?!

    Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред?

Да не ве збуни насловот, ниту некој погрешно да нѐ сфати.
Јубилеј навистина постои. Ова е мартовски број, а првиот број „Репер“ беше онлајн токму во март 2008 година. Значи, пред точно 11 години. Лани ова време биле 10. Не заборавивме да ги обележиме. Просто не сакавме да ги одбележиме. Не бевме во mood. Или, поверојатно, не е наш стил.
– Е, што е ваш стил?
– Еве, наш стил е да славиме 11 години. Или 115-ти број. Некој ќе каже: ама горе во меморандумот ви стои број100? Стои, ама ништо не е така како што изгледа. „Репер“ има најмалку 4 различни варијанти на историја. Грррр. Ајде, малку да се објасниме.
1. (Пред)историја: СТАР РЕПЕР;
„Репер“ навистина е пуштен онлајн во една дизајнерски рудиментирана а интелектуално прегнантна форма во март 2008 година, на HTML платформа која тогаш можевме да си ја дозволиме. Да, не се срамиме да кажеме дека започнавме како самостоен проект (читај: без еден денар поткрепа) и тоа беше за нас „плафон“. Идејата беше да бидеме класичен електронски „quarterly magazine“. Да излегуваме четирипати во годината, што за средина како Македонија, со уметничка продукција каква што имавме ни се чинеше сосем доволен период.
Зошто ја мешаме уметничката продукција и „Репер“? Затоа што „Репер“ требаше да биде најагилниот критички филтер но и глисер за сите уметности кои се создавале и создаваат на територија на нашата тогашна држава, Република Македонија. Мислевме дека е тоа потребно, дека продукција има, но дека нема доволно и доволни релевантни критични опсервации. Каква е ситуацијата денес ако се земе предвид дека во меѓувреме се изгубија повеќе од половината постоечки дневни весници, а дел од нив колку-толку третираа барем периодични рецензии за уметнички дела, ТВ програмите го сотреа последното острово културна хроника, социјалните медиуми нѐ направија троми да прочитаме блурб за книга а камоли чаршаф стручен осврт, а „старите“ книжни книжевни списанија атрофираа и се повлекоа од какво било влијание врз пошироката јавност? Ситуацијата е повеќе од фрапантна, бучи како аларм за воена вежба, а не е вежба.
Еве извадок од манифестниот проглас на РЕПЕР од март 2008 година:
Последниве години македонската сцена обилува со креативни пројавувања, милувања и удари, но евидентен е вакуум во пресекот со реципиентите – континуирано критичко проследување, соодветно толкување и нужна валоризација, макар пионерска и непретенциозна. Тука треба да се бара улогата на Репер.
Потребно е откривање и мобилизирање на младите и вечно младите беспоштедни и ентузијастички духови кои сакаат да го искажат своето скромно мислење за актуелното творештво, без разлика на провиенцијата.
Зошто ‘репер’? Бидејќи во себе го содржи тој палиндромален ефект. Репер не тежнее да биде неприкосновен образец, туку – реално огледало на уметничкиот репертоар во Македонија. Тој нема само да пресликува, туку и ќе реагира, прекршува, преобликува и толкува.
Не сме умислени ниту Репер да го дава последниот збор. Напротив. Репер треба само да испровоцира и иницира други, уште поискрени и уште посуштински, промислувања!“ (Целиот текст е тука)
Ова звучи многу порелевантно денес отколку кога било.
Сме биле визионери? Нема да си припишуваме ништо повеќе од тоа што (см)е. Не само што не сме биле визионери, ами не сме биле доволно кадарни ерозијата на критична мисла да ја крепиме пред налетот на… на… Стерната?
„Ја затнав Стерната со бубаќ,
Со партали,
Со песочиште, со чакалиште,
Со камења, со карпи
Што ги натрупав на дувлото —
Да крепат.
Беше заден час!“
Да, беше заден час, Блаже! Сега не е веќе. Крајот заврши. Сега сме во вакуум, сега е постапокалиптично време, дупло дно, сега сме на пат за никаде (stairway to nowhere).
„Стар Репер“ со своите почетни 15 броја е достапен овде
2. Историја: НОВ РЕПЕР;
Бидејќи и естетски и технички, оној, „Стар Репер“, не ги задоволуваше нашите (вечно) модерни стојалишта, со една сосема нова екипа од млади (бунтовници) решивме да го преформатираме и преформулираме концепциски и визуелно. Format C: / Start. Точка.
Удривме таков еден ремонт, што ништо веќе не беше како што било. Од лого до соработници, сѐ беше upside down. Таков ветар што не само што ги тресна прозорците туки и ги направи срча отворајќи ги. Одново теравме „на мускули“. Жилави девојки и момци застанаа зад списанието. E-zine www.reper.net.mk Фигуративно кажано: се собиравме по домите, фрлавме идеи како бумеранг, засадувавме нови уметнички коренчиња, кон ѕвездите гледавме без да трепнуваме.
Да бидеме помалку метафорични: се отворија нови рубрики, се појавија нови ликови, се говореше отворено за литературата, сликарството, архитектурата, културата, на дневна основа ги претставувавме сите значајни настани и сето тоа беше, како што ние знаевме, пионерски.
Главна карактеристика на сајтот што мора да се истакне визави сличните на него (кои рака на срце 99% се појавија подоцна) е што (о)стана перманентен андерграунд. Колку и да се менуваше социјалниот контекст или уметничката сцена, низ Репер постојано лизгаше една „forever young“ плазма, составена од пак и пак млади ликови, млади ракурси, млади резови, млади дискурси, кои не задираа толку во мејнстрим тековите туку во граничните појаси на креативноста.
Во тој период желбата на тимот беше: 100% нов почеток. Бевме толку „надркани“ што сакавме да бидеме, не тоа што бевме (тромесечник) ниту пак месечник, туку неделник за критичко промислување на уметноста. Затоа, бројчаникот го ресетиравме од 0. Ете, затоа, дечки и девојки, горе гледате дека е број 100, а всушност 115. И тој концепт фураше турбо како под стероиди едни добри 3 години, кога…
„Кога бев преполн сила
Што придојдува како матна речна глава,
Кога се сетив вреден за мојот подвиг,
Достоен за слава,
Кога ми закрепна гласот за најдлабок збор,
Раката за најтежок меч,
Ногата за најверен од —
Тогаш се сломив.
Паднав како црешово дрво од премногу род“.
Истото, Конески драг, му се деси и на РЕПЕР наш. Кога беше најполетен – тогаш беше и најкршлив. И се скрши вудве-вутри. За жал, во својата архива немаме ниту еден принтскрин од темата под која тогаш одеше РЕПЕР. А, малку фалеше, да го немаме ни тоа што беше негова содржина низ годините наназад.
3. Историја: РЕПЕР 2.0;
На едно место на сајтов може да го прочитате и ова, цитираме: „Репер доживеа огромен хакерски упад во септември 2015 година. Списанието беше буквално на раб да исчезне од културната мапа. Јован Станоевски врати најголем дел од содржините на 58-те броја, но сепак останаа длабоки лузни по телото на списанието. Уништувачкиот потег на хакерите пеплоса дел од информациите на сите дотогашни текстови а особено фотографиите кои служат како илустрација на текстовите и имињата на авторите. Репер им се извинува и на читателите и на авторите што не е во можност да ги прикажува овие информации во архивата на првите 58 броја од списанието“.
Половина година РЕПЕР беше на своја интимна Голгота. Оф-лајн, без тим, или без тим што може технички да го извади од информатичката кал, од матрицата на 0 и 1 ние бевме две нули (00). Како и да го наречеме: свлечиште, понор, апокалипса, потоп, фактот е тој, нечија немила и недобра рака се дигна да проголта 15+58=73 броја или над 1000 статии од секаков вид. Остана неразјаснето кому му пречеше нашето интелектуално делување.
А навистина сме објавувале статии од најразлична провиниенција: осврти, есеи, галерии, преводи, критики, рецензии, интервјуа со домашни и странски автори (ексклузивни интервјуа со светски писатели како Гилјермо Мартинес, Халгримур Хелгасон, Ким Смоге, Тимур Вермеш), проза, микрофикција, поезија, семинарски, имало тука и архитектура и карикатура и музика и селебрити и филм и театар, хумор и сатира, понекоја баналност и многу (не)промисленост.
„Репер“ високо го почитува(л) авторството и секогаш инсистира(л) на што поголем диверзитет, никогаш не ставајќи формални или колоквијални препреки или етикети: леви-десни-криви-прави-стрејт-квир-формалисти-незавависни-академици-студенти-итн. Интернет страниците на Репер биле и се отворени за сите искрени пишувачи: рецензенти, писатели, поети, критичари, ликовни уметници, преведувачи, толкувачи, размислувачи…
Ќе биде апсолутно нефер ако не спомнеме барем дел од нив.
Еве од тие што сега ни текнуваат како имиња на уредници: Иван Антоновски, Ѓоко Здравески, Кристина Велевска, Ѓорѓи Крстевски, Исток Улчар, Ирена Трајкова, Адријана Ананиева, Митко Гогов, Жарко Кујунџиски. На полето на автори пак ги има стотина луѓе: Александар Прокопиев, Весна Мојсова-Чепишевска, Билјана Ѓонеска, Огнен Коцевски, Мики Трајковски, Тони Димитров, Бобан Ристовски, Елена Димитровска, Драгана Евтимова, Душко Крстевски, Ирина Тумбовска, Моника Илкова, Славчо Ковиловски, Мерсиха Исмајлоска, Маријана Јанческа, Васко Талески, Владимир Лукаш, Владимир Јанковски, Оливера Ќорвезироска, Елена Конеска, Костадин Героски, Милица Миркуловска, Љубен Конески, Милена Петреска, Стефан Марковски, Лидија Танушевска, Александра Стојковска, Ана Ивановска, Лидија Давидовска, Кристина Атанасова, Лара Михаиловиќ, Игор Ивковиќ, Рина Јанкуловска, Рина Бошковска, Ива Дамјановски, Ханис Багашов, Никола Стојановски, Ана Пановска, Златко Кујунџиски, Томислав Османли, Калиа Димитрова, Милутин Станчиќ, Ристо Филчевски, Марјан Анѓеловски, Марија Христова, Марта Марковска, Марио Стојановски, Дијана Петрова, Светлана Камџијаш, Лидија Капушевска-Дракулевска, Стефан Карески, Јулијана Величковска, Трајче Бјадов, Иван Додовски, Наде Поп Гаврилова, Саво Костадиновски, Сашо Кокаланов, Викторија Ангеловска, Павлина Пејковска, Алмир Бајрамски, Александра Јуруковска, Александар Кујунџиски, Татјана Б. Ефтимоска, Нина Анастасова-Шкрињариќ, Маја Апостолоска, Теодора Василевска, Билјана Крстевска, Петар Јанакиески, Борислав Јарчески, Милена Јунеска, Владимир Мартиновски, Елена Максимовска, Ивана Смилевска, Боро Мокров, Јагода Михајловска-Георгиева, Соња Стојменска-Елзесер, Мирјана Недева, Ацо Гогов, Наташа Ракиџиев, Драган Крстевски-Гаго, Марина Мијаковска, Димитар Влахов, Атанас Чупоски, Леонора Грчева, Анета Спасеска, Миодраг Петровиќ, Марјан Минов, Ане Тунтев, Петар Волнаровски, Андреја Јанковски, Љубица Спасковска, Славица Гаџова, Александар Војнески, Владимир Крстевски – Хари, Панде Манојлов, Емилија Петреска, Магдалена Делкова, и многу, многу други знајни и не толку знајни драги луѓе на кои сме им благодарни.
Текстовите сме ги илустрирале со дела на: Ана Андроска, Дејан Момировски, Мирко Бојаџиевски, Далибор Тренчевски, Кристина Хаџиева, Илина Арсова, Ана Ивановска, Марија Сотировска, Димо Тодоровски, додека во техничка и административна смисла ни помагале и помагаат: Богдан Зафиров, Ненад Јолдески, Јован Станоевски, Дарко Јаневски, Вера Велевска, Александар Ковачевски.
Важно е да се каже дека настани на кои сме биле поканети, концерти, фестивали, организатори со кои сме соработувале, исто така се недоброј: Македокс, Скопски филмски фестивал, Таксират, Младински културен центар, Скопје џез фестивал, Струшки вечери на поезијата, ИФФК „Браќа Манаки“, Млад отворен театар, Синедејс, Букстар, и многу, многу други.
Почестени сме што бевме дел од вашата стварност!
4. НИСТОРИЈА;
Затворајќи ја третата историја, се отвора пат кон четврта, НИСТОРИЈА.
Ние така отсегаш сме го доживувале Репер како слободна енклава, независна од струи, партии, влијанија, еснафи, табори, слободна од сѐ што може да ѝ биде товар на суштината која има тежина. Тоа, како што еднаш имаме кажно, е прст во окото на медиокритетството кое секогаш држи една иста напред-назад отсечка и која секогаш сака да постави линијарка и да повлече линија од А до Б.
Знаеме дека на крајот од денот ни претстои тоа, НИ-сторија, историја во тотално исчезнување, бледнеење, тонење во жива кала, фејд-аут. Знаеме дека многумина го сакаат тоа, како еден вид симболичко збогување со здравиот разум. Така би го доживеале ние губењето на р/Репер, како бришење на чисто стакло со валкана крпа, после која ќе останат дамки од кои сите ќе доживеат зазор.
Колективното слепило може да се одложи и одолжи, нормално со упадот на сите оние креативни луѓе кои допрва доаѓаат да ни покажат што знаат и колку малку знаеме.