Нежна, мистична, мистериозна, дури и онирична

  • Кон „Пеперутка од пепел“ од Сузана В. Спасовска, Скопје 2018 (самостојно издание)
  • Кога во во вакви снамќорени времиња, и вистински и метафорично кажано, можам да читам и да пишувам за поезијата, секогаш го имам истото чувство – дека ја живеам ретката радоста да пишувам и говорам за Убавото и убавината.
    Колку и да звучи романтично, изветвено и банално, верувам дека поезијата е една од ретките вечни работи во светот. Таа е онаа нишка што човекот го поврзува со Бога, со вербата и верата во него или вербата дека и тој самиот е креатор, дека како и маѓепсникот има моќ во зборовите, дека има и контрола над нив, дека со нивното изговарање, запишување, ги пресоздава нив, но и нивната слика, а со тоа и сликата за светот.
    Читањето на поетската книга на Сузана В. Спасовска, „Пепертутка од пепел“ за мене беше уште една потврда во таквата верба, но и исправање пред антологиската дилема на Хелдерлин, „Чуму поезија во овие скудни времиња“?
    Поезијата е секогаш потребна, иако за неа секое време може да е скудно време. И токму преку релациите на поезијата со вечноста и поезијата со скудното, снамќорено време или невреме ја читам и книгата „Пеперутка од пепел“ на Сузана В. Спасовска, еден од најконзистентните македонски женски поетски гласови, со континуитет и доследност најпрвин на себеси, а потоа и на мотивот и култот кон поезијата.

    „Пеперутка од пепел“ е поетска книга од 10 циклуси со 85 песни поделени нерамномерно во нив. Секој од нив може да функционира одделно, но и сите заедно функционираат одлично како една поетска целина составена од неколку слики. Сликите пак се создаваат и пресоздаваат врз неколку препознатливи мотиви и симболи, присутни и низ претходните четири книги на Спасовска, а кои претходно ги нареков конзистентност.
    Бог, божество, жена, божествена жена, женска божественост, вода, небо, оган, тело. Спасовска отворено, конкретно и коректно посегнува по уште една вечна категорија, а тоа е митот, а оттука и релацијата со вечноста и желбата со своите стихови да ја достигне и одгатне неа.
    Во „Пеперутка од пепел“ митот е поетска граѓа, непресушен извор и инспирација. Поетесата пишува за познати митови, се повикува на нив, алудира, цитира и ги ревидира. Тоа го прави вешто, остроумно, со одредена градација и оригиналност. Песните од оваа книга се своевидни лирски митови, палимпсест и писмо за писмата, песни за писамата од кои авторката учела, учи, лектирни приказни од кои била поттикната на читање, пеење, размислување и обмислување на своето писмо или својот поетски светоглед. И иако пристапот е темелен, личен, субјективен, веќе препознатлив, личната заменка јас, не е присутна, не се споменува. Лирскиот субјект пее за лирскиот објект, а тој пак е повторно поврзан со сите мотиви и симболи споменати погоре. Дури и во првата, силна и насловна песна, лирското јас не пее за себе , туку пее за Неа, за Таа, за пеперутката од пепел која, ако ја допреш, во пепел се престорува.
    Токму тој допир води кон нешто друго или е влез кон нешто друго, а тоа е атмосферата присутна во целата книга. Нежна, мистична, мистериозна, дури и онирична, некаде меѓу сонот и јавето, меѓу раѓањето и смртта, меѓу небото и земјата. Такво е и расположението во сите пеења, од жизнерадосно до тажно, но не и трагично. Поетесата пишува за раѓањето на животот, за самиот чин на зачнување, но и за неизбежен крај, а некаде на средината или на врвот, како на пиедестал ја става љубовта и трагањето и(ли) копнежот по убавина.
    Оттука се чини дека доаѓа и одговорот на прашањето поставено на почетокот и алудирањето на Хелдерлин: чуму поезија во скудно време?“
    Токму затоа: за да не потсети на славењето на почетокот и прифаќање на крајот, и да не потсети дека на средината има едно прекрасно чувство наречено љубов, кое пак многу често е предуслов очите да бидат отворени за убавина.